(Кукуш, 4 февруари 1872 – с. Баница, Серско 4 мај 1903) идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење во крајот на XIX и почетокот на XX в. Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование (1879– 1887), во Солун, во Бугарската гимназија “Св. Кирил и Методиј” (1888–1891) каде што раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште (1891–1894). Се вратил во Македонија (1894) и во Штип бил учител во Ново Село. Тука се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководењето на Тајната македонска револуционерна организација. Тој ја проширил мрежата на Организацијата (пролетта во 1895 г.) и преку Виница организирал тајни канали. Во Солун учествувал на советувањето со водечките личности на МРО: Даме Груев, Пере Тошев и Иван Хаџи Николов, за заземање став кон Македонскиот комитет основан во Софија, подоцна преименуван во Врховен македонски комитет. Во септември бил назначен за директор на училиштето во Штип. Пред крајот на декември 1895 г. Делчев ополномоштен од ЦК на МРО, отпатувал во Софија за да работи на спречувањето на мешањето од Бугарија во внатрешните работи на македонското ослободително дело. Организирал пунктови на МРО во Ќустендил и во Дупница (во почетокот на 1896), а во февруари во Штип, организирал протестна демонстрација против власта.
Учествувал на Солунскиот конрес (5–12. април 1896) на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето, со вклучување и на Одринско, а со тоа и промена на името од МРО во Тајна македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО). Со Ѓорче Петров ги изработиле Уставот и Правилникот на Организацијата (1896), публикувани и дистрибуирани во 1897 г., каде што целта на дејствувањето на Организацијата била да извојува политичка автономија за Македонија и за Одринско со револуција.
Делчев во Штип бил уапсен (април 1896) во врска со аферата со запленувањето на бомбите во Битола, а во мај повторно бил уапсен и спроведен во Скопје каде што бил затворен во Куршумли-ан. Во септември Делчев бил назначен за главен учител (директор) во Банско од каде што ја продолжил дејноста за ширење на мрежата на Револуционерната организација. Се откажал од учителската должност (ноември 1896) и целосно се посветил на македонското ослободително дело. Ја презел должноста на задграничен претставник на МРО во Софија (од 16 декември). Со писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, Менини (во јули 1898) на Ватикан ја претставил целта на македонската борба: да се исправи неправедното решение на Берлинскиот договор за Македонија и за добивање полна политичка автономија. Должноста задграничен претставник ја извршувал до 6. октомври 1901 г. и бил подвижен член на ЦК. Во тоа својство бил посветен на функционирањето на тајните канали, курирската служба, тајната пошта, обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со оружје, со муниција, со револуционерна литература и со весници. Организирал производство на бомби и експлозиви (1897) во с. Саблер (во Осоговската Планина), а потоа и на Св. Гора (меѓу Зографскиот манастир и Хиландар). Вршел вооружување (во април 1898) и тогаш во Македонија се појавиле првите вооружени чети на Организацијата. Заедно со Ѓорче Петров изработиле Правилник за четите (1900). Со формирањето на селската милиција била доградена воената организација на МРО, која непосредно ја раководел Делчев, со статус на главен ревизор. Револуционерната организација ја презела на дело судската и извршната власт. Дејствувала тајна македонска држава во османлиската држава. На Солунскиот процес за новоселската афера (до почетокот на 1901) Делчев во отсуство бил осуден на смрт. По добиеното известување за апсењето на членовите на ЦК во Солун, со Ѓорче Петров во средината на март издале инструктивно писмо до окружните, до околиските и до селските комитети, како и до војводите на четите, за продолжување на дејствувањето според постојната програма.
За зацврстување на редовите во Организацијата презел инспекциска инструктивна обиколка во централниот и во западниот дел од Македонија (од август 1901 до март 1902). На крајот од септември жестоко ја осудил врховистичката оружена акција во Горна Џумаја, објавена како востание. Додека дејствувал за самостојност и независност на Македонската револуционерна организација, надворешните и инфилтрираните внатрешни орудија со Иван Гарванов, по инструкции од Владата и од Кнезот на Бугарија, подготвиле кревање предвремено востание во Македонија. Делчев го отфрлил решението на Солунскиот конгрес (15–17. јануари 1903) за кревање востание на 25. јануари 1903 г. и со чета заминал во внатрешноста на Македонија со раководните кадри да издејствува повлекување на решението. Во април, во Солун се сретнал со Даме Груев, кој штотуку се вратил од заточение, го прифатил решението и останал неотстапчив. Од Солун се упатил за Серско на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ (6 мај). Пристигнал во с. Баница, Серско на 3 мај. На целиот пат од Софија до Солун и потоа бил следен и бил предаден. Војската го опколила селото и во борбата утрото Делчев загинал, неприкосновениот авторитет, раководител на оружените сили и бескомпромисен борец за самостојна македонска држава.
– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009