КоментариПревземено

Пингвини и датуми

Еве ме, ги барам своите древни предци, античките пингвини, го наоѓам нивниот ритам во телово и така одам, пингвински. Рацете ми се пикнати во ракавици, ги разбудив бабините плетени џемпери, држам баланс целиот напнат и спремен сум да се степам со асфалтот ако тој посака. Гледам околу себе, луѓето конечно се сплотија, сите сме пингвини, нема поделеност дали сме антарктички или арктички, оти пингвин е пингвин, некогаш кралски, некогаш џуџест, ама исто ти се фаќа. Женската убавина ставена меѓу различните капи и високите чизми, кои ги стегаат листовите, сега е дотерана со зимско руменило и изгледа уште поубава. Посакуваш да го ставиш тоа руменило меѓу дланките и да го згрееш покрај некој оган во топла соба од бајките. Фала му на бога дојде зима како што треба, навреме, снежна и студена. Нека се тресат бактериите во ладна вода. Како што тргнаа оние ноемвриски топли денови, се плашев дека нема да видиме ниту зима ниту снег, ама, еве, студеното годишно време оствари добрососедски односи со есента и пролетта и се интегрира во нашите животи токму кога е потребно. Да не мислите дека алудирам на унии, датуми и пристапни преговори? Ма, глупости! Само си ги тренирам зборовите, малку и тие да се згреат, сакам чисто онака да видам дали овие факинг зборови, кои полека ни се огадуваат заради туѓото лицемерство, можат да бидат употребени во нормални реченици.
Сѐ си е потамам, снег и студ, сарми и ајвар, елки и подароци. Зборувам за нормалните работи, ненормални ги има премногу, ќе кажам нешто и за нив, ако ми останат редови. Оваа зима, освен оној ступиден евроуниски датум, за мене и за многумина други, има уште еден, поважен датум, некои го викаат крајот на светот. Мојот пријател Петар пред некој ден ми посочи интересен момент. Вели, види што луѓе сме, секоја година се потресуваме и се правиме ем дотерани ем пијани кловнови само затоа што планетава завртела круг околу Сонцето по 365 дена вртење, а наскоро, на 21 декември, ќе бидеме живи сведоци на моментот кога нашиот Сончев систем завршува и почнува нов круг околу центарот на галаксијата по 26.000 години, она што Маите го викаат крај на петтото и почеток на шестото сонце. И планетите ќе се израмнат, ќе има силен проток на вибрации и баш е добро тој 21 декември да бидеме спокојни, ем среќни, оти е галактичка Нова година, Нова ера, Ново сонце, како сакате наречете го. Мене некако бројките и важните настани во мојот живот ми се поврзуваат со книжевноста на која, искрено, би ѝ го посветил сиот живот. Во мојата триесет и трета година од животот, за мене исклучително важна бројка, ми излезе првата книга, сега, помеѓу Свети Никола и почетокот на шестото сонце, ми излегува и првиот роман, „Тринаесеттиот месец“, на кој му ја посветив целата оваа година. Се надевам дека ќе ја дочекам и четириесет и втората година од мојот живот, за мене бројот 42 има исто така магично значење. Ќе ви кажам и зошто. Како што Исус ме научи дека не треба им го правиме она на другите што нам не сакаме да ни се прави, дека треба да се љуби ближниот свој, а квантната физика вели дека сите сме ближни, оти од иста честица сме создадени, така Даглас Адамс ми откри дека смислата на животот, нели сите ние сакаме да ја откриеме(?), всушност е 42. Е, ама тоа е одговорот за смислата на постоењето, луѓето само треба да го најдат вистинското прашање и мозаикот ќе биде склопен. Јас го знам прашањето, ама нема да ви го кажам, прочитајте ја неговата книга „Автостоперски водич низ галаксијата“, тоа ви е од мене подарок за Нова година, верувајте ми, ќе ви го разубави животот. И никако да не го купувате македонскиот превод, тоа издание е злосторство против човештвото што чита, барајте ја на англиски, српски или кој и да друг јазик што го знаете.
А сега за уште еден важен датум. Го споменав Свети Никола. Еве, остана простор и за ненормалните работи. Ненормалното не е поврзано со светителот, ви го честитам празникот на сите и славата на оние што ја имате, ненормалното е поврзано со македонскиот град, кој го носи името на овој светител. Точно, Свети Николе е во прашање сосе целиот магиски простор околу него. Имам пријатели од Свети Николе, неколкумина многу блиски. Пред некоја вечер ми ги отворија очите, деновиве просурфав по Интернет и ми се потврди нивното раскажување. Ми рекоа, човек, Свети Николе умира, некој тивко го ликвидира градот, први сме по смртност од рак во Македонија, нѐ отруја со водата и азбестните цевки. Чекајте бе луѓе, им реков во прв момент, смртноста, ракот, тивкиот геноцид се бенчмаркови на мојот Велес. Ама не е веќе така, сега гасне Свети Николе. Се вознемирив. Кога си велешанец, веројатно имаш условен рефлекс на загаденост. Затоа, еве, реагирам. Државните статистики го потврдуваат ова, светиниколци умираат, јас велам некој ги труе, ме заболе соработников дали е тоа свесно или несвесно.
Кога има загадување, секогаш е во прашање човечки фактор. Немам намера тука да му(им) се обраќам на виновниците, мислам дека од тоа и нема фајде, кревам глас кон оние што можат и мораат да го спречат ова: државата, светиниколци, екологисти, невладини организации. За почеток, народе, вие светиниколци, жители на ова свето место, наскоро го имате празникот на својот заштитник, тоа ви е убава можност да се соберете, како што велешани се собраа, и да кажете стоп, покажете дека сте живи и дека сакате да останете здрави. Тоа е првиот чекор. Вториот чекор ја има државата. Мора да реагира веднаш, без двоумење, радикално. Знам дека ќе ме гледате бледо, ама морам да ви кажам, не сте свесни какво свето место е во опасност, Овчеполието е древно светилиште, да не биде потоа дека не сум предупредил. Ако не ми верувате мене, гледајте го Крешимир Мишек.
А сега поздрав од мене, за крајот на ова галактичко патување и почеток на новото, ви давам прегратка на сите ближни. Тоа што со многумина не се разбираме, не значи дека мора да се мразиме. Бидете добри кон себе за да бидете уште подобри кон другите. Ова важи и за мене, се разбира.

Авторот е уметник
Нова Македонија

 
Нова Македонија

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *