Долгоподготвуваното и многуочекуваното востание најпосле излезе најаве. Нашите земјаци си ја покажаа сета јунаштина и готовност да се пожртвуваат за интересите на својата татковина. Борбата беше и е очајна. Сиот европски свет ги обрна своите погледи на неа. Новините се преполнија со известија од театарот на востанието. Редум со известијата за борбата меѓу четите и Турците, во новините се печатат и известија за турските ѕверства над мирни жители. Европејците се потресоа и се ужасија од тие известија и зафатија да им го укажуваат нужното влијание на своите влади за да се пресече колењето на мирното население и да му се помогне на несреќното македонско жителство. Во Бирмингем ворстерскиот владика направи во црквата молебен за спасението на македонските христијани. Кентерберискиот архиспископ се обрна кон англискиот министер-президент Балфур со молба од името на Англиканската црква да им се помогне на Македонците. Европското општество почнува да подготвува помошти за македонските страдалници. На патувањето на германскиот император му се придава политичко значење, меѓу другото и за македонските работи. Турција, како што се гледа, како да се најде на тесно, па и’ предложи на Бугарија да се дојде меѓу нив до едно согласување за македонското прашање. Разни влади прават официјални декларации по нашите работи. Од Стамбул телеграфираат во разни европски новини (Ѕtandard) оти англиската и француската средоземна флота добиле повела да се наоѓаат блиску до македонските води. Пак од таму телеграфираат оти војната меѓу Бугарија и Турција е неизбежна. Од Софија телеграфираат оти тамошниот воен министер зел од офицери на разни европски и американски држави предлог да се примат тие во бугарската армија.
Што покажуваат сите овие фактови? Дали покажуваат оти движењето ја достигна својата цел? Дали можат раководците на движењето да се пофалат со успех? Дали принесените жртви за ослободување не се напразно?
Можеби некој, а можеби и мнозина меѓу нас ќе речат оти уште е рано да се суди за резултатот на воставањето. Главната работа на комитетот и четите е напред. Досега може не е исполнета ни половината, ни четвртината од целиот план изработен од комитетот и неговиот Главен штаб.
Да. Секогаш, по секое прашање имало разни погледи. Така ќе биде и во дадениов случај.
Јас од моја страна ќе си дозволам со чистосрдечна жал да видам во сегашното движење полно фијаско. Сите тие дополнувања што ќе се придодаваат кон понапрешниот руско-австриски проект за реформи не само што не чинат 100.000 обездомени души, 3-5.000 човечки жртви и полно обескуражување на жителството во Македонија, ами не чинеа ни 100 човечки жртви. Тие придодавки ќе се добиеја и без капка крв.
По резултатите што ќе се добијат од сегашното востание, последново ќе може да се нарече една од најголемите, ако не и најголема несреќа за нашиот народ. Не е рано да се предвидат резултатите и крајот на нашето востание. Тие можеа да се придведат уште пред неговиот зафаток.
Уште во времено на февруарското руско официјално соопштение беше јасно оти Европа никојпат нема да ги задоволи во полна степен барањата на комитетот. За да се исполнат нашите сакања требаше да се војува со Турција; само по победување ќе можеше да се натера Турција да ги исполни нашите сакања. А се победува Турција не од нас и не од Бугарија, ами или од голема сила или од нас, Бугарија, Србија и Црна Гора заедно, при неутралноста на другите држави. А ни едното ни другото тогаш за тогаш не можеше да се замисли. Комитетот тоа требаше да го знае и мислам го знаеше. Но неговите раководители мислеа друго: тие во иднината, како и во сегашното, го гледаа само тоа што им е пријатно да го видат. Тие велеа: “Ние не сакаме ни една држава да војува за нас: тие можат просто да ги испратат своите флоти во Солун и да ја принудат Турција да ни даде реформи. Ние сакаме да направат и со Македонија како што направија; со Крит”. 11 Не еднаш сме спореле оти има разлика помеѓу Крит и Македонија, оти има држави што се заинтересирани за status quo-то и ќе направат сe возможно да нема замешување во наша полза. Та и да има замешување, има ли основа да се мисли оти тоа замешување ќе биде во наша имено полза, а не на наша пакост? Се покажуваше оти сегашниот момент е најнеблагопријатен за воставање. Но нашите раководители замижаа пред вистината и востанието се зафати; се зафати славно за да се заврши плачевно и погубно. Не бев јас сам што гледав на предвременоста на востанието. Така гледаа и мнозина други. Но никој не си го креваше гласот против. Критиката на држењето на Комитетот беше само во домашните кругови. Но таа беше бесполезна, па и опасна, не само за тие што се критикуваат, ами најпосле за тие што критикуваат: Комитетот беше сесилен; тој ги имаше во своите раце животот и смртта на сите граѓани и не примаше никаква критика на своите постапки. Тие што не се со него, се против него и се негови непријатели што треба да се истребат. Да ги критикува работите на Комитетот можеше само друг комитет што располага со сила. Организацијата пак на контракомитет беше и доцна и бесполезна. Меѓу комитетите тогаш ќе се зафатеше погубна меѓусебна борба.
И така борбата се зафати против барањето на секое благоразумие. Таа даде многу резултати, само не оние што се очекуваа. Меѓу сите појави што го приддружуваат движењето најголемо внимание заслужува руското “Владино соопштение” од 11 септември ов. г. 12 По него промемориите од рускиот и од австро-унгарскиот пратеник до Портата13 и во Софија и писмото на англискиот министер-президент Балфур до кентерберискиот архиепископ. 14
“Владиното соопштение” изјавува оти руската влада ќе ги бара за Македонија оние реформи што се изработени во месец февруари од Зиновјев15 и Каличе16 и оти тие реформи се само почетокот и ќе бидат развиени понатаму сообразно со нуждите на жителството. Тоа место беше и во февруарското Владино соопштение. Не покажува ли тоа оти пошироки реформи од оние што ни беа дадени ќе можевме да добиеме и без револуција, а само со вешти, мали народни движења? 17 Ако е така, тогаш сегашното востание ни за една јота не ја измени положбата.
Но во Владиното соопштение има уште едно многу важно место: револуционерните комитети, според изразувањето на руската влада, сакаат да создадат “Бугарска Македонија”, а Русија, за којашто се блиски и интересите на другите христијански народности во Македонија, не може да ги жртвува нивните интереси за Бугарите.
Разбраа ли во Бугарија што означуваат тие зборови? Разбраа ли во Македонија? Разбравме ли, најпосле, ние?
Русија отворено ни кажува зошто таа не работи и не може да работи инаку. Дали е права Русија во своите тврдења? Дали може таа да постапи инаку?
Ако се поставевме во положбата на руската влада, и ние не ќе можевме да постапиме инаку.
До 1878 год. сите, па и руската влада, велеа оти Македонците се Бугари. По Берлинскпот договор истапија со своите претензии на Македонија Србите.18 Прави ли се тие или не, не е важно за дипломатите. Србите во текот на 25 години, особено во последниве 20 години успеаја, ако не да ги направат Македонците Срби, тогаш барем да создадат во европското јавно мислење убедување оти во Македонија има и Срби. Ако селското население и сега си зборува како што си зборувало и понапред и зборува одред низ цела Македонија само на еден словенски јазик, – во градовите, редум со бугарските машки и женски гимназии и основни училишта; насекаде ќе најдеме и српски. Едни села имаат српски, други бугарски училишта. Едни селани со нивните учители и попови ја признаваат Патријаршијата и се под покровителството на српски или грчки конзули, а други го признаваат бугарскиот егзарх и ги слушаат бугарските трговски агенти. 19 Сe тоа се факти за дипломатијата, којашто има да се сообразува со дејствителноста, а не со теоријата за народноста на Македонците. Политиката нема работа со науката. Па и да има работа, зар е докажано, како два и два се четири, оти се Македонците Бугари? До Руско-турската војна20имаше само една теорија за нашата народност. Сега се две. Кон нив се придодава и трета – оти Македонците се нешто средно меѓу Србите и Бугарите21* Приврзаниците на таа теорија пак се подразделуваат: 1. на коишто кажуваат оти тоа средно е еднакво далеку и од Србите и од Бугарите; 2. оти тоа е поблиско до Србите; 3. оти е поблиско до Бугарите; 4. оти дел е поблиско до Бугарите, дел – до Србите. Не е важно за дипломатите каде е вистината. Важен е фактот оти во македонското прашање се заинтересирани етнографски, редум со Бугарите и Грците, уште и Србите. Освен тоа, и политички Србија е не помалку заинтересирана за судбините на Македонија. Последнава за Србија има поголемо значење, отколку за Бугарија, оти Бугарија може да излезе на Егејското Море и преку Кавала и Деде-Агач.
Ако е така, зар можеме да се чудиме на поведението на Руската влада по македонското прашање и на нејзината изјава оти Русија нема да му помогне на комитетот да се создаде “Бугарска Македонија”?
Некој од нас може наивно ќе забележи: “Комитетот22не сака да ја направи Македонија бугарска; тој сака правина за сите Македонци, без разлика на вера и народност”.
Како може комитетот да докаже оти тој работи во таква смисла? Со едни зборови не се докажува. Поведението на самиот комитет зборува против неговите тврдења. За да се дигне револуција во полза на сите народности во Македонија, треба комитетот да биде образуван од претставници на сите македонски народности. Инаку, кој му дал право на комитетот да работи од името на сите Македонци и во полза на сите нив?
Комитетот можеше да работи и од името и во полза на еден огромен дел од Македонците, т.е. од најсилната народност. Но требаше да има цел ред докажувачки оти работата на комитетот не е врзана со интересите на соседните држави и народности, а им противречи и е во полза не само на господствувачките, но и на сите други националности.
Ништо слично нема. Организацијата е тесно врзана со Бугарија. Шумот од организационото движење отпрвин се дигна во самата Бугарија. 23 Тоа покажа кој најмногу е заинтересиран за македонското движење затоа го пренесоа центарот негов во Македонија и направија уште еден цел ред фокуси за да се покаже оти брканицата е однатре и е самородна појава. Но кого го излагаа со таа маневра? Не е ли јасно како бел ден оти брканицата е тесно врзана со Бугарија, со бугарското име и со бугарските пари?
Ќе речете оти народот ги направил најголемите жртвувања во полза на движењето. Тоа е така, но не треба да се заборава оти организаторите на движењето во повеќето случаи беа чиновници егзархиски. Се разбира само од себе оти тие со своето учество во револуционерните работи одеа во расчекор со интересите на Егзархијата; но, при сe тоа, тие беа бугарски чиновници.
И така Револуционерниот комитет беше чисто македонска организација по произлез и по неговиот состав, но тоа беше само работа на еден дел од една од македонските националности, врзана по име и по црковно-училишните работи со бугарскиот народ и држава и нивните интереси. Тој комитет, во сушност македонски, за надворешниот свет и за христијаните во Македонија неегзархисти беше комитет бугарски.24
Комитетот не може да им докаже ни на надворешниот свет, ни на самите Македонци неегзархисти оти тој не е бугарски.
Радев25 со својот “Movement Macedonien” мислеше да ја убеди Европа оти движењето е чисто македонско и нема ништо општо со Бугарија. Истото сакаа да го докажат и “Право” 26 и другите македонски и бугарски весници. Но ја достигнаа ли тие целта? – Не.
Покојниот А. А. Ростковски27 не еднаш велеше: “Бугарите мислат оти само тие имаат ум на светов, а сите други се будали. Кого мислат да го излажат тие со статиите во ,Право’ и во другите весници оти Македонците ја сакаат Македонија за Македонците? Знаеме ние многу арно што сакаат тие!” А каков впечаток му правеа на дипломатскиот свет новинарските уверувања на комитетот и на Бугарите за македонското движење? Не треба да се заборава и тоа како се изразуваа во европските весници за битките на четите со Турците: четите се викаа банди и тоа бугарски, а не македонски. За убиените четници не кажуваа: “Убиени се толку души Македонци, ами толку души Бугари”.
Се прашува, кого го убедија ” Movement Macedonien”, “Право”, “Автономија” 28 и др. во тоа оти се борат за слобода Македонците, а не оние што се викаат “Бугари” и се од Македонија и Бугарија? – Никого.
Можеби комитетот успеа во самата Македонија да биде оштомакедонски, само не доби признание од надвор, во Европа? – Одвај ли.
Револуцијата треба да биде работа на сите Македонци, или на мнозинството од нив, за да може да се нарече општа. Во самиот комитет треба да бидат застапени сите, или неколку народности. Интелигенцијата на тие народности треба да си подаде една на друга рака и секоја од нив да земе да ја популаризира идејата во својот народ. А што видовме всушност? Не само интелигенцијата на сите народности, не и на мнозинството од нив, ами па и интелигенцијата на најсилната македонска народност – Словените, не сета беше застапена во комитетот: србоманската и гркоманската македонска словенска интелигенција беше настрана од комитетот, па и непријателска. Значи, комитетот во патријаршиските села и градови, и во делови од села и градови, беше неканет гостин. Патријаршистите Словени можеа и да му сочувствуваат, но затоа што нивната интелигенција беше против комитетот, нема сомнение оти и самите селани троа му сочувстуваа, но тоа сочувство беше побркано со неувереност и со сомнение во веќавањата на комитетот. Кон тоа неопределено чувство се присоедини и страв. Селаните се најдоа меѓу два огна: војската и комитетските чети.
Кога едно движење во едни места се распространувало со убедување, а во други со сила, може ли да се нарече општо?
Ние можеме да го велиме како што сакаме, но во дејствителност тоа беше само частично. Тоа беше и е работа на егзархистите, коишто се величаат “Бугари”, па следствено, тоа е бугарски маневар за да се реши македонското прашање само во бугарска полза; тоа е да се создаде една “Бугарска Македонија”. 29 Може да не е уште јасно оти ако се задоволат сакањата на комитетот, Македонија и навистина ќе се направи бугарска? Ќе се постарам да покажам појасно како реформите можат да ја побугарат Македонија.
Се прашува: кој јазик ќе биде официјален? Одговараат: јазикот на “мнозинството”. – На кое мнозинство? – Тогаш ќе се види.
Не се запрашуваат потаму: како ќе узнаат кое е мнозинството.
Да си претставиме ние сега оти ја каде Митровден доаѓа меѓународен одред и ја окупира земјата. Тој, меѓу другото, ќе треба да го реши и прашањето за официјалниот јазик, а пак да го оставиме официјалниот, прашањето за јазикот во училиштата.
За некои тоа прашање е многу лесно: нека се признаат неколку официјални јазици, т.е. и турски, и бугарски, и српски, и грчки, и влашки и албански, според населението на областа. Зборуваат притоа: како што беше во Источна Румелија (Јужна Бугарија),30 а таму ќе се види каде има Грци, каде – Срби, Бугари, Турци, Власи и Арнаути. Некои уште додаваат: и за Источна Румелија велеа оти имало Грци во неа, но по ослободувањето се покажа колку Грци има таму. Со други зборови, дајте им ја вие власта во рацете на Македонците, тоа треба да се разбере на оние од нив што се викаат Бугари, та од неколку години после вие ќе видите оти и во Македонија од другите народности ќе остане тоа што остана од Грците во Источна Румелија, по ослободувањето на последнава. Со други зборови, цела Македонија ќе стане бугарска.
Од тука не е ли јасно оти Бугарија и комитетот сакаат да создадат “Бугарска Македонија” на штета на другите христијански македонски народности?
Ама зошто бугарска, зошто не српска? Ќе стане бугарска, зашто и е таква; да имаше во неа повеќе Срби, ќе се станеше цела српска и бугарскиот елемент ќе ослабнеше. Сето тоа е јасно и справедливо од бугарско гледиште. Но нека не се заборава дека има и друго, и притоа многу други гледишта на македонското прашање, како: српското, грчкото, влашкото, руското, словенското, австриското и на другите западноевропски држави. Ако е така, тогаш претполаганиот окупационен одред на чие гледиште ќе треба да застане?
Нема сомнение дека најлесно тој ќе го реши прашањето за јазикот во училиштето и во месната управа во тие места каде што живеат патријаршисти со грчки јазик, Арнаути муслимани и католици и Турци муслимани. Помачно ќе може да се реши прашањето во тие места каде што има: 1. патријаршисти Арнаути, 2. патријаршисти Власи, 3. патријаршисти Словени, 4. Словени муслимани и 5. егзархисти Словени.
Сакајќи да го направат поголемо значењето на словенскиот јазик во Македонија, Словените ќе бараат од окупациониот одред да се признае за официјален во местата со Словени Муслимани – словенскиот јазик: а самите Словени Муслимани, по религиозни причини, можат да го бараат турскиот јазик. Окупационите власти кого поскоро да го задоволат? Ако постапат правилно без сообразување со религиозните потреби, ќе направат насилство. Истата тешкотија и во уште посилна форма ќе се сретне при решавањето на прашањето – кој јазик треба да се признае за во училиштата и во општинската управа во патријаршиските реони. Романската влада ќе бара за Власите романски јазик, а Патријаршијата со видните парохијани ќе бараат грчки. Ако не се задоволат барањата на романската влада, ќе се постапи неправилно и неправедно; ако пак се задоволи барањето на романската влада, против желбата на парохијаните, ќе се направи насилство.
Патријаршијата ќе бара грчки јазик и за православните Албанци – Тоските. Самите Тоски немаат дозреано до национално самосознание, затоа Патријаршијата ќе успее. Но другите македонски народности, заедно со другите Албанци, ќе позавидуваат на усилувањето на грчкиот јазик за сметка на другите и ќе организираат партија против грчкиот јазик. Нема сомнение дека тука нема да биде така лесно окупационите власти да се ориентираат.
Но најмачно е прашањето за официјалниот и училишниот јазик во словенските делови на Македонија. Тука се: едни патријаршисти, други егзархисти по веро-исповедување, ако не се зборува за католиците и муслиманите. Патријаршистите се признаваат од Турците за Грци-уруммилет, а од Србите и Бугарите за Срби и за Бугари. Егзархистите, сами и од турските власти, се бројат за Бугари, Србите пак ги бројат Срби. И така, Патријаршијата ќе сака во поголемиот дел на Македонија со словенско население да го установи грчкиот јазик за во училиштата и во управата. Во своите пожелби Патријаршијата ќе сретне отпор од Србите и Бугарите. Но последниве, оспорувајќи му го правото на грчкиот јазик во словенските краини, сами не ќе можат да се разберат и да определат каде ќе треба да биде бугарскиот и каде српскиот јазик.
Мисли ли комитетот оти ако тој сака да го игнорира прашањето за јазикот во разни делови на фантазираната, барем сега за сега, автономна Македонија, го игнорираат истото прашање и заинтересираните балкански народности, особено Србите? Мисли ли тој оти Србите му веруваат дека се работи на “Македонија за Македонците”, ако се игнорира прашањето за јазикот на Македонските Словени, и дека тоа прашање лесно и праведно ќе се реши со добивањето на автономни права? Ако мислат така, многу се лажат.
Ако автономијата на Македонија се јави како резултат на сегашното востание, тогаш македонското прашање ќе се реши не во полза на Македонците, а во полза на Бугарите, зашто комитетот, како што видовме погоре, работи под бугарска фирма. Тие од Македонците што добија образование во Бугарија ја зедоа иницијативата за ослободување и тие досега ја играа, може да се рече, не само главната, ами и исклучителната улога. Ако нивното работење се овенча со успех, тие, а со нив заедно и бугарските интереси, ќе земат врв над туѓите интереси во Македонија. Ако востанието успее, не е ли јасно оти за него ќе има да се благодари на Бугарите, и затоа таму, каде што сега Србите конкурираат со своите пари и својата пропаганда со бугарските пари и пропаганда, ќе го изгубат секое влијание на своите клиенти? Зар не му мислат Србите оти со успехот на востанието, ако се праша: на кој јазик ќе треба да зборува судијата, да речеме, во Тетово? – автономната влада што ќе биде од “мнозинството” ќе одговори: на бугарскиот: истото ќе го одговорат и месните жители, зашто во нивните очи Бугарите, а не Србите излегоа херои. Исто така во полза на Бугарите ќе се реши и прашањето за јазикот во градските и селските училишта. А бидејќи во автономна Македонија ќе нема место за пропагандите, тогаш Србите ќе треба да им отстапат место на Бугарите. Но ќе се согласат ли на тоа Србите? Тие може и би се согласиле да е тетовскиот говор многу близок со бугарскиот литературен јазик. Но тие знаат оти не е така. Тие знаат оти во тој говор вистина се имаат особини општи со бугарскиот јазик, но исто така се имаат и особини општи со српскиот јазик, па и такви што се немаат ни во српскиот ни во бугарскиот јазик, а им се својствени само на македонските наречја. Се прашува: ќе дозволи ли и може ли да дозволи Србија во тетовскиот говор да се развиваат наместо македонските и српските-бугарски особини, а заедно со јазикот да се развиваат во Тетовско наместо македонски и српски-бугарските интереси? Има ли таа право да протестира против бугаризирањето на Тетовско и да бара заштита на своите интереси таму против бугарските посегнувања? Има ли Русија морално право да ги заштитува нарамно со бугарските и српските интереси?
Оттука јасно се гледа дека прашањето за јазикот, особено за јазикот во областите со словенско население, е едно од најважните при разрешувањето на македонското прашање. Да имаше меѓу Словените во Македонија национално и религиозно единство и да имаше сознание за нив во жителството, досега наполовина ќе беше решено македонското прашање. А до кога едни Македонци се кажуваат патријаршисти, други егзархисти: едни Бугари, други Срби, трети Грци и го бараат покровителството кај различни балкански држави, давајќи им со тоа право да се бркаат во македонските работи, до тогај не може да се мисли за општо востание: до тогај ќе биде само парцијално: со бугарски, српски или грчки, но никако не со чисто македонски карактер.
Тоа нешто е јасно за сите, само не за нас Македонците и за раководците на сегашното востание. Тие раководци ги прават сите усилби да ги покажат мотивите и самото движење како што им се сака ним; ама работата е оти не само ние, ами и другите имаат разум и очи да видат и да разберат како е вистината. Комитетот се срди зошто конзулите не ги осветлуваат работите како што се. Но ако се осветлат тие како што се, тоа не ќе му се бендиса на комитетот. Комитетот, со други зборови, бара европските влади да гледаат на работите во Македонија со македонски очи, т.е. со очите на комитетот: а да беше така работата, немаше зошто европските влади да имаат свои агенти во Македонија.
Но ако имавме ние морално право да бараме од претставниците на европските држави во Македонија точно и непристрасно да ги осветлуваат своите влади и европското општествено мнение за работите во Македонија, тогаш наш морален долг беше да сме и ние осветлени за европските интереси во нашата татковина, особено за интересите на балканските државици.
Ние требаше да знаеме оти против нашето востание ќе бидат: и Каравлашко, 31 и Србија и Грција. Каравлашко не може рамнодушно да гледа на засилувањето на Бугарија со давањето автономна управа на Македонија. На автономијата се гледа како на преоден степен кон соединување на Македонија со Бугарија. Каравлашко не може да го допушти на неговите граници создавањето на една голема Бугарија, која, може, после ќе ја бара од неа Добруџа! По тие политички сообразувања, и да има во Македонија чисто бугарско и само бугарско население, таа не ќе го допушти соединувањето меѓу турски и бугарски Бугари, таа не може да го допушти во своја штета нарушувањето на територијалната целост на Турција. А Каравлашко е во сојуз со Тројниот сојуз, 32 којшто ќе ги покровителствува каравлашките интереси на Балканскиот Полустров.
Интересите на Грција во Македонија се уште поголеми. Иако нема многу Грци во Македонија, пак Грција е не помалку заинтересирана во нашите работи од другите балкански државици. Секоја држава се мачи, ако не да прави нови завладувања, политички, економски и културни, тогаш да ги зачува оние што се направени од понапред. Грците со својата Цариградска патријаршија им го имаат наложено грчкиот јазик во училиштата и црквите на многу македонски краишта, каде што нема Грци. Природно е дека ќе ги употреби Грција сите дипломатски патишта за да се задржи во Македонија на тие позиции, каде што се наоѓа од средните векови, особено од времето на турското завладување на Македонија, а грчките интереси во Македонија се бранат не од една Грција, а и од големите сили што не сакаат да се засили словенскиот елемент.
Но најмногу е заинтересирана во македонските работи Србија. Таа пројавува етнографски и историски претензии на Македонија. Но освен нив, има и политички причини што никојпат не ќе и’ дадат на Србија да допушти да се реши македонското прашање во полза на една од балканските држави, особено во полза на Бугарија. Автономна Македонија, како пат по којшто ќе се дојде до соединувањето на Македонија со Бугарија, Србија никојпат не ќе ја допушти. Зголемувањето на Бугарија од присоединувањето на Македонија не може да биде допуштено од Србија не само затоа што со тоа ќе се наруши рамнотежата на Балканскиот Полуостров, а најмногу затоа што по неговото извршување Србија ќе се најде помеѓу две посилни од неа држави: Австро-Унгарија и Бугарија таа ќе биде од нив политички и економски задушена и ќе треба да и’ се потчини или на едната или на другата. Значи, државните интереси на Србија никојпат не ќе допуштат да се образува бугарска Македонија. Нема сомнение оти и српските интереси, како и интересите на Каравлашко и Грција, си имаат свој покровител.
Значи, малите балкански држави, иако на вид и да не играат улога во решавањето на македонското прашање, кое како да е само во рацете на големите држави, всушност имаат најголемо значење.
Големите држави изјавуваат оти немаат непосредни интереси во Македонија, а работат само во името на праведноста. Но таа праведност, како што рековме, се разбира инаку од Грците, Србите, Власите, Бугарите, па и големите држави, покровителки на малите, се јавуваат како претставнички на своевидни праведности. Оттука и не може да се очекува општо работење по македонското прашање. Задружна работа е возможна само во најмали реформи.
Ако е така, тогаш на кого се надевавме во востанието? Не на Русија ли? Но Русија неколку пати официјално си ги изми рацете пред крвопроливањето. Ние, наместо да им се лутиме на руските претставници И. Д. Зиновјев, А. А. Ростковски и Машков33, поарно ќе направевме да се позамислиме за руската политика на Балканскиот Полуостров. Русија е словенска и православна држава. Таа ги ослободи Србија и Бугарија; таа им помогна на Каравлашко, Грција и Црна Гора да се ослободат. Таа секогаш го покровителствувала православјето и словенството. Ако е така, тогаш што може да направи за нас Русија, кога во македонските работи се забркани неколку словенски и православни народи? Може ли таа за атер на Бугарија да ги навреди другите балкански самостојни православни држави, чија самостојност е извојувана со руска крв и со руски пари и да ги направи тие држави да се одвратат од неа кон другите западноевропски држави и да се направат во нивните раце орудија насочени против Русија? Може ли Русија со својата политика да ги отклони од себе балканските православни држави? И што добива таа за таа загуба? Благодарноста на Бугарија. Може! Но бугарската благодарност е само еден ден до пладне, а после Бугарите ќе речат оти тоа го направи Русија со свои планови да го завладее Балканскиот Полуостров, спасувањето на кој ќе се наоѓа во Англија, и затоа Бугарите, наместо да се во сојуз со “великата освободителка”, ќе се фрлат во скутовите или на Англија или на другите непријатели на Русија и на словенството. Значи, при современата поставка на македонското прашање, ние очекувавме за наш атер Русија со свои непромислени постапки да се откаже од нејзините интереси на Далечниот Исток и заедно со тоа да претрпи пораз на Блискиот Исток. Арно ама, не било така како што мислевме ние.
И така, неуспехот на востанието е јасен како бел ден. Тоа од самиот почеток е поставено на лоша основа: не е општомакедонско, туку е парцијално, и има бугарска боја. Во него имаат раководна улога само Македонските Словени што се викаат Бугари. Интелигенцијата не само на другите македонски народности, ами и на самите Македонски Словени беше без учество во управата на комитетот. Комитетот како трајна организација, се плашеше да пушти кај себе рамноправни членови од другите народности, од Словени србомани и гркомани, или пак и само со српско и грчко образование, од страв неговите тајни да не им станат достапни на балканските државици. Организацијата беше и е завиена во тајна, така што долните нејзини членови се слепи орудија за исполнување само на работи диктирани од горни причини и интерес. Тие причини им се познати само на неколцина, тукуречи самозванци или случајно испливани на површината Македонци. Тие луѓе се вршителите на судбините на Македонија. Нивната дејност не подлежи на критика. Ако се осмели некој да ја критикува дејноста на таквите лица, се решава да загине од Организацијата. И таквата организација се вика идеална! Разбирам оти не сите членови можат да ги знаат сите работи. Но ако и има ограничувања, тие ограничувања треба да бидат разумни. Во Организацијата треба да бидат сосредоточени најдобрите интелигентни сили во Македонија. Треба да има луѓе што можат пошироко да погледнат на прашањето и непристрасно и без занос да ги измерат резултатите на секој еден чекор на комитетските работи.
Има ли нешто слично во Организацијата? Кои се во Бугарија главните претставници на Организацијата? – Татарчев34 и Матов. 35
Можеби и едниот и другиот се луѓе со висок патриотизам и знаење на положбата во Македонија. Но тие се приврзаници на крајни мерки, без да гледаат на политичката положба. После, како што се гледа, тие ја мислат за единствено правилна гледна точка на прашањето за народноста на Македонските Словени – бугарската; а може си мислат оти прашањето за народноста на Македонците е второстепено и лесно ќе се разјасни со ослободувањето на Македонија. Но тие треба да ја гледаат во иднината реалноста, а не тоа што им се бендисува.
И сите други раководители, како Радев, 36 Станишев,37 Карајовов38 и др. и др., се од истата категорија. Тие си мислеа, доста е едно изјавување оти Македонија ќе биде за Македонците.
Комитетот може да се пофали и со поумерени раководители, но и тие мислеа оти спасението на Македонија е само во духовното обединување, па и господствување на Бугарите во Македонија.
Може тој да се пофали и со луѓе што сакаа духовно да се одделат Македонците од Бугарите. Но тие луѓе или се ограничија со издавањето на неколку книшки на македонски јазик39, или пак се ограничија со зборување македонски дома или со своите земјаци.40
И така, бугарската боја на движењето е главната причина за неуспехот. Ако е така, тогаш што се бара од македонската интелигенција за да се олеснат несреќите на Македонците од сегашната несреќна авантура?
Првото нешто што се бара од нас е: да ги знаеме нуждите наши и на нашиот народ.
Не еднаш на митинзите во Софија и во другите градишта се имаат примано резолуции со излагања на нуждите на Македонците. Но тие резолуции се имаат примано во Бугарија, под влијанието на бугарското општество и од македонската емиграција во Бугарија. На тие митинзи не беше претставен сиот македонскословенски народ со неговата интелигенција, затоа резолуциите беа и неполни и еднострани.
Македонскиот народ не толку има нужда, барем сега-засега, за официјален јазик на мнозинството, за генерал-губернатор од народноста со мнозинство и за слободен печат, колку: за отстранување или парализирање на дејноста на националиите и религиозните пропаганди; за отстранувањето на непријателството меѓу приврзаниците на разните национални и религиозни пропаганди; за отстранување на таа недоверба и обособеност што е сега меѓу македонската интелигенција воспитана во разни балкански државици и им служи на религиозно-националните пропаганди во Македонија; за официјално признавање на македонската народност и за внесување на името “Македонец” во нуфузите и во другите официјални документи на лицата од словенско потекло во Македонија; има нужда за земјиштен дел, како што на селаните им беше доделена земја при укинувањето на крепосништвото во Русија, Галиција и во др. земји. Тука доаѓаат и цел ред други реформи, во кои влегуваат и оние што беа изработени од рускиот и австро-унгарскиот амбасадор во Стамбул и беа примени од Н.И.В. султанот. 41
Задачата на македонската интелигенција отсега натаму ќе треба да биде да се одделат нагледно за сите: за самите Македонци, и за Турција, и за балканските држави и за големите сили, интересите на Македонците од интересите на другите балкански држави и народи и да се изучат подробно сите прашања сврзани со избавувањето на нашиот народ и нашата татковина од сегашната голема несреќа и со процветот на нашиот народ во духовен и во материјален однос.
