Жителите на дебарското село ги раскажуваат преданијата дека токму тоа што Али Риза, таткото на Мустафа Кемал, живеел меѓу Македонците, придонело кај синот да се спојат најдобрите особини од едниот и од другиот народ. Љубовта кон Македонија го навела Али Риза да го запише младиот Ататурк во училиште во Битола. Како што се раскажува меѓу селаните, иако тој копнеел да ја посети семејната куќа, никогаш не дошол во Коџаџик
Проект за реконструкција на семејниот дом
На 1.200 метри надморска височина на карстот над дебарското село Коџаџик, од кој се протега кристален поглед на селото и на околните снежни врвови, се наоѓаат темелите на семејната куќа на големиот турски државник и реформатор Мустафа Кемал Ататурк (1881-1938 г.). Остатоците од темелите што се наѕираат од камената почва сведочат за поинаква слика на пределот, сведоштво за поблескава етапа од историјата на овој крај. На нив во мај ќе почне изградбата на спомен-објект на Ататурк, творецот на модерна Турција.
– Ова место некогаш се викало Ташли Маала, што значи маало од камен, и тука на времето се наоѓале повеќе убави куќи на видни жители на селото. Меѓу нив и онаа на таткото на Кемал Ататурк, за што со генерации се плетат приказни кај луѓето од овој крај – раскажува Сабаетин Сезаир, наставник по турски јазик во основното училиште во Коџаџик.
Тој додава дека локалните жители, главно турско население, отсекогаш сакале да му оддадат почит на овој голем човек, но неколкуте обиди досега се покажале како безуспешни. Ликот на Ататурк е длабоко вткаен во нивната колективна меморија и речиси сите генерации сакаат да се идентификуваат со овој период од нивната историја.
– Овдешните луѓе се гордеат со тоа што потекнуваат од ист крај како и Мустафа Кемал, дури и децата мислат дека се половина Ататурк – вели Сезаир.
Го зел најдоброто од македонскиот и од турскиот народ
До Коџаџик во општината Жупа се стигнува по тесниот планински пат од чија десна страна се протега поглед на Дебар и на Дебарско Езеро. Жолторасцветаните дренови гранки меѓу преостанатите дамки снег го означуваат крајот на една од најострите зими во последниве децении во Дебарско. Од коџаџиското сретсело до Ташли Маало на ридот води нов асфалтиран пат.
– Куќата на семејството Ататурк, според својот габарит и обележја, отскокнувала од сите други во тогашно Ташли Маало. Таа била најголема и најубава во крајот, што укажува на тоа дека Ататурк бил од добростоечко семејство. Остатоците од овие куќи биле зачувани до пред Втората светска војна – вели архитект-конзерватор Ѓурѓица Лековска од Националниот конзерваторски центар, кој го подготви проектот што ќе се реализира со донација од ТИКА.
Семејната куќа на Кемал Ататурк во 19 век ја изградил неговиот дедо Казли Хафиз Ахмед, кој во овој крај дошол како турски војник- дервенџија (војници што ги чувале патиштата, мостовите и премините каде што минувале тогашните трговци). Тој останал тука и го основал турското маало над рамниот дел од селото, кое живеело според посебни обичаи.
– Куќите во Ташли Маало биле градени од прочуените дебарски тајфи, кои работеле во Истанбул и во цела Европа – вели Лековска.
Сепак, Ататурк е роден во 1881 година во розовата трокатна куќа во улицата Ислахана, во солунскиот кварт Коџа Касим-паша. Трагајќи по егзистенција, неговиот татко Али Риза решил да се пресели во Солун.
– Коџаџиските овчари, кои во зима патувале со своите стада дури до Солунско Поле, биле меѓу првите што дознале дека Али Риза има син и веста ја пренеле во овдешниот крај. Луѓето од Коџаџик често оделе и се враќале од Солун, така што контактот со преостанатите од фамилијата на Ататурк никогаш не се прекинал – вели Сезаир.
Познавачите на ликот на Кемал Ататурк велат дека токму поради фактот што неговиот татко живеел меѓу Македонците, кај Ататурк се споиле најдобрите особини од едниот и од другиот народ. Љубовта кон Македонија го навела татко му да го запише младиот Ататурк да учи во Битола.
Како што се раскажува меѓу селаните на Коџаџик, иако самиот Ататурк копнеел да ја посети семејната куќа, тој никогаш не дошол во Коџаџик.
Традиционална заедница со чист турски говор
Дебарското село Коџаџик има бурна историја. Се вели дека го добило името од турскиот збор коџаџенк, голема битка. Според преданијата, тука се водела жестока битка меѓу турската војска и војските на Скендер-бег. Во времето на Османлиите бил вистинско мало гратче со голем пазар, многу продавници и четири џамии. Во ѕидините на Калето честопати се одморале карваните што патувале по Виа Игнација.
По Втората светска војна голем дел од жителите на селото се вратиле во Турција, така што во 1970 година селото броело само девет куќи.
И покрај тоа што Коџаџик сега брои 300 жители, околу 80 отсто од нив се печалбари и живеат во странство. Препознатлив белег на неговите жители се чистиот турски говор без примеси на локален дијалект и живописните традиционални женски носии, кои потсетуваат на јуручките.
Жителите на Коџаџик се мошне традиционална заедница, силно врзана за своите корени.
Возобновувањето на куќата на Ататурк го сметаат како долг кон нивната историја, но и како можност од зафрлено дебарско селце Коџаџик да стане повидлива точка на светската мапа.
– Реконструкцијата на куќата на семејството Ататурк ќе значи многу за овој крај и ќе привлече многу добронамерници и туристи. Иако патот до селото е лош, особено во зима, кога е завеан во снег, споменувањето на името на Мустафа Кемал Ататурк сигурно ќе побуди интерес и за нас – вели Сабаетин Сезаир.лошка куќа и ски меј
Етнолошка куќа и историски музеј
Реконструкцијата на семејната и на роднинската куќа на семејството Ататурк ќе се работи според стара фотографија, што се наоѓа во сопственост на последниот преостанат женски потомок што живее во Дебар. На локацијата Ташли Маало ќе се изградат две куќи врз автентични темели – едната на ефенди Али Риза, а другата, роднинската куќа на семејството.
Првата ќе биде претворена во етнолошка куќа со мебел што ќе го долови некогашниот амбиент. Роднинската куќа, пак, ќе ја прикажува историјата на Коџаџик, со дел посветен на предците на Ататурк. Во една од просториите ќе биде претставен Ататурк како војник и голем државник.
Извор: Нова Македонија