Македонија

Вечниот оган на Македонската поезија

Македонската поезија се чита во храмовите на древната египетска цивилизација.
Се чита во светилиштата на Рамзес Втори, од Ел Кахира, до Мемфис, Теба и Абу Симбел. Се чита меѓу колосите во Карнак и на терасестата палата на кралицата Хачепсут. Се чита во изложбените салони на галеријата што го носи името на поетот фараон Ахнатон, кој го опеал во величествена химна богот на Сонцето – Атон.
Македонската поезија се чита и во пустината, на отворено. Стихот ѕвони разлеан по непрегледните ширини. Стихот гори потпален од силата на пустинското сонце, а гори и под зракот на сјајната пустинска месечина. Многу силни светлини се мешаат во една и создаваат спектар на бои од кои поштукнува умот.
Ја набљудувам таа појава заробен од љубопитните погледи на моите египетски пријатели поети и литерати, сликари и филозофи. Тие се посилно возбудени од мене. И посилно рецитираат стихови. Од секој изговорен стих се пали по една грмушка во далечината. Гори како факел. Колку стихови толку факли.
– Не е тоа фатаморгана, туку вистински, жив оган, ме уверува поетот Салах Сабур.
– Ова се часови на небесно блаженство, извикува рецитаторката на моите стихови Алија Ел Гајар.
– Глеј, распламтените грмушки ќе се претворат во крилја на птици, слични како птицата Бен што била душа на Озирис и симбол на планетата Венера, клика со својот ораторски глас поетот Ахмед Сувелам.
Од далечината слушам хор од девојки, пеат псалми за вечноста, а Хејкал ми говори во занес за Воденските водопади.
Паѓа водата од височини, паѓа и грми, а огновите вишат ли вишат во небесата. Стихот ја облагородува звучноста на просторот меѓу светските чуда.

кликни на сликата за повеќе

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *