Во Македонија аутизмот воопшто не се третира. Нема ниту еден дневен центар во кој најмалку по осум часа стручни и обучени лица ќе работат со децата, велат дефектолозите.
Испаничени родители секоја недела на Детската клиника во Скопје пријавуваат по едно дете што има симптоми на аутизам, велат лекари од оваа клиника. Тие не знаат како да ги советуваат родителите оти во земјава не постои ниту еден центар за рана дијагностика и за третман на овие деца.
Од 2000 година не само во Македонија туку насекаде во светот рапидно расте бројот на лицата што страдаат од ова тешко нарушување, велат лекарите.
Аутизмот е комплексно развојно нарушување, најверојатно генетско, се јавува на најмала возраст, а трае цел живот. Првите знаци на аутизам во повеќето случаи се јавуваат до три години. Децата се повлекуваат во свој свет, не комуницираат со околината, не реагираат на родителите, ниту на тоа што се случува околу нив.
Лекарите од Детската клиника се затекнати со напливот на родители што пријавуваат промени кај своите деца, а кои укажуваат на оваа болест.
– Сeуште немаме национален регистар, па не знаеме колкав е бројот на лица со аутизам. На секои седум дена на Детската клиника имаме по еден случај на дете со аутизам. Пред 2000 година се јавуваше по едно дете со аутизам на неколку месеци. Не е за утеха, но бројот на деца што страдаат од аутизам многу бргу расте и во светот. Никој не ја знае причината зошто децата, дури и преку ноќ, почнуваат живот како во друг свет и, за жал, од тој свет нема враќање. Вообичаено од аутизам страдаат повеќе машките деца или соодносот е четири момчиња на едно девојче. Со оглед на тоа дека станува збор за многу тешко нарушување, се трудиме на родителите да им го соопштиме тоа колку што можно посуптилно. Треба да видите дете со аутизам за да сфатите колкава е трагедијата во семејството. Тие деца не се врзуваат ниту за мајка си, како да не ја познаваат – вели докторка одговорна за аутизам на Детската клиника, која инсистираше да остане анонимна.
Единствена надеж за овие деца се невладините организации и дефектолози кои имале можност да се едуцираат на факултети во странство, каде што имале практична работа со аутисти.
– Завршив факултет во Романија, па од третата година на студии работев во дневен центар за аутистични деца. Ја практикувам методата АБА, која е базирана на научен аспект. Но, постојат и многу други што исто така покажале добри резултати во третманот на децата со аутизам. Јас понекогаш комбинирам две методи. Аутизмот е комплексен. Се смета дека околу 70 отсто од дечињата што имаат аутизам имаат и ментална ретардација, па ако не се работи со детето, тоа дополнително заостанува и не може да напредува. Но ако постои рана дијагноза, а тоа во светски рамки е периодот од 15 до 24 месеци од раѓањето, има надеж и успех. Некои од децата следат настава со помош на дефектолози и продолжуваат со животот – вели дефектологот Драган Серафимовски – Дика од невладината организација „Во мојот свет“.
Родителите што имаат аутистични деца велат дека имаат проблем и поради тоа што во Заводот многу тешко се одлучуваат да напишат дијагноза аутизам, а тоа е неопходно за да се почне битката со болеста.
– Забележавме дека детето не покажува знаци на приврзаност, отсутно е, не се смее како другите деца, малку се гушка. Има три години и не зборува. Се уплашивме и тргнавме по патот на докторите. Сега сме комплетно збунети. Еден детски психијатар ни рече дека има некои сегменти на аутизам и н` прати на логопед. Многу читавме за аутизмот, но моето дете не е баш типичен пример. Вистина, сега не знаеме којпат да го фатиме, решени сме да се отселиме од државава само за да најдеме спас за него – вели мајката Тања Р. Милетиќ од Скопје.
Од невладината организација „Во мојот свет“ велат дека дополнителен проблем е тоа што во Македонија нема доволно едуциран кадар. Според нив, на факултетот за дефектологија не се учат методите што се применуваат за третман на аутизам.
– Во Македонија аутизмот не се третира никако. Нема ниту еден дневен центар, а тоа подразбира место каде што најмалку осум часа стручни и обучени дефектолози и други стручни лица ќе работат со децата. На децата со аутизам не им треба дневен центар каде што ќе ги чуваат како во градинка. Со нив треба да се работи долго и трпеливо зашто во тој свет тешко се влегува. Ние веќе чекориме кон нашиот сон да отвориме еден таков центар.
Причините за аутизмот с` уште не се утврдени, но последните испитувања покажале дека сепак станува збор за генетско нарушување или за проблем со хромозомите – вели Серафимовски – Дика.
Делфини им помагаат на децата
Во светот постојат разни терапии за деца што имаат аутизам. Една од најинтересните е терапијата со делфини.
– Тоа е многу интересна програма. Делфините функционираат и се разбираат со фреквенции, бранови. Во нивно присуство децата се смируваат, бидејќи делфинот не реагира импулсивно, ги забележува вибрациите од детето, чувствува дека нешто не е во ред и полека му се приближува. Така детето стекнува доверба. Делфинот е смирен и го смирува детето. Слични програми има и со коњи и се наречени хипо-програми. Има пример на дете кое сега веќе е возрасно и ги раскажало моментите кога се исклучувало. Тоа објаснило како му било во тој свет и се потсетува како се чувствувало во дневниот центар во кој работеле со него. Сакало да зборува, но не можело, едноставно не му излегувале зборовите од устата, но и му пречело тоа што му навлегувале во неговата интима.
Децата не се во тој свет по свој избор, едноставно таму се наоѓаат. Светот и состојбата на тие деца може да се спореди со овој пример: Ние сме се родиле и живееме во Македонија, ова е нашиот свет. Но иако некој многу сака да живее и да биде во Америка, не може оти тоа е синџир од постапки, во најмала рака му требаат виза, пари и ред други работи. Истото е со аутизмот, тие сакаат, но едноставно не можат да излезат од тој свет – додава дефектологот Серафимовски – Дика.
Извор: ДНЕВНИК