Тој призрачен град што блескотел на сонцето како запалена шума, сиот од злато и драгоцени камења, го барале преку сто години, илјадници луѓе; и што нашле на неговото место: ништо: само Езеро. Според преданијата, во јужен Чиле постои волшебен Град чии улици и дворци се од чисто злато; неговите жители, совршено среќни, не мораат да
работат за да се прерануваат, а живеат вечно. Градот е, се разбира, невидлив. Патниците кои влегуваат во него го населуваат како сопствен сон; штом го напуштат, забораваат сè за него, и повеќе не можат да си приспомнат за
патот кој води таму. Од сè, ако е извештајот на Х. Осборн верен, сигурно е само едно: дека градот лежи „на брегот од некое горско Езеро“. Ако го нема Градот – ако не е можно да биде најден, или само сочуван неговиот спомен – каква е историјата на Езерото?
„Во црно кадифе проткаено со сребро“, вели мудриот Зенон, бил облечен Гонзало Хименес де Кесада кога, во 1536 година, тргнал да го бара врвејќи по призрачни патишта и самрачни шуми, сè до кристалните превои на Андите чиј sвон и тогаш, како и сега, се стопувал со небесниот океан. „Окружено со стрмен карпест рид“, во земјата на Чипчите, го нашол езерото Гатавита кое уште оддалеку блескало со сјајот на Градот скриен во неговите поли. Кога конквистадорот со своите (патем) распарталесани воини слегол до водата видел од каде доаѓа толкавиот блесок: насекаде наоколу, по дрвјата, врз колибите, по камените градби и песочниот брег, нишајќи се на ветрот и sвонејќи како харфи, трепереле големи златни листови, не подебели од оние за пишување, како извадени од – или наменети за – некоја книга. Месните жители биле украсени (наресени) со смарагди не помали од орев, а од продупчените носеви им виселе тенки златни листови покривајќи им ги устите, поради што нивните гласови, кога ќе проговореле, звучеле метално – туѓо, како да му припаѓаат на некој друг свет. Тоа не било ништо чудно. Необично било што истата глетка, во истиот час, ја гледале уште две групи конквистадори, кои во приближно време, но од различни места, тргнале кон истата цел. Едната група воини ја предводел Себастијан дел Беналкасар, „силен, дрзок, со врела маварска крв во дамарите“, основачот на градовите Леон и Кито, додека „третата војска, составена од шпански парталковци“, ја предводел Николаус Ферман, Германец од градот Улм. Водачите, се разбира, сакале да ги судрат војските, за вкупното богатство да му остане на победникот, но се премислиле: војниците биле уморни, а злато и бесценето камење имало – како што им се присторило – доволно за сите нив кои припаѓале на три вери и три раси но на еден бог. Всушност, разбојниците се здружиле за што поцелосно да го ограбат месното население (меѓусебниот судир оставајќи го така за крај).
Само што војските се здружиле, кон Езерото кренала процесија: Индијанците во носилка носеле висок достоинственик (веројатно крал) придружен со песни на девојки, тропање на барабани и копнежлив звук на кавали. Конквистадорите сметале дека на тој начин ним им се укажува почит, дека свеченоста е организирана во знак на покорност и љубов; но кралот, штом ја спуштиле носилката крај брегот, до коработ окитен со цвеќе, само се слекол гол. Трите војски вџашено гледале како голиот човек го мачкаат со смола и како убавите девојки, заграбувајќи од златни садови златен прав, го исипуваат сиот, додека не заприлегал на златна статуа. Тогаш Златниот Човек влегол во коработ и испловил кон езерската шир, нестварно блескајќи под небесниот свод, меѓу девствените ледени планини.
Она што го сторил, за европските гледачи на претставата (впрочем, ги имало и од Африка и Азија) било налудничаво: човекот се фрлил во Езерото и го оплакнал од себе златниот прав како неиздржлив товар, или грев. Штом телото на Златниот Човек ја допрело водата – пред војниците да се соземат или нешто да преземат – сите мажи од брегот и сите жени, сите старци и сите деца почнале да фрлаат во водата, која уште од брегот била длабока, сè бесценето што било врз нив и околу нив: прстења, белезики, брошеви, обетки, ѓердани, дијадеми: смарагдите и златото од брегот се нашле на дното од Езерото. Војските јурнале во толпата, кон крајбрежните колиби и царските палати; попусто: нигде не го нашле она што го барале. Го удриле Златниот Човек – сега само гол – на страшни маки: барале од него да им каже каде го крие жолтиот прав. Одвај сфаќајќи што се бара од него, мачениот Златен Човек само мавнал кон водната шир: онде е богатството на племето.
Сметајќи дека кралот им се подбива, ги ставиле на маки и сите останати; до дете, сè оковале во пранги: колку за тогаш, не добиле ништо. Најпосле сфатиле дека Чипчиите не лажат: тие немале никаков златен рудник. Златото го добивале од соседите „во замена за компир, царевка, грав“, или за смарагди какви имало многу во Планината, кои по пат на размена стигале до народите Кокле во Панама, чија култура била стара десет илјади години.
Со времето, конквистадорите сепак собрале големо азно („со него можеле да наполнат една голема одаја до таван“), изнаграбиле илјада сто осумдесет и пет смарагди не помали од јајце на пајка, основајќи го патем славниот град Богота. Но вистинското богатство на Чипчиите останало на дното од Езерото. Првите конквистадори не ни сонувале дека чудниот обичај што ги терал улавите Индијанци сето свое богатство, сите бесценетости, да ги фрлаат во водата траел со стотици години, и дека во длабочините на Гатавита, на неговото дно налик на инка, лежат илјадници, можеби милиони (славниот географ и историчар Александар Хумболт прецизно избројал: педесет милиони) златни предмети од непроценлива вредност (не сметајќи ја, се разбира, уметничката).
Сторил ли некој обид (напор) да го извади азното од дното на Езерото? Се разбира. Уште во 1580 година итриот трговец Лима Антонио Сапулведа дошол на ингениозна идеја да го испушти Езерото така што ќе ископа канал
во карпестиот брег. И којзнае, можеби итроманот ќе успеал да ја истече водата и да го собере богатството на времето – со лопата гребајќи по дното – да не било Езерото мошне длабоко; навистина, низ „ѓеризот“ потекол густ,
црн мил, и во него трговецот нашол, „како зрнца од грозје во тесто“, „секакви златни предмети“, но штом се фатил за „жезолот обложен со смарагди“ снемал капитал. Азното му го конфискувале, а него самиот го фрлиле во Дом за сиромаси. Неговото дело, сепак, го продолжиле многу умни луѓе, меѓу кои особено се истакнуваат основачите на Англиското акционерско друштво за експлоатација од 1912: сосема незаинтересирани за балканските војни, и за она што се случува на други планини и во други води, тие модерни витези задоени со сонот за Елдорадо решиле сосем да го исушат Езерото, за кое нешто, на маски, преку Андите, пренеле џиновски парни пумпи со кои сметале водата да ја качат на небото. Каде што не помогнала казмата, верувале тие, единствениот лек е огинот. Само за неколку недели, вредните работници го смалиле нивото на водата за дванаесет метри; од работ на инката, како од оживеен сон, Индијанците почнале да вадат „зачудувачки количества златен накит и смарагди“. Но пред да стигнат до дното на инката, до средишната Порта на Златниот Град, сонцето почнало секавично да го стврднува милот и да го претвора во ладна нескршлива магма. И така, богатството на Езерото од своето сокровиште во водата се вратило во утробата на каменот, од каде и дошло.
– од Митко Маџунков – Домот на Александар