Коментари

Скопје – периферија

Проектот „Скопје 2014“ стана лајтмотив на преџваканата класна борба на оние кои владееја во име на стадата пролетери

Поминувајќи ја реката Стикс


Класични студии
Скопје има мал центар и огромна периферија. Цели 40 км е долг овој конгломерат на индустрија и станбени блокови, работен според најфункционалните и најнеестетските стандарди на социјалистичкиот кастриран модернизам („ни риба ни девојка“), во чии зданија требаше да бидат сместени стотиците илјади префабрикувани пролетери (та, нели, тоа беше систем во кој диктираа ко божем пролетерите) од довчерашните селани, кои грабеа кон градот како стадо биволи во трк, носејќи ги во своите мобилни амбари кокошките и по некоја овца или коза, со која поставиле сентиментално-лукративни релации.
И целата таа менажерија се вселува во новопроектираното, од страна на светски славениот Кензо Танге, Скопје, со сиот свој багаж, со своите легенди и стравови, со својата глад и бесловесност. Тоа е помалку надреална слика, сите тие бројгеловски физиономии, ставени во модернистичките рамки на едно трауматизирано до обезглавеност Скопје, мал колонијален град со голема ситнобуржуаска клиентела за сите потреби, до коски застрашена од новата пролетерско-селска власт.
Кулите, така амбициозно акцентирани и мултиплицирани од светски признатиот Кензо Танге, почнаа да се лупат од зорт. Поточно, нивните фасади почнаа да отпаѓаат, претпоставувам, поради таа дисонантна релација на селска топлина и редукционистички ладниот дизајн на јапонската мејнстрим модерна архитектура од 1960-тите, пред се’ наменета за тивки и прагматични жители, со најмалку неколкувековна урбана култура. Тука наместо бонсаи дрвца, по балконите се појавија мали нивички со праз и пченка. Секоја култура има свои автентичности. Кога сме кај вегетацијата, таа од Бога дадена естетика на природата, во најголема мера е заслужна за суптилното покривање и врамување на неинвентивната и здодевна функционалистичка архитектура, со која е прекриен најголемиот дел од овој град, кој повеќе личи на периферија.
Затоа, честопати странците што заглавувале во градот никогаш не го нашле центарот, туку се соочувале со една огромна и непрегледна периферија. Централната железничка станица како да ве внесуваше во некаква селско-индустриска зона преполна со кал, а нејасно димензионираните, во однос на новиот светски поредок суштества, со гладни за „случка“ очи, ви го убиваа денот. Уште пострашно беше при старата автобуска станица (на чие место денес е изграден Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите), која повеќе личеше на сточен пазар во Кандахар, отколку на постојка што треба да опслужи логистички потреби на стотици илјади резиденти на овој град – периферија. Влегувате во зоната на градот и по некое време излегувате, а во меѓувреме скоро ништо не се променило, во смисла на згуснување и акцентација.
И така се’ до иницирањето на проектот „Скопје 2014“, кој требаше да го промени овој статус на периферија и да му даде одреден цивилизациски гламур на градот и овој пат навистина да се создаде не само географски, туку и естетски контекстуален и историски центар на градот и државата.
Но, нештата не завршија на ова. Суетните души, хипнотизирани од маалската инерција, одеднаш испорипаа како попарени. Некој таму, нешто сака да прави, а? Како тоа може?! Како без нас?! И тука почна малата гнасна вербална војна што тие ја почнаа против сите оние кои интимно или јавно ја поздравија оваа усилба на курентната влада. Та тие, (бившите долгогодишни владетели) биле навредени од потегот на новите управители, кои се дрзнале без консултации (јавна дебата) да влезат во овој неприкладен и недоветен проект, кој го возвишува монархизмот, империјализмот, кичот, анахроноста, забеганоста, наместо тивката и морбидна амбиенталност на периферијата.
Така, проектот „Скопје 2014“ стана лајтмотив на преџваканата класна борба на оние кои владееја во име на стадата пролетери. Веројатно амбиентот на периферијата помагал во менталната манипулација што владејачките елити ја практикувале во монопартиските системи, како што беше и нашиот до пред само дваесетина години.
Логиката е – вечно депресивните пролетери да ја гледаат грдотијата во која живеат насекаде. Секој луксуз или гламурозност за пролетерот е предизвик за класна борба и револуција. Та тоа веќе го видовме и доволно е. Сега сите ќе бидеме мизерни, така незадоволството на пролетерите ќе биде неутрализирано од општото незадоволство. Само треба добро да се одглуми. А што се однесува до гламурот, еве ви ги Рим, Париз, Лондон, каде што ќе уживаме како кралеви, надвор од дофатот на бесниот и секогаш незадоволен пролетерски поглед на светот. Незадоволен, се’ додека не дојде комунизмот, кој за среќа нема веќе никогаш да дојде.
 

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *