изборПревземено

Масоните барале плац во центарот на Скопје

Македонските масони бараат плац во центарот на Скопје за изградба на објект за нивните потреби. За таа цел тие доставиле официјално барање до Владата за добивање локација, кое деновиве се разгледувало на отворена владина седница. Барањето било уредно пополнето и потпишано, но, сепак, според владини извори, било одбиено, бидејќи масоните барале плацот да го добијат со непосредна спогодба, а во централното градско подрачје земјата можела да се продаде само по пат на тендер. Некои од министрите, како што дознаваме, биле изненадени од ваквото барање, бидејќи според нивната претстава, масоните важеле за богати и влијателни луѓе за кои парите не би требало да претставуваат проблем. Како што објаснуваат од Владата, станува збор за изградба на центар, во кој македонските масони би ги извршувале своите активности.
Инаку, Големата ложа на Македонија (Г.Л.М.) беше промовирана на 30 септември минатата година на свечена церемонија во скопскиот хотел „Александар палас“, со што беше и официјализирано постоењето на масоните во Македонија. Според соопштението на Г.Л.М. на нивната Интернет-страница, Ложата е дел од глобалната организација позната и како братство на слободни ѕидари. Ложата, се вели во соопштението, беше консекрирана од страна на Обединетата голема ложа на Англија (У.Г.Л.Е.).
Слични ложи постојат и во другите земји во соседството, кои, како и македонската, се формирани под патронат на постари такви ложи. Така, на пример, Регуларната голема ложа „Југославија“ и сите ложи под нејзина заштита, како што се наведува на нивната Интернет-страница, работат според ритуалот на германската Голема ложа А.Ф.А.М., што подразбира задолжително формално облекување, бели ракавици и регалии. Нивните членови се состануваат најмалку два пати месечно.  Формирањето на Големата ложа на Македонија е резултат на десетгодишните напори на македонските масони. Тие, како што наведуваат од Г.Л.М., работат под покровителство и инструкции на У.Г.Л.Е. која во светот се нарекува и Ложа-мајка на масонеријата и има врвен авторитет и историски потврден највисок углед.
Иако масонството во Македонија официјално беше промовирано со формирањето Голема ложа минатата година, на постоењето масони на територијата на нашата земја упатуваат и многу археолошки откритија. Едно од последните беше минатата година во Вевчани, каде што беше пронајден масонски симбол (триаголник со око во средината), вѕидан во темелите под олтарот на новооткриена црква од 19 век.
Утрински весник, 2006

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *