.
Силната ерупција предизвикана од дупчењето извадила нафта и гас на површината на ерџелиската дупка на 2 февруари 1969 година. Веста за нафта силно го протресла штипскиот и светиниколскиот политички естаблишмент и населението. Расположението почнало да преминува во позитивистичка колективна хистерија. Ова го возбудило и врвниот политички естаблишмент во Белград. Заради тоа дури Лазар Колишевски, кој во тоа време бил член на претседателството на Централниот комитет (ЦК) на Сојузот на комунисти на Југославија (СКЈ) и член на Советот на Федерацијата (член на највисоко раководство на владејачката партија н.з.) дошол да ја смирува атмосферата и да даде инструкции на локалните политичари, стопанственици и партиски делегати. Колишевски во Свети Николе го придружувале високи државни и економски претставници, што потврдува дека настанот од 2 февруари силно ги разбранувал сите структури во тогашната федерација.
Во написите објавувани тогаш на насловните страници на “Нова Македонија” пренесени се сведоштва на работници на ерџелиската нафтена истражна платформа.
Близу Ерџелија , „Нафта гас“ најде траги од нафта
“Плодородното Овче Поле, еден од житородните региони, е на добар пат во блиска иднина да прерасне во прво нафтоносно поле Македонија. По повеќемесечни истражувања, работната единица на “Нафта Гас” од Нови Сад, под раководство на инженерот Зоран Миловановиќ, на дупката Овче Поле 1, близу селото Ерџелија, Светиниколско, наиде на првите слоеви на нафта и гас“. (Нова Македонија 5 февруари 1969 година)
“Одвај успеавме да ја запреме силната ерупција на нафта и гас. Ако не успеевме можеше да се случи најлошото. Сега ерупцијата како што гледате е скротена и таа ќе се пушти кога за тоа ќе бидат извршени подготовките“, ни рече Рајко Митровиќ,водач на смената на дупката и работник од “Нафта Гас”. Ова е изјава што “Нова Македонија” ја објавила како главна вест на насловната страница на 5 февруари 1969 година.
Станува збор за сведочење на работник, кој работел на нафтената платформа кај селото Ерџелија.
“Нова Македонија” објавила дека експлозијата на гасот предизвикана од бушилката на “Нафта Гас” се случила во неделата на 2 февруари околу 10 часот утрината. Во текстот објавен на 5 февруари пишува дека на длабочина од само 470 метри избила силна експлозија на гас со појава на нафта која, како што пишува, можела да се види дури од Ерџелија.
Нафта кај „Мечкова дупка“
Во Ерџелија бевме во соработка со ерџелиецот Зико Зиков, беше на платформата, на која за прв пат во Македонија избила нафта, која се наоѓа во месноста “Мечова дупка”, во ерџелискиот атар. Таму под бетонската платформа во средината на отворот се наоѓа вентилски систем со превентор, со кој дупката е конзервирана и се чува за можни идни активности.
Во извештајот од терен објавен во “Нова Македонија” во далечната 1969 година пишува дека при посетата на локалитетот шесте работници на “Нафта Гас” се подготвувале за инсталирање на инструменти, кои меѓу другото требало да покажат и колкави количества нафта и гас се кријат во длабочините на Овчеполието.
Смената ја сочинувале водачот на смена Рајко Митровиќ иБјеловук Билиќ, Благој Николиќ, Геза Келеман, Елинко Младенов и Василије Миличевиќ. Во тоа време на дупката се работело во три смени, деноноќно, под мошне тешки временски услови. Во смените работеле вкупно 36 работници, а до месноста можело да се стигне со трактор или со теренско возило. Раководителот на работите инженерот Зоран Миловановиќ, во бројот од 6 февруари, на насловната страница на “Нова Македонија” соопштил дека првичните резултати се охрабрувачки, но дека не може да каже колкави се количествата нафта што може да се кријат таму. Миловановиќ најавил дека ќе треба да се почека извесно време за да се направат лабораториски анализи на примероците на нафта и гас. Според изјавата што тогаш ја дал Душко Гиговски, претседател на општинското собрание на Свети Николе, било предвидено во градот на крајот на неделата да биде одржана конференција за печатот за откритието на нафта и на природен гас. Тој изразил оптимизам дека работите ќе продолжат и дека истражувањата на крај ќе бидат позитивни и дека може да се размислува за изградба на рафинерија во тој крај. Во текстот се споменати и жителите на Ерџелија кои полни со оптимизам очекувале изградба на асфалтен широк пат кој ќе поминува непосредно покрај нивното село, а ќе ја поврзува месноста на дупката со магистралниот пат.
Истражувањата што „Нафта гас“ ги вршела во Овчеполието укажуваат дека тој регион има резерви од околу 2 милиони тони сурова хафта. Ова го потврдил и елаборатот изработен од еминентните стручњаци на “Нафта гас” од 1971 година, кој е дел од архивите на Министерството за економија. Експеритите пресметале дека реално е да се очекува оти има 2 милиони тони нафтени резерви кои можат да се експлоатираат. Но, со оглед на светската цена на нафтата во тоа време и ангажманите на “Нафта гас” и загрепска “Ина” вредни милиони долари за работа на нафтени платформи во Ангола, Северна Африка, немало сојузен интерес да продолжат истражувањата во Македонија.
“Мал Кувајт” е работниот наслов на проектот со кој во Македонија кон крајот на шеесеттите години се правени истражувања за наоѓалишта на сурова нафта и природен гас. Експерти од новосадската компанија “Нафта гас” до 1990 година (пред распадот на СФРЈ), два пати годишно, доаѓале во Ерџелија и правеле увиди на местото на дупнатината, која денеска е заштитена и конзервирана за понатамошна работа.
Во Македонија до седумдесетите години било бушено на четири локации. Фрапантно е сознанието дека кај ниту една дупнатина истражувањето не е довршено. Набрзо по откритието кај Ерџелија, работите на теренот мистериозно биле стопирани, а истражувањата никогаш не продолжиле.
Како почнало…
Во 1966 година двајца Македонци, првенци во геологијата и во геофизиката во тогашна СФРЈугославија, започнале амбициозен проект чија цел била да пронајдат нафтени извори во Овчеполието, најсушниот регион во Македонија. Амбициозниот проект творците го нарекле “Мал Кувајт” оти биле сигурни дека ќе пронајдат нафта. Меѓутоа, на мистериозен начин проектот бил прекинат на половина од работата, откако кај ерџелиската дупнатина избил природен гас, што се сметало за спектакуларно откритие.
Една година по овој настан (значи во 1967 година), кај светиниколското село Ерџелија бушачите од новосадска “Нафта гас” на длабочина од 1.315 метри пронашле природен гас, на кој му претходеле силни млазови на солена вода. Освен тоа наоѓалиште, дупчалките на “Нафта гас” истовремено наишле на солена вода која излегувала под силен притисок и во месноста “Дивљак” во непосредна близина на Свети Николе, над патот кон селото Кнежје. Неколку месеци потоа, истражувањата ненадејно и без објаснување прекинале, а експертите, работниците, дупчалките, алатите, опремата биле испратени на нова работа во регионот на приморскиот град Бар, во Црна Гора.
“Од штипското општинско началство веднаш дојдоа некои претставници и разговараа со луѓето од новосадската “Нафта гас”, а набрзо потоа донесоа и материјали и направија тампониран пат до платформата. Тогаш и велешани доаѓаа и со штипјани се расправаа во чија општинска надлежност била месноста “Мечова дупка”. Имаше силни кавги, кои на моменти ја вжештуваа атмосферата и за малку не доаѓаше до тепачки. Но, набргу потоа бушачите си отидоа и местото опусте”, се присеќава сточаротЗико од селото Ерџелија.
Идејни творци на проектот “Мал Кувајт”, чија цел била пронаоѓање на нафта во овчеполскиот басен, биле Милош Бундалески-”Маки”, геофизичар од светски глас и еден од основоположнците на “Нафта Гас”, и Благоја Филиповски-”Фиџо”, еден од првите македонски геолози. Филиповски во тоа време бил претседател на државниот Фонд за рударство на Социјалистичка Република Македонија, кој воедно бил координатор на проектот. Творците на проектот се починати.
„Фиџо живееше за својата работа. Замислата беше негова. Огромна енергија и труд потроши за да ја истурка таа работа. Голема поддршка и помош тогаш имаше и од Маки, кој беше еден од врвните геофизичари во светот. Во тоа време меѓу колегите овој проект популарно беше наречен “Мал Кувајт”. Многу очекувавме од таа работа”, се сеќава Симо Китевски, геолог чија специјалност се нафтените наоѓалишта. Китевски голем дел од својата кариера ја поминал на нафтените платформи во државите во Африка, а кариерата ја заврши во скопската фирма за геоистражувања “Круна Дрил”, која произлезе од поранешкиот републички Геолошки Завод.
Носител на проектот бил Рударско-геолошкиот факултет од Белград, поточно катедрата за експлоатација на нафта и на гас. Оперативниот дел од работите ги раководел и координирал Филиповски. Точките на кои се бушело ги утврдиле Филиповски, по препораки на Бундалески, кој тоа време се вратил од двегодишен престој во Либија, Мароко, Алжир и во Ангола, каде работел на нафтени наоѓалишта.
„Комисијата заседаваше два дена во салата на хотелот “Метропол”, на плоштадот во центарот на Скопје. Првиот ден се правеа анализи на тоа што е постигнато, а рефератите беа позитивни и се водеше кон тоа дека ќе отпочне втората фаза во која ќе довршат работите на “Нафта гас”. Вториот ден одеднадеж претставниците на “Нафта гас” ни ги предадоа проектите и заминаа. Најверојатно тоа беше политичка одлука на највисоко ниво. Никогаш не дознавме што беше причината за тоа. Работата беше оценета негативно и проектот беше стопиран. Фиџо се побуни, напишавме протестно писмо до сојузното Министерство во Белград. Но, се беше попусто. Бевме разочарани, а Фиџо беше очаен. Набргу потоа почина. Мислам дека почина од мака, не можејќи да се помири со тоа дека проектот беше стопиран, а бушачите и опремата беа испратени на работа во околината на Бар, а потоа и кај Пожаревац. Овчеполието никогаш повторно не дојде на ред”, раскажува Симо Китевски, еден од единаесетмината од првата генерација геолози специјалисти за нафтени наоѓалишта во поранешна Југославија.
Според него за да доврши истражувањето кое дало позитивни наоди и да се продупи до длабочина од 2.500 до 2.700 метри би била потребна инвестиција од 4 до 6 милиони евра.
“Нафта гас”: податоците од истражувањето се деловна тајна
Податоците за дупнатините и нивната содржина се деловна тајна и не можат да бидат достапни за вас, соопшти Ненад Станојевски, портпарол на “Нафта Гас” кој го пренесе ставот на директорите на новосадската компанија специјализирана на нафтени дупнатини, сега дел од Нафтената индустрија на Србија (НИС).
„Управниот одбор одобри да ви дадеме увид во термините кога е бушено, до која длабочина и на кои локации, но не можеме да дадеме ништо повеќе од тоа. Најдобро би било да барате податоци од надлежните државни органи на Република Македонија“, додаде Станојевски.
Според податоците од “Нафта гас” во Овче Поле има две дупнатини. Првата според нивните ознаки (СН-1 Свети Никола СН-1 (Свети Никола) од 28.08.1968.до 31.10.1968. године. Дубина бушења 1289,4м) и втората со ознака ОП-1 (Овче Поље од 19.01.1969. до 07.02.1970.године. Дубина бушенја 1910,5м)
Кој бил Милош Бундалески?
Еден од првите геофизичари во поранешна СФРЈ, експерт од светски глас, еден од основоположниците на “Нафта гас”, креатор на неколку нафтни платформи во Војводина, кои до денеска НИС (Нафтената индустрија на Србија) ги експлоатира.
Бундалески искуствата ги собирал на нафтните полиња во повеќе афрички земји: Мароко, Алжир, Либија и во Ангола каде престојувал неколку години (во шеесетите години од минатиот век). Освен тоа бил и во Јордан со чиј крал бил и пријател, а искуства собирал и во Саудиска Арабија.
Бундалески соработувал со многу претставници на американски и западноевропски нафтени компании и бил реномиран експерт од областа на геофизиката (која ги обединува испитувањата на почвите и утврудвања на локациите за нафтните дупнатини).
Роден бил во селото Галичник во мијачкиот регион, во 1933 година, а починал во 1998 година во Нови Сад, каде поминал најголем дел од својот живот. Има три деца, два сина и ќерка, од кои две живеат и работат во Нови Сад, во “Нафта гас”, а најмладиот син со своето семејство живее во Скопје.
Благоја Филиповски е основачот на Фондот за рударство и на Геолошкиот Завод и еден од творците на Геолошката карта на Република Македонија, првиот геолог во повоена Македонија, легенда меѓу неговите колеги кои го паметат како еден од најзаслужните за тоа што Македонија од тогашната федерација добила пари за изградбата на “Фени”, велешката топилница, рудниците Тораница, Бучим, Тајмиште.
Филиповски бил роден 1923 година во кавадаречкото село Бегниште, во сиромашно семејство. Основното училиште го завршил во Кавадарци, а учителска школа во Милановац, во Србија, како стипендист на тогашното Кралство СХС. Во втората светска војна учествувал како скоевец, за што бил и затворан. По војната се запишал на Геолошко-рударскиот факултет во Белград, и во 1950 година се вратил во Скопје како прв дипломиран геолог во Македонија. Истата година станал директор на Геолошкиот Завод каде работел до 1956 година, по што преминал на ново работно место во републичкиот Секретаријат за индустрија и трговија каде бил заменик секретар (ранг на заменик министер за индустрија и трговија н.з.). Во 1960 година го основал Фондот за рударство, а пет години подоцна го напушта Секретаријатот и станува директор на Фондот.
Работел на создавање на Геолошка карта и на проекти за рудни наоѓалишта, наоѓалишта на нафта и гас и изградба на рударско-преработувачки компбинати. Таму работел до крајот на 1974 година кога бил сменет и требало да оди во Уганда како амбасадор на СФРЈ. Не дочекал да ја види отпечатена Геолошката карта на земјава затоа што по кратко боледување починал на 13 јуни 1975 година.
Крај
извор: мкд.мк