Пред нешто повеќе од осум години, претседателот Борис Трајковски не напушти за да замине на подобро место. Пред само неколку дена се потсетивме на тој трагичен ден, четврток 26 февруари 2004 година, кога Трајковски и осум други Македонци – сите државни службеници – трагично ги загубија животите во Босна и Херцеговина. Тој ден ми е свеж во сеќавањата како да беше вчера. И настаните што следуваа до неговиот погреб ми се врежани во мислите.
Борис ми беше близок пријател. Не се сеќавам на нашата прва средба, иако верувам дека таа се случи во 1997 година; се сеќавам на нашата последна средба. Се запознавме кога тој беше меѓународен секретар во неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Јас дојдов во Македонија една година претходно за да работам за „Мерси корпс“, хуманитарна организација со седиште во Портланд, Орегон. Иако работата ми беше концентрирана во регионот – вклучувајќи ги Србија, Црна Гора и Kосово – се сместив (и среќен сум поради тоа) во Македонија.
Пред да дојдам во Македонија бев политички активен и во САД и на меѓународно поле. Една од групите во кои бев вклучен беше Меѓународниот сојуз на млади демократи, подмладок на Меѓународниот демократски сојуз, сојуз на централно-десничарски политички партии основан од Роналд Реган и Маргарет Тачер. Да ја скратам приказната, колегите од сојузот ме задолжија да најдам сестринска партија во Македонија. Тоа ме доведе до ВМРО-ДПМНЕ и, како резултат на тоа, и до Борис.
На сите ни се познати настаните што се одвиваа во регионот во 1997, 1998 и во 1999 година – се случи нападот на НАТО врз Југославија, бегалците дојдоа во Македонија и Борис се најде во центарот на внимание. Не се сеќавам точно кој ден беше, но пред меѓународниот печат, додека меѓународните лидери се жалеа и ~ кажуваа на Македонија дека мора да прими уште косовски бегалци, Борис му рече на шведскиот новинар (парафразирам): „Донесете ги тука вашите авиони за да земете бегалци во вашите земји и ние ќе си го исполниме нашиот дел“.
Борис им се спротивстави на меѓународните претставници и им рече, во основа, дека неговиот прв приоритет е Македонија. По тој настан, луѓето почнаа да го забележуваат Борис. Бидејќи беше година на претседателски избори, луѓето почнаа да зборуваат Борис да се кандидира за претседател. До крајот на 1999 година Борис Трајковски беше избран за втор претседател во демократската и слободна Република Македонија.
Јас ја имав привилегијата да го запознаам Борис и станавме блиски пријатели. Често бев во ситуација да му се најдам, без оглед дали беше тоа давање совет на некоја од многуте различни теми кога ќе го побараше тоа од мене или кога едноставно само го слушав. Би се зачудиле колку многу можете да му помогнете на некој што мора да донесе тешки одлуки ако бидете само добар слушател. И Борис беше тука за мене кога ми беше потребно. По трагичните настани од 11 септември тој беше еден од првите луѓе што ми се јави за да ми искаже сочувство.
Борис беше добар човек. Тој не беше политичар. Знам за многуте зборови полни омраза што повредуваат кажани за него – од многумина – и знам дека определен сегмент од македонската политичка елита одбиваше да го нарече претседател. Срам да им е. Го повредуваше кога го нарекуваа со погрдни имиња. Нарекувањето со погрдни имиња го повредува секого. Но Борис не се жалеше. Борис беше неуморен борец за Македонија. Тој одржуваше добри врски со лидерите на позиција на моќ од светот и никогаш не се откажа од барањето и напорите Македонија да биде прифатена под своето уставно име, Република Македонија, да бидат признати името и идентитетот и да се почитува дигнитетот на сите Македонци. Во говорот што го одржа во 2001 година, тој ~ се обрати на меѓународната заедница со нагласено барање:
„Бараме од меѓународната заедница да н` признае под нашето име – Република Македонија – а не под измислениот дериват. Kрајно време е светот да н` признае под името со кое се нарекуваме себеси, како и секоја друга земја и нејзините граѓани. Во спротивно, како очекувате да веруваме во вашите вредности, принципи и намери ако ни го негирате нашето основно право, правото на идентитет?“
Во меѓувреме, на домашен план, Борис го правеше тоа што мислеше дека е најдобро за македонскиот народ. Иако имаше ограничени – уставно – задолженија како претседател, тој никогаш не престана да минува време со македонскиот народ на целата нејзина територија. Иако неговата работа како претседател бараше од него да соработува со другите меѓународни лидери- претседатели, премиери, пратеници и принцови- тој се чувствуваше најпријатно и уживаше најмногу кога беше со своите Македонци, дознавајќи ги нивните надежи, соништа, стравови и грижи. Тој беше добар слушател.
Дента пред на загине, во средата на 25 февруари, бев со Борис. Бев во неговата претседателска резиденција заедно со уште еден македонски пријател и дискутиравме околу неговата кампања за реизбор. Борис повторно ќе се кандидираше – и ќе победеше. Но не требало да биде. Сега дознавам дека случајот околу неговата смрт можеби ќе биде повторно отворен. Ни јас, како прво, не верувам дека тоа беше несреќа. Но времето ќе покаже дали некогаш ќе ја дознаеме вистината.
Сега знам само едно. Борис ги сакаше Господ и неговиот син Исус Христос. Kако верник, Борис имаше верба во нештата што допрва треба да дојдат и во воскреснувањето на мртвите. И јас, како верник, верувам во ова и се радувам што уште еднаш ќе го видам мојот пријател Борис.
Објавено во Дневник
29.02.2012