Лоза

Преподобниот свештеномаченик Еразмо Охридски

Овој Светител беше родум од Антиохија Сириска и живееше во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан (284 – 305 г.). Се подвизуваше на Ливанската гора и достигна такво совршенство што добиваше храна од Бога преку гавраните, а доби од Него и дар на чудотворство. И против негова волја го поставија за архиереј. Беше полн со Божествена ревност и многу патуваше со апостолски подвиг, секаде проповедајќи го Евангелието и творејќи многубројни чуда. Кога дојде во градот Охрид (тогашна Лихнида), со молитва го воскресна синот на еден човек по име Анастасиј и го крсти. Во таа прилика крсти и многумина други незнабожци во Охрид и ги разори сите идолски жртвеници. Заради ова го обвинија кај царот Максимијан, којшто во тоа време се наоѓаше во Илирија. Царот испрати по Еразмо свои луѓе и тие му го доведоа. На прашањето на царот кој е и на кој бог му се поклонува, светителот не одговори. Разјарен, тиранот нареди да го бијат по лицето. Тогаш светителот праша зошто го тепаат, а тиранот одговори: „Затоа што не им се поклонуваш на боговите.” „А на кои богови да им се поклонувам?”, праша маченикот. „Јас Му се поклонувам и Му служам на мојот Господ Исус Христос; а кажи ми ти на кој бог уште да Му се поклонувам.”
Израдуван од овој збор царот го одведе маченикот во храмот на Ѕевс. Откако Му се помоли на Бога, светителот го праша царот: „А на кој бог велиш да му се поклонам?” Царот му ја покажа бронзената статуа на Ѕевс, висока дванаесет стапки, а широка шест. Свети Еразмо погледна мрштејќи се во статуата и, чудо! – во тој миг статуата падна и се искрши на парчиња, а од идолот излезе страшен змеј, кој го исплаши народот. Царот посрамен се врати во својот дворец, а многубројни луѓе, дваесет илјади на број, поверуваа во Христа и Светителот ги крсти.
Потоа Светителот повторно низведе сила и змејот побегна. Известен за сѐ, царот им нареди на војниците да ги убијат сите дваесет илјади луѓе што ја беа примиле христијанската вера. А за свети Еразмо издаде заповед да му облечат усвитена бакарна облека, но со благодатта Божја таа веднаш се разлади и стана дури како мраз. Потоа свети Еразмо го фрлија во затвор, но во затворот му се јави светиот Архистратиг Михаил и го изведе од затворот, како што некогаш го ослободи апостолот Петар.
Потоа овој Божји слуга отиде во Кампанија и таму им го пропоповедаше Евангелието на луѓето. И тука многумина ги приведе кон верата во вистинскиот Бог. По ова рамноапостолниот Христов подвижник Еразмо се врати повторно во градот Хермелија, каде што се повлече во една пештера и во неа се подвизуваше до смртта. Пред смртта трипати се поклони на исток и со воздигнати раце Го молеше Бога да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на оние што со вера ќе го повикуваат неговото име. По завршувањето на молитвата од небото се чу глас: „Нека биде така како што молеше, исцелителу Мој, Еразмо!” Сиот радосен свети Еразмо погледна уште еднаш кон небото и виде како врз него се спушта венец на слава, а хорови од ангели, пророци, апостоли и маченици приоѓаа да ја примат неговата света душа. Најпосле извикна: „Прими го, Господи, мојот дух!” И издивна, околу 303 година. Пештерата со црквичката на свети Еразмо и денес стои недалеку од Охрид и од неа сè досега се пројавува големата сила на Божјиот угодник, свештеномаченикот Еразмо.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *