Почна конкурсот за првата класа македонски пилоти што ќе почнат да се обучуваат во воздухопловната академија летово, а за осумнаесет месеци ќе ги добиеме првите македонски обучени пилоти.
Кадетите се очекува во училниците да влезат во јуни, во центарот за обука што се основа близу скопскиот аеродром, и кој, според најавите, ќе биде најдоброопремениот во Југоисточна Европа.
– Моделот според што ќе функционира овој центар е јавно-приватно партнерство. Тој ќе биде здружен и составен од нашите капацитети, од армијата на Република Македонија и од изреалската компанија „Елбит“- рече министерот Фатмир Бесими.
Академија за обука на пилоти е неопходна за Македонија, бидејќи на ваков начин ќе се реши проблемот за постојано усовршување на армиските кадри.
Управното ниво на центарот ќе биде со луѓе од „Елбит“, а другите експерти ќе бидат на локално ниво, односно пилотите, инструкторите и техничарите.
– Опремата што ќе ја користиме за обучување на пилотите ќе ги вклучува адаптираните пет авиони од марката „злин“. Образовниот процес ќе подразбира елементарната обука што ќе се извршува на хеликоптерите „бел-206“ и „М4“. Исто така, во моментов се работи на нова модерна симулациска опрема за „МИ-17“ и „МИ-24“, на кои работиме и тие ќе бидат достапни за 18 месеци – изјави Швага Јари, директор на центарот за обука на пилоти.
Ресурсите на центарот ќе може да ги користат и други институции, како што се Министерството за внатрешни работи и Дирекцијата за заштита и спасување, како и земјите од регионот.
Извор: НОВА МАКЕДОНИЈА