Македонија

Древна ЕвроАзија

 
 

РЕЛИГИИТЕ НА ДРЕВНА ЕВРОАЗИЈА : ТУРКО-МОНГОЛСКИ, УГРО-ФИНСКИ, БАЛТИЧКО-СЛОВЕНСКИ

од Мирча Елијаде

241. Ловци, номади, воини
Жестоките наезди на Турко-Монголите – почнувајќи од Хуните, во IV век, па се до Тамерлан (1360 – 1404) – биле инспирирани од митскиот модел на првобитните ловци во Евроазија : месојадецот кој го прогонува дивечот во степата. Со своите ненадејни и брзи движења, со колежите над цели народи, со уништувањето на надворешните обележја на неномадската култура (градови и села), хунските, аварските, турските, и монголските коњаници прилегаат на глутниците волци кои ловат елени во степите или ги напаѓаат стадата на номадските сточари. Се разбира дека војсководците биле свесни за стратешкото значење и политичките последици од таквото однесување. Но мистичната привлечност на ловецот прамодел – месојадецот – тука играл значајна улога. Многу алтајски племиња тврделе дека потекнуваат од некој натприроден волк.
Молскавичната појава – “степските царства” и нивниот помалку или повеќе краткотраен карактер се уште предизвикуваат восхит кај историчарите. Имено, во 374 година, Хуните на Днестар ги прегазуваат Остроготите, предизвикувајќи со тоа забрзана преселба и на други германски племиња, и опустошуваат, почнувајќи од унгарската низина, повеќе провинции на Римското Царство. Атила успева да стави под своја власт голем дел од средна Европа, но кусо време по неговата смрт (453), поделените и дезориентирани Хуни исчезнуваат од историјата. Исто така огромното Монголско Царство кое Џингис-кан го градел во тек на дваесет години (1206 – 1227), а го прошириле неговите наследници (источна Европа по 1241 година, Персија, Ирак и Анадолија по 1258 година, Кина во 1279 година), слабее по неуспешното освојување на Јапонија (1281 година ). Турчинот Тамерлан (1360 – 1404), кој себеси се сметал за наследник на Џингис-кан, бил последниот голем освојувач кој се инспирирал од моделот на месојадците.
Да истакнеме дека на сите овие “варвари” кои навалиле од средно-азиските степи не им биле непознати некои културни и верски творби на цивилизираните народи. Впрочем, како што веднаш ќе видиме, нивните предци, праисториските ловци и номадски сточари, ги користеле откритијата до кои било дојдено во различни подрачја на јужна Азија.
Народите кои зборувале алтајски јазици зафаќале огромна територија:
Сибир, областа на Волга, средна Азија, северна и североисточна Кина, Монголија и Турција. Се разликуваат три главни гранки јазици : 1) општ турски (ујгурски, чагатајски); 2) монголски (калмички, монголски, бурјатски); 3) манџурско-тунгуски.[1] Првобитно живеалиште на алтајските народи веројатно им биле степите околу планините Алтај и Чинг-Хај, помеѓу Тибет и Кина, кои се протегале до сибирската тајга на север. Различните алтајски групи, како и угро-финските народи, во северните делови се занимавале со лов и риболов, во средна Азија со номадско сточарство, а во јужниот дел, во многу помала мера, со земјоделство.
Уште од праисторијата, северна Евроазија била под влијание на културите, индустриите и религиските идеи кои доаѓале од југ. Одгледувањето на северниот елен во сибирските предели се вршело по примерот со припитомувањето на коњот што веројатно се вршело во степите. Праисториските трговски центри (на пример, Островот на елените на езерото Оњега) и за обработка на метали (Перм) одиграле значајна улога во развојот на сибирските култури. Подоцна, средна и северна Азија постепено попримале религиски идеи од месопотамско, иранско, кинеско, индиско, тибетско (ламаизам), христијанско (несторијанско), манихејско потекло, како и влијанија од исламот, а неодамна и влијанието од руското православно христијанство.
Меѓутоа, треба да се истакне дека овие влијанија секогаш не успевале битно да ги променат првобитните религиски структури. Некои верувања и обичаи кои биле карактеристични за палеолитските ловци се уште се зачувани во северна Евроазија. Во многу случаи, во ламаизмот, муслиманството и христијанството препознаваме архаични митови и религиски сфаќања.[2] Според тоа, и покрај разните синкретизми, можеме да разликуваме некои карактеристични сфаќања: верување во небескиот бог, апсолутен господар на луѓето, посебен вид космогонија, мистичка поврзаност со животните, шаманизам. Меѓутоа, религиите на средна и северна Азија привлекуваат големо внимание пред се со своите синкретички создадени творби.


[1] Претпоставката за уралско-алтајско јазично семејство, во кое спаѓаат и финскиот и унгарскиот јазик, е напуштена.
[2] Пишаните документи се малубројни и од доцнежен период: неколку алузии во кинеските хроники од II век пр.н.е. и кај некои латински и византиски историчари од IV век н.е. (во врска со походите на Атила); записите на Старотурците од Орхон, Монголија (VII – VIII век), како и литературата што настанала по освојувањата на Џингис-кан, на која треба да и се додадат и патописите на Марко Поло (XIII век) и на првите католички мисионери. Дури почнувајќи од XVIII век делата на европските автори донесуваат покохерентни податоци за верувањата и обичаите во Евроазија.
 
 
 
Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *