Лоза

Змеј

Според народната демонологија змејовите се суштества кои личат на човекот, имаат опаш во змијовидна форма покриена со луспи и златни крилја под пазувите. Тие се обдарени со необична физичка сила, а живеат најчесто во  пештерите и недостапните планински врвови. Змејот најчесто е привлечен од женската убавина. Ја грабнува најубавата девојка и ја носи во своето живеалиште. Во Предание за змејовете кај Верковиќ, е запишано дека Сонцето се вљубило во некоја убава жена која дури и него го засенила. Тој ја грабнува и таа му раѓа 60 деца змејчиња кои имале златни крилја на нозете и живееле на небото кај змеевата ѕвезда. Во приказната Царската ќерка и момчето змеј, (бр. 46, Верк.), трансформацијата на змејот во јунак-ангел, е проследена со громотевици и светкање. Царевата ќерка не се уплашила од неговата појава. Се фаќаат на оро, змејот ја соблекува кожата, но му ја изгоруваат. Царевата ќерка, за да го најде треба да обуе железни опинци и по временски период од 3 години го наоѓа на една чешма. Средството преку кое треба да се дојде до целта, секогаш се наведува. За да се дојде до целта мора да се помине далечен пат. Змејот поседува магиска моќ. За да ја воведе девојката во својот свет ја преобразува во златно јаболко со цел да ја сокрие од мајка си и сестрите. За да остане во светот во којшто дошла девојката мора да исполни три работи што ќе ги нареди мајката-самовила и сестрите јуди-самовили. Во тој натприроден свет владеат чудни правила. Треба да ја измете куќата, но да биде ем метена, ем неметена, да испече леб, ем печен ем непечен, да наполни две кади солзи. Слична е варијантата на приказната под наслов (Момата и огнениот змеј, бр.103, Верк.). Змејот ја грабнува најубавата девојка од орото и ја носи во неговиот златен дворец. Неговата појава е проследена со јуди и тивок ветар. Змејот заспива и и порачува на девојката да го разбуди, ако забележи некаква магла. Маглата е знак дека ќе се појави друг змеј кој му е противник. Солзата на девојката го разбудува змејот, кој не е известен навреме и поради тоа загинува во борбата со другиот змеј. Кога девојката сака со своите браќа да се врати во пештерата на змејот, за да земе од богатството, пештерата е затворена со тежок камен.
Не секогаш змејот е непријател на човекот, постојат варијанти каде човекот се здружува со змејот, змеј-човек, човек кој сака да стане змеј, или човек кој се побратимува со змејот. Надминувањето или отсуството на стравот е начин човекот да се приближи до змејот. Бестрашноста од соочувањето со змејот и другите натприродни сили е прикажана во приказната Зме’овскиот зет, шчо нашол пари во ханот, (бр. 116, Шапкарев.) Момчето покажува бестрашност од толосомот кој живеел во една соба во анот. Кога ќе се соочи со него, толосомот, истура богатство,
пред него. Следното соочување со браќата змејови се надминува преку неговото претставување како змеј. Тој и вели на змејовата сестра „и јас сум змеј“, така се побратимува со змејовите и ја зема за жена змејовата сестра. Човекот не треба секогаш да поседува физичка сила, слична на змејовите, некогаш е доволна само мудроста.(Итриот човек што се побратимил со змејови, бр. 105, Верковиќ). Јунакот во приказната поминува низ повеќе степени на усовршување, оди од еден успех во друг, влегува од еден животен стадиум во друг. Борбата на јунакот со змејот го симболизира неговиот процес на созревање и ослободување на анимата, т.е женскиот дел од машката психа. Мајката намерно го испраќа детето да го запознае стравот (Дететео шчо не знаело страх, змехојте и самовилите (бр. 229, Шапкарев). Овде имаме појава на иницијација, созревање. Во јуначкиот потфат, јунакот го ослободува своето „јас“ од мајката и ја достигнува зрелоста. Детето не се плаши од ништо, па дури ни од сенишната појава на толосомот цар. (…„ му се показал еден чоек страшен – со горната буза на таванот, а долната буза на чардакот, а з’бите како колје“…). И покрај овој страшен призор, детето го поканува да вечераат ако е човек, а ако е мртовец „Господ да го прости“.
– од
Софија Тренчовска 
ДЕМОНОЛОШКИТЕ БИТИЈА ВО МАКЕДОНСКИТЕ ВОЛШЕБНИ ПРИКАЗНИ 

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *