Лоза

Чудесните раѓања во волшебните приказни


МОТИВОТ НА ЧУДЕСНОТО РАЃАЊЕ ВО МАКЕДОНСКИТЕ

ВОЛШЕБНИ ПРИКАЗНИ

Софија Тренчовска

Во македонските волшебни приказни се среќаваат најразлични примери во кои е застапен мотивот на чудесното раѓање. Најбогат извор на примери со овој мотив среќаваме во волшебните приказни на Марко Цепенков, Кузман Шапкарев и Стефан Верковиќ.
Мотивот за чудесното раѓање е еден од најархаичните мотиви широко распространети во светот. Потекнува од најстарите верувања, од најраните религиозни облици – анимизмот (оживување на природата) и тотемизмот.1 Многубројни проучувачи го доведуваат потеклото на  сказната во врска со митот. Леви Строс митот го сфаќа како дијахроно (историско раскажување на минатото) и синхроно (средство за објаснување на сегашноста), па дури и на иднината.2 Според Танас Вражиновски митот е многу значаен фактор во проучувањето на генезата на приказната.3
Сказната како жанр, води потекло од некогашните митови. Според морфолошките испитувања  на Проп “волшебната бајка, во своите морфолошки основи претставува мит“.4 Во обидот да се толкува митологијата, многу научници митологијата ја одвојувале од религијата. С. А. Токарев смета дека  прво настанал ритуалот па митот, и дека митологијата не се совпаѓа со религијата. Според други научници, митот настанал пред религијата, а со самото тоа и пред обредот. Џејмс Фрејзер му дава предност на ритуалот над митот, сметајќи дека  “насекаде постоело некогаш време на магија.5 Ритуалноста на митот, според мислењето на истражувачите го одвојува митот од народната приказна. За односот на митот и ритуалот Роберт Гревс вели: „Вистинскиот мит може да се дефинира како прераскажување на ритуалната мимика која се изведувала јавно на народните празнувања“.6
Митот како посебен вид усно творештво, и претходи  на приказната. Но, митскиот јунак и јунакот во приказната се одликуваат со различни особености. Јунакот во приказната веќе не е полубог, а неговата необичност и сила, почесто е резултат на чудното раѓање.7  Во рамките на својата природа митскиот јунак поседува магиска сила и ја користи за општа благосостојба, додека јунакот во приказната се стекнува со магиската моќ со помош на некој волшебен предмет, со цел да надмине некој проблем. Јунакот ја стекнува силата со помош на  своите помошници. Како помошници можат да се јават некои натприродни митолошки суштества, змејот, ламјата, но и старецот, старицата, еќимот и др.  Основната тематска целина на народната приказна или митот, според мислењето на Гремас е поделена на негативна и позитивна серија која се однесува на иницијалниот и финалниот дел. Секоја функција Гремас ја прикажува во два раскажувачки модалитети вистина и лага. Структуралниот модел на ликовите кој прв го востановил Гремас го чини системот од давател-примач-субјекти објект при што во самиот тек на раскажувањето се забележува и  анализира динамиката на извесна распределба на улогите, очовечување на боговите, обоготворување на јунаците и сродството со животните и билките. Притоа, се следи следнава шема: се започнува со заминувањето на јунакот од дома, преку стекнување на натприродната моќ, иницијациска проверка, владеење  со магиската сила и завршува со враќање.8 Во сказната речиси секогаш необичното станува вообичаено и нормално, па дури и тогаш кога се случуваат бизарни, страшни и недозволени дејствија. Чудесното од приказната се прифаќа како нешто обично и секојдневно, тоа никого не го изненадува ниту го исполнува со ужас.9 Народниот раскажувач се свртел кон чудесното за да ги задоволи во фантазијата своите желби, за кои знае дека се неостварливи. Така во сказната создал еден свет во  кој владее некоја посебна логика, каде што вистинитоста воопшто не е битна, каде што суровоста и несреќите постојат, но тие се надминуваат и сè има еден посебен „бајковен“ тон.10
Чудесното како термин е мошне блиско, речиси идентично до волшебното. Волшебната приказна се случува во еден свет каде што маѓепсаноста се подразбира сама по себе и каде што магијата е правило.11
Со помош на магискиот обред дамнешниот човек верувал дека може да го потчини на својата волја однесувањето на луѓето спрема него и да ја насочи во своја корист неизмерната моќ на натприродните суштества и сили, во чие постоење бил уверен. Затоа магијата, како мотив, е приближно застапена во сижетиката на сказните.12 Неможноста да се добие рожба често ги терало луѓето да одат по разни жени-бајачки кои вешто се служеле со тајните на магијата. Во книгата Фолклорни и етнографски материјали од Порече од Ј. Обрембски, навистина интересно се опишани разни баења кои се применувале во случај на немање пород. Постоело верување дека во лечењето на неплодноста помагале жили извадени од волк, семе од видра, или доколку некоја бездетна жена облече кошула на леунка. Исто така неплодната жена ако се напие од вода во која е накиснат папокот од новородено теле, ќе збремени. Неплодноста можела да биде предизвикана и поради фрлена магија, која требала да биде растурена. Во облеката на младенците не требало да има никакви јазли и врвки.13
Се препорачува обичајот, врзување на рацете на младенците да не се применува оти може да се случи тие да се врзат и да немаат пород. И кај Цепенков е опишано едно баење според кое  трудните жени за да го сочуваат плодот требало да носат појас направен од метален обрач.14  Честопати, во приказните со мотивот за чудесното  раѓање, бременоста е предизвикана од некакви магиски зборови. Магијата е мошне важна и има суштинско значење за приказните со овој мотив, одразена е во нив, бидејќи јунакот се раѓа на магиски начин.15
Во една од сказните кај Цепенков 72/II, магиската  постапка при збременувањето е двојна: маѓепсникот забодува билки чемерики во царските снаи и им дава да каснат од тревките. Обожувањето на растенијата, посебно дрвјата, било раширено кај старите Словени.16 И денес сè уште се почитува обичајот на невестите да им се ставаат гранчиња од чемерика, со желба за плодност и многудетност.
Чудесното раѓање секогаш е поврзано со чудесниот изглед, силата и необичната судбина на јунакот. Во македонските волшебни приказни најчести чудотворни предмети кои придонесуваат за збременување се: плодовите од растенијата, јаболкото, тиквата, сливата, семката,  прстенот, водата, чешелот, сапунот, каменот, појасот. Детето родено со помош на некоја магиска сила, со помош на некој магичен предмет или збор, никогаш не е обично човечко суштество. Понекогаш се раѓа дете со необичен изглед, дете-штрк, дете-мечка, дете-змија, половина дете, половина животно, при што се гледа влијанието на митологијата. Детето-јунак има митолошки изглед и поседува натприродна сила, да исполнува невозможни задачи. Овие јунаци, поседуваат и други чудесни особини. Тие можат да се преобразуваат, да исчезнуваат, да оживуваат, да се борат и да ги победуваат натприродните суштества. Главниот јунак во сказната  во многу работи заличува на митскиот јунак. Во сказната како и во митот јунаците имаат свои помошници. Помошници на митолошките ликови се боговите, додека помошници на јунакот во приказната се најчесто животните. Јунакот го добива името според својот надворешен изглед, понекогаш е безименко, а  понекогаш името е според белегот што го носи, као што е случајот со Фрушчи-бег бидејќи имал белег фрушче на ногата, Половинмецан, затоа што е полу човек, полу мечка итн. Во приказната насловена  Половинмецан (Верковиќ, бр. 35), попот упатува молба до Бога да му даде дете. Се раѓа дете половина човек, половина мечка, од татко човек и мајка мечка. Преку знакот на распознавање, секирата, Половинмецан го открива својот татко. Ваквото полусуштество се одликува со голема сила да исполнува невозможни работи.  Во приказната Попски син – Магарешка глава (Верковиќ, бр. 26) среќаваме пример на дете магарешка глава. Откога ќе се постигне иницијациската зрелост, или кога јунакот ќе наполни 18 години се поставува  прашањето за неговата женидба. Бракот со суштество со необичен изглед во  приказните никогаш не се јавува како проблем. Недостатокот во изгледот не е  причина јунакот да ја добие раката на царската ќерка. Скоро секогаш јунакот за  да ја добие царевата ќерка треба да исполни неколку задачи. При тоа се случуваат неверојатни трансформациии и промени во изгледот на јунакот. На првата брачна ноќ, магарешката глава се распукнува и се појавува убаво момче. Прекршувањето на правилото на магијата резултира со повторно метаморфозирање на јунакот во животно, змеј или птица. Царската ќерка за да го пронајде момчето треба да обуе железни обувки и мора да помине далечен пат. Во страшната гора среќава двајца просјаци едниот слеп, другиот крив кои &  откриваат каде е момчето. Можностите за трансформирање на јунакот во приказните се неисцрпни. На крајот кога ќе го пронајде момчето, се случува повеќекратна преобразба. Рамнотежата во приказната е воспоставена со тоа што момчето повторно метаморфозира од птица  во човек.
Јунакот во исполнувањето на тешки задачи, секогаш со верба во магичноста на зборот се обраќа на некоја голема сила, во повеќето случаи Господ, од чија волја зависи исполнувањето на желбата.  Во приказната  Змија чедо,  (Шапкарев бр. 191), жената добива дете змија. Детето змија сака да се ожени со царската ќерка. Пред неа си ја вади змиската кожа и се престорува во јунак. Но, свекрвата ја зема змиската кожа, ја фрла во огнот и момчето умира. Оваа приказна под ист наслов Змија чедо (под бр. 17) и со речиси идентична содржина, само во поскратена верзија, се среќава и во зборникот на К. Пенушлиски  Народната култура на Егејска Македонија. Уште еден пример на дете-смок среќаваме кај Петко Домазетовски, Народни сказни од Долни Дримкол, пр. бр. 16, под наслов Мажот и жената на коишто Господ им дал смок.17 Жената раѓа дете–смок. Кога ќе наполни 19 години го ставаат во кошница и одат да му бараат невеста. И овде ја имаме преобразбата од смок во личен јунак. Јунакот и ја открива тајната на своето постоење на девојката, но ако таа каже тој ќе исчезне. Со откривањето на тајната, магичноста исчезнува. Невестата не останува доследна на својата заклетва за верност, ја открива тајната на мајка му и тој исчезнува. За да се воспостави повторно магискиот ред на работите, девојката мора да се искупи поради својата грешка и притоа превзема далечно патување кај Сонцето, Месечината и Громотевицата. Повторно во знакот на исполнувањето на некаков ритуал, девојката треба да му го стави прстенот на  раката на момчето и кога громотевицата ќе светне да го поведе со себе.  Во приказната Деветте браќа и ламјата сестра (собрана од Дебарско бр.1, Шапкарев), мајката која имала девет сина, му се моли на Господ да добие една ќерка па макар и ламја да е. И навистина се раѓа ќерка-ламја, која ги јаде своите браќа, при што само последниот брат успева да побегне. Таткото му дава три волшебни сливи со чија помош тој може да помине од  едно место на друго. На патот ги среќава своите  помошници кучето и мечето  кои ја изедуваат сестрата-ламја и му го спасуваат животот.
Во недовршената приказната  Бездетната жена што родила штрк (Верковиќ, кн. 4, бр. 98),  жената добива дете-штрк, кое кога ќе наполни 18 години одлетува од дома со другите штркови. И секогаш по добро познатата формула јунакот за да ја добие за жена царевата ќерка, треба да исполни три задачи.  Времето во приказната тече линеарно, нанапред, по еден логичен редослед на нештата. Скоро сите сказни имаат ист формулиран почеток. Уште во почетокот се поставува проблемот, чие решавање зависи од некоја магична сила. Магичната моќ на зборот има голема функција при добивањето на дете. Претходно постои силната желба да се добие дете и молба упатена до севишниот, со заклетва дека ако се исполни таа желба, ќе биде принесена соодветна жртва. Најчест лик на помошник во исполнувањето на желбата да се добие рожба е ликот на старецот со бела брада, претставен како олицетворение на Господ. Старецот, според Јунг претставува авторитет кој недостасува во приказната и се јавува кога имаме безизлезна ситуација. Старецот секогаш го знае патот до целта и дава корисни совети.18
Во многу случаи јунакот се раѓа од јаболко. Бременоста или зачнувањето може да биде предизвикана само ако жената касне од волшебниот плод, најчесто јаболко. Во сказната бр. 52 кај Цепенков дервишот му го дава јаболкото на царот и на царицата. Ако царицата го изеде целото јаболко ќе добие машко дете. Но таа пред да го изеде ќе го излупи и затоа добива ќерка. Отстапување од правилото на магијата имаме и во приказната Чудесното зачнување од јаболко (Верковиќ, кн. 4, пр. бр. 33). Старецот или лекарот, им дава на трите сестри да голтнат по едно јаболко. Но третата жена отстапува од правилото, ја изедува само половината од јаболкото и раѓа дете Половинко. Двете сестри раѓаат девојчиња кои растат заедно со Половинко. Но иако детето е со недостаток, поседува голема јуначка сила, ја убива ламјата, и ги спасува двете девојчиња.  Во приказната Маш и жена и тиквата, (Шапкарев бр. 10) имаме пример на раѓање деца од тиква. Кога жената ќе ја пресече тиквата од неа излегуваат многу деца, и таа почнува да ги убива едно по едно, оставајќи си само едно дете. Во оваа приказна не е наполно јасно дали се тоа навистина деца или не, штом таа ги убива како да се некакви инсекти, а претходно очајно посакувала дете.  Детето кое ќе дојде на свет со помош на некоја магична сила и самото поседува магична моќ, да се соочува со разни натприродни суштества, да се бори со самовилите, ламјата и змејот и да ги победува. Кај Половинмецан, детето-змија, детето-црпче енормните способности се поврзани со чудесниот изглед, што ја покажува неговата поголема блискост до митскиот јунак.19 Во некои случаи јунакот уште при раѓањето поседува необични склоности, додека во друг случај силата се стекнува со помош на чудесните помошници, кои го упатуваат јунакот или му даваат некој волшебен предмет.  Во приказната  Дете јуначе со чудесна сила (Верковиќ, бр. 84) детето ја ослободува царската ќерка од самовилите. На патот ги сретнува  животните мечката и змијата кои поради тоа што не ги убива му стануваат помошници. Јунакот самовил се бори со детето јунак, му ја пресекува главата и му ја зема момата. Следи процесот на оживување, мајката ги собира деловите од нејзиниот син и ги мачка со тревката која ја видела кај змиите, и синот оживува. Во приказната за  Фрушчи-бег старецот и дава на царицата јаболко за да забремени. Tаа раѓа дете кое до 10 години е безименко. Во раскажувачкото дејство веднаш се воведува степенот на иницијација, јунакот преминува од една фаза во друга и брзо го достигнува своето созревање. Фрушчи – бег на едната нога има белег и ако некој друг му го извади фрушчето од ногата тој ќе умре. Задачата е поставена – кој ќе го прескокне огнот ќе ја земе царската ќерка. Јунакот  се побратимува со уште двајца јунаци со слична сила како неговата, се бори со ламјите и ја добива царската ќерка.  Покрај наведените примери на зачнување од растение или животно, во македонските волшебни приказни се среќаваат и примери на раѓање дете-предмет (Цепенков, бр. 53, попадијата наместо да роди дете  раѓа дете-црпче), потоа се јавуваат зачнувања од камен,  од риба, од некаква волшебна вода итн. Во митологијата се често присутни метаморфозите на луѓето во камења, во билки и во животни. Во Метаморфозите на Овидиј, човекот се престорува во билка, Нарцис, се пробразува во цвеќе, Афродита се раѓа од морската пена, Ниоба поради смртта на децата се престорува во камен итн.20
Влијанието на митот во приказната е очигледно, но веројатно, со текот на времето, неговото влијание ослабувало и се изменувало, оттаму структурата и изгледот на низата митолошки ликови и суштества кои се среќаваат во приказните се со изменет облик, моделирани според фантазијата и инвенцијата на народниот запишувач.
 
1
Виолета Пирузе –Тасевска, Мит-приказна, Просветно дело, Скопје, 2004, стр. 60
2
Цитирано според Мелетински, Поетика на митот, стр. 83
3
Танас Вражиновски, Социјално-класните односи во македонските народни приказни, Македонска
книга – Институт за фолклор, Скопје, 1982, стр. 10
4
Владимир Проп, Морфологија бајке, Просвета, Београд.
5
Џејмс Фрејзер, Златна гранка, Београд: БИГЗ, 1977, стр. 7
6
Robert Grevs, Grčki mitovi, Beograd, Nolit, 1969, str.13
7
Виолета Пирузе, навед. дело, стр. 38
8
Цитирано според Мелетински, Поетика на митот, стр. 71, 97
9
Ѓурчинова Анастасија, Калвино и сказната, Институт за македонска литература/Култура, Скопје,
2000, стр. 20
10
Исто, стр. 21
11
Влада Урошевиќ, Демони и галаксии (Фантастиката и чудесното), Македонска книга, Скопје,
1988, стр. 42
12
Томе Саздов, Усната книжевност кај Македонците, Матица Македонска, 1992, стр. 106
13
Јозеф Обрембски, Фолклорни и етнографски материјали од Порече, Матица Македонска, Скопје,
2001, стр. 166-168
14
Марко Цепенков,  Сказни и сторенија, (избор и редакција: Блаже Конески) Култура, Мисла,
Македонска книга, Наша книга, Скопје, 1986, стр.72-73
15
Александра Попвасилева,  Раѓањето на јунакот во народните приказни на јужнословенските
народи, Скопје, 1975, стр. 23
16
Александар Прокопиев, Патување на сказната, Магор, Скопјe, стр. 51
17
Петко Домазетовски, Народни сказни од Долни Дримкол, пр. бр. 16, стр. 126
18
А. Прокопиев, наведено дело, стр. 54
19
А. Прокопиев,  навед. дело, стр. 50
20
Исто, стр.  24-25
КОНСУЛТИРАНА ЛИТЕРАТУРА:
• Верковиќ И. Стефан, Јужномакедонски народни приказни, кн.IV, Македонска книга, Скопје,
1985, (подготвил: Кирил Пенушлиски); и Верковиќ И. Стефан, Јужномакедонски народни
приказни, том I, (приредувач: Томе Саздов), Мисла, Скопје, 1977
• Grevs Robert, Grčki mitovi, Beograd, Nolit, 1969, str.13
• Домазетовски Петко:  Народни сказни од Долни Дримкол, ДНКУ „Браќа Миладиновци“,
Струга, 2000, стр. 126
• Ѓучинова Анастасија, Калвино и сказната, Институт за македонска литература/ Култура,
Скопје, 2000, стр. 20-21
• Мелетински,  Поетика на митот
• Обрембски Јозеф, Фолклорни и етнографски материјали од Порече, Матица Македонска,
Скопје, 2001.
• Прокопиев Александар, Патување на сказната, Магор, Скопје
• Проп Владимир, Морфологија бајке, Просвета, Београд.
• Саздов Томе, Усната книжевност кај Македонците, Матица Македонска, 1992, стр. 106
• Тасевска-Пирузе Виолета, Мит-приказна, Просветно дело, Скопје, 2004
• Урошевиќ Влада,  Демони и галаксии (Фантастиката и чудесното), Македонска книга,
Скопје, 1988, стр. 42.
• Фрејзер Џејмс, Златна гранка, Београд: БИГЗ, 1977, стр. 7
• Цепенков Марко, Сказни и сторенија, (избор и редакција: Блаже Конески), Култура, Мисла,
Македонска книга, Наша книга, Скопје, 1986
• Шапкарев А. Кузман, Приказни, том V, (приредил: Томе Саздов), Мисла, Скопје, 1976.
превземено од Растко

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *