Просто човек не може да и одолее на желбата да го слее сопственото постоење со се што го опкружува. А вчеравечер, среде едно големо и прекрасно друштво собрано кај мене дома, мојот пријател Мацко ми го затвори кругот на мисли со една извонредна констатација, која приближно гласи вака: „Исус рекол дека на тој што хули на Отецот и Синот ќе му биде простено, ама тој што хули на Светиот дух, нема да му се прости ниту на овој ниту на оној свет. Што значи ова? Светиот дух или божјата волја нѐ создале различни по срце, дух, мисли, вера, националност, нѐ создале различни оти различните се дополнуваат и кога некој плука по различните од себе, кога сака да ги снема или пропагира да бидат истребени, тој се меша во божјата работа, хули на бога“. Деновиве во државава, на медиумите, по социјалните мрежи и по градските улици се случува токму тоа, плукање, омраза и нетрпеливост кон различните, се случува јасно и гласно хулење на бога. Ова не важи само за оние што се маваат себеси во гради дека се верници. Нека си го преведат атеистите во свои кодови и ќе видат дека е вистина.
Утринава е совршен сончев петок на кој баш му прилега еден љубовен „Боб Марли ден“. Тоа и ќе се случи во паркот. Ама ќе се случи и чуден протест против, како што го нарекуваат, „монтирани процеси“. Како ли, по ѓаволите, знаат дека процесот околу петкратното убиство е монтиран? Им кажал ли некој? Имаат ли докази? Вчера сите медиуми ја објавија веста за шестиот учесник, човекот што се откажа од статусот заштитен сведок, кој ги возел осомничените, ама самиот не ликвидирал. И за него ли знаат дека е дел од монтажата? Зошто не остават процесот да заврши, да ги видиме доказите, обвинението и одбраната, по потоа да носиме заклучоци? Која ли виша сила им дојавила на овие што ќе протестираат, па однапред знаат пред сите нас, кој не е виновен, а кој монтира? Ако им е доказ фактот дека тие ги познавале осомничените и тие биле „едни фини луѓе, што никому лошо не правеле“, тогаш можам со сигурност да ви кажам дека и за Фрицл и за Брејвик ќе се најдат еден куп луѓе што живееле близу нив, а кои поим немале што планираат нивниве соседи, оти педофилите, убијците и другите манијаци не се шетаат наоколу со натписи на челата. Во Коранот е запишано дека оној што ќе убие невин човек, исто како да го убил целото човештво. Ако излезе, според сите докази што допрва ќе ги гледаме, дека шестемина навистина се убијци, дали тогаш овие што протестираат ќе станат нивни соучесници, оти ги поддржувале? Што тогаш ќе му кажат на Алах на оној свет? Размислуваат ли тие дека животот што го живеат и делата што ги оставаат зад себе им се пат за џенем или џенат? Истите овие што протестираат против институциите на македонската држава во име на исламот, живи ги нема глас да кренат кога таму далеку, во Ирак и во Авганистан, а наскоро не дај боже и во Иран, се врши вистински геноцид врз муслиманите. Глас не им се слуша, ниту ним ниту на нивните интелектуалци што штанцаат патетични петиции против Македонија и кукаат наоколу, ги нема, напикани се по глувчешки дупки пред разорната сила на американската и западноевропската машинерија што создаде пекол над песочните дини за профит, нафта, опиум. Имам некое чудно чувство, дека само јас како улав врескам против оние што сеат вистински ужас врз муслиманите, сатанизирајќи ги сите поради група лудаци што се разнесуваат самите себеси. Ама кога треба да се вресне против Македонија, пискотници се слушаат до Вашингтон и Брисел. И тоа против Македонија во која не се забрануваат минариња, во која не им се забранува со закон на жените да одат покриени. Какво лицемерство. Се жалат кај оние што вршат терор врз сиот муслимански свет, против оние што отсекогаш го почитувале. Е, а по гореспоменативе, различните по националност од нив, ќе правеле свој протест против радикалниот ислам, и тоа пред Владата. И за нив имам неколку прашања. Како бе тоа се протестира против радикален ислам? Владата ли е спонзор на тој радикален ислам? Што ли ќе викате? „Груевски и Осама, то су срца два?“ И вие ли како оние од пред пар недели што бараа гасни комори, ќе замавате со камења по полицајците? Полицајците ли се радикални исламисти? И како тоа полицијата ќе се бори против какви и да се радикали, ако мора да дреме околу вас, за на некој случајно да не му текне да препознае радикалец во некого што си тргнал на пазар? Деновиве постојано слушам повици да не генерализираме. Е јас, напротив, ќе генерализирам. Сите оние што деновиве протестираат, најгенерално не и мислат добро на Македонија, оти јас сѐ уште го имам она грозно чувство дека серијава настани од последниве месеци се насочени токму против идентитетот на оваа држава, смислувани од луѓе на кои христијанството и исламот ама баш ништо не им значат. Фала му на Бога што и едните и другите на протестите ќе бидат само неколку илјади. Тоа докажува дека огромен број граѓани се мирни луѓе што сакаат да живеат нормален живот.
Единствениот протест што вреди да се спомене во позитивна смисла се случи пред судот во Велес. Овој собир беше поддршка за членот на „Зелената коалиција“ Игор Смилев, кој се соочува со тужба од страна на претставникот на „Метрудхем“, Тони Димитриоски, а тоа ви е оној господин што во име на своите работодавци се бори монструмот наречен Топилница повторно да почне да убива низ градот. Не можев да присуствувам, ама затоа еве ја мојата поддршка за Игор. Господине Димитриоски, можете слободно да ме тужите откако ќе го прочитате ова, јас нема да се бранам, ниту ќе ви ја платам оштетата, оти пари немам, па затоа слободно пикнете ме во затвор. Читам по медиумиве, барате 20.000 евра отштета од Игор. А што друго и би барал опседнат човек што е подготвен да изложи цел еден град на бавно и страшно умирање само за профит? Јас знам дека вие не сте свесни во каква демонијада сте западнале, знам дека себеси се доживувате како успешен и модерен бизнисмен, како што не ви е јасно дека сте соучесник во можен иден геноцид. Затоа јас ќе се молам за вас и за ваше спасение, дури се борам до последна капка сила, монструмот Топилница да не му се случи пак на мојот роден град, оти погледнете ме, јас на себе ги носам последиците од таа фабрика. Ќе се молам за вас, зашто знам дека сега, заблудени од желба за профит, не можете да видите што ве очекува во иднина. Кога божјата промисла ќе дојде кај вас поради вашите дела, јас тогаш нема да можам да ви помогнам никако. Затоа сега ќе се молам за вас, со надеж дека еден ден ќе испиеме заедно кафе и јас ќе можам да ви се заблагодарам, затоа што сте сфатиле дека, наспроти љубовта, сонцето, воздухот и животот, моќта и профитот се демонско зло од кое инфицираните тешко се лекуваат.
Авторот е уметник