Коментари

Стравови

Никој не може да предвиди колкав е капацитетот на трпението на човештвото од западната хемисфера.

Ако можам да посочам едно чувство, најраспространето и најприсутно во човековите души во ова време, на овој регион во кој живееме, тука мислам на целата западна хемисфера, падната во ужасна економска криза, тоа е стравот што произлегува од тоталната неизвесност на животните процеси, на нереалноста на нашите очекувања, на непрегледноста и нејасноста на перспективите кон кои се движи цела една цивилизација, чиј нераскинлив дел сме и самите ние. Но, и да сме поштедени од овој галиматијас, што така евидентно им се случува на, до вчера, просперитетните и стабилни општества, ние никако не можеме да се дистанцираме од овие собитија.
Не само поради ефектите од оваа криза, што неминовно доаѓаат и до нашите порти, туку и поради самата емпатија, поради морбидното чувство што не’ обзема кога гледаме како, до вчера, среќните и безгрижни луѓе, денес не знаат што да прават со себе и со своите, веќе руинирани животи, исполнети со невообичаена анксиозност. Стравовите што зрачат од пауперизираните маси, што ги населуваат огромните области на западната хемисфера, зрачат наоколу, воведувајќи ја целата планетарна популација во овој заразен сентимент на немир, исчекување и страв. А никој не нуди некакво спасоносно решение, ниту таквата ситуација е на повидок.
Девизата – „спасувај се кој може“ – препорака, колку себична, толку и очајна, го проникнува карактерот на денешните животни и етички стратегии. И оваа празнина, исполнета со негативни визии и кошмари, а тотално дистанцирана од моралните вредности на солидарност и сочувствителност, е она најстрашното што се случува. Ваквата грозоморна состојба на отуѓеност ја убива надежта во подобрата иднина, а при ваквите амбиенти на колективната свест се случуваат најразлични дисхармонии и немири, кои најпрво ја изгонуваат спокојноста од душевниот амбиент. Без спокојот човек запаѓа во стресни состојби, кои колку што подолго траат, толку повеќе генерираат најразлични патолошки последици по психо-соматскиот склоп на луѓето. Со ова, сите ние, како дел од едно антрополошко битие, стануваме болни и неутешни преживувачи на една бавна апокалиптична стварност, исполнета со катастрофични, суицидални и некрофилски претстави. „Ќе дојде време“, рекол мудриот пророк, „кога живите ќе им завидуваат на мртвите“. И оваа мудрост, пренесена од „Откровението“ на Св. Јован Богослов, како да почнува да се случува пред нашите очи, тука, на планот на реалноста, за која мислевме дека е непобитно раздвоена од спиритуалните референци на древните визионери, што во времето на беспоговорниот рационализам и материјализам ги акцептиравме како историски мистификатори и митомани.
Како и да е, непосредното искуство е најнепобитната референца за една реалност. Понекогаш не ни сонуваме дека неочекувано собитие со ваква магнитуда на фантазмагоричност може да се случи, но кога оваа прокоба ќе стане јаве, без оглед на нашето упорно одбивање да ја прифатиме како стварност во почетокот, отпосле, по сите наши трауми, таа станува дел од нас, а ние и покрај веќе долгото заедничарење со неа, никако не сакаме и не можеме да ја прифатиме и да ја толерираме.
Едноставно, тешко или никако не можеме да се прилагодиме на овој немир, на овој страв, кој ја навестува неутешната и ужасна болка. Единствено на што можеме да се согласиме, е промена на овие собитија и влегување во нова реалност, во која би добиле малку мир и спокојство.
Но, таа нова реалност никако да дојде, ниту пак е на повидок. Имено, сите можни алтернативи не нудат никаква потемелна позитивна промена, напротив.
Од ова кризно мочуриште, од оваа немоќ и очај, кое никако да се разбранува и на површината да извади барем нешто малку надеж што би ги утешило нашите, до лудило вознемирени души, може да не’ извади само еден радикален пресврт на целокупниот наш менталитет и духовност. Но, тоа е тешко да се претпостави, земајќи ја предвид целата ментална инерција и душевниот конформизам, во кој е падната западната култура и цивилизација.
И наместо да се замислиме и промедитираме над ова глобално искушение, кое зацарило со нашите битија, ние во целата паника на грозоморниот момент стануваме уште полоши, уште посебични, и се’ повеќе и повеќе и’ даваме предност на омразата и нетрпеливоста.
Дали ова значи, дека со ваквиот манир на однесување, човештвото од западната хемисфера неминовно оди кон еден пеколен тип на разрешница на оваа ужасна криза? Искуството на историјата ни говори, дека ваквите состојби од минатото, човештвото, пред се’ од западниот цивилизациски корпус, ги решавало со големи регионални или светски војни. Војната е ужасен хаос, кој ги пали сите можни инстанци на немир и загриженост, а потоа од грозните магматски собитија повторно ќе се воспостави ред и одредена надеж, која ќе ја ползуваат преживеаните. Ваквиот ризик за милиони, за едно неизмерно страдање, е најстаршното можно решение за овие очајни времиња, исполнети со стравови и исчекување. Но, ниеден од нас нема контрола врз специфичниот развој на настаните. Никој не може да предвиди колкав е капацитетот на трпението на човештвото од западната хемисфера, оној дел од човештвото, кој традиционално барал брзи решенија за проблемите, кои го водат во бесно и несогледливо лудило.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *