Самитот на НАТО заврши и нема да има друг во следните 18 месеци до две години. Сега се јавува сè поголем и посилен хор што бара од Македонија да ги напушти преговорите за името. Многумина што повикуваат на тоа ми се пријатели. Многумина чувствуваат дека веќе не вреди да се вложува труд во нив. Kолку и да го разбирам овој повик, морам со почит да кажам дека не се согласувам со него. Македонија мора да остане посветена на овој апсурден акт, дури и ако е тоа само поради претстава, што во суштина е. Сите знаеме дека Грција нема никогаш, ама никогаш, да ги прифати името и идентитетот на Македонија, но шоуто мора да продолжи.
Еве една многу добра причина зошто шоуто мора да продолжи: Грците најмногу би сакале Македонија да ги напушти преговорите за името. Тогаш тие ќе врескаат, ќе лелекаат и ќе се тепаат в гради и тогаш ќе го вперат прстот во Македонија префрлајќи ~ ја вината и велејќи дека Македонија се откажала и – вие знаете дека ќе биде така – меѓународната јавност ќе се согласи со Грција. Само поради оваа причина Македонија не смее да се откаже. Ако меѓународните претставници одбиваат јавно да ја обвинат Грција за почнување на овој апсурден проблем и наместо тоа инсистираат на заеднички прифатливо решение, тогаш знаете дека согласно со нивната бескарактерност и хипокризијата, ќе ја обвинат Македонија. Еве ви добар пример за тоа што го зборувам: италијанскиот неизбран премиер (поставен од неизбраните и неодговорни претставници на ЕУ) Марио Монти, неодамна го изјави следново за Грција и за изборот со кој Грција се соочува сега: „Грција го изгуби својот суверенитет, сега работи според инструкциите на МФ, Европската централна банка и Европската комисија. Мора да е страшно, навистина страшно понижување да бидете во ситуација другите да ви речат: еве ви пари, ама јас одлучувам.“
Е, да, Марио. Сигурен сум дека е страшно. Но зошто ти Марио или некој од другите европски или американски лидери не го рековте истото за Македонија? Зошто ти Марио и меѓународната јавност јавно не признаете дека за Македонија е „страшно, навистина страшно понижување“ тоа што е принудена да преговара за сопственото име и идентитет затоа што тоа е така. Дозволете ми сам да си одговорам на прашањето, не рековте ништо и не се заложивте за Македонија бидејќи сте хипокрити. Точка. Деновиве гледаме многу хипокризија во однос на таа тема. Го гледаме поранешниот генерален секретар на НАТО, лорд Робертсон, како сега дава интервјуа велејќи дека НАТО треба да ја прими Македонија и покрај противењето на Грција. Но никогаш не го рече тоа додека беше на функција. По однос на оваа тема во меѓународната заедница има премногу хипокрити.
Да не беа меѓународните претставници хипокрити, ќе постапеа правилно. Во НАТО ќе ја прифатеа практиката на нашите турски пријатели. Kога Македонија се споменува во документите на НАТО под привремената референца од ОН, постои една мала фуснота како оваа: „Турција ја признава Република Македонија под уставното име“. Бидејќи речиси сите членки на НАТО, барем билатерално, ја признаваат Македонија под нејзиното уставно име, ајде да ги смениме страните. Така, секојпат кога Македонија ќе биде спомената во документите на НАТО, да ставиме мала фуснота како оваа: „Грција и Франција не се осмелуваат да речат Македонија бидејќи се незрели деца“. Се разбира, нашите грчки пријатели ќе врескаат, ќе плачат и ќе се трескаат од земја како деца, но што потоа? Ќе го напуштат НАТО? (надежта последна умира). Во ЕУ меѓународните претставници може да го сторат истото. На крајот на краиштата, Резолуцијата 817 од април 1993 година за влезот на Македонија во ОН се однесува само на ОН. Таа не е обврзувачка за НАТО, ЕУ и за другите меѓународни организации. Нема причина тие да ја прифатат политиката на ОН.
Видете, ајде да се соочиме со вистината и да се справиме со реалноста: Грција е банкротирана држава – финансиски, социјално и морално. Нејзините таканаречени лидери се морални отпадници. А меѓународните претставници, кои продолжуваат да ~ угодуваат на Грција именувајќи ја Македонија со привремената референца, се морални џуџиња и бедници. Тогаш што понатаму?
Мојата порака до нашите грчки пријатели: Трагедијата низ која минувате сега е резултат на лошите избори и на лошото просудување. Жал ми е што продолжувате да се валкате во сопствениот грев, гревот што го правите негирајќи ги името и идентитетот на друг народ. С` уште има време да се покаете, да ги оставите вашите безбожни и злобни игри и да го сторите тоа што треба. Направете го тоа што треба и можеби ќе ви биде покажана милост.
Мојата порака до меѓународните претставници: По ѓаволите со суптилноста и учтивоста на вашата меѓународна дипломатија! Во името на с` што е благочестиво, свето и морално – направете ја вистинската работа и признајте ги Македонците со името и со идентитетот што самите си ги избрале, јавно и во вашите таканаречени меѓународни организации, кои би требало да ги слават вредностите како слободата, демократијата и владеењето на законот. Ако не го сторите тоа што треба, тогаш сите до еден одете по ѓаволите.
Мојата порака до моите македонски пријатели и семејство: Останете на вистинскиот пат. Kренете ја високо главата. Продолжете да работите напорно, продолжете да ја градите вашата земја, останете креативни, не губете ја надежта, останете полни со топлината и со гостопримството по кои сте познати насекаде низ светот. Правете го тоа што сметате дека е правилно, вистинско и морално и ќе бидете наградени за тоа.
Џејсон МИКО