Тајната на Олимпија од Паскал Камбуровски

Олимпија будно следела сé

Два месеца по смртта на Александар, Роксана родила син, а Собранието на Македонците го прогласило за цар на Македонија како Александар Четврти. Сега судбината на Македонското Царство почивала во рацете на Пердика, кој, како чувар на царското семејство и регент на Македонија, одлучувал за сите државни и стратегиски работи

Александар, иако неговиот живот бил краток, успеал да создаде свет рамноправен за сите, без разлика на култура, вера, јазик и етничка припадност. „Александар починал на 10 јуни 323 г. во Вавилон без да остави тестамент“ (Николас Хамонд).
Смртта на Александар ги изненадила и ги потресла сите, особено командниот кадар. Најистакнатите генерали и личности, по веста за смртта на Александар, пристигнале во Вавилон да го решат прашањето за избор на новиот цар. Најголеми шанси за преземање на царската власт имале: Пердика и Леонат, како подалечни роднини на Александар и двајцата со потекло од Орестија, како и Аристон Лизимах, Пејтон, Певќест, Птоломеј, Селевк, Кротер и Антипатер. Според Квинт Куртиј Руф за извршители на воената власт, од страна на Македонското собрание бил прифатен предлогот на Пердика, според кој целокупната власт им се дава на Пердика, Леонат, Кратер и Антипатер.
Учесниците во Собранието му положиле заклетва на новоизбраното раководство и на Олимпија. По изборот на военото раководство, Собранието пристапило кон избор на новиот цар.
Предвид доаѓале полубратот на Александар, Аридеј, син на Филип и Филина од Тесалија, 4-годишниот Херакле, син на Александар и персиската аристократка Барсина, која прво била жена на Ментор, а потоа на неговиот брат Мемнон – обајцата високи команданти на Дариј. Најголеми шанси би имало дете на Александар и неговата законита жена Роксана. Првото дете на Роксана починало како бебе од непознати причини. Сега Роксана била бремена и очекувала дете, кое би ја добило поддршката од сите, како природен наследник на тронот. По цврстите залагања на Пердика, Советот на генералите прифатил, нероденото дете на Александар и Роксана да биде прогласено за цар, а четворицата избрани генерали: Пердика, Леонат, Кратер и Антипатер да ја вршат функцијата регенти до полнолетноста на новоизбраниот цар.
Во наше време тешко може да се разбере таква одлука, но ако внимателно се проанализираат состојбите, може да се насети влијанието на Олимпија, која несомнено стоела зад сите донесени одлуки.
Советот на генералите, наместо веднаш да го свика Собранието за да го прифати предложеното решение, му наредило на Пердика да изврши воена смотра на коњаницата како знак за прифаќање на донесените одлуки. Овој чин на коњаницата ги вознемирил припадниците на македонската пешадија, бидејќи изборот на новиот цар бил извршен без нивна согласност и тие настапиле со нов предлог за цар на Македонија да биде избран хендикепираниот полубрат Аридеј како Филип Трети.
Коњаницата, сакајќи да го реши натежнатиот проблем, ги испратила двајцата генерали на фалангата, Мелагер и Атал на преговори со пешадијата. Но, дошло до непредвидлив пресврт, бидејќи Мелагер и Атал го прифатиле предлогот на пешадијата за цар да биде прогласен Аридеј како Филип Трети и припадниците на пешадијата насилно влегле во палатата да го преземат телото на Александар, односно, тие, а не припадниците на коњаницата да го вардат телото на починатиот Александар.
Конфликтот на двете воени формации, пешадијата и коњаниците, можел да предизвика несогледливи последици да не била присебноста на Пердика, кој уживал голем авторитет меѓу македонските војници. Тој предложил, би се рекло, Соломонско решение: телото на Александар да биде вардено наизменично од припадници на двете воени формации. За да се смират работите до крај предложено било да се извршат религиозни ритуали за прочистување на државата со приближување на двете воени формации – фалангата и коњаницата во полна воена готовност, до местото каде биле разделени со распарано куче. (Во Македонија тоа се вршело со распаран волк). Пердика ја искористил создадената прилика и остро ги нападнал командантите на пешадијата, обвинувајќи ги за непослушност. Мелагер и Атал биле погубени на лице место и на тој начин Пердика ја презел апсолутната власт над војската.
Веднаш било свикано Собранието на Македонците и била донесена одлука Пердика да биде избран за извршител на царската власт, односно регент на Македонија и чувар на царското семејство.
Собранието истовремено донело историска одлука телото на Александар да се балсамира од страна на халдејските и египетските свештеници, а погребот да се изврши во Македонија според традиционалните македонски обичаи.
Според пишувањата на античките историчари Диодор, Квинт Куртиј Руф, Страбон и Аријан, кога умирал царот неговото тело било чувано од најистакнати Македонци. Посмртните останки се изложувале на јавен увид внатре во палатата, а неговиот трон се изнесувал надвор пред палатата.
На тронот биле изложени воените трофеи на починатиот цар, дијадемата, златниот сигнет, оружјето, царскиот дневник и др. Погребот се извршувал по изборот на новиот цар. Погребот на царот треба да се дефинира како војнички чин. Од изворни податоци (Павзаниј, Диодор) дознаваме за погребно возило, погребна поворка, царска свита, дефиле на царската гарда и спортски игри.
Два месеци по овие случувања, Роксана родила син, а Собранието на Македонците го прогласило за цар на Македонија како Александар Четврти. Сега судбината на Македонското Царство почивала во рацете на Пердика, кој како чувар на царското семејство и регент на Македонија, одлучувал за сите државни и стратегиски работи.
Од донесените решенија не го криела своето задоволство и Олимпија, која будно ги следела сите настани и случувања. По смртта на Александар, Олимпија издавала наредби во името на новоизбраните цареви Филип Трети и Александар Четврти. Сите генерали и војници имале дадено заклетва за верност (Квинт Куртиј Руф). По овие бурни настани, Олимпија била целосно обземена со судбината на ковчегот со балсамираното тело на Александар. Таа верувала дека ковчегот поседува магична моќ и дека тој може да стане плен за некој од претендентите за тронот. Преку своја мрежа на агенти, таа имала целосен увид на состојбите во секоја сатрапија (покраина). Била детално информирана за секој управител и неговото опкружување, за нивното мислење и намери во врска со новосоздадената ситуација по смртта на Александар.
извор: НОВА МАКЕДОНИЈА

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *