Лоза

КОБНА УБАВИНА – КРИК НА НЕГОДУВАЊЕ КОН МРШОЈАДИТЕ

Албумот им се обраќа на оние кутри изманипулирани и уморни душички што низ процесот на „деобразование“ како и сите ние, биле подложени на индоктринација и политичка кастрација, така што и при секое спомнување на зборот политика им се превртуваат цревата во утроба – велатГоразд Чаповски, Горан ТрајковскиВлатко КаевскиЖарко Серафимовски и Илија Стојановски, момците кои застанаа зад новото откровение на култниот македонски состав.

Мизар, составот кој своевремено поради игнорирањето на тапоглавите во тогаш единствената домашна продукциска куќа МРТВ, преку Словенија со две винилни објави (Мизар – 1988Свјат dreams – 1991) стигна во Македонија и одовде кон светот, по цели 13 години има нова објава. И, тоа е сосема доволно за да ја крепиме мислата дека нешто сепак се случува, дека не е сè ојдено во матната. Кобна убавина е албум од кој се очекува да биде силен импулс и за останатите немирници од жилавата македонска супкултурна сцена.

Кобна убавина како албум е показател за зрелоста на третото откровение наМИЗАР. Од идејата на возобновување на бендот, до неговата реализација, минавте низ сцили и харидби. Најнапред се покажа дека ве делат планини соГоран Таневски, потем се разделивте и со Ристо Вртев со кого ја снимивтеПочесна стрелба. Кој беше пресвртничкиот момент во одлуката да се оди натаму: топлиот прием на публиката во СРЦ Кале, серијата концерти во соседството или нешто друго?
– Инаетот за да му се спротиставиме намакедонскиот синдром на самоуништување над сè. Иако не смееме да ги запоставиме фактите за успешноста на нашите концертни излети, кај нас и надовор од нашата земја, сепак огорченоста кон неспособноста за пошироко заедничко „делање“ нè направи силни и одважни да се надминеме себе си и во одреден момент да спремиме половина концерт за седум дена и не ги изневериме луѓето кои со нетрпение очекуваа да нè слушнат, а од друга страна да ги разгневиме кодошите што сакаа да нè видат на плеќи т.е. како го откажуваме концертот.

Материјалот за албумот беше создаван во едно навистина турбулентно време за опстојот на Македонија. Колку сето тоа влијаеше врз музиката и поетиката што излегуваа од вас како творци? Се обидовте ли со творештвото да им се спротивставите на демоните што се надвиснаа врз здравата творечка мисла?

– СО СЕТА СИЛА! Овој албум е крик на негодување кон бандите домашни и странски мршојади кои ја сардисаа од сите страни нашава татковина изминативе години. Кобна убавина е уметнички предизвик – фрлена ракавица кон „ѕвездите“ од планините и селските ровови што јадат паштети од кокошка, како и до малоградските „бришачи на табли“ што пијат виски со туршија. Да не се разбереме погрешно, албумот не им се обраќа ним оти: 1. Тие не слушаат; 2. Тие не разбираат; 3. Тие не заслужуваат.

    Но ако веќе треба да им се обратиме би им се обратиле вака на хартија, оти хартијата трпи многу работи од кои некои се и многу гнасни. Пораката гласи: Симнете се од медиумите електронски, пишани и непишани оти сте кич, оти сте грди и неубави.
Албумот им се обраќа на оние кутри изманипулирани и уморни душички што низ процесот на „деобразование“ како и сите ние, биле подложени на индоктринација и политичка кастрација, така што и при секое спомнување на зборот политика им се превртуваат цревата во утроба.

Со веќе многу сценско искуство зад себе и самостојни проекти кои го сменија токот на современиот македонски музички јазик, имавте ли идеја како да се оди звуковно натаму? Како всушност да биде обликуван новиот албум на МИЗАР?
– Одлуката за работа на новиот албум беше донесена летово. Почетен импулс ни беше „ад хох“ соработката на Почесна стрелба која се покажа успешна, а по заедничкото преслушување на демо снимките и музичките забелешки „од по дома“ заклучивме дека имаме сериозно количество материјал за заедничка работа.    Основните принципи беа: звукот на стариот Мизар, нашите искуства со претходните групи и неколку други појдовни точки – силнохрабро иангажирано. Се договоривме звукот да биде поставен на пулсирачка ритам секција со широка лепеза од гитари од различни музички изрази како и слободна употреба на електроника по слободно наоѓање, но не како императив.

Постоеше ли притоа опасност од грешка во одот и силно приближување кон она што веќе сте го потпишале како КИСМЕТАНАСТАСИЈА, КИБОРГ? Како ги ибегнавте таквите стапици?
– Колку што се сеќавам, во ниеден момент такво нешто не беше предмет на дискусија или расправија. Не сакавме ништо намерно да правиме – ни да личиме ниту да избегнеме некое влијание кое е дел од нашата биографија.

На „Кобна убавина“ се испреплетуваат реските гитарски пасажи, дарк-рок моментите, електронските пејсажи, изворната македонска песна, прекрасното старословенското поење. … И сето звучи толку силно „мизаровски“. Дали ова е вашата визија за тоа како треба да звучи автентичниот ововремен македонски рокенрол?
– Логична констатација, следствено одговорот би бил да. Со една мала ограда. Ако некој не мисли така нема ништо да му направиме.

Од каде потребата за преработка на „1762 лето“? Дали тоа е вашата порака, вашиот ангажиран став кон она што ни се случува?

– 1762 е тажаленка кон изгубената самосвојност и воедно самокритика оти дозволуваме да ни се случуваат веќе еднаш случени работи. А оној што си дозволува да му се повторуваат грешките е познат под името глупак. Нели?

И самото име на албумот Кобна убавинадоволно речовито говори за потребата од една таква загриженост за нашата опстојба. Како во денешно време може да се биде ангажиран, а да се избегне баналниот политички ангажман?
– Со набљудување на општествените појави во рамките на глобалните општествени и политички процеси. Со ичистување од желбата за инстант дневнополитичко и економско профитирање и неподлегнување на сјајот на власта. Со длабоко и аналитичко разбирање на состојбите, поточно, што всушност претставува власта и како таа може да ти се искрши од нечија глава. Со далекусежно и словесно следење на цивилизациските и културните текови, домаќинско размислување за своите идни поколенија во духот на глобалните културни универзални вредности. Или во превод, со несогласување со власта, оти ниедна наша власт немала абер од овие работи.

МИЗАР повторно ја возобнови соработката со Горан Лисица – Фокс, својот некогашен продуцент и сегашен сопственик на словенечката продукција Далас. Колку тој е подготвен да се ангажира во промовирањето на изданието и воопшто на бендот во Европа, во светот? 
– Со продукцијата Далас потпишавме неколкугодишен договор затоа што сметаме дека имаат капацитет да направат нешто повеќе од обично документирање на албумот Кобна убавина. Во текот на осумдесеттите Фокс направи многу нешта за Мизар и неговиот придонес за тежината на самото име на составот е неспорна. Секако дека имаме доверба во него, а колку тој е навистина спремен да направи за групата најдобро би било да одговори самиот. На крајот, времето што доаѓа тоа и ќе ни го покаже.

Албумот, барем она македонско издание, требаше да се појави со етикета на Литиум рикордс, но еве го како објава со знакот на Авалон. Што се случи?
– Вообичаени концепциски разијдувања и несогласувања. Таквите работи баш и не се реткост во оваа работа, нели? Не сме ни првите ниту пак последните на кои им се случува тоа.

Конечно, каква ќе биде динамиката околу промовирањето на Кобна убавина?
– Сериозната промоција ќе следи догодина, поточно претпоставуваме дека следната пролет ќе биде најактивна околу концертните промоции. Заради издавачките процедури не успеавме да ја нагодиме оваа есен, но сметам дека имаме добар албум и доцнењето од неколку месеци нема воопшто да му наштети.

извор:

Блесок бр. 40, јануари-февруари, 2005
Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *