изборПревземено

Комплексната димензија на ништото

Духот на осумдесетите низ делото на групата „Зеро“

Значи ние сме мистични анархисти. Групата ’Зеро‘, пак, е еден повеќеклеточен организам, а секоја клетка е еден универзум, една уметничка личност. Меѓутоа, тука се собираат, од една страна, луѓе кои биле отворени кон левите идеи, анархизмот, панкот и кон рокенролот, а, од друга страна, има и мистици кои биле сосема ориентирани кон езотерија, кон ослушкувањето на неименливото, да не кажам, религиозни луѓе. Значи, во групата ’Зеро‘ истовремено членуваа најхардкор антиезотерици и најголеми езотерици, бидејќи во тоа време скопската чаршија беше еден амалгам на анархисти и езотерици. Средна вредност на целата состојба е зен-будизмот. И тука ’Зеро‘ ги впива сите во себе, затоа што и идеите на анархизмот и идеите на мистицизмот на крајот завршуваат во едно големо Ништо, кое, пак, претставува почеток на една голема идеја, на една голема феноменологија на астрални нивоа, или почеток на нешто најнепоимливо, а тоа, според будизмот, е Ништо, односно Нирвана, или просветлување. Тоа е мистицизмот на нулата..

Пишува: Тони Димков

извор: ГЛОБУС

Спонтаното дружење на група уметници на почетокот на осумдесеттите години на дваесеттиот век прерасна во форма на заедничка креативна соработка која остави траги во современата македонска ликовна уметност. Концентрирана околу чајџилницата „Галерија 7“ во Старата чаршија, а фокусирана кон општествените, но и кон духовните процеси во тоа време, неформалната ликовна групација „Зеро“ почна да ги разбива стандардните уметнички форми и да креира свој сопствен начин на изразување. Техничките перформанси на „Зеро“ се движат низ областите на колажот, муралот, инсталацијата, анимацијата, стрипот, видеото, музиката и мултимедијалниот хепенинг. Духовната димензија на групата опфаќа многу повеќе аспекти. „Во 0 (зеро), во големата нула, се’ пропаѓа и се’ излегува. Севишниот сака да прави кругови. Тоа што левичарите го викаат ’космичка интелигенција‘, а анархистите сакаат да биде поконсеквентно до смислата на големата нула, да биде една голема непознаница. ’Зеро‘ е една чудна комбинација. Кога ќе ја земете целата таа хемија, ќе ја изматкате и ќе ја излиете во една епрувета, ќе добиете една многу комплексна, голема и комплицирана идеологија која најсублимно би ја искажал како ’идеологија на мистичен анархизам‘. Значи ние сме мистични анархисти. Групата ’Зеро‘, пак, е еден повеќеклеточен организам, а секоја клетка е еден универзум, една уметничка личност. Меѓутоа, тука се собираат, од една страна, луѓе кои биле отворени кон левите идеи, анархизмот, панкот и кон рокенролот, а, од друга страна, има и мистици кои биле сосема ориентирани кон езотерија, кон ослушкувањето на неименливото, да не кажам, религиозни луѓе. Значи, во групата ’Зеро‘ истовремено членуваа најхардкор антиезотерици и најголеми езотерици, бидејќи во тоа време скопската чаршијата беше еден амалгам на анархисти и езотерици. Средна вредност на целата состојба е зен-будизмот. И тука ’Зеро‘ ги впива сите во себе, затоа што и идеите на анархизмот и идеите на мистицизмот на крајот завршуваат во едно големо Ништо, кое, пак, претставува почеток на една голема идеја, на една голема феноменологија на астрални нивоа, или почеток на нешто најнепоимливо, а тоа, според будизмот, е Ништо, односно Нирвана, или просветлување. Тоа е мистицизмот на нулата“, детерминира Александар Станкоски.

ХРОНОЛОГИЈА Иако станува збор за неформална група, сепак, годината 1984 е земена како основа во хронологијата на Зеро-активностите. Тогаш се случил првиот заеднички настап на групата со перформансот „Протозеро“ во Домот на младите во Штип. Потоа следуваат неколку хепенинзи кои претставуваа сликање во јавност во периодот кога групата ги реализираше муралите во Младински културен центар (тогашен Дом на млади „25 Мај“), основно училиште „Тефејуз’, чајџилницата „Галерија 7“ во Скопје и Дом на млади во Штип. Групата престанала со заеднички настапи на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, а 25 години од основањето членовите повторно се собираат на едно место со заедничка изложба која се’ уште е во тек во мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија на Македонија. „Се сеќавам на позитивната енергија што владееше кога групата беше формирана, во чаршијата и во целата ликовна сцена од тоа време: уметници, музичари, писатели, спонтан ентузијазам, чиста енергија и желба за дружење. Морам да признаам дека со сентимент гледам на тоа време, иако секое време носи свои предизвици. Од денешен аспект се’ уште сум наклонет кон тие активности, и нашата акција во чајаџилницата ’Галерија 7‘ и муралите што ги работевме. На тој начин созреавме, а низ истото поминавме и сега, додека ја поставувавме изложбата во Мала станица. Тука има двојна радост, да ги искомбинираш старите искуства со нови предизвици. Со оваа поставка гледавме да се создаде нешто ново, да не биде само ретроспективна изложба, туку да открие нови моменти кај групата, да биде вид на инсталација, на доживување, на одење низ просторот и времето. Ако луѓето кои ја посетиле изложбата го почувствувале духот на времето на осумдесеттите години, тогаш ќе кажеме дека оваа изложба е успешна. Искрено многу сум среќен што ја направивме бидејќи нејзината подготовка беше многу напорна. Со изложбата се затвори еден круг, а тоа носи чувство на задоволство во однос на завршувањето на една работа за која требаше долго време да се направи. Мислам дека оваа изложба требаше порано да се случи. Со исполнувањето на оваа целина се затвора кругот и задачата е извршена“, вели Игор Тошевски.
Татјана Миљовска беше најмладата членка на групата во периодот на основањето на „Зеро“. „Во 1985 година, кога беше изложбата ’Експресија – акција – гест‘, бев студент на прва година на Архитектонскиот факултет. Таа година се случи пресвртница во мене, сфатив дека сакам да се занимавам со сликарство, па цела година (баталив архитектура) цртав во ателјето на Арх. факултет и се подготвував за приемен испит на ФЛУ. Во 1986 бев примена на факултетот, а таа година ’Зеро‘ веќе беше доста активна и продуктивна група, сликаше мурали, реализираше разни мултимедијални перформанси итн. Така што влетав во една зеро-креативна атмосфера и ми беше супер. Имав фантастичен амбиент за работа. Зеро-амбиентот беше многу инспиративен, покрај тоа работев многу цртежи и слики, прво експресионистички, потоа го прочистував и осветлував колоритот во апстрактно-лирски пејсажи итн. ’Зеро‘ беше моето друштво и, на некој начин, мојот свет. Воопшто не ме интересираше политика и што се случува во ’надворешното‘ општеството, туку бев концентрирана на креацијата и на внатрешните проблеми, во мене. Проблемот како да ја изразам целата внатрешна енергија, како да ја прочистам, како сите тие апстрактни ’материјали‘ во мене да ги канализирам во некој ред, како да стигнам до себе си. Бев потполно свртена кон ’внатре‘. Пепси ме воведе во источната религија и филозофија и се’ повеќе се интересирав за Тао, Зен, јога и медитација. Од денешна дистанца, кога гледам на тој период, прво што ми паѓа на памет е радост, безгрижност, непосредност, отвореност, многу позитивна енергија и ентузијазам“, се сеќава Миљовска.
ПРОСТОР „Дружење и работа, нема ништо поубаво од тоа“, вели Синиша Цветковски, „во групата ’Зеро‘ го пронајдов тоа што го сакав, простор за работа, луѓе што слично размислуваат, нирвана. Тоа беше време на графити-сликари, на постмодерна, го откривав поп-артот со задоцнување од дваесет години, но се’ ми беше интересно и многу експериментирав. Тоа беше чудна енергија. Функциониравме слично како во рок-група. Работата не спои сите заедно и имав огромна желба за работа. Додека ги цртавме муралите во ’Тефејуз‘ имаше моменти кога доаѓав со велосипед од Куманово, и тоа воопшто не ми беше проблем. Од денешен аспект не знам како другите се сеќаваат на тој период, но лично го восприемам како љубов, чувства и емоции од некое убаво време. Уметноста содејствува со времето, а ние бевме премногу оптимисти и имавме премногу енергија“.
Слични се размислувањата и на Златко Трајковски. На почетокот од своето творештво почнал да се занимава со колажи, а потоа преку анимациите се’ подлабоко навлегува во видеоизразот, што подоцна го користи и во своите инсталации. Покрај работата со „Зеро“, во индивидуалните проекти работи со членови од групата. „Додека студирав на Факултетот за ликовни уметности работев комбинирани техники. Тогаш видов дека имам нешто заедничко со групата и на некои духовни нивоа. Спонтано се запознавме и од денешен аспект тој период ми изгледа многу плоден. Низ изложбата што е поставена во Мала станица се чувствува дека има содржина. Галеријата е полна со наши дела кои произлегле од заедничкиот и од индивидуалниот ангажман“, вели Златко Трајковски.

АМБИЕНТ Во моментите кога разговаравме со членовите на „Зеро“ во автентичниот амбиент создаден од нивните дела во „Мала станица“, од оригиналниот состав оправдано недостасуваат Перица Георгиев – Пепси, кој веќе долг период живее во Пловдив, во Бугарија, и се занимава со мистицизам и со јога. Отсутни беа и Миодраг Десовски, кој е учител по уметност на децата на кралското семејство на кралот Ал Абдула и принцезата Ранија во Јордан, и Ибрахим Беди, кој во овој период има изложба во Њујорк. „Денес, после дваесет години, сите ние сме веќе изградени личности, многу различни креативни индивидуалци, но токму и затоа се надополнуваме, а нашата комуникација има поголема длабочина и интезитет. Сега сме како некои паралелни светови кои се поклопуваат во некоја зероточка во бесконечноста. Таа зеросостојба е тешко да се приземји и да се преточи во идеја или концепт, бидејќи е 0 (зеро), празнина, трансцендентална свест, не може да се опфати со ум и да се дефинира, но ние сме трпеливи…“, вели Татјана Миљовска.
После „Зеро“ секој од уметниците продолжи по сопствениот пат. Различни беа и претходно, но силно се поддржуваа во заедничките проекти. Заеднички именител на групата ќе остане и периодот поминат во Старата чаршија. „Ако Ништото е дел од нашата филозофска, мистичка и идеолошка личност, тогаш чаршијата е еден вид урбан корал, а ’Зеро‘ е повеќеклеточен организам. Има корали на чие постоење, формирање и растење се должат стотици и илјадници видови, цели биоценози кои живеат во коралот. Во случајот, чаршијата е еден голем корал, а ние сме некакви флуоресцентни многу живо обоени риби. Но, тука има и разни други рипчиња, јагулчиња, ракчиња, полипчиња и полжавчиња кои се мотаат, и сето тоа живее во чаршијата. Тоа е богатството на една сцена која не смее да биде изолирана и стерилна. Стерилна сцена прават институциите кои кај нас, за жал, се тотално руинирани и деградирани, и тоа не од сега, туку веќе дваесет години наназад. Никогаш не сме постигнале културна полнолетност како Македонци, како нација, бидејќи целиот нов век е испуштен, а модерната е накалемена со политичка одлука. Другите балкански народи формирале граѓанска култура благодарејќи на тоа што веќе сто години се национални држави и фатиле некој доцен неокласицизам, некој романтизам и реализам што ја создава атмосферата на таканаречената антиквизација. А Зеро, или барем дел од Зеро, како амеба застана на патот на тие кои се обидуваат и она малку што ќе се искристализира во македонската нација како еден копнеж по култура да го угуши.
Од друга страна, во денешно време отровот на национализмот го уби коралот и денес чаршијата тешко се обновува. Има обиди, но толку е голема штетата од таа лоша националистичка вибрација што место да има културен, денес во чаршијата има криминален андерграунд. Меѓутоа се надевам дека по лошиот период ќе дојде добро, само треба трпение“, вели Александар Станкоски.
Во реализацијата на јубилејната изложба на „Зеро“ учествуваа сите членови кои се’ уште живеат во Македонија, а се вкомпонирани делата на сите уметници кои работеле во групата. Во текот на неколкумесечните подготовки тие беа будно поттикнувани од кураторот Горанчо Ѓорѓиевски. Секако, основната цел на поставката е повторно да се предочат трагите на ’ништото‘ и да се остави простор за понатамошно ликовно промислување на творештвото создадено од „Зеро“. „Тоа што е претставено на изложбата останува како такво, ние се’ уште сме такви и никој од нас се’ уште не се приспособил на тоа што се случува во македонската модерна уметност. Не не’ има премногу бидејќи ’Зеро‘ се’ уште е андерграунд група. Во суштина, се’ што е уметност треба да е андерграунд и не може веднаш да биде масовно прифатена. Во време на реални шоуа и продавање на филозофијата на постпанк и турбофолк – генерацијата, не верувам дека вистинската уметност ќе помине. Мислам дека сегашната модерна уметност во Македонија треба да биде многу посурова, многу подиректна, уметникот не треба да чека некој да дојде да му даде пари, туку треба да биде записничар на времето, ако воопшто сака да прави уметност. А уметноста е тоа, нема преправање и треба да бидеш директен. За да ги раздрмаш луѓето треба да си агресивен и безобразен, бидејќи ако користиш јазик кој нема да им биде близок на овие генерации, нема да успееш ништо да направиш. Според мене, денес со уметноста се оди на шокирање, на грозни сцени, на провокации, бидејќи единствено на тој начин може да се привлече внимание. Ако не привлечеш внимание, тогаш твојата уметност нема да стигне до јавноста и се губи смислата зошто воопшто ја создаваш. Бидејќи и уметноста е како тезга на пазар, само треба да привлечеш некој што сака да конзумира духовна храна“, заклучи Синиша Цветковски.

Суштината на „Зеро“

 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Според Татјана Миљовска „суштинско за ’Зеро‘ денес е манифестацијата на три аспекти на битието: духовното, природното и општествено. Овие аспекти во ’Зеро‘ се испреплетени, кај еден автор доминира едното, кај друг другото, кај трет постои комбинација на два аспекта итн. Природниот аспект на битието се манифестира како склад со природата и екологијата, љубов кон планетата земја, потоа разбирање на земјата и космосот, како голема неоткриена тајна која во минатиот век почна да ја разоткрива квантната физика, при што концептот на перцепција на нештата кој важеше до тогаш тотално се сруши. Тука природниот аспект на битието се доближува до науката, која пак (се мисли најмногу на модерната физика) за среќа се’ повеќе се доближува до духовноста. Духовната сфера се достигнува со духовна практика (медитација и контемплација) што доведува до трансформација на енергијата и на свеста. Духовноста значи да се влезе во една нова динамика. Општествениот аспект на битието е релација со општеството. Сите ние во младоста сме биле бунтовници со или без причина, но како поминуваат годините сфаќам дека општеството не може да се промени со револт, со револуција, со директен конфликт, туку само со промена на свеста на поединецот. За тоа е потребно многу време, па токму затоа и во историјата на човештвото свеста се менува многу бавно, најбавно, милиметарски. Така што голема илузија е да се верува дека со промена на надворешните фактори, односно на општеството, ќе се промени квалитетот на животот на човекот. Се разбира, да се има полн стомак е најважно од се’, но, за среќен живот суштинска е свеста, внатрешната промена. Бидејќи човекот го создава општеството, а не обратно, така со промена на човекот ќе се промени и општеството како негов продукт“, објаснува Миљовска.

Автентичен револт

„Со акциите ’во живо‘, членовите на групата впечатливо ја најавија својата ориентација кон мултимедиумски истражувања и експерименти засновани врз сензибилитетот за фрагментирани претстави, како и врз потребата на еден еклектичен и (нео)експресивен начин да поврзат низа модернистички инвенции на колаж, асамблаж, перформанс со посебен интерес за елементи на стрип, графити, плакат и други појави во тривијалната култура, како и за фотографија, видео и филм, средства на израз што во Македонија немаат вистински успех без оглед на некои вредни остварувања… На тој начин до израз дојде пресвртниот момент на автентичен револт и провокација кон воспоставените естетски навики и локални уметнички критериуми на средината“, е фрагмент од текстот на ликовниот критичар Владимир Величковски, објавен во каталогот издаден по повод изложбата на групата „Зеро“ во „Мала станица“.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *