Македонија

Тодор Александров (4 март 1881 – 31 август 1924)

Тодор Александров е роден на 4 март 1881 година во Овче Поле, во семејството на свештеникот Александар Поп-Орушев и Марија. Таткото на Тодор бил учител во Радовиш, просветител и надарен човек, црковен пејач, поет, собирач на народни умотворби. Тој бил ученик во бугарското машкото 3-то класно и педагошко училиште во Скопје и таму како ученик, Тодор Александров се вклучува во македонското револуционерно движење.

Македонците се обединија околу нивната стара институција ВМРО, која како и секогаш предизвикува сеопшто восхитување. Тодор Александров, сакан и уважуван од целиот народ, го зеде во свои раце раководењето со движењето. Роден е во Македонија, 42 годишен. Тодор Александров го посвети својот живот на македонската кауза уште кога беше на 18 годишна возраст. Тој е учител, човек со нескротлива енергија и строга моралност, народот го вика СТАРИОТ и го почитува. Војводите и комитите му се предани до крај. Таа предност е објаснението за неуспехот на српските и грчките власти, да му ги откријат скривалиштата и покрај тоа што Србија, за неговата глава таксува 700.000 динари. Тодор Александров се движи низ цела Македонија како АПОСТОЛ, тој ги посетува сите предели еден по друг. Влегува во села и градови ги собира жителите, им говори, ги советува. Тој никогаш не организира мерки за лична заштита, селаните му се предани, сите знаат каде оди и никој не помислува за предавство, напротив, сите жители на Македонија го чуваат на штрек. Александров е опкружен од една сила која не дозволува негово факање
Во учебната 1897/98, на возраст од 15 година, за време на своето школување во педагошката гимназија во Скопје бил вклучен во редовите на Организацијата од страна на тогашниот директор на гимназијата, Христо Матов. Во 1903 г. Александров учествува во снабдување на дел од експлозивот за Солунските атентатори. Во тоа време соработувал со Павел Шатев кој во своите спомени забележал:

Тој ми остави впечаток на многу разумен, трезвен ум и подготвен за сите жртви пред олтарот на ослободувањето.

Во почетокот на 1903 година бил назначен за околиски раководител во Кочанскиот реон. Како резултат на предавство, на 3 март 1903 година е осуден на 5 години затвор и казната ја издржува во скопскиот затвор Куршумли ан.

По 13 месеци, во април 1904 година бил амнестиран. Наскоро потоа е назначен за главен учител на II-ро класно училиште во Штип. Александров заедно со Тодор Лазаров и Мише Развигоров деноноќно работел за организирањето на штипскиот револуционерен реон. Резултатите од неговата активност се забележани и од турските власти, кои во ноември 1904 година му забрануваат да учителствува. На 10 јануари 1905 година неговата куќа е заградена од многуброен аскер, но Александров успева да се измолкне од војничкиот кордон и се присоединува кон четата на Мише Развигоров, на која што станува секретар. Александров бил делегат на штипскиот реон на Скопскиот конгрес.
Неговото расклатено здравје го тера да стане учител во Бургас во 1906 година, но разбирајќи за смртта на Мише Развигоров, тој го напушта учителството и заминува заМакедонија. По убиството на Развигоров, станал секретар на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев. На Третиот конгрес на Скопскиот револуционерен округ (ноември1907) е избран за еден од окружните војводи на овој округ. По внатрешните поделби на Организацијата, Александров се приклонил кон конзервативното крило и како таков учествувал во работата на Ќустендилскиот конгрес кога дошло до дефинитивен расцеп. За време на Хуриетот не го предал оружјето и се повлекол во илегала.
Во предвечерието на Првата балканска војна, тој организирал серија атентати познати како Магарешки атентати.
Еден од ваквите атентати се случил во почетокот на 1912 година во Штип, на 1 август 1912 во Кочани, а кон крајот на истиот месец во Дојран. Според некои историчари цел на атентатите: била возбудување на турскиот фанатизам за масовни масакри врз недолжниот македонски народ, од чии што средини произлегувале и атентаторите. Додатно на ова, прогонувајќи ги четите по селата, и власта од своја страна прибегнувала кон терор и разоружување на населението во местата каде што се случувале атентатите.
Сенародниот собир во Софија во август 1912 година, под претседателство на Александар Протогеров, извршил морален притисок врз Бугарија да и објави војна на Турција. Истовремено со објавувањето и текот на општата мобилизација во Бугарија во втората половина на септември 1912 година, Тодор Александров, Александар Протогеров, Тодор Лазаров, полковник Стефан Николов, Петар Д’рвингов, Христо Матов и други, биле повикани кај началникот на Штабот на бугарската армија, генералот Иван Фичев, од кого добиле заповед веднаш да пристапат кон организирање на доброволечки македонски оружени чети.

Тодор Александров, Христо Матов, Георги Мончев, Владимир Сланков и Никола Иванов во Димотика во Балканската војна.


Под раководството на Александров и Протогеров биле регрутирани повеќе илјади Македонци во рамките на т.н. Македонско-одринско ополчение, кои поради нивната бројност и стравот дека би можеле да го издигнат лозунгот за автономна Македонија, од страна на бугарската воена команда биле испратени да се борат на фронтот во близината на Одрин, наместо воМакедонија. Во целокупната балканска мешаница, соодветна улога одиграла имакедонската емиграција во Бугарија, која до 1912 година, во поголемиот дел била интензивно вклучена во политичката и револуционерна активност на ВМРО и во сите нејзини струења што се развиле во тоа време. Меѓу тогаш позабележителните жртви на веќе започнатите меѓусебни истребувања на кадрите во ВМРО, кои подоцна ќе добијат грозоморни размери, бил и Герасим Огненов. Тој бил убиен во 1912 година во Аржинското блато, по наредба на Тодор Александров.

Пред почетокот на Втората балканска војна во 1913 година, оваа политичко-воена групација предизвикала вооружени акции и востанија во делот од Македонија под српска власт, а по почетокот на војната се борела во рамките на бугарската војска.
Во време на Првата светска војна, десно-ориентираната ВМРО привремено престанала да постои, а нејзините раководители, четничкиот и војводскиот кадар ја формирале т.н. 11 македонска дивизија, која броела над 30.000 луѓе со сопствен офицерски состав и се борела во рамките на бугарската војска.

Чета на Тодор Александров во Првата светска војна


Во 1913 г. Александров е началник на разузнавачката служба на бугарските војски во Штип, а за време на Првата светска војна тој е член на Штабот на партизанските одреди на 11. Македонска дивизија како офицер за нарачки. Има средби со сите големи личности во тоа време, а со германскиот цар Вилхелм се среќава дури и два пати, добивајќи од него високи германски воени одликувања.
Поетот Пејо Јаворов, пред својата смрт му се обрати на Тодор Александров со проштално писмо, со желба да биде погребан во македонска комитска облека. Желбата му е исполнета и тој е погребан на 14 октомври1914 година. Александров со Пејо Јаворов останале пријатели до крајот на животот на поетот. Се смета дека револверот и отровот кои послужиле во самоубиството на Јаворов биле обезбедени од страна на Тодор Александров по молбата на поетот. Долгогодишното пријателство меѓу Александров и Јаворов било криено и пребегнувано во историската наука.

Тодор Александров и Пејо Јаворов


Неформално, тој е неприкосновен шеф на бугарското воено разузнавање на групата западни армии.
Во неколку наврати преговара со албанските првенци за борба против Србите и Турците, а како лидер на ВМРО уште во март 1911 г. има средба со членовите на албанските организации во Цетиње, Црна Гора.
Резултат на средбите е меѓусебна спогодба, како и Охридското востание во септември 1913 г., кое ВМРО го кренала против српските поробувачи, а во кое значајно учество земаат и албанските револуционери.
Востанието кое избувнало во југозападна Македонија раководено од Петар Чаулев, Павел Христов, Милан Матов и други зафатило широк простор меѓу Охрид, Кичево, Дебар и Струга.
Слабите српски сили на овој терен, во првиот момент, не можеле да се спротивстават на македонско-албанските востаници. На 12 септември 1913 година, Петар Чаулев и Христов со своите чети влегле воОхрид.
На 6 октомври 1913 година, Битолскиот окружен началник известува дека положбата во граничните реони се смирувала. Бунтовниците биле разбиени и се повлекувале во Албанија.
Тодор Александров ја продолжил својата активност и по востанието во југозападниот дел на Вардарска Македонија, се до влегувањето на Бугарија во Првата светска војна на страната на Централниот сојуз.
Бугарската влада на Радославов добила од Австро-Унгарија 25 милиони златни круни, а бугарската влада од своја страна ги дала на Тодор Александров. Со овие парични средства, со паролата за автономија на Македодонија и антисрпското расположение кај раководството и четниците на ВМРО се започнало со подготовки за влегување на комитетски чети во оној дел од Македонија кој бил под српска власт.
Четите на ВМРО, заедно со турски чети и потпомогнати од специјалисти за експлозив и пиротехника од Австро-Унгарија на 20 март (стар стил) 1915 година навлегле на територијата држена од српската власт. Притоа првичната цел на нападот била да се уништи мостот преку кој поминувала железничката линија на реката Вардар кај станицата Удово за да се прекине снабдувањето на српската војска на линијата Солун-Скопје. Во нападот на трите утврдени српски пунктови кај Валандово, Пирава и Удово.
На чело на четите на ВМРО се наоѓале војводите: Ване Стојанов, Петар Чаулев, Љубомир Весов, Панајот Карамфилов, Тодор Петров, Никола Лефтеров, Туше Скачков, Христо Делчев и други, а нивниот број за време на нападот кај Валандово и Удово изнесувал околу 1.000 души.
По идеја на Тодор Александров, Петар Чаулев и Александар Протогеров на 20 декември 1919година е обновена Македонската револуционерна организација под името Внатрешна македонска револуционерна организација. Префиксот Одринско од името на организацијата бил отфрлен, бидејќи во Одринска Тракија се формирала Внатрешната тракиска револуционерна организација на чело со Тане Николов.
Без да се свика конгрес, Александров, Протогеров и Чаулев биле избрани за членови на Централниот комитет на ВМРО, а за членови на Задграничното представителство биле избрани Георги Баждаров, Наум Томалевски и Кирил Прличев.
На 3 февруари 1920 година Тодор Александров, Александар Протогеров, Иван Каранџулов, Никола Стојанов, Георги Баждаров, Михаил Монев,Аргир Манасиев, Наум Томалевски и други, решиле да се обноват четничките акции во Вардарска и Егејска Македонија.

ВМРО на чело со Тодор Александров се повеќе започнала да се наметнува помеѓу македонските емигранти во Пиринска Македонија, но и во цела Бугарија. За кратко време, користејќи ги старите канали и врски од илинденскиот и предилинденскиот период, оваа организација успеала да создаде разгранета мрежа, која толку се проширила, што територијата на Пиринска Македонија била целосно претворена во нејзина база. Со помош на воено-офицерската лига во Бугарија, ВМРО успеала да се обезбеди со големо количество на оружје, за која цел биле добиени финансиски средства и од одредени кругови во Италија.

Во мај 1920 година организацијата разполага со 17 чети во Вардарска Македонија и 5 во Егејска, составени од по 15 четници и тројца во резерва. Биле обновени и револуционерените окрузи: Скопски, Битолски, Струмички, Серски и Солунски, со околиските и селските реони. По целата граница на Бугарија со Вардарска Македонија биле создадени пунктови и канали. Во времето кога Александров влегувал и дејствувал во Вардарска Македонија, кралска Југославија ангажирала 35.000 војници, жандари, граничари, четници, жандарски станици и гранични пунктови.
Од вкупно 17.000 жандари што ги имало во Југославија, 12.000 биле распоредени во Македонија. Кон крајот на 1922 година, неговата глава во Белград е проценета на 250.000 динари.
Во период од 1920 до 1924 година по ВМРО на чело со Александров извршила повеќе акции иатентати. Во овој период биле ликвидирани голем број значајни дејци на македонското револуционерно движење, бугарски општествени дејци и членови на бугарската влада. На 28 јуни 1921 година бил убиен еден од најистакнатите членови и идеолози на ТМОРО, Ѓорче Петров. Неговото убиство било извршено од страна на Реџеп, Турчин по националност, а член на ВМРО. Зад атентатот на Ѓорче Петров веројатно стоела ВМРО на Тодор Александров, иако последниот тоа го одрекувал, а мотивите биле личната нетрпеливост меѓу двајцата, како и разликите што помеѓу нив постоеле во однос на начините и методите на борба и патиштата за решавање на македонското прашање. По ова убиство, на 16 јули 1921година бил убиен кочанскиот војвода Симеон Георгиев – Кочански, припадник на ВМРО и близок пријател на Тодор Александров. На 5 октомври 1921 година во близина на селото Сасабил разоружан и убиен кратовскиот војвода на ВМРО, Дончо Ангелов. Во 1921 година бил убиен Митруш Циклев, којшто најпрвин бил војвода на ВМРО, а потоа преминал во српска служба. Оваа убиство создало опозиција кон Александров.

Од лево на десно, прв Ѓорче Петров, четврт Тодор Александров, шести Андреј Љапчев, седми Симеон Радев, осми Војвода Стаматов


Покрај убиствата на дејци од македонското движење, ВМРО на Тодор Александров е најверојатно вмешана во убиствата на истакнати бугарски политичари. Министерот за внатрешни работи Александар Димитровбил убиен на 22 октомври 1921 година од страна на Иван Јанев-Брло. На 4 октомври 1922 година бил убиен активистот на БЗНС, Александар Панов. Во Прага, Чешка, на 26 август 1923 година бил убиен поранешен министер Рајко Даскалов. На 30 октомври1923 година бил извршен атентат врз бугарскиот политичар и еден од основачите на партијата Народно единство, д-р Никола Генадиев. Сепак најспектакуларно било убиството на бугарскиот премиер Александар Стамболиски.
За неговото убиство постојат неколку верзии, а според една од нив: … главната улога во тоа ја имала ВМРО, повикувајќи се на податокот дека во вилата на Стамболиски во селото Славовица од страна на капетан Харлаков му била прочитана смртната казна на водачот на земјоделците од името на ВМРО и Воената лига, по што и покрај противењето на Стамболиски започнале сурови измачувања врз него и неговиот брат. Главен инквизитор бил скопскиот војвода на ВМРО, Величко Велјанов- Чичето, заштитен и обезбедуван од 30-тина четници на Организацијата. Бугарскиот премиер и неговиот брат биле измачувани, постојано биле принудувани да се збогуваат, биле натерани да си ги ископаат своите гробови, за да на крајот откако со нож му биле исечени ушите и носот, со десетици убоди, Стамболиски бил најѕверски убиен. Измачуваниот земјоделски водач, веројатно со крајни, натчовечки напори пред да почине успеал со крв на еден камен да го напише часот, денот, месецот и годината на неговото убиство: 12 ч. 14 јуни 1923 година...
За време на Септемвриското востание во 1923 година од страна на ВМРО на чело со Александров биле убиени голем број на Македонци – комунисти. Меѓу убиените биле Тодор Чопов, внукот од сестра на Гоце Делчев, браќата Борис, Кирил и Димитар Костовски од село Кочариново, Коста Сандев од село Зарево, Солунско, Никола Иванов од Хисарлак, Сотир Лазаров и Јанчо Хајдушки од Горна Џумаја, Игнат Николов од Цариброд, Васил Коритаров од Босилеградско, Ташко Малев, Јордан Клинчаров и Атанас Георгиев од Горна Џумаја, Иван и Георги Савов од Ќустендил, Стефан од Одринско, Петар Ичков од Горна Џумаја, Петар Здравков од Велес, Евгениј Георгиев, Сотир Календерски и Иван Марков од Горноџумајско, Никола Тодоров Нучков и Стојко Стоилов од Горна Џумаја, Ристо Стојков, Ѓорѓи Иванов Хаџијски, Борис Давитков, Илија Катачки, Методи Мазнев и Петар Димитров.

За време на истите настани од припадниците на ВМРО, Михаил Монев (зет на Тодор Александров), Васил Мечкуевски и Иван Караџов во Горна Џумаја (Благоевград) биле убиени комунистите: Димитар Ацев-учител, Никола Лисичков – адвокат и нотарот на градот Стефан Велинов. Тие биле обесени, а нивните тела биле оставени да висат неколку дена во градот.

Атентатите на ВМРО (Автономистичка) на чело со Александров во втората половина на 1923 и првата половина на 1924 година продолжиле. Во 1923 година бил ликвидиран архитектот Никола Јуруков, еден од водачите на Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО). На 8 јули 1923 година во Софија бил убиен Таската Спасов – Серски. „Убиството било извршено при неговата операција на слепо црево од страна на професорот Станишев, човек близок до ВМРО, при што Спасов, исечен бил оставен да искрвари и да умре на операционата маса.“ На 26 мај 1924 година од атентатор на ВМРО бил убиен Милан Грашев, автор на брошурата „Мафиите и катастрофите“. На 30 јули 1924 година во Виница бил убиен Мите Соколарски-Суџукаро.
Мајскиот манифест бил донесен на 6 мај 1924 година со неговото потпишување од страна на членовите на ЦК – Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев. На манифестот му претходел договор за обединување на македонски револуционерни сили. Александров се обврзал дека ќе се откаже од своите неодамнешни терористички активности и ќе заземе за македонските интереси. Меѓу другото во овој манифест било истакнато:

Браќа Македонци! Македонија, во своите природни географски граници меѓу реката Места, планините Родопи, Рила и Шар, реката Дрим, Охридското Езеро, планината Грамос, реката Бистрица и Егејското Море, со едно пространство од 65.000 кв. километра, пресечена од реките Места, Струма, Вардар, Дрим, Бистрица и надарена со најразнообразни природни богатства и благопријатни климатски услови; со своето 2.302.000 население, рознооброзно по својот етнографски состав, со својата централна економска и стратегиска положба на Балканите, меѓу басените на реката Дунав, Егејското и Јадранското Море – ги има сите услови и права за самостојно палитичко постоење, како независна држава што се управува самостојно, која ќе послужи како обединувачка, политкчка и економска алка меѓу народите и државите на Балканското Полуострово.
Зацртувајќи го во општи линии својот однос кон државните фактори на општоевропската и балканската политика, ВМРО изјавува дека таа се бори и ќе се бори со сите средства на револуционерната борба: 1. За ослободувањето и обединувањето на раскинатите делови на Македонија во една наполно независна и самостојна политичка единица, во нејзините природни, географски и етнографски граници...
ВМРО изјавува дека во својата борба за независна Македонија и Балканската федерација смета, пред сe, на обединетите револуционерни сили на целото македонско население, без разлика на вера и народност...

Александар Протогеров и Тодор Александров

Тогаш е потпишана и посебна декларација според која иднината на Македонија да не се поврзува со Бугарија, туку во една наполно самостојна држава, обединета во нејзините етнички граници. Со овој манифест не се согласила влада на Александар Цанков. На 5 август ЦК на ВМРО се произнел по Манифестот со Декларација бр. 772, објавена во весникот “Прапорец”, во која било истакнато:

Во првиот број на весникот “La Federation Balcanique”, кој излегува во Виена е напечатен еден манифест, кој и се препишува на Централниот комитет на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација. Овој документ не е на Централниот комитет. Од содржината и формата на овој манифест секој може да види, дека тој е дело на егзалтирани комунисти. Остриот јазик против владата на Бугарија и апелот кон сите Македонци и Бугари да поведат најрешителна борба против неа, како да е таа главната пречка за ослободувањето на Македонија, исто така ги издава партизанските чувства на неговите автори. Во септември минатата година, Централниот комитет на ВМРО во своја декларација го изложи карактерот на македонското ослободително движење. Во неа се кажува: Револуционерната организација ги обединува сите класи на македонскиот народ без разлика на народност, религија, пол и политички убедувања… Внатрешната Македонска Револуционерна Организација ќе продолжува да следи една линија на независно поведение. Таа смета за успехот на својата кауза на слободољубивото мислење на целиот свет и на сите организации и групи, коишто ја напишале на своите знамиња заштитата на правото за слободното самоопределување на народите… Внатрешната Македонска Револуционерна Организација не може да му служи на никоја држава и на никоја партија, во која и да е држава. Таа смета на помошта и подршката на сите држави во нејзината борба против угнетувачите на Македонија и против непријателите на македонската слобода. За таа цел таа влегува во врски со сите големи и мали политички фактори во светот… Што се однесува до Бугарија, Централниот комитет, кога изјавува дека не е работа на ВМРО да се меша во внатрешниот и политичкиот живот, но дека ќе се бори со сите сили и средства против непријателите и злоупотребителите со нејзиното име и престиж, кои и да се и каде и да се наоѓаат тие, смета, дека е време, сите политички партии и фактори да разберат дека ВМРО е единствена компетентна да ја насочува својата дејност во преследувањето на својот идеал – слободна и независна Македонија… Тоа било, тоа е и денес становиштето на Централниот комитет. Сите други манифести, декларации и др., коишто се појавуваат или би се појавиле од негово име, ги ангажираат само нивните автори и никого друг. 

Марија Коева, ќерка на Тодор Александров, истакнала: „Навистина, мојот татко се откажа од потписот на Мајскиот манифест, бидејќи не сакаше ВМРО да се болшевизира и да биде партија, туку да си остане татковинска патриотска организација се додека Македонија не стане држава.

Тодор Александров со семејството


Новиот курс кој Александров го зазел за решавањето на Македонското прашање како и откажувањето од потписите на Мајскиот манифест, придонеле да се создадат услови за ликвидација на Александров и негово остранување од раководната позиција на ВМРО.
Тодор Александров на 31 август 1924 година, кај селото Лопово на Пирин Планина бил убиен. За убиство и нарачателот во историската наука постојат повеќе верзии.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *