Распутин

Распутин и Романови

Со текот на времето, сето тоа поминало во своевидна фама што ја скокотка фантазијата и побудува љубопитност на богатите и безгрижни руски слоеви, особено на нивниот поромантичен дел.
Така, за кратко време во домот на Теофан, Распутин дошол во можност лично да се запознае со двете црногорски принцези Милица и Анастазија (Стана), ќерки на црногорскиот крал Никола Његош, инаку мажени на царскиот двор на Романови, а вплеткани во задолжителните љубовни афери на дворот. Тие биле одушевени од личноста на Григориј Распутин, од неговиот прониклив поглед и од едноставноста на неговите мисла и слово. Кнегињата Милица словела за мошне образована жена, која меѓу другото го проучувала Светото писмо, но паралелно се интересирала и за мистичната и аскетска литература.
Распутин на дворот на Романови
Не поминало долго време и Распутин бил поканет во дворецот на кнегињата. Двете црногорско-руски кнегињи, како „туѓи“ во домот на Романови, биле во мошне блиски односи со царицата Александра Фјодоровна, и самата туѓинка на овој двор, осамена и не докрај сфатена од преостанатата руска дворска камарила. Таа исто така била обземена од мистичните тајни на старите заветни книги.
Понатаму сѐ било во рацете на Распутин, кој укажаната можност во никој случај не сакал да ја пропушти. Од домот на Теофан, преку дворецот на кнегињите, тој еден прекрасен ден стигнал и до домот на царското семејство. Најтесното семејство на последниот руски цар Николај Втори Романов, покрај сопругата Александра, го сочинувале и нивните деца; четирите кнегињи Олга, Татјана, Марија и Анастазија и штотуку родениот престолонаследник Алексеј Романов, кој боледувал од тешка хемофилија. Ова сознание на дворот на Романови било примено многу трагично и како своевидна несреќа. Поради болеста на Алексеј особено страдале царот и царицата и покрај фактот што за лекувањето на принцот биле ангажирани најпознати лекари и специјалисти од Русија и од странство. Од тие причини, никој во почетокот не се сомневал во најдобрите намери на Николај, и особено на Александра, да ги исползуваат за таа цел и нашироко разгласените лечебни способности на божјиот човек Григориј, кога било во прашање здравјето, па дури и животот на младиот руски престолонаследник.
На тој начин и со такви нескриени побуди и намери се зачнале едно чудно пријателство и приврзаност на најтесното царско семејство и мистериозниот необразован и контроверзен сибирски селанец – Распутин. Набргу оваа неприродна симбиоза ќе стане трн во очите на високите петербуршки кругови, бидејќи присуството на Распутин во домот на Романови ќе ги надмине рамките на неговите исцелителски способности и ќе премине во сферите на приватниот живот на императорското семејство, па дури и во сферите на најдоверливите руски државни работи.
За кратко време, врската на Распутин со царското семејство, ќе му овозможи да создаде широк круг на почитувачи, но и на противници, кои нерадо гледале на фактот што во основа добриот, образован, мирен, но и безволен и целосно под власта и влијанието на својата сопруга монарх, станува зависен од овој бескрупулозен руски селанец и самонаречен пророк и исцелител.
Мешање во државните работи
Користејќи ја очигледната слабост на царицата кон него, тој создава свита, главно од поклонички и обожавателки од високото руско општество, на кои не им пречи на патот до високата духовност да ги однесе и во неговата постела. На тој начин Распутин сѐ подиректно и безочно почнал да навлегува дури и во државничките ингеренции на царот. Неговите совети, произлезени од неговите предвидувања за „добробит на монархијата“, се протегале од кадровски решенија во рускиот Сенат, Влада и Дума, па сѐ до совети дали, кога и како Русија воено да се ангажира на меѓународен план, на пример во војните со Јапонија, Прусија или со Турција.
Слепата послушност на Николај, во прв ред кон сопругата, а посредно преку неа и со Распутин, или „нашиот другар“, како што Романови го нарекувале, во најголема мера биле противречни со вистинските интереси на државата и рускиот народ воопшто. Целокупниот државен апарат во тоа време бил немоќен пред последниот збор на императорот за најголем дел државни прашања. Тоа, поради и онака ослабените позиции на монархијата од честите војни, предизвикува широко незадоволство меѓу народот, а земјата ја турка кон работ на амбисот.
Руската револуција од 1904 година беше најава дека во земјата се подготвува нешто крупно. Притисокот на државната бирократија и на руската јавност, економски и социјално обесправените народни слоеви, неуспехот и поразите во почнатите војни ќе бидат пресудниот фактор што неколку години потоа Николај Втори ќе го принудат да абдицира и да се откаже од рускиот престол во полза на својот брат Михаил, кој, пак, одбил да ги прими престолот и круната. Тоа на 24-25 октомври во 1917 година ќе ги означи крајот на Руското Царство и крајот на повеќе од 300-годишното владеење на руската династија Романови. Октомвриската револуција коренито ќе го измени текот на руската, но и на светската историја, која ќе исфрли некои други и малку поинакви пророци отколку што беше Григориј Распутин.
Октомвриската револуција и крај на Руската Империја
На крајот, сепак со сета парадоксалност, треба да се забележи дека ваквиот крај на империјата и крајот на една од најсилните руски династии биле содржани во пророштвото на Распутин, кој трагичната судбина на државата ја ставил во корелација со сопствената, исто така, трагична судбина.
Една година пред погибијата на Романови во подрумите на домот на Ипатиев во Екатеринбург, во режија на новата бољшевистичка власт, кога со согласност на Владимир Илич Ленин маченички биле убиени царот Николај Втори, неговата сопруга, царицата Александра Фјодоровна, нивните четири ќерки и младиот несуден престолонаследник Алексеј, под чудни и мистериозни околности е убиен и Григориј Распутин. Тој е жртва на организиран, но задоцнет заговор, на високи царски поданици од родот на Романови, кога е намамен и убиен во домот на рускиот гроф Јусупов од неговиот син лично.
Погубувањето на Распутин ќе се покаже како задоцнет чин за спасот на семејството на Романови и на Руската Империја. Тркалото на историјата наскоро ќе ја збрише вековната царска самодржавност во Русија, ќе ги прекине последните изданки на долговековната руска царска лоза, а на Григориј Распутин, мужикот од Сибир, ќе му го запечати вечно ореолот на пророк и развратник истовремено. Тоа само ќе ја продлабочи мистеријата на големата тајна; какви биле релацијата и врската меѓу „божјиот човек“ и духовната и моќна руска императорка.
Едно останува непобитно. Ретко кој човек од пониските слоеви во Русија успеал да се крене толку високо и да предизвика политички последици од такви размери. Ретко, тајната на „руската душа“, со сите нејзини противречности, била фокусирана во судбината на еден човек. Можеби токму Распутин е клучот за откривање на секретот на познатиот „руски фатализам“.

Related posts
Распутин

Кој го убил Распутин?

Распутин

Григориј Распутин

Распутин

Мистериозниот Распутин

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Leave a Reply

Your email address will not be published.