Од распадот на класичната естетика, некаде во периодот на радикалниот модернизам, кој својот најпродуктивен период го имаше по Втората светска војна, а своите почетоци пред првата, сликањето актови претставуваше или алиби за еден псевдоконзервативен дијалог со Историјата на уметноста (на запад), или како традиционална едукативна догма погодна за идеолошка пропаганда (во комунистичкиот свет).
Епифаниската еуфорија од скриената голотија чија заводливост и неповторливост иницираните воајери (уметници) му ја препишуваа на големиот Творец, и сходно на тоа со мистичка предаденост го усовршуваа епигонискиот пристап, темелно и трпеливо, со генерации, дофаќајќи ги врвовите на миметичкото.
И се така до пронаоѓањето на фотографијата, а подоцна и филмот, кога дефинитивно оваа ласцивна фиксација е прогонета од историски верификуваната ликовна уметност. Но не е прогонето во зоните на „техничките“ уметности (каде миметичкиот процес е целосно технологизиран) само либидозното устројство во фазата на модернистичката сексуална либерализација, туку и севкупниот наративен имагинариум или целата алегоричност на времето.
Овa најмногу се однесува на сликарската уметност. Бегањето од дидактичноста и мимезисот има и свои утопистички конотации, разбрани како идеалистичко-теориски систем. Но во зоните на емпириското, притисокот на ентрописките процеси ги разори и двата система. Оној уметничко – интелектуалниот на запад, и оној социјал – идеолошкиот на исток.
Објавувањето на постмодерната беше како омен за прегрупирањето на биполарниот свет со сите културолошки последици, вклучувајќи ги и оние геополитичките. Креативните процеси стануваат дисјунктивни и тежнеат кон аисторичност.
Концептите на модернистичките бесхоризонтни музеи се растопија во бруталниот маркетиншки простор. Отаде толку кич и шунд во продукцискиот репертоар на неолибералната уметност која предводена од веќе застарената криптоавангардистичка и еклектицистичка идеологија на постмодерната, прераснува во гигантска комерцијалистичка мрежа протажирана од новата дваесетипрвовековна плутократија и од теорискиот лоби чија служба поприма језуитски конотации. Прикаските за идеалната форма од времето на модернизмот им го отстапија просторот на нејасните и небулозни проекти генерирани од псевдоинтелектуалните и криптореволуционерните елити од N.G.О. секторот повеќе заинтересирани за општествената моќ отколку за проблемите на естетиката.
Конечно се е уметност и секој човек е уметник… Пораките од Дизелдорфскиот концептуалистички круг им даваат за право на сите фантазери да се активираат во големата светска какафонија. Лудилото на уметноста ги опфаќаше, и еве ги првите резултати на хаосот и неподносливоста, на артизанството и епигонизмот, еве ја големата планетарна безидејност.
Оваа гигантска и суицидално депримирачка неинвентивност на глобалната уметничко – интелектуална сцена потекнува од преголемата импликација на технологијата и технократијата во уметничките процеси. Самото устројување на дискурсот е медијалистички дизајнирано и е редовно во функција на политичката коректност. Цензурата од времето на народната непросвете ност е истисната од општествените супервизии со интелигентен зафат втемелен во принципите на хиперкомерцијализацијата и ирелевантноста. Процесите на либерализација создаваат нови хоризонти на интелектуалноста и креативноста. Но технолошката банализација на уметничкиот процес ги збунува сите. Оваа збунетост произлегува од мноштвото инстант – решенија кои принципот на мас – производството и помодарската епигонија ја замаглуваат стратегиската порака која во себе треба да ја изрази целата важност на уметноста, посебно денес.
Но како и во дуалистичкиот гностицизам, така и во реалноста односот на структурите на редот и хаосот се во постојан баланс. Така, изобилството на информации во кои се содржи целата епифаниска жовијалност на нашето време е вешто дистрибуирана низ технолошките системи и идеолошките групации кои низ прагматичките принципи на квантитетот и демократската апологетика ги спроведуваат апсурдните агенди на баналноста.
Ваков свет на формална слобода од една страна, и тотална неслобода на уметничката индивидуалност на друга, е светот во кој живееме и во кој секој обид за интелектуален или креативен бунт е однапред осуден на банализација. Дури и да е поддржан од институциите, најдалечниот дострел ќе му биде во драстичната идолатриска комерцијализација. Како целата мејнстрим уметничка енергија да е злоупотребена во импликативни геополитички сценарија чија единствена цел е генерирање политичка моќ и општествено влијание. Крајната цел на ваквите авантури на политичко – плутократското замешателство во уметноста е воспоставување на контрола на свеста која се создава преку одредени културолошки и естетички наметнувања и влијанија преку културно – уметничките и информативните мрежи под нивното раководство.
Слободата на изборот станува ирелевантна, секој избор на крајот станува предмет на комерцијален трансфер, или можеби емотивен, или интелектуален трансфер, сеедно, сè е веќе видено, сè е демоде и здодевно. Само моќта која произлегува од комерцијалниот бенефит не е здодевна. Но не за сите! Некои дури и оваа зачуденост ја фрлиле во кошот на баналноста. Дали баналноста добива димензија на онтолошка база врз која ќе ја градиме новата хиерархија на вредности?
Ваквото размислување, или подобро насетување (насетувањeто е појако од севкупната материја – Пол Сезан), води кон две конклузии. Првата заговара едно неприметно затупување и културна дегенерација. Жртвите на оваа ментална сфера стануваат конзументско – технолошки зомбии чија единствена задача во светот би била емитирање на нивната чисто антрополошка енергија; нешто пософистициран општествен ресурс во споредба со оние биопотенцијали како животните, ратенијата и минералите.
Од друга страна се вивнуваат амбициозните дисижн-мејкерс (во културата и уметноста), инсајдерите, манипулаторите, новокомпонираните гении на влијанието, оние што се спремни да ја понесат одговорноста на времето и целата турбулентност на културно – историскиот моментум.
Тривијалните протагонисти на глобализацијата јуришаат со сета сила на нивната илузионистичка хипокризија, хранета од волјата за моќ. Нивната постојана формула за мотивирање на следбениците и масите е ангажираноста: – Не бидете идиоти!
Бидете ангажирани! (идиоти)!!! – Тоа е фразата што вознемирува веќе неколку столетија, експлоатирана од јакобинците, преку болшевиците, фашистите и нацистите, па се до комерцијалните ворк-шоп револуционери сјатени околу N.G.O. – секторот како демони околу новиот Левијатан.
Значи, присвојувањето на уметноста и нејзината контекстуалност од страна на овие групации е свесна и суптилна стратегија што се спроведува на еден крајно дилетантски начин во однос на вистинската духовна потенцијалност на векот во кој живееме. Ако тоа до пред некое време беше прикривано со еден патетичен емпатиски хуманизам, денес нивната комерцијална етаблираност сведочи за вистинските димензии на теориско – естетските препораки што ги застапуваат. Затоа прв чекор за освестување на културно – уметничкиот дискурс на времето би било ново препрочитување на Историјата на уметноста, овојпат разбрана како нешто повеќе од чист, интелектуален ресурс. Историјата на уметноста, не како збир од биографски податоци романтизиран по холивудските шаблони, туку како живо творечко битие кое непрестано еманира високи духовни фреквенции. Ова битие не е мумифицирано во клишеата на глобалистичкиот пазар и дистрибуирано низ мас–медиумите како современа митологија на тривијалноста. Тоа битие е неподложно нa корупција и за среќа не може да се дискредитира од лошиот вкус на новокомпонираниот естаблишмент, нити пак од административните добри намери што водат до Пеколот.
Мистичната димензија на Историјата на уметноста е изворот на епифаниското во творештвото, најмногу преку делата на протагонистите. Нивната телеологија и нивната етика одразена во ритуалниот епигонизам кој повеќе делува иницијациски отколку аналитички и дискриминирачки, пред се во тотално промашените референци на современиот институционален академизам – последниот остров на традиционализмот во уметноста.
Да не постоеше, ќе требаше да го создадеме од чисто рационалистички потреби. Во име на систематичноста и историски проверениот вкус на културните елити. Секој обид за аналогно делување во однос на историските парадигми во уметноста неминовно води кон поразувачко повторување на истрошените клишеа на нивните банални и секогаш предвидливи теми како во утилитаристичка пластика, сместена по рабовите на нашата рамнодушност.
Да се наслика самата Историја на уметност, поправо само еден дел од неа, оној дел што недостасува во нашата локална култура, дел кој отсекогаш претставувал полигон за жестоки контраверзи и фрустрации, дел кој е историски неподобен како естетика, но дел без кој остануваме последниот остров на културната наивност во современиот уметнички простор на Европа. Овој реален културно – историски хендикеп не е само опсесија за нашиот тажен ламент на евидентната цивилизациска инфериорност, која еве трае веќе со векови. Тој историско – уметнички вакуум може да предизвика и извесна симулациска динамичност, обид да се вгради личноста како продуктивен уметнички фактор во празнината. Можеби ретроактивно, да се искористи последниот ресурс на празнината, и се благодарејќи му на атипичниот и деформиран историски растеж на нашата култура.