Таа задача е многу тешка и бара големи заеднички усилби. Затоа изучувањето на таа задача и исполнувањето нејзино бараат учество на сите Македонски Словени во неа, без разлика на верска и национална боја. Затоа македонската интелигенција треба да престане да се однесува меѓу себе со недоверба. Од пропагандите во кои служи ќе треба да бара слобода да се наоѓа во постојано општење со интелигенцијата и општеството од другите пропаганди. Во слободните балкански државици, одвреме-навреме, македонската интелигенција, без разлика на пропагандите, треба да организира свои македонски собири, на кои ќе се разгледуваат и ќе се решаваат прашања за духовниот и националниот расцвет на Македонците. Македонската интелигенција секогаш кога е надвор од своите официјални работи треба да зборува меѓу себе на централното македонско наречје /велешко-прилепско-битолско-охридско/, кое ќе треба да се воведе во сите религиозни и национални пропагандни и турски училишта како задолжителен предмет. Тоа наречје има да биде литературен јазик на Македонците.
Ако религиозните и националните пропаганди не посакаат да го воведат нашиот јазик во своите училишта, се разбира дека само таму каде што живеат Словени, и ако им забрануваат на своите учители и попови да другаруваат со македонската интелигенција и општество од другите пропаганди, тогаш македонската интелигенција и народот, без разлика на пропагандите, треба да изнајдат пат со којшто ќе може да се казни таа пропаганда. Ако таа пропаганда се восползува со сплеткарења против нејзините непријатели, тогаш интелигенцијата треба да му го објасни на народот недостојниот образ на работењето на таа пропаганда и да го повика самиот да си ги брани животните свои интереси. Ако народниот протест во верските и училишните работи, во кои општините треба да се признаат слободни, се покаже од заинтересираната пропаганда како бунт со државна боја и се бараат државни мерки против бунтовниците, тогаш народот и интелигенцијата треба да се обрнат кон конзулите, како кон арбитражни судии.
Ако неколку или сите пропаганди се спротистават на тие наши барања и настојуваат во училиштата и црквите да се изучуваат и поминуваат само јазиците на пропагандите, тогаш да се преземат општи и енергични мерки против сите и религиозни и национални пропаганди во Македонија.
Слободата на совеста е признаена насекаде; таа е и ќе биде признаена и кај нас. Експлоатацијата на таа слобода се прогонува насекаде и треба да биде прогонувана и кај нас. Језуитите се истерани тукуречи од сите европски земји затоа што ја експлоатираа народната совест. Црковните ордени во Франција се ограничени во училишните работи, оти со нив злоупотребуваат. Што било насекаде во Европа, може да биде и кај нас, во Македонија.
Секој ќе има право да исповедува и муслиманство и христијанство во трите главни форми: православјето, католиштвото и протестанството. Религиозните потреби и убедувања за сите се неприкосновени. 42Но религијата никако не треба да биде средство за престапни политички и национални цели, како што е сега во Македонија.
Ако ги разгледаме сега распространетите во Македонија религиозни пропаганди, тогаш таму ќе ги најдеме религиозните пропаганди во повеќето случаи да служат како орудие за национални и политички цели.
Протестантството и католиштвото во Македонија имаат само религиозни цели, оти претставниците на овие пропаганди со уважение се однесуваат спрема сите и најдробни национални особини на сите македонски националности. Ете зошто никој нема право да се спротиви против работата на тие пропаганди. 43
Православјето – најстарата, најраспространетата и основната религија на сите македонски народности, за сожалување, сосем ја загубило од видот својата главна цел да сее братство меѓу народите, да ги облагородува срцата на верниците. Наместо тие благородни задачи, православјето сее само раздор и омраза. Тоа е сега само најглавото средство во рацете на разни пропаганди со чисто национални и политички задачи. Православјето во Македонија сега до толку е искривоколчено што и не може да станува збор за една православна црква, – сега таму има 3 цркви, но не православни, а: грчка, бугарска и српска. Зошто тоа да биде така? Зар и црквата не треба да биде: Едина, Соборна, Вселенска и Апостолска?
– Да. Црквата треба да биде имено Едина и Соборна, а не српска, грчка и бугарска. Црквата кај нас си ја загубила својата главна цел, па затоа македонската интелигенција и народот имаат полно право да ги употребат сите свои сили за да ја лишат црквата во Македонија од чисто националните цели и да и’ ги вратат оние цели што и’ ги заповедал нејзе нејзиниот Божествен Основач: да го проповеда евангелието на сите јазици, т.е. на сите народи и нивните јазици.
Ако религиозните пропаганди се постараат да му попречат на здружувањето на македонската интелигенција и македонскиот народ меѓу себе, тогаш првото нешто што ќе потреба, тоа е да се образува во Македонија: Едина, Соборна и Апостолска црква, т.е. да се востанови Охридската архиепископија што ќе биде “Архиепископија всеја Македонии”.
Религиозните пропаганди можат да имаат нешто против здружувањето на македонската интелигенција и народот само од национални причини. Ако е така, тогаш природно е оти со барањето црковна реформа ќе се соедини и барањето училишна реформа, т.е. Архиепископијата ќе ја земе во свои раце училишната работа и ќе се сообразува во неа со народноста на својата паства; во грчките епархии и парохии ќе се учи во училиштето и ќе се служи во црквата на грчки јазик; во влашките – на влашки; во словенските – на македонски.
Тогаш сите национални и религиозни пропаганди, коишто го цепеа народот на разни групи, непријателски една кон друга, ќе се отстранат и ќе настапи мир за народот, за Македонија, за Турција и за Европа.
И вистина, одвај ли има нешто поарно од ваквото свршување на македонската криза: за народот тоа е арно, бидејќи ќе се ослободи и од интригантите од разни народности и ќе се откаже од разни поддупувања што го одвлекуваат од неговите мирни работи: црквата ќе го помири неоснованото непријателство меѓу разните народности.
Таквиот излез од кризата е нешто најарно и за Турција. Турските дипломати се лажат многу ако мислат дека повеќе ќе ја зачуваат Турција во Европа ако се придржуваат според политиката: divide et impera. Додека има во Македонија почва за национални пропаганди, додека не се отстранат причините туѓите држави да имаат во Македонија повеќе влијание од самата Турција, до тогаш Турција ќе има само расход во Македонија, а не ќе има од неа никаква полза, до тогаш секоја минута ќе треба да се плаши да не ја загуби Македонија; а ако се признае официјално оти во Македонија нема неколку словенски народности, ами има само една одделна, ни бугарска ни српска, и ако се оддели Македонија во самостојна архиепископија, наеднаш Турција ќе се ослободи од мешањето во македонските работи од сите 3 соседни држави.
Нашите национални интереси и’ диктираат на македонската интелигенција и на македонскиот народ да и’ се помогне на Турција да излезе од отежнатата положба во којашто ја кладоа религиозните и националните пропаганди во Македонија и државите заинтересирани за нив. Нам не ни треба присоединување кон Бугарија, ни кон Србија, ни кон Грција. Целоста на Турција за нас е поважна, отколку за Русија и за Западна Европа. Турција е земјата што се наоѓа во најдобра географска положба. Турското поданство и зачувувањето на целоста на Турција ни дава право на Македонците низ цела Турција да се ползуваме со правото на граѓанство. А тоа право може да ни даде голема материјална полза. Ете зошто македонската интелигенција, ако ги проучи подробно своите интереси, тогаш на прво место треба да постави и за себе и за својот народ: со сите свои морални сили да ја зачува целоста на Турција. Во замена за тоа ние ќе имаме лице и право да се надеваме од нашиот великодушен господар да добиеме полна автономија во црковното и училишното дело и полна рамноправност пред законот и во месната самоуправа во Македонија. Таквата самоуправа никако не е, опасна за целоста на Турција. Напротив, таа ќе ги уреди односите меѓу македонските народи44за вечни времиња. 45
И така, усилбите на македонската интелигенција и на народот треба да се обрнат кон националното обединување на Македонските Словени во едно цело и на обединување на интересите на сите македонски народ.
Националното и религиозното непријателствување треба да станат само еден жален спомен. Солидарната работа на македонските народности треба да се обрне кон зачувување на целоста на Турција. Во замена за тоа Турција ќе ги прошири правата на сите македонски народности пред законот и во административното управување и ќе го покровителствува националниот развиток на сите македонски народности.
Таквата мирна програма на Македонците ќе сретне поддршка и одобрување кај големите сили заинтересирани за зачувувањето на целоста на Турција. Големите сили ќе и’ поможат на Турција да се оддалечат сите неправини за македонските народности од националните и верските пропаганди и да се обезбеди нивното самостојно постоење и развивање.
Малечките балкански државици, што се заинтересирани и ги поддржуваат пропагандите, во прво време ќе и’ се расрдат на Императорската султанска влада затоа што ќе им ги пресече “вековните” привилегии, но ќе помине време и тие ќе се примират со отстранувањето на пропагандите, зашто тоа отстранување ќе биде во нивна полза: ќе престанат да ги праќаат во Македонија своите милиони франкови, од кои за нив никогаш немало и не ќе има никаква полза. Тие милиони не само што се пропаднати досега без полза, но имаат поддржувано непријателство помеѓу балканските држави, кога тие по својата географска близост и еднаквите интереси треба една со друга да го помагаат заедничкото економско развивање.
Погоре, кога зборував за неуспехот на Востанието, јас реков оти неуспехот се должи на неговата парцијалност. Јас зборував оти кога се прави востание од името и во полза на сите македонски народности, тогаш за тоа треба да се има полномоќност и учество на сите народности во организацијата.
Сега, кога зборувам јас за истерувањето на пропагандите од Македонија, за примирувањето и обединувањето на македонската интелигенција и народностите, може некој да си помисли оти тоа обединување ќе ни помогне да се постигне едно општо востание што ќе има поголем успех. Ќе погреши оној што ќе направи таков заклучок.
Јас уште погоре реков оти ние сме заинтересирани за целоста на Турција. И вистина, каква полза за нас од присоединувањето со Бугарија, или со Србија или со Грција? Тие држави се покултурни од нас, а како такви само тие ќе имаат полза од присоединувањето на Македонија кон нив. После, таквото присоединување на цела Македонија кон една од балканските државички не е возможно – другите државички ќе му пречат. Возможен е дележот на Македонија помеѓу малите државички или окупирањето на Македонија од Австрија. Но може ли да има поголема несреќа за Македонците од разделувањето или окупацијата?
Малечките балкански државички без церемонија ќе ги земат во свои раце сите доходи од завојуваните делови на Македонија, а Македонците ќе се обрнат во просјаци, откако ќе си ги загубат првин своите национални особини.
Може ли да се претскаже каква ќе биде судбината на Македонија под Австро-Унгарија: Босна и Херцеговина јасно ни покажуваат оти не ќе поминат ни 10 години од австриската окупација кога ќе зафатат Македонците, без разлика на вера и народност да си ги оставуваат своите катови и да се иселуваат.
А ни присоединувањето кон една од балканските државички, што не е никојпат возможно, ни делењето ни окупацијата не се возможни без револуција одвнатре. И имаат ли смисла тие револуции кога ќе ни го oбезбеди Н. И. В. Султанот националното и религиозното постоење и ќе ни гарантира рамноправност пред законот и вo обласната самоуправа со Турците? А има основи да мисли оти Императорската влада е исполнета со добри намери за своите македонски народности. Историјата му помага на секој народ да си ги види грешките што ги има правено и да се чува да не се повторуваат. Сегашното востание е многу поучно, како за нас исто така и за Турците. Јас не можам да допуштам Турците да не се поучат од него: јасно е за секој, па и за Турците, оти Турција не може повеќе да ја зачува Македонија ако продолжува со истата политика кон нас што ја водеше досега. Турција не може да ја зачува таа своја провинција без содејството на месното жителство. Само војската не е доста, како што не е доста ни задоволството на малцинството од населението. Турското господство во Македонија ќе се зачува само тогаш ако во неа има многубројно население што ја гледа својата благосостојба обезбедена само под власта на Турција. Тоа население ќе ја претставува главната опора на турските интереси во Македонија. А поддршката на мнозинството Турција ќе ја добие само ако се погрижи да воведе во Македонија вистински реформи, способни навистина да ги зачуваат националните и религиозните интереси на поданиците, нивните граѓански права и сносното економско постоење. Ако тие потребности на поданиците не се зачуваат и ако Турција продолжува да биде неискрена во прилагањето на реформите, тогаш од тоа ќе: настрада најмногу пак таа: 1/ таа ќе биде принудена со сила да воведе некои реформи, 2/ ако и потоа населението не биде оградено во нациочално-религиозен и економски однос, тогаш тоа ќе го искористат непријателите на Турција да направат брканица во Македонија за да ловат риба во матна вода.
И така, првото нешто што ќе треба македонската интелигенција да го извојува тоа е: отстранувањето на недовербата меѓу интелигенцијата со разно национално и религиозно образование; обединувањето на таа интелигенција како во самата Македонија така и зад нејзините граници; заедничкото опсудување на општите интереси на Македонците; отстранувањето на национално-религиозната омраза; воспитувањето на Македонските Словени во чисто македонски национален дух; задолжителното изучување на македонскиот јазик и литература во средно-учебните установи во градовите со словенско население; обучувањето во селските училишта со словенско население на македонски јазик. Во словенските села во црквата словенска богослужба. Ако овие барања сретнат отпор од некоја од пропагандите, тогаш да се моли турската влада и големите сили да се оддалечат од Македонија деморализирувачките пропаганди, да се востанови Охридската архиепископија, во рацете на која ќе премине црковно-училишното дело за сите христијански народности во Македонија. Другото нешто што се бара од нас е да се обрнеме кон нашите браќа што војуваат во татковината наша да го положат оружјето46 за да им се даде возможност на Русија и на другите сили да ги преземат сите мерки што зависат од нив за да се задоволат сите наши религиозни, национални и економски интереси.
Јасно ми е со какво негодување ќе се однесат мнозина кон овој мој предлог. Може ќе го наречат и предавство. Може да се најдат и луѓе што ќе речат оти треба да се мавнат од овој свет лицата со такви мисли.
Кој како сака нека рече, нека мисли и нека прави против мене. Долгот кон народот и татковината ми диктираат да се искажам во таква смисла. Јас сум еднаш уверен оти во мојата постапка нема ништо предавничко: 1/ оти мислите, не само на приватни лица како мене, но и на сите Македонци од бојното поле и од Бугарија, и мислите, барањата и предлозите на целиот бугарски народ и на бугарската влада не се во состојба да ги изменат погледите на големите сили и на Русија врз потребите на македонскиот народ; 2/ сите усилби понатаму одвај ли ќе го променат поведението на државите47 по нашето прашање. Најмногу што може да биде тоа е – европска конференција; но таа конференција не може да се зафати порано од пролетта; и тоа тогаш ќе се зафати само ако востанието тогаш биде посилно од сегашното. Но може ли да се предвиди одот на востанието? Пак и да се допушти оти востанието тогаш ќе биде и посилно од сега и ќе ја принуди Европа да свика европска конференција, може ли некој да предрече оти решенијата на таа конференција ќе бидат во наша полза? – Одвај ли.
Европејците досега си имаат направено неправилен заклучок за народноста на Македонците и ете зошто последниве, коишто ги носат на свој грб сите тешкотии и несреќи од сегашното востание, ќе имаат најмалку полза од решението на конференцијата. Треба да бидеме слепи за да не го видиме тоа што е очигледно. На конференцијата ќе се земат цел ред мерки во полза на македонските народности. Но кои се тие народности? – Турци, Бугари, Срби, Грци, Власи, Арнаути.
Кого треба да го бројат на конференцијата: Бугаринот, Србинот, Гркот? Каде е границата меѓу нив? Најпосле, кој ќе заседава на таа конференција? Кој ќе дава податоци за македонските народности и за нивните потреби? Зар не е јасно како бел ден оти претставници од нас нема да има, оти ќе ги решаваат нашите судбини без да нe прашаат нас што бараме ние, а затоа ќе ги прашаат нашите непријатели што имаат свои држави и свои дипломати и кои ќе ја извлечат сета полза од нашата пролеана крв?! 48
Не, браќа! Никаква конференција не нe спасува. Многу подобро ќе биде да им се довериме на најзаинтересираните држави за нашите работи, особено на православна Русија, којашто ги знае убаво нашите потреби, а не да се надеваме на самите себе и на некои конференции. Да беше било така лесно и арно свикувањето на конференција, и сега ќе имавме друг начин за третирање на нашите работи и наместо Европа да ги остави Русија и Австрија да го решаваат нашето прашање – сите европски големи сили ќе сакаа во него да играат еднаква улога. А што му пишува англискиот министер претседател на кентерберискиот архиепископ за политиката на големите сили во кашите работи: “Учеството на сите сили во разрешувањето на македонското прашање само може да го задржи, наместо да го забрза, неговото разрешување. Во дадениов случај најарно е иницијативата и најглавната улога да е во рацете на најзаинтересираните големи држави, коишто најарно ги знаат нуждите на Македонците”. – Да, ние треба да знаеме оти од учеството на сиот “концерт” може да се очекува големо неблагозвучје, помал притисок врз Портата, отколку што може да се очекува од работите на двете најмногу заинтересирани држави. Државите различно гледаат на прашањето, а тоа разногласје пречи за еднодушен притисок врз Портата. Може ли да се мисли оти на конференцијата ќе има поголемо едногласје од она што го гледаме сега во постапките на двете заинтересирани држави?
Сегашната конференција ќе биде во сосем други услови од оние во коишто работеше конференцијата пред последната руско-турска војна. 49 Сегашната конференција ќе изигра само во полза на малите државички што бараат за сметка на Македонците да си ги засновуваат и прошируваат правата на нивните народности. Ако е така, а инаку не може ни да биде, тогаш налет нека му е и конференцијата!
Штом е така, тогаш нема смисла и понатамошното спротиставување. Знаете ли што мислат тие што се за понатамошно спротиставување? – Едно имаат надеж за замешување на силите; друго, се надеваат на конференција, и трето, велат дека ако не биде ни едното ни другото, тогаш ќе направат Турција економски да пропадне со долгото одржување голема војска. Веднаш се гледа оти двете првни надежи не ќе бидат во наша полза. А третата уште помалку. Зошто, ќе прашате?
Европа има интерес да се зачува Турција, ете зошто ќе и’ дава средства за да се зачува. А кој ќе ги плаќа тие пари и процентите од нив? – Пак ние. Но да претпоставиме оти турското економско разорување не ќе се одрази на нас. Но не е ли јасно оти ако Турција ослабне економски – ние ќе ослабнеме неколку пати повеќе? Не знаеме ли ние оти сето време до кога ќе се продолжува борбата со четите, турскиот аскер ќе граби, ќе силува и ќе му прави секакви други пакости на населението? Народот не ќе може да си ја врши својата работа, а, од друга страна, ќе треба да ги рани гладната турска воска и четите?
Борбата има не толку национален, колку религиозен карактер. Како таква, таа е опустошувачка за неколку пати повеќе од обичната војна! Тоа опустошување има смисла ако се има надеж за успех. Сета наша надеж е во европското замешување. Но јасно е оти такво замешување нема да дојде. Ние мислиме оти Европа ќе се сожали над мирното население и заради него ќе се замеша во нашите работи. Но токму нашите сметки не им даваат на европејците можност да му притекнат на помош на мирното население. Европејците кажуваат оти не можат да направат ништо, оти секоја мерка од Европа комитетот ќе ја прими за заострување на неговата агитација.
Значи, до тогаш до кога ќе продолжи движењето им ние не можеме да очекуваме вистинско замешување во нашите работи и до тогаш нашиот народ ќе биде принуден да трпи најголеми бесполезни и бесмислени несреќи.
Во таков случај, има ли смисла понатамошната борба? – По моето мислење, нема. Ние немаме излишни народни сили за да ги принесеме на жртва за бугарските, српските и грчките интереси, зашто сегашната борба е само во туѓа полза. Нашите народни сили се нужни и за културна борба.
Да го допуштиме и спротивното, дека сегашната борба најпосле ќе ја принуди Европа да се замеша во турските работи и да ја принуди Турција да им даде рамноправност на македонските народи. Дали ние Македонците /Словените/ во таков случај ќе можеме да се поздравиме со успех? Мислам, не. Рамноправноста ќе биде за сите народи, па и за Турците, Грците и др. и др. Значи, нашата крв се пролевала за правата на тие народности што или си седеа мирно во време на борбата или беа против нас. Малку е тоа што ние ја пролевавме крвта на нашиот народ за туѓите, па и за интересите на нашите непријатели, но со нашата крв и со разорувањето ќе се восползуваат нашите непријатели од слободните државички за да продолжуваат со своите религиозни и национални пропаганди да нe делат на спротиставени и непријателски лагери: Срби, Грци и Бугари.
По борбата на бојното поле ќе настапи време да се бориме на културна почва, и во тоа време, наместо да имаме можност да ги ползуваме плодовите од пролеаната крв и да напредуваме културно, ние и тогаш, како и сега, ќе треба на наша штета да ги помагаме ту српските, ту грчките, ту бугарските интереси.
При таквата национална раздвоеност и при полното економско разорување бесмислени ќе станат секакви конференции, замешувања и реформи, зашто сите ќе водат кон еден дележ на Македоиија.
По сите тие причини, како и по полната убеденост во тоа оти не само бесполезно и невозможно е понатамошното успешно спротиставување, јас мислам дека наш долг е да ја замолиме македонската интелигенција што има влијание врз сегашното движење да го обрне својот поглед кон сериозноста на положбата, да го измисли патот и сите средства колку што може поскоро за да искаже полна доверба спрема постапките на заинтересираните големи сили во полза на Македонците и, откако ќе им даде ветување, да ја прекине понатамошната борба, да ги замоли да му се помогне морално и материјално на постраданото население да се поправи; да замоли да се воведат сите предложени реформи и тие што ќе најдат силите за нужно, како проширување на изработениот проект; да се отстранат пропагандите и да се востанови Охридската архиепископија со црковно-училишната автономија; амнестија на емигрантите и на сите четници; признавање на Словените во Македонија за одделна народност: Македонци, и внесување на тоа име во официјалните книги итн.
Со полното прекратување на востанието ќе се востановат меѓу нас и Турците односи што им одговараат и на нашите и на нивните интереси. Тогаш ќе се има можност да се види оти нашите интереси се така сплетени со нивните што со загубувањето на едните губат и другите, а сета полза од нашето непријателствување ја извлекуваат трети, ќе се рече, малите балкански држави. Тоа се гледа особено јасно од можните последици на востанието, кои, за наша и турска среќа, не последуваа. Зборот ми е за делењето на Македонија меѓу малите балкански државички.
Востанието се дигна и нe разори и нас и турската држава. Штетата од него и за нас и за Турција е огромна, но пак помала отколку што можеше да биде. Среќа и за нас и за Турција е што меѓу Бугарија и Србија немаше никакво согласување по македонското прашање. А такво согласување немаше, зашто Бугарија мислеше да си ја присоедини кон себе цела Македонија сама, без помош на другите соседни и на големите држави. Бугарија се излага во сметката. Во тоа се состои нашата среќа и среќата на Турција. Бугарија до сегашното востание немаше политички опит за решението на македонското прашање, ете зошто сите маневри да се реши тоа излегоа јалови. Бугарија досега не знаеше оти решението на македонското прашање не е исклучиво во Софија, ами колку во Софија толку и во Белград, т.е. во согласувањата меѓу Софија и Белград. Тоа согласување досега се сметаше за државно предавство, но откако бугарските дипломати си го испитаа сето бессилие, и при најголемите свои усилби сами да го решат македонското прашање, ќе се најдат цел ред бугарски дипломати што ќе погледнат на тоа согласување како на неизбежно зло.50 Сегашниот политички опит да беше бил кај Бугарите понапред, ќе се пристапеше прво кон разделувањето на сферите за влијанието во Македонија меѓу Србите и Бугарите, а после, во време на востанието, српските и бугарските војски ќе навлезеа во Македонија. Таков ќе беше излезот од востанието при поголем опит меѓу бугарските дипломати. За наша среќа, овојпат ние се избавивме од дележот на нашата татковина и Турција од загубувањето на една од прекрасните свои провинции.
Востанието не го донесе делењето на Македонија: тоа е позитивниот резултат од него. Но тоа делење среќно е избегнато само од случајната неопитност на нашите непријатели. Делењето не загрозува уште повеќе: во иднина од поголемата опитност на нашите непријатели: Бугарија може да склучи со Србија договор за разделување на сферите за влијанието во Македонија. Таквото разделување на сфери за влијанието неминовно ќе и’ донесе дележ на Македонија. 51 Ете зошто, еден од најглавните долгови на македонската интелигенција е да се отстранат еднаш за секогаш од Македонија бугарската и српската пропаганда, да се основа во Македонија свој духовен центар за Македонците и тој центар, како и самите Македонци, да нема никакво земање-давање со соседните балкански држави и народи. Во таа мерка се состои предодвраќањето на дележот на Македонија и зачувувањето на таа провинција за Турција. Оттука е јасно оти добро разбраните интереси на Турците и на Македонците им диктираат не да си ги трошат нивните сили во меѓусебна борба во полза на заедничките нивни непријатели, ами да си подадат еден на друг рака и да ги отстранат сите фактори што им пречат во нивните пријателски односи и заеднички интереси.
Со прекратувањето на востанието ќе се започне во Македонија мирна културна работа. Таа ќе бара од нас во воспоставување добри односи кон сите народности што ја населуваат Македонија. Нашата интелигенција досега не можеше да воспостави најпожелни односи помеѓу нас и другите македонски народности. Тоа делумно не зависеше од неа. Така, односите на нашиот народ кон Турците и муслиманите воопшто повеќе зависеше од последниве отколку од нас: ако муслиманите гледаа на христијаните како на луѓе рамни на нив, тогаш нема сомнение оти не само ќе беа најарни односите меѓу христијаните и муслиманите, ами може и да немаше востание. За сожалување, муслиманите и до последно време не можеа да се ослободат од својата стара предрасуда да гледаат на христијаните како на подолна раса од нив. Ќе се надеваме оти турската влада и турската интелигенција ќе се уверат во сета штета што ја причинува таквата предрасуда и ќе се потрудат да ја искоренат и со тоа ке ги поправат односите меѓу христијаните и муслиманите.
Добрите односи помеѓу Грците и нас Македонците /Словените/ пак повеќе зависат од првите отколку од нас. За да се поправат тие, Грците ќе треба да се откажат” 52 од својата “мегали идеја и да и’ го признаат правото на постоење и на македонската народност редум со грчката во Македонија. Особено Патријаршијата, како установа вселенска, треба да престане да постапува како установа со грчки карактер. Таа треба свето да ги чува правата на сите христијани, а не да ги жртвува правата на едните во полза на другите. Особено е нужно Патријаршијата свето да го чува правото на националното постоење на сета своја паства. Тогаш ќе се избегне конфликтот помеѓу и Грците и Македонците, зашто последниве не бараат тие што зборуваат грчки да имаат во своите цркви старомакедонски јазик53 а во училиштата сегашниот македонски јазик, ами тоа се бара само за оние што зборуваат македонски. Ако пак Патријаршијата го продолжи прогонувањето на македонскиот јазик меѓу Македонците и наместо него го пропагира грчкиот јазик, со тоа ќе ги натера Македонците да гледаат на неа како на орудие на грчката национална пропаганда. Во таков случај и Грците и Пат-ријаршијата ќе ни се објават за непријатели на нашата народност и наш свет долг ќе ни биде да ги одбиеме сите грчки напади на нашата народност. 54 За таа борба меѓу христијани ние ја симнуваме од себе одговорноста на Грците и Патријаршијата, бидејќи ние во тој случај не напаѓаме, ами се браниме од туѓи напади.
Најарни можат и треба да ни бидат односите со Власите. Нашите интереси никаде не се пресреќаваат со влашките. Власите повеќе живеат во градовите и се трговци, а ние повеќе сме во селата и сме селски стопани. Оние од Власите што живеат во селата, се занимаваат со овчарство. Власите и нашиот народ се разликуваат по јазикот, носијата, карактерот, така што никојпат Власите не можат да претендираат на наши села; исто така никојпат ние не сме кажувале оти влашките села се наши. Меѓу нас и Власите нема никакво историско недоразбирање. Власите никојпат не имале никаква власт над нас и никојпат не ни сториле никаква пакост. Исто така, тие немаат ништо патено од нас. Обратно, уште од средните векови и меѓу нас и Власите имало секојпат согласност. Врз таква почва може да се развие најсрдечна дружба помеѓу нас и Власите. Таа дружба треба да пушти длабоки корени помеѓу двата братски народа за да им даде можност рака за рака да одат по тешкиот пат на културниот прогрес. 55
Штом ќе се установат правилни односи помеѓу нас и другите македонски – христијански и муслимански народности, штом ќе се признае нашата народност од владата на Н.Ц.В. Султанот, ќе се внесе во нуфузите името Македонец, ќе се направат првите постапки за нашето национално и религиозно ослободување од пропагандите и ќе се воведат политичките преобразувања предвидени од реформаторските сили, штом ќе се преземат мерки за економското поправување на нашите селски стопани, па и до воведувањето на сите тие подобрувања во нашето национално религиозно и економско живеење, ние – македонската интелигенција ќе треба да направиме уште едно, а тоа ќе биде и најважното: да ги вложиме сите свои физички, интелектуални и морални сили во нашата национална преродба.
Последното востание ни покажа оти овој пат по којшто одевме сега е погрешен и опасен. Тој бараше многу жртви, а даваше малку полза. Револуцијата нe компромитира пред нашата влада и не нe претстави во добра боја пред европскиот свет. Но во сe тоа ние сме малку криви. Од една страна, нe поддупуваа кон востание, од друга ние сме млад народ и се занесовме со еден незрел потфат. Како младите луѓе што во работењето претпочитаат скокови наместо постепено, но постојано работење во еден ист правец, и младите народи ги претпочитаат скоковите пред постојаната упорна работа во еден ист правец. Досегашното наше работење, особено востанието, беше необмислена младешка работа, но тоа ни се простува, едно, зашто досега ние бевме млад народ што одвај се проникнува со своето национално самосознание, а друго, зашто досега, не живеејќи како одделна национално-религиозна единица, се наоѓавме под влијанието на разни национални и религиозни пропаганди. Но тоа што ни се проштаваше досега, не може да ни се опрости за напред.
Сега ние не можеме повеќе да гледаме на себе и на својот народ како на еден недорастен народ без политички опит. Ние поминавме во своето историско развивање веќе важни стадиуми што можат да претставуваат епоха во историјата на кој и да е народ. А новата епоха ни налага нам нова потреба – културно работење.
Досега работеше народот со интелигенцијата; задружно, но работењето беше распределено нееднакво: народот се јавуваше исполнувач на плановите на интелигенцијата, кога последнава не правеше ништо повеќе од составување планови или организирање револуционерно движење.
Организаторската работа е пак работа, но не може да се рече дека е од тешките. Подготвувањето револуција е работа што можеби бара умствено работење, но тоа работење не е толку мачно и толку ценето колку што си мислат револуционерите – младата наш интелигенција. Подготвувањето на едно востание се продолжува 5-10 години и после сите замешани во него или умираат или пак, ако останат живи, треба да останат без ништо и да си изберат некоја друга работа што ќе треба да ја зафатат одново и за која можеби и не се сосем подготвени. Организаторската работа не е толку мачна затоа што организаторите често, мислејќи оти нивниот живот е поважен од животот на селаните, ги поставуваа на најмачните работи простите работници или народот. Затоа организаторската работа, од една страна, е работа за еден човек што го претпочита привременото напрегнување на силите пред постојаниот упорен и мачен труд; од друга страна, таа е и неморална, зашто во неа човек не жртвува во полза на општеството, на народот свој или на човештината, а со народот прави опити за своите фантастични планови. Македонска интелигенцијо! Време е да се помисли дека е грешно да се прави опит со туѓи човечки животи за нашите фантастични планови.
Но со тоа јас не сакам да кажам ние да престанем да идеализираме и да живееме со народни идеали. Не! Ние не можеме да живееме без идеали: само нашите идеали отсега ќе треба да бидат почисти од понапрешните Отсега ние ќе треба со нашата патриотска рабата да искупуваме нашите гревови пред нашиот народ. Отсега ние ќе треба да се жртвуваме за неговите интереси и со тоа да му отплатиме за неговата вера во нас и за неговото послушно и точно исполнување на плановите на организацијата. Како може нашата интелигенција да се оддолжи пред нашиот народ за дадените од него жртви? На тоа прашање јас одговорив кога зборував погоре за борбата со пропагандите и за поставување на нашиот народ во добри односи спрема сите македонски народности.
Но главно, како што напомнав пак погоре, ќе му се помогне на нашиот народ со културно работење, а најповеќе со просветувањето.
Науката и литературата се најважниот фактор за развивањето на еден народ како народ. По степенот на развивањето на науката и литературата кај еден народ се мери неговата култура и по нив се делат народите: на културни и некултурни; културните народи владеат, а некултурните робуваат. Само со знаење и просветување, само со културна работа ќе може нашата интелигенција да ги поправи и да ги искупи своите грешки пред нашиот народ.
Ќе речат некои оти културната работа е возможна само кога има политичка слобода; без неа таа е невозможна. – Вистина, во таа забелешка има еден дел вистина, но само еден дел. Главниот услов за културна работа не е полната политичка слобода, а моралната воспитаност на народот и на неговата интелигенција, сознавањето на моралниот долг пред народот кај секој член на тој народ. Полната политичка слобода не чини за ништо, ако еден човек не сознава оти неговиот човечки долг, неговиот долг пред својата татковина и својот народ е: труд, труд и пак труд. Слободата чини само за ползување на резултатите од својот труд, но не толку за самиот труд. А за да може човек да ги ползува резултатите од својот труд, треба прво да се потруди. Да рабрти и да се труди може човек и при постеснети политички услови.
За да си ја очистиме совеста пред народот наш за дадените од него жртви, треба, значи, да се зафатиме за културна работа. А при тоа да го цениме своето работење не по надворешниот негов вид, а по неговата вредност, а цената на трудот се мери со потребните за него сили. Ако гледаме така на трудот и ако искрено сакаме да се оддолжиме пред нашиот народ, тогаш не ќе се извинуваме дека нема почва за културно работење. Прчва за него има, но нема сакање. При сакањето, ако не ќе можеме да печатиме многу работи на нашиот јазик, затоа пак нашата интелигенција ќе може да послужи како жива народна енциклопедија во која ќе се имаат точни и проверени информации по сите оддели на науката и литературата.
Но точни и проверени информации се добиваат при многугодишно упорно работење, и тоа кога се работи со свеста дека со работењето се исполнува долгот кон татковината и кон својот народ. А таквото многугодишно упорно работење е пополезно помачно и поморално од револуцирнерното. Тоа е поразумно.
Ползата за народот од научното работење на нашата интелигенција ќе се види од тоа што нашиот народ сам со свои очи ќе може да погледне на себе и на другите народи, ќе ги изучи своите и туѓите достоинства и недостатоци. Еден просветен народ мрже да се срамни со еден умен човек; затоа наш долг е да ги вложиме сите свои сили со своето работерње да го просветиме нашиот народ.
Културното работење е помачно од револуционерното, зашто првото е умствено, а второто повеќе физичко. За илустрација земете го изучувањето на класичните и новите јазици и кореспонденцијата на комитетот или распределувањето на четите. Револуционерната дејност е привремена и разрушувачка, а не вечна, соѕидувачка. А културниот човек, за да има право да се наречува таков, треба да гради, а не да руши. За да биде градбата здрава треба темелот да и’ биде убав. Затоа човек не треба, само за олеснување на својата работа, негативно да се однесува кон многу науки мачни, како старите јазици, но што претставуваат основа за многу позитивни информации и науки. Целта да се добијат позитивни податоци од сите оддели на науката, не само за нас лично, а како народни членови, ќе треба да го натера секого од нас да ги посвети своите сили, сето свое слободно време за изучување на сите тие науки што се најнужни за нашиот народ и што бараат најмногу работа, зашто за полесните секојпат ќе се најдат доста доброволци. Ние ако сакаме да имаме чиста совест пред нашиот народ и пред себе, треба да ги земеме на себе и најмачните научни работи за да му помогнеме, а не да се изговараме, избирајќи го најлесното, дека немаме способности или влечење за оние науки што бараат најмногу труд и желба за рабрта. 56
Културното работење е поморално од револуционерното, зашто со првото интелигенцијата се чини вистински слуга на својот народ, а со револуцијата таа се обрнува во немилосрден експериментатор.
Инајпосле, културното работење е разумно. Интелигенцијата со него ги разјаснува најважните прашања за себе и за народот. А најважни се тие прашања што се врзани со народното самосознание.
Во последно време ние истапивме со барање политичка слобода, без да се допрашаме дали сме ние дозреани за неа и дали сега тоа ни е најнужното? Нашите последни барања колку се правилни или не, не земам да ги решавам. За мене е поважно прашањето за нашата национално религиозна и економска преродба; а тоа може да стане само со изучувањето на својот народ, прво како одделна единка, после во врска со другите Македонски и балкански народи и најпосле како член на словенската фамилија народности. Таквото изучување ќе внесе разумност во нашите односи кон сите споменати народи.
Ете приближно какво може да биде најглавното работење на македонската интелигенција за да се поправат сите грешки направени со последното востание.
И така, работењето наше ќе треба да биде врз почвата на народното просветување: мирно, легално, еволуционо; тоа ќе има за цел интелигенцијата да биде вистинска слугинка на народот, а не наопаку. Но за да биде таа служба благодатна, нам ќе ни треба да создадеме народни служители, народна интелигенција што ќе му ги посвети сите свои сили на народното благо. Ни треба интелигенција со јасна свест за моралниот долг на човекот пред неговата татковина и неговиот народ. Ни треба интелигенција морално и умествено совршена.
Сегашната наша интелигенција треба да го посвети сето свое работење над моралното и умственото усовршување на својот народ и создавање на една идеална македонска интелигенција.
Ако овој долг се осознае, ако обединувањето на нашата интелигенција со бугарско, српско и грчко образование се постигне, ако се парализира работењето на пропагандите и се успее тие сосем да се отстранат од Македонија, ако се установат добри односи кон сите македонски народности и се подобри политичката и материјалната состојба на Македонците, тогаш, при сите дадени жртви, ќе можеме, покрај другото, да бидеме задоволни од едно: востанието ни ги отвори очите за грешниот пат по којшто одевме досега, по којшто ќе одевме и за напред, и без востанието сами ќе подготвевме почва за дележ; тоа ни ги отвори очите за многу наши нужди што и не ги претпоставувавме понапред.
Дајбоже, сегашното востание да ни послужи како еден урок за нашиот народ, урок за сите нас Македонците, без разлика каде сме се образувале и како досега сме се викале. Дајбоже, сега пролеаната крв да послужи како завет меѓу живите, кои што се должни пред таа крв да се заколнат за една заедничка културна работа, за полза и среќа на нашата заедничка многу напатена татковина – Македонија.
*. Прочитано на 21 септември оваа година па 1-та седница на петроградското Македонско научно-литературно другарство “Св. Климент”.
11. Најголемиот грчки остров Крит во 1897 год. успеа да добие автономна управа во границите на Отоманската Империја.
12. Мисирков го читал овој текст во Другарството на 21 септември 1903 год., пред донесувањето на Мирцштегската програма за реформа, но тој будно ги следел сите нејзини подготовки. Соопштението на руската влада од 11.9.1903 год. со својата енергична порака го изразува тврдиот став на Русија против Востанието во Македонија и за акција на големите сили за реформи.
13. Веројатно се мисли на Промеморијата на Русија и Австро-Унгарија од 15.9.1903 год. што била испратена не само до потписничките на Берлинскиот договор, туку и до турската и до бугарската влада, бидејќи последниве всушност го спречувале исполнувањето на Февруарските реформи, па дури се обвинувале дека придонесле за кревањето на Востанието во Македонија.
14. Писмо до поглаварот на англиканската црква во Кантербери.
15. И.А. Зиновјев во тоа време е руски дипломатски претставник при Високата порта во Цариград.
16. Хајнрих Каличе тогаш беше австро-унгарски амбасадор при Високата порта во Цариград.
17. Како претседател на Тајниот македонско-одрински кружок во Петербург (натаму: ТМОК), па со тоа и во ТМОРО, Мисиркоа не е и не можел да биде против револуцијата како метод (впрочем, тој и самиот смета дека резултатите можеле да се постигнат и “со вешти, мали народни движења”!), но категорички се изјаснува против Востанието во тој момент, како поради очевидниот неуспешен крај, со сите народни страдања, така и особено поради реалните опасности за распарчуваље и заграбување на Македонија од соседите.
18. Не е сосем точно дека српските претензии за Македонија се појавиле дури по Берлинскиот конгрес во 1878 год., бидејќи организирана и од државата раководена српска пропаганда во Македонија се појави уште по Гарашаниновото “Начертание” (1844) и се изрази во 60-тите години на минатиот век. Берлинскиот конгрес и особено Српско-бугарската војна (1885) само уште повеќе ја насочија Србија кон југ.
19. Додека во Македонија беа отворени српски и грчки конзулати, бидејќи Бугарија во тоа време уште беше вазално кнежевство на Турција, во македонските градови Солун, Скопје, Битола и Серес беа отворени бугарски трговски агентства што всушност ја вршеа истата работа на конзулатите и заедно со егзархиските митрополити ја раководеа бугарската националистичка пропаганда.
20. Се мисли на Руско-турската војна од 1877-1878 год.
21. Во своето списание “Вардар (1905) Мисирков го изменува редот на појавувањето на теориите за народноста на Македонците: таму пишува, дека најпрвин се оформила бугарската, после грчката и најназад српската. Македонската теорија воопшто не ја приклучува кон овој редослед, како нешто што е автохтон развиток и надвор од пропагандите.
22. Под ова име Мисирков ја подразбира Организацијата како целина, а не само нејзиниот ЦК.
23. Констатацијава на Мисирков е мошне категорична, но во неа има и еден дел вистина. Впрочем, сите ослободителни движења во светот се потпираат и врз некои странски сили и притоа најчесто ги користат териториите на своите соседи. Тоа го направи и ТМОРО. А К. Мисирков, не само како член – основач и еден од раководителите на една значајна филијала на ТМОРО во Петербург, туку и како личен учесник и набљудувач на овие настани, имаше морално право и општествена одговорност да го изнесе своето мислење за најважните прашања во тој историски момент. Нема сомнение дека, и покрај сите заслуги и значењето што го има во македонската историја, оваа организација имаше и свои слабости, за кои не од денешно, туку од тогашно гледиште, прв и најаргументирано проговори токму К.П. Мисирков. Вистина, некои сериозни забелешки направија и П. Бошњаков (1902), и Ст. Ј. Дедов (1902), па и некои од најистакнатите револуционери, но сите тие брзо и мошне успешно биваа неутрализирани. Веројатно најправдива оценка на слабостите на ТМОРО направи Вториот окружен конгрес во Солун /1905/, непосредно пред одржувањето на Рилскиот конгрес на Организацијата. Мисирков не беше и не можеше да биде против самата ТМОРО, но тој многу продорно, уште во самиот тек на настаните, ги согледа слабостите што загрижено и ги потсилуваа некои заинтересирани странски фактори, не одбирајќи притоа методи и средства.
24. Проучувањето на архивската документација и тогашниот дневен и периодичен печат наполно ја потврдува Мисирковата мисла: на ТМОРО во странство и се даваше главно “бугарска” боја, иако поголемиот дел од македонските раководители упорно се трудеа да го оспорат тоа.
25. Симеон Радев /1879-1967/ од Ресен е еден од истакнатнте македонски журналисти до 1903 год., а потоа виден бугарски публицист, историограф и дипломат. Како студент во Женева и близок до ЦК на ТМОРО, притоа и приврзаник на Б. Сарафов, тој го издава таму (на француски јазик) весникот “L’ Effort”/1900-1901/, а по дипломирањето во Париз го редактира весникот “Mouvement Macedonien” /1902-1903/.
26. Весникот “Право” (2.11.1894 – 13.3.1903) се печати во Софија, првин како “Орган на политичките и духовните интереси на бугаркото население во Турција”, а завршува како “орган на македонско-одринските интереси”.
27. А.А.Ростковски (1860-1903) беше руски конзул во Битола од 1895 год. Првпат се среќаваат со Мисирков при нивниот заеднички настап со реферати за Македонија во Императорското руско географско друштво во С.-Петербург во декември 1897 год., кога К. П. Мисирков штотуку се запиша како студент. Во 1902 год., кога Крсте дојде во Битола, стана и домашен учител на конзуловите деца, а на 26.7.1903 год. (ст.стил) тој му беше единствениот сведок при убиството и заедно со неговото тело мораше да ја напушти Македонија и отиде во Одеса, а оттаму во Петербург.
28. До тоа време со Софија излегуваа два весника со насловот “Автономија”: првиот како “орган на политичките интереси на христијанското население во Турција” (1898-1902), а вториот како “задграничен лист на Внатрешната македонско-одринска организација” (I -16.7.1903). Мисирков веројатно го има предвид вториов.
29. Илинденското востание несомнено беше вешто однадвор инспирирано при што беа привлечени за него и предани претставници на самостојната македонска ослободителна борба, но народот, како што вели Н.Вапцаров, “си влеа своја содржина” и создаде епопеја што стана углед и поттик за идните револуционерни подвизи.
30. Во Источна Румелија (Јужна Бугарија) во тоа време живееја Бугари, Грци и Турци, па се признаваа и сите овие јазици, но по присоединувањето кон Бугарија постепено Грците и Турците речиси наполно беа иселени.
31. Каравлашко всушност е само еден дел од денешна Романија. По обединувањето на Каравлашко и Молдавија (1859) се создаде државата што го доби името Романија (1861), но Мисирков го употребува трдиционалното народно име што е зачувано и до денеска во Македонија.
32. Тројниот сојуз е военополитички блок на Германија, Австро-Унгарија и Италија, договорен во Виена во 1882 год. и насочен главно против Франција и Русија за распределба на светот. Се растури со влегувањето на Италија во Првата светска војна (1915) на страната на Антантата (со Англија, Франција и Русија).
33. В.Ф.Машков беше руски конзул во Скопје до крајот на март 1903 год.
34. Д-р Христо Татарчев (1869-1952) од Ресен е еден од основачите и прв претседател на Централниот македонски револуционерен комитет во Солун (1893). По враќањето од малоазискиот затвор (1901-1902) станува член на Задграничното претставништво на ТМОРО во Софија.
35. Христо А. Матов (1872-1922) од Струга е еден од најистакнатите дејци на ТМОРО и теоретичари на македонската ослободителна борба, во тоа време е “задграничен претставник” на Организацијата во Софија.
36. Се однесува за спомнатиот веќе Симеон Радев.
37. Инж. Христо Станишев е член на ВМОК во Софија, а по расцепот на “врховистите” (1902) стана претседател на Врховниот комитет што го поддржуваше ЦК на ТМОРО и издаваше и свој весник под истото име “Реформи”.
38. Тома Карајовов од Скопје беше еден од членовите на Тајниот македонски комитет во Софија (1885-1886), а од 1895 год. еден од членовите на ВМОК. Во 1903 се вбројуваше меѓу активните публицисти од Македонија.
39. Освен В.Чернодрински, кој впрочем и не беше висок функционер на Организацијата, не ни е познато некој од раководните функционери да издавал книшки на македонски јазик. Драмски текстови на македонски во тоа време изведуваше театарот на Чернодрински, па и драмата “Револуционери” од Д.Хаџидинев. М.К.Цепенков во продолженија (во весник) ја објавуваше својата драма “Црне Војвода”, додека пред тоа како одделно издание беше печатена драмата “Прилепски светци” од А.Страшимиров.
40. Познато е дека месните војводи секогаш си зборувале само на мајчиниот јазик, а се знае дека, на пр., Д. Груев со Македонците си зборувал само на македонски. Така правеле и други револуционери, па и Ѓ.Петров.
41. Иако Мисирков не може да се рече дека бил социјалист по воспитанието, сепак неговиот метод на третирањето на историјата и современата положба на Македонија не е далеку од социјалистичката. Затоа тој и не гледа вистински реформи – без сериозни зафати во економско-социјалната структура во Македонија, затоа не можат да го задоволат Февруарските реформи, како што не ќе го задоволат ни Мирцштегскнте, како како почеток условно ги прифаќа.
42. Не само во поглед на јазикот и верата, туку и воопшто програмата на Мисирков (а тоа значи и програмата на МНЛД) се карактеризира со еден полн демократизам, во којашто не се чувствува некаков национализам или шовинизам спрема соседните народи, уште помалку спрема другите народности што живеат во Македонија.
43. Мисирков не им се спротиставува на католицизмот и протестантизмот и од чисто практични причини: овие гранки на христијанството не беа државна религија на ниедна од претендентките за Македонија, па следствено и не беа во директна услуга на завојувачките планови на соседите, додека тој сакаше да ги гледа во Европска Турција и интересите на големите католички и протестантски држави за да не се остане само на едностранчиво влијание.
44. Карактеристично е дека во првиот прилог од книгата Мисирков редовно употребува “македонски народи”, “македонски народности” и “Македонци” за означување на сите жители на Македонија, додека со “Македонски Словени” (како што пишуваше, на пр., и П.Драганов) ги означува припадниците на македонската нација, Македонците.
45. К.Мисирков сосема правилко, пет години пред Ј.Сандански, и тоа со комплексна разработка на прашањето, го согледа значењето на зачувувањето на целоста на Турција за безбедниот национален развиток на македонскиот народ во извесен период. Ваквата програма (блиска и на руската политнка – заради други цели и интереси) навистина сретна жесток отпор од страна на Организацијата. Тоа беше провоцирано и со интригите на Софија во врска со преговорите на МНЛД со турската и со австро-унгарската амбасада во Петербург и со патувањата на некои видни членови на МНЛД со дозвола и со поддршка од турските власт во Македонија. Со вешто исплетени дезинформации, преку некои македонски орудија во рацете на бугарската пропаганда, ТМОРО беше свртена не само против Мисирков, туку и против целото ова движење што го раководеше МНЛД на чело со Д.Д.Чуповски.
46. Освен застапувањето за целоста на Турција, ова барање беше најжестоко пречекано од Организацијата. Меѓутоа, Мисирков не е против Организацијата: тој беше само категорички против продолжувањето на неподготвеното и ненавремено народно востание, како и против планирањето ново востание за идната пролет, за коешто пишуваше печатот и за кое зборуваа некои наши револуционери.
47. Се мисли на “големите држави”, “големите сили” во тоа време.
48. Престојот во руската престолнина, активното следење на европскиот печат и живиот допир со европската дипломатија во Битола (и посебно со руската, особено по враќањето од Македонија) му овозможија на Мисирков појасно да ги согледа и оние моменти што не беа видливи низ чадот на секојдневните борби на револуционерите.
49. Се однесува за Цариградската конференција (1876-1877) на претставниците на европските големи држави (Русија, Англија, Германија, Франција, Австро-Унгарија и Италија) и на Турција, одржана во Цариград непосредно по Босанско-херцеговското востание и Српско-турската војна, како и по востанијата во Бугарија и во Македонија (1876). На 19.3.1877 г. е потпишан Лондонскиот протокол за реформи во Европска Турција, но бидејќи и него Високата порта го отфрли, дојде Руско-турската војна (1877-1878).
50. И вистина, веднаш по Востанието, по студентските бранувања за српско-бугарско зближување за сметка на Македонија, беше потпшан таен “Сојузен договор помеѓу Кнежество Бугарија и Кралство Србија” на 30.3.1903 год. со “Заклучен протокол” од следниот ден, каде што рускиот имепратор се признаваше како арбитар за сите спорни прашања што би искрснале во врска со придобивките од војната со Турција.
51. Токму тоа и се случи подоцна: првин се одеше кон поделба на Македонија на сфери за влијание, а потоа кон поделба на териториите, коешто и доведе до новиот “Договор за пријателство и сојуз помеѓу Кралство Србија и Царство Бугарија” од 29.2.1912 год. што всушност, како што вели М.Миловановиќ, беше “српско-бугарско-руска балканска спогодба”, бидејќи беше постигнат со активното посредство на Русија и бидејќи пак рускиот император беше признат како врховен арбитар за сите спорни прашања. Резултатите од балканските завојувачки војни наполно се совпаднаа со предвидувањата на К.П.Мисирков.
52. Оваа “мегали идеја” (“голема идеја”) за една нова голема Грција на Балканот во границите на некогашната Византија се појави уште во мислите на Ригас и беше разработена од “Етеријата” (1821), врз основа на која потоа израсна грчката националистичка пропаганда во Македонија што во определени видови живее сe до денеска.
53. Овој термин за старословенскиот јазик го наоѓаме и подоцна во речникот на Мисирков [“Македонски голос, (Македонски глас)”, II, 10, Петроград, 13.8 1914, 14]. Него го употребуваше и МНЛД и Македонската колонија во Петроград, а во наше време го прифатија и истакнати слависти.
54. Додека во овој прилог, пишуван пред донесувањето на Мурцштегската програма за реформи во Македонија, Мисирков условно и привремено дури и ја допушта дејноста на постојните црковни организации, во другите прилози во книгата тој е веќе против каква и да е туѓа ” црковно-училишна организација или инстнтуција на пропагандите на македонската територија.
55. Мисирков го има предвид и фактот дека, и покрај тогашната силна романска националистичка пропаганда во Македонија, таа не може да претставува реална опасност за Македонците, бидејќи Романија нема никаков граничен допир со Македонија што да и овозможи евентуално проширување на нејзиното владеење и ро овој дел од Балканот.
56. Бидејќи овие зборови им се упатени на членовите на МНЛД и на интелигенцијата надвор од Македонија, каде што постоеја извесни услови за слободен развиток на македонската национална научна мисла, тие имаат оправдување, но не можат во целост да се однесуваат и за македонската интелигенција што се наоѓаше во земјата, па ни за онаа во соседните монархии, зашто не постоеја ни елементарни услови за таква дејност.
За Македонските Работи
(Стр. 1-44)
0 Comments