Коментари

За иштафот наш насушен

ИШТАФ – збор од туркофонско потекло – истахли, со значење – оној кој има волја за јадење со апетит или човек кој е жеден за нешто, попознат под синонимот стрвен. Нејсе, овој збор уште како мал го имам прифатено под знакот на онаа народната “дај му на детето да касне, за иштаф, машко е, да не му падне к…” Демек, ако не касне детето може, скраја било и подалеку, да се мераклаиса и да остане без “машкоста”. Башка постои ист таков муабет и за бремените жени кои поради иштаф можат, бог да чува, и да пометнат… Застрашувачки нели!?!
Но добро, иштафот како феномен ме тегоби коџа време и, медитирајќи на оваа тема, некако спонтано ми се наметна заклучокот дека земјичкава наша и повеќето од нас со години се соочуваме со проблемот на иштафот. Ќе се прашате зошто? Е па, почитувани, затоа што од сите страни по медиумите гледаме “колку е убав и примамлив светот” со сите негови објавни страни, колку е “прекрасна” и чиста и богата “госпоѓата Европа”, колку е “слободна и демократска” “гордата Америка”, гледаме, гледаме, а никако да излеземе и да вкусиме барем малку, колку за иштаф, што се вели, од благодатите на “светот”. Затворени сме во некаков чуден виртуелен батискаф, нурнати во сопствените кашканици и дремеме небаре лоботомирани мрмоти, чекајќи го Годо или Чичо Сем кој ќе се смилува и ќе нè пушти да се замешаме со другиот свет, како порано што нè носеа на “екскурзија низ Југославија”, се разбира, ако “успешно матуриравме”. А како тоа успешно може да се “матурира”, односно, да се потврди политички коректната зрелост во контекст на општиот, глобален геополитички галиматијас??? Па, се разбира, со успешното практицирање на дилот наречен иштаф и со надминување на адолесцентната фаза на перчење со екстремитетот, кој е најрелевантен во овој балкански, фалократичен енвиромент! Опс!!! Тукушто го денунцирав методот на “ѓутлучката” алијанса, како на детето да му падне ?таквоето” и потоа тој глобалистички евнух или, ако сакате, тој среднобалкански кастрат ќе “пее” толку високо за сите да го чујат неговото пискање “од Галичник до Река” и да фатат усвет, исто како Галите пред чудесниот глас на нивниот Бард Тамбурикс (ви текнуе на Астерикс и Обеликс?).

Море еден Божик, море Нова година, море Бадник, море друг Божик, море друга Нова година… еваа, а и Бајрам да не го заборавиме. Сè празник до празник… а најпразно од сè народниот џеб и, следствено на тоа, “традиционално богатата македонска трпеза”. Но, ќе рече некој…да не кукаме многу, за сарми, кифлички, туршија, пита не сме сиромашни… Е, да да …ама… кај се божикните мисирки, подвароците, прасињата, кадаифите, татлиите, пилавите и тавите од секаква “турли” провиниенција… Уф да не пукнам, лиги ми потекоа при спомнувањето на сиве овие “пикантерии” и иштаф ме потфати..и ми текна на прекрасната баклава. Ааах, тој неконтролибилен птијалин што надоаѓа, ах тој неодгатлив иштаф пред совршенството на слаткарскиот симулакрум на еросот!
Реминесцирајќи а-пропос баклавата, ми светна една апофтегма која одеше вака: Масоните ни пуштија ѕврчка; Солун е наш! – ама баклавата е грчка?!? Е џанум!!! Тоа ме асоцира на актуелните мешетарења на Меѓународната кризна група околу Македонија и нејзиното име и античкото наследство, ама нцки!!! Колку што е грчка баклавата, толку е грчка и Македонија. Нејсе, Турчинот на Македонецот т.н. “чокакаллија” (со многу ум) му ги оставил сеирот, шубето, немукаетот, иштафот и слично за да може понатаму да се снаоѓа, а на Гркот или на “јунанот” му ја позајмил баклавата или, поточно, Гркот во неговиот познат манир си ја “здрпал” баклавата и му ја понудил на белосветскиот Џандар, за да му “тргне со благо”, со машала, рушвет, машала. Љомзејќи се вака по меандрите на сеприсутниот иштаф, ми текна на уште една интересна балканска сентенца, која неверојатно пластично го предочува феноменот на стрвноста и иштафот кај примарниот хомо-балканикус: “У туѓога татка, поголема патка” – па можеби поради овој “трип” нашиов народец е историски склон кон една номенклатурна фиксација околу тоа кои сме, што сме и со кого сме(се мисли поблиски братучеди?!?). Ај анасана, или е можеби во прашање некаква историска мимикрија за да се опстане и мудро, во манир на натурализираниот Насрадин-Оџа, да му се доака на шејтанот, истресувајќи ја турската “Кач патка, јол девар” или “Уште колку патки има по патот”, мислејќи дека “не морам да ја купам оваа скапа или чкулава патка што ми ја нудиш, па макар и била поголема и попримамлива…” (можеби тоа е заради ракурсот на камерата на Чичо Сем во колибата на Чичо Том). А се сеќавате на црното, грдо пајче кое, кога порасна, се претвори во прекрасен лебед!
Кач патка, јол девар… А патот до себепознанието е полн со чудни и непредвидливи продавачи на патки и трампачи на бели за црни бубрези, шконтери, лешпери, тамаќари и други протагонисти на вечно актуелните водвили во “театрумот мунди”. Значи, во глобала, почитувани, речиси сите ние во нашава “авлијастан” држава сме, на некој начин, иштафлии да ѕирнеме малце надвор од нејзините тараби и да ја видиме од страна, па белки некој ќе види од страна поубаво како стојат работите и ќе најде некакво чаре за нашинскиот ни таксират. Е сега, за да можам да ја аспектирам една од консеквенциите на иштафот, ќе се послужам (молам да ми биде дозволено) со еден цитат од почитуваниот Ферид Мухиќ, кој на едно место вели: “…За илустрација можат да послужат компулсивно-опсесивните неврози за време на кои личноста што од нив пати настојува да го организира својот живот во еден микросвет, во еден вид ограничен и целосно контролиран простор. За таквите луѓе сè што е ново или непознато, наедно е и заканувачко. Тоа може да стане и поопшт групен менталитет. Тогаш е мошне карактеристичен по својата субмисивна, покорна, затворена ориентација…”
“…Кога се затвора или кога се препознава како исполнета во затворање (територија, група…) таа потреба не дозрева до ниво на мотивација, туку се деградира во анимален императив. И животните имаат силен територијален императив, за кој се готови да загинат, како што имаат и цврсти социјални урнеци на однесување. Но, тие матрици не се избрани. Уште помалку го афирмираат изборот како клучен начин на однесување на членовите што им припаѓаат на тие заедници.”
…масоните ни пуштија ѕврчка, Солун е наш, ама баклавата е грчка…
Лоцирајќи го иштафот, почитувани, како “групен менталитет” и, наедно, како консеквенција од невидливите псевдоподии на глобалната конспирација, ќе си дозволам еден мал екскурс за крај на оваа полуапсурдна тирада за иштафот. Имено, станува збор за еден мошне луциден текст на Марко Цепенков, заглавен како “За Фармасоните”.
“…Веруваат луѓе оти имало на земјава Фармасони што потпишувале луѓе под нив. Тие му даале троа пари на тој што ќе се потпишел и ќе му го земеле лицето на една книга… да ќе да го обесат на ѕидот. Парите тој што и имал, ер кај што да и даел, пак назад ќе му дојделе. Ако сака некогаш да се одречит човекот од нивната тебабија, ќе го сетат по лицето што му го имале и катаден се пулеле по сите лица што имале земени потпишани. Ќе го сетат лицето, чунки ќе се припраеле некако и веднаш ќе го шибнат со един шиш в срце во книгата и ер кај сака да ет чоекот, ќе си умрел. Велат за фармасоните ѓо не биле луѓе, ами ѓаоли, за да лажат луѓето, да носат во вечна. Тука во Прилеп имаше еден фурнаџија и анџија што го викаа Тале Алавантија. Ѓоа тој беше фармасон, чунки в црква ич не одеше.
П.С. …Мера спроти мера… А на оваа вистина, од негово време, дедо ми покоен, лесна му земја, мајстор Драги, со мистрија од Чикаго, со чук од Буенос Аирес, со дузина рани од Солунски фронт, со едно туце одликувања од Првата светска војна, со седум јазика што ги знаеше и со осмиот што само на ретките им го зборуваше… на онаа од негово време ќе речеше: Ал го глеаш метришчео на гозишчео, да ти напраа едно але, да пердниш, да ѕунит…. Скиваш – Муклес.
(Авторот е новинар и писател)
извор Утрински весник, октомври 2006

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *