Коментари

Систематизирано насилство, насилство по порачка!

Дали треба одново да го гледаме она, додека бевме мали, како на семејните слави потпивнатите гости влегуваат во жестока расправа за „леви“ и „десни“, и дали тоа треба да им го приредиме на генерациите кои доаѓаат?
Зошто се почесто сме сведоци на „нефер“ конфликти на етничка, класна, религиска и што е најапсурдно, на политичка основа. И дали стварно ќотекот не излегол од рајот туку најчесто бил нарачан во нечиј штаб?
Не можам, а да не потсетам на добро познатите муабети што ги прераскажуваа  постарите генерации за едно време, кога, доколку имаш проблем со некого … го решаваш тоа на начин „еден на еден“, онака машки. Имало во тие маалски тепачки и вистински причини, но најчесто биле резултат судири предизвикани заради глупо демонстрирање на егото, на мачо докажување, кое беше составен дел на традицијата во маалата каде зреела популацијата која еден ден ќе се прогласи за граѓани. .
Денес, сме се почесто сведоци на „нефер“ конфликти на етничка, класна, религиска и што е најапсурдно, на политичка основа. Но овие се чудни тепачки кои го поставуваат прашањето дали стварно ќотекот не излегол од рајот туку најчесто бил нарачан во нечиј штаб
Нема ништо пострашно од физичкото соперништво кај нас, младите, кога тоа оди на сметка на политички каузи и бои… не ја спомнав идеологијата бидејки не верувам дека оние кои вистински ја застапуваат, веруваат и ја бранат идеологијата на својата партија, би се пресметувале физички со своите неистомисленици…
Јасно ни е на нас, младите, дека еден ке дојде моментот кога со некои од своите пријатели ке го изгубиме контактот само поради различните перцепции и ставови, јасно ни е дека како што гледавме дури бевме мали, како на семејните слави потпивнатите гости влегуваат во жестока расправа за „леви“ и „десни“, така веројатно, некои од нас ќе го прават истото пред нивните синови и ќерки, еден ден… Колку и да звучи апсурдно вистината е таа… се уште колективната свест кај нас, поновите т.н. урбани генерации на РМ, не е на тоа ниво, повисоко од било каков тип на определба…
Ова е јавен повик до мојата генерација за издигнување на себе над општествените случувања и превирања, и апел за збогатување на духовноста преку, книги, посета на претстави и кино-филмови, социјализација  преку вистински „кафе“ средби, не на „фејсбук“ – арчење на слободното време во тотална некреативност…
Туѓите животи и тоа „што прават другите“ е главен повод за тензија меѓу нас… Систематизирано насилство, наменско насилство, со умисла и предумисла…
Тепачките, од било каков тип, познато ни е на нас како и на светот, се нешто неминовно во процесот на социјализација на многу поединци во сите општества. Особено оние кои го минаа процесот на реформа од минато општество на наводно еднакви во ново општество на наводно еднакви. Од такво во кое сите биле релативно на исто социјално рамниште, во општество во кое сите сме релативно еднакви индивидуи (еден човек еден глас) во општесво во кое социјалните разлики не составаат класи туку – касти.
Нормално, не заборавајќи на фактот дека плодовите од приватизацијата беа „синови на екс-директори кои станаа газди во мерцедес џип – поскап од животната заработувачка на еден просечен работник“ и „синови на обичните работници кои отидоа надоле класификациски, каде и резервните делови за старото југо, претставуваа отежнување за семејниот буџет“.
Оттука, превртените вредности и нефер поделбата, се главна причина за насилството кое го имаме доста често, особено по скопските улици, незанемарувајќи ги помалите градови и населени средини.
Ако дозволуваме, ние, тие кои за нешто помалку од една деценија, ќе треба да ги држиме почугите на општеството, грешките на нашите родители и нивните современици, да станат причина за „повторување“ на оваа колумна, но од  страна на некој млад дечко или девојка, кој/а ги резонира работие на овој начин, во оваа ситуација, тогаш нашата борба однапред е изгубена… Не смееме да си дозволиме да станеме „тие“ за кои не учеа да се плашиме, дури бевме мали деца… По ниедна цена… Само нашето единство и солидарност низ призмата на денешната индивидуалност и демократија, можат да се претворат во главното оружје кое ќе не трансформира нас, во подобри луѓе, кои ќе размислуваат водени од визија за иднината во која културите се обединуваат а не се делат…
Ке спомнам само еден пример, за тоа колкав степен на апсурдност и екстремност постои денес, 2012 та година, помеѓу слободното време и желби, на еден млад човек и оправдувањето на портпаролот на една политичка партија дека „ќотекот“ кој си го доби нивниот висок претставник на подмладокот на таа партија е речиси легитимен.
Морално оправдан, парафразирам со зборовите „тој млад човек е виден на кафе со двајца претставници од соперничката политичка структура што за нас претставува високо предавство…“ Објаснување, како чинот да е во ред…
Алооо!?
Ќотекот по нарачка, само поради тоа што слободната волја на некого одбрала да се дружи и комуницира со други млади луѓе кои, случајно или не, се со друга партиска определба, смешно е да биде оправдан и етикетиран како предавство бидејки, ние не знаеме, можеби се работи за луѓе кои се познаваат од „мали нозе“ кога други вредности ги граделе нивните карактери, а дури и да не е така, повторно не постои ни малку простор за јавно оправдување на таквиот чин…
Овој пример го оправдува терминот „систематизирано насилство“ кога двајца или повеќе луѓе можат да немаат личен проблем, дури и да не се познаваат, но да ги плаќаат „сметките“ од „гозбата“ каде „големите“ „граѓани“ и високи партиски функционери и лидери се „крмеле“ во сопствениот хедонизам а нивните фекалии завршуваат на туѓа адреса…
„Истепаниот“ во својот коментар пред новинарите додаде : „во нашата партија, или имаш исто мислење како лидерот или немаш никакво мислење“…
Тоа доволно говори за „слободата“, за „демократијата“ и слободната волја на умовите во една  „системски – закоравена“ партија…
Млади мои луѓе, не дозволувајте…
Боро Буразер 2012
 

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *