Според верувањата собрани од Егејска Македонија ламјата е опишана како животно кое настанало од пресечена глава на змија, која се пикнала во рог на бивол од што почнала да расте и се создала ламја. Даден е следниот опис:
„Големата ламја има кучешка глава со големи остри заби, четири нозе со големи и остри нокти и опашка, на чиј крај стои сраснатиот рог, а телото и е покриено со големи модри лушпи како кај рибата“
Се смета дека ламјите живеат во пештери и дупки каде што чуваат големи богатства. Во кажувањата на информаторот на Ј. Обрембски за ламјата се вели дека ламјата е чувар на водите и изворите:
„Господ, таја – Господ, чувај, брани – народ голат, народ, стока. Вода негде ќе заптисат, не мет народ вода да пијет…“
При описот на ламјите во приказните, иако не постои некоја јасна претстава за надворешниот изглед на ламјата, при трансформирањето таа го завзема оној облик кој во дадената ситуација и е потребен за да ја оствари својата цел. Нејзината појава најчесто се врзува со ветрот и громотевиците. Таа може да се трансформира во змија, во орел, во човек и др. Овие митолошки суштества поседуваат хтонска природа, јунакот може да влезе во хтонски простор, но не смее да ја открие тајната и да им ја пренесе на луѓето. Слично е и со стекнувањето на немуштиот јазик, човекот може да биде награден со знаење на тој јазик од страна на хтонското суштество, но доколку го подели со луѓето му следува губење на моќта или смртна казна. Неунишливоста на ламјата е прикажана во приказната „Ламјата што пукнала од мака“, (бр. 353, Цепенков), неа ниту куршум ја дупел, ниту сабја ја сечел, туку самата умрела од глад. Во приказната Царскиот син и ламјината ќерка Цернодреха, (бр. 12, Верковиќ), царот ги држи во изолација своите тројца синови, за да ги заштити од лошата ламја. Јунакот мора да ја помине иницијациската фаза, да се соочи со стравот и да го пронајде сопственото „јас“. Најмалиот син мора да се ослободи од заштитата на својот татко, да се соочи и да го надмине стравот, при што се вљубува во ламјата Црнодреха. Царскиот син се побратимува со змејовите, синови, на старата ламја. Змејовите го советуваат да ја фати Црнодреха за косата, зошто само така нема да го изеде. Откако ќе го изгуби „кадрото“, или сликата од Црнодреха, ја губи и неа. Кадрото паѓа во дворот на татко му. Царот ангажира една маѓесница да ја пронајде личноста на сликата. Маѓесницата го усмртува царскиот син со некаква вода, додека, змејовите-помошници, го оживуваат со жива вода. Во функција на пролонгирање на времето, многу интересен е описот како ламјата стои залепена на прозорецот од царскиот дворец и не се оддлепува сè додека не дојде нејзиниот свршеник.
Покрај мотивот брак на јунакот со ламјата, во некои приказни за ламјите се спомнува и мотив на човекојадство. Тие јадат човечко месо и имаат развиен осет за мирис да го откријат човекот. Деветте браќа и ламјата сестра, (бр.7) сестрата ламја ги јаде своите браќа, најмалиот брат се спасува да не го изеде сестрата со помош на неговите помошници кучето и мечето кои ја изеле сестрата ламја.
Ламјата во рускиот фолклор се нарекува, Баба Јага, таа грабнува јунаци и јаде луѓе. Најчесто е замислена како грда, слепа старица. Противници на ламјата најчесто се некои, јунаци, светци како Св. Илија, Св. Ѓорѓи, а понекогаш постои и борба меѓу две митолошки суштества змејот и ламјата. Змејот му припаѓа на машкиот пол а ламјата на женскиот пол. Кај Шапкарев е забележано дека духот на ламјата излегува, оди и го уништува житото, од друга страна духот на змејот излегува, тие два духа во небото се сретнуваат и се судираат, во времето кога се случува таа борба, грми и светка на небото. (с. Дољан, Неврокопско, стр 478, бр. 237 Змеј и ламја) Во приказната Царицата и ќерка је ламја, (Шапкарев Бр. 6, собрано од Дебарско), е прикажан еден вид магиски обред на оживување. Измеќарот по смртта на ламјата, со семето од нејзиното срце ги попрскува куќите на луѓето што ги изела и тие оживуваат.