изборПревземено

Паскал Сотировски – Вечен поглед кон Сонцето

Паскал Сотировски – Вечен поглед кон Сонцето

„Малку треба да си среќен. За мојата среќа доволно беше што верував во себе“, знаеше скромно да каже за својот планетарен успех, академик д-р Паскал Сотировски (23 ноември 1927, Врбен – 20 февруари 2003, Париз) астрофизичар чија научна специјалност беше разоткривањето на тајните на најсветлата ѕвезда – Сонцето и истражувањата на сончевите дамки и ерупции. Веруваше дека неговиот живот може да е охрабрување за младите, да разберат дека се можни чудата. Велеше, доволно е цврсто да се верува во себе, да се има решителност и упорност и убедуваше „кога тој, како дете од зафрлено планинско мавровско село, успеал да стекне светска слава, слични подвизи ќе можат да направат и многу други“.

Неговата животна сторија, приватна и професионална, е навистина посебна, како што беше и самиот тој. Испреплетена е со драматични настани, неочекувани пресврти и судбински ситуации кои будат сериозни размисли за тоа колку човек е силен пред искушенијата и премрежијата, и предизвикуваат восхит.
Паскал Сотировски 3
Во неговата обемна биографија стои дека во лавиринтите на науката завлегува со завршувањето на учителската школа во Белград, за потоа да работи како учител во Бела Црква во училиште за деца од Македонија. Во 1950 година Сотировски станал редовен студент на групата физика на Филозофскиот факултет во Скопје а по дипломирањето, 1956 година се вработува како професор по физика во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје, каде останал се’ до 1960 година. По назначувањето за асистент по астрофизика на Природноматематичкиот факултет во Скопје во 1961 година, бил испратен да специјализира астрофизика на Сорбона во Париз. На Парискиот факултет во 1964 година Паскал Сотировски дипломирал астрофизика, а во 1971 година ја одбранил со најдобра можна оценка и докторската дисертација од областа на физиката на Сонцето. Со стекнувањето на втората факултетска диплома, Сотировски станува член на Францускиот национален центар за научни истражувања, членство што се потврдува со докторската диплома и претставува високо признание во научните кругови. Тој е член и на Одделението за соларна и планетарна астрономија на Франција, а за член на Македонската академија на науките и уметностите, надвор од работниот состав, избран е на 7. мај 1991 година. Приватната  библиотека на академик, д-р Сотировски, со книги и многубројните  негови револуционерни научни трудови и апликации, по неговата смрт сопругата Жаклина ја подари на Академијата на науките во Сорбона и во опсерваторијата Медон крај Париз, каде што тој работеше секогаш свртен со погледот кон неговата животна опсесија – Сонцето.
Со спомените за својот брат со светско реноме, академик д-р Паскал Сотировски, познат и како доктор Соларис, секојдневно живее и беседи сестрата Роска Илиевска.
Симнуваме капа, Македонче
Приказната, што во Париз му ја раскажува на Ферид Мухиќ самиот Паскал, а неговата девет години помлада сестра Роска ја знае по кажувањата на мајка си Параскева, почнува во Ростуше. Како ученик во второ одделение, со само девет години, учителот, кој поради неодложна работа морал да отсуствува ден или два, го задолжил Паскал да им предава на сите деца, од прво до четврто одделение, и тоа сите предмети.
Токму тогаш наминал просветен инспектор, кој не можел да се начуди на умешноста на малиот Паскал Сотировски, во тоа време на Кралството Југославија – Сотировиќ, чие име го запишал. Како петтооделенец веќе станал ученик во гимназија за талентирани ученици во Горни Милановац. На гимназиски натпревар по математика 12-годишниот Паскал само ги запишувал решенијата па професорите го повикуваат на одговорност мислејќи дека препишува. Но, откако се уверуваат дека Паскал самиот ги решава без проблем тешките математички задачите, директотот и испитната комисија само кусо честитаат: „Симнуваме капа, Македонче“. Веќе втората година, тој е најдобар од сите 800 ученици по диктат и прогласен е за најдобар ученик. Третата гимназиска година ја прекинува Втората светска војна, а 14-годишниот Паскал се враќа дома, во Врбен. Таму, по девет години гурбет во Париз, Цариград и Белград си доаѓа и татко му Самоил, печалбар.
– Бев многу мала, речиси и не го паметам татко ми. Брат ми ми раскажуваше дека тоа била емотивна средба на двајца возрасни мажи, оти кога тате замина, Паскал имаше одвај пет години, раскажува сестра му Роска.
За жал таа средба на која двајцата разговарале долго и искрено, била и последната за таткото и синот. Таа 1942 година, кај Жировничкиот мост, татко им, доброволец, смртно е застрелан од германска патрола. Имал само 39 години.
– Погребан е заедно со многу други паднати борци во костурницата во манастирот „Свети Јован Бигорски“, вели ќерката.
Учо загина
Остануваат сами, мајка им вдовица на 39 години без средства за живот, и решаваат по подобар живот да заминат за Скопје, каде подоцна ги прифаќа нивен роднина, газда на кафеаната „Букет“, каде работи мајка им, тогаш лоцирана кај денешниот споменик на Мајка Тереза. Но, војната има други планови.
Со 15 години, Паскал станува борец во редовите на баталјонот „Јане Сандански“. Учествува на Сремскиот фронт. Го викаат Учо, гимназијалец е и ги подучува другарите. Еден ден, во Врбен стасува траорна вест: „Учо загина“.
– На мама не и се веруваше. Не можеше да се помири со тоа да го изгуби Паскал. Во оние бурни воени времиња, стасуваа разни, непроверени докрај информации.  Беше тегобно, го тажевме, носевме црнина, а таа интимно како да знаеше дека е жив. Еден ден реши да го бара, како отиде и денес не знам, мајка беше снаодлива, но писмена само да се потпише. Го најде во Петровац на Млави, жив, таму бил префрлен како заробеник, раскажува Роска.
Кога заврши војната, домашните разбраа дека Паскал успеал да спаси Германец да не биде стрелан.
– Во Шид, со патрола, начекале Германци како се предаваат. Сите млади. Паскал се сожалил над едно голобрадо исплашено момче, негов врсник, и го вложил сиот свој авторитет да биде пуштен и безбедно да си замине. Во таа прилика им кажал дека „одмаздата е глупава и залудна работа, која најчесто го погодува погрешниот и дека тоа дете не е оној Германец што го застрелал татко му“. Се врати со убедување дека негување зла крв не е добро за никого, а најмалку за оној што живее заради одмазда, оти си ја уништува душата самиот, раскажува сестра му.
Животот е пред младиот Сотировски, кој успешно и експресно се дообразува, што и паѓа во очи на Армијата. Го сакаат ова вредно, упорно па по малку и тврдоглаво момче желно за знаење. Но, откако во него гледаат голем талент и огромен капацитет не сакаат веќе да го гушат со рутински задачи. Тогашниот полковник Ѓоко Јованиќ го демобилизира и му посакува:„Ти си научник по ум и по табиет. Пред тебе се големи дела“. И, како да му ја предвидел судбината што следи.
На физика, по наредба
„Јас секогаш го сакам она што го работам. Му се посветувам целосно, без остаток. Би рекол, се вљубувам во секој миг и во секоја обврска. Не можам да оставам недовршена работа. Која и да е. А, не мислам дека сум поинтелигентен од сите. Напротив, секогаш поаѓам од претпоставката дека секој друг е барем колку мене интелигентен“, ќе запише Мухиќ една од многуте искрени размисли на Паскал за себе.
– Во она време, кога брат ми сакаше да студира, потребите го одредуваа кадарот. Со завршена Учителска школа, поприродно ќе беше брат ми да студира педагогија, што подоцна со начинот на предавањата и пренесувањето на знаењата, разбирлив и за обичниот човек, се покажа за исправно. Ќе беше врвен педагог. Сепак, нечие остро око, интуиција или проценка, пресекоа тој да студира физика, како исклучително интелигентен и способен. Сега знам, Паскал што и да студираше ќе го достигнеше врвот. Таков беше мојот брат, посветен, упорен, оддаден на науката.
Точно, ќе речат сите што имаа чест да го запознаат. Паскал Сотировски и се предаде на физиката и таа му стана љубов за цел живот.
Ќе настојувам Сонцето да го гледам дење
Паскал Сотировски 9
Студиите на Паскал му одат лесно, брзо, успешно. Се издвојува по се’. На сите им е нејасно како успева. Сестра му Роска ни открива.
– Паскал беше посебен. За него немаше нешто што не може да се постигне, вложи многу труд. Тој не се срамуваше да бара помош од неговите колеги коишто беа завршиле гимназија и кои што беа надарени повеќе за природните науки. Тоа максимално го користеше, тие не само што му станаа колеги туку и многу добри другари кои постојано беа во нашето мало станче до Кино Култура.
Впрочем, и подоцна кога се стекна со слава на високо котиран научник што ги полни салите во светот со своите предавања, д-р Паскал Сотировски фасцинираше со тоа што не му тежеше личната слава, и не му пречеше да биде едноставен човек.
Затоа беше логично тој да биде избраниот за стипендија за Сорбона, со најдобри препораки. Иако, и тука сакаа да замешаат прсти други, помоќни од него кој зад себе и пред себе го имаше само својот чесен труд и со пот стекнато знаење.
– Анегдотски е свежа приказната за тоа дека, немајќи веќе други аргументи против изборот на Паскал, еден угледен човек кој стоел цврсто зад кандидатурата на својот избраник, рекол: „Паскал Сотировски е со нежно здравје и ќе настине, особено во свежите ноќи кога ќе го набљудува Сонцето!“. Паскал смирено само духовито му одговорил: „Тоа е сосем можно, но верувајте ми, ќе настојувам Сонцето да го гледам само дење!“. Ете така стаса до Париз, како што самиот имаше забележано, на 31 март 1961 година во 9:15 часот на Станицата Лион.
Паскал Сотировски 4
А кога Французите видоа со кого имаат работа, приказната за големиот астрофизичар, вљубеник во Сонцето, неминовно мораше да отпочне да се пишува со големи букви во Париз, во опсервторијата Медон, каде што Паскал Сотировски долги години и работеше и живееше. Простор кој остана негов и години по пензионирањето.
Во животот, раскажува Роска Илиевска, како брат и сестра, таа и Паскал биле многу малку заедно. Пред се’ заради големата разлика во години, таа е девет години помлада. Кога тој заминал да учи гимназија во Горњи Милановац, таа била бебе. Кога во 1948 година првпат дошол да живее со нив во Скопје, сестра му имала 13 години. Практично, братот си го запознала како момче. Се сеќава дека бил строг кон неа и инсистирал многу да учи. Заедно живееле само следните два-тринаесет години, односно до 1961 година кога Паскал Сотировски заминува за Париз, на Сорбона, како стипендист.
– Сето друго време бевме просторно одвоени, но духовно секогаш бевме едно, затоа што душата и срцето ни биле заедно, со часови разговаравме на телефон, а подоцна низ годините и често се посетувавме, подвлекува сестрата Роска Илиевска која и денес живее со спомените за него.
Каде и да е, да е среќен
Иако странец, Паскал во Франција бил прифатен, ценет и почитуван уште од денот на самото негово доаѓање. Неговата едноставност, спонтаност, бистрина во погледот, природната интелигенција,  начитаност, широкото образование, отсуство на ароганција, заедно со упорноста, посветеноста и одговорноста кон работата, не можеле да останат незабележани. Ведар по природа, забавен, со смисла за одмерен хумор, Паскал бил посакувано друштво поради што имал огромен круг на другари и пријатели. Го сакале и девојките.
– Беше многу мил и трудољубив. Полиглот, зборуваше француски, англиски, германски, руски и тоа му го отвораше патот каде и да беше. Ништо не оставаше на случајност. Беше многу организиран човек. Многу ги сакаше луѓето, не беше крут научник, ами и голем другар, брзо се спријателуваше и редовно ги канеше дома. Беше хуман, но и прониклив и принципиелен на свој особен начин, открива сестра му.
Таа раскажува, пред сопругата Жаклина, Паскал имал вереница, парижанка. Била интересен лик, образована ама некако многу дива по природа и постојано со некакви услови, а пред се’ дека не сака никого од Македонија…Паскал ја оставил на сред мост и си го зел назад прстенот со дијаманти.
– Жаклина беше идеална. Одлична професорка, другарка, ги прифати сите наши традиции и обичаи, полна устата и беше со мајко кон мама, од срце. На Паскал му беше голема поткрепа во се’, другар и придружник.  Многу беше педантна, Паскал секогаш беше испеглан, среден. Жаклина не го оптеретуваше со ништо, тој беше посветен на науката, по цел ден отсутен. Дома, таа постојано дочекуваше и испраќаше гости кои Паскал ги носеше на ручек, на вечера и се’ сама спремаше. Беше 13 години помлада, тој за неа често велеше дека е негова инспирација… Ни една Македонка верувам не би го правела тоа што го правеше таа за Паскал без збор, открива сестрата.
Роска Илиевска со пиетет се сеќава како таа и мајка и Параскева од далеку, со солзи во очите и со убави мисли, се радувале на важните моменти од животот на нивниот син и брат.
Паскал Сотировски 7
– На регистрацијата немавме можност да отидеме. Паскал беше сам, опкружен во среќата само со блиските на Жаклина, ќерка единица. Подоцна, никогаш не спомна како тогаш се  чувствувал, ниту ние прашавме. Не бевме ни кога докторираше. Мајка ни беше многу горда на него. Ама едноставна. Многу мајки со мали успеси на своите деца се правеа големи мајки, таа не беше таква да оди и да се фали за успесите на синот, таа беше само среќна и никогаш не рече да и се врати од Париз. Само велеше:„ каде и да е, да биде среќен. Кога е тој задоволен и среќен, и ние сме.“. Го оставивме да си го најде патот и така заврши.
Широк и несебичен 
Оние кои го познаваа академик, д-р Паскал Сотировски, и имаа потреба да се најдат со него во Париз, ќе потврдат дека тој особено ќе биде запомнат по своите хумани постапки. Нему за помош можеа да му се обратат и странци и нашинци во неволја. Им даваше покрив над глава, пари додека се снајдат, со својот авторитет им посредувал во болниците или во други француски институции, каде и да треба.
– Сите тие што одеа во Париз, а одеа многу нашинци низ годините, мојот брат ги пречекуваше со раширени раце. Велеше, кога ми доаѓаа само за убаво, јас бев пресреќен и не ми пречеше да ги чекам, дали трошам време и пари да ги угостам, а кога ми доаѓаа болни, тогаш, како што нивната душа страдаше, така страдаше и мојата. Ете тоа беше мојот брат Паскал, евоцира Роска.
Јасна и директна каков што бил и тој, и самата во одминати години, таа не може а да не направи паралела со минатото.
– Ние бевме деца и семејство на паднат борец. Освен една споменица што ја добивме потпишана од тогашниот Александар Ранковиќ, министер за внатрешни работи во некогашната СФРЈ и одредени купони и Труманови пакети со храна, никој ништо не не праша дали ни треба помош или да ни ја понуди. Неправди имало секогаш, но ние не сакавме никогаш да се пожалиме, за се’ се изборивме сами, благодарение на нашиот труд а и на нашата покојна мајка која беше МАЈКА за паметење. На крајот и се оддолживме, замине со голема љубов и нега.
Сестрата Роска подвлекува дека Паскал никогаш не заборавил кој бил и од каде му се корените: „Бевме сиромашни, ама имавме богата душа. Млади бевме, здрави и среќни со сето тоа“. Затоа и не бил човек од интерес. Кога доаѓал во Скопје да одржи стручни предавања буквално никогаш со ништо ги немал условено за да му платат, на што му се чуделе како може научник од светски калибар без хонорар.
– Паскал велеше, ако ништо не можам да направам за својата земја, барем можам вака, на овој начин да придонесам.
Ова уште еднаш се потврдува колку широк и несебичен човек беше академик д-р Паскал Сотировски. Сестрата кажува, како личност, Сотировски не знаел да мрази, да се кара или да оговара, да сплеткари, бил природен, а скромен.
– Единствена мана ако така може да се каже му беше тоа што секаде стасуваше во последниот момент, но никогаш не доцнеше. Ете тоа мене ми пречеше. Многу му беше тешко да станува рано и секогаш, во младоста, имаше рвање меѓу мене и него кој да ги заврши утринските обврски. А знаеше цела ноќ да седи да учи без проблем, ама сабајлето му значеше многу. Во позрели години почна да замерува кога сфати дека сите луѓе не се како него, дека има такви кои знаат ако те видат во подобра ситуација и да ти позавидат. Бидејќи подолго немаше деца, еднаш ми се довери, му рекле добро постигна многу, ама што кога немаш деца. Нормално тоа го погодило, ама набргу доби и прекрасна ќерка на која се радувавме сите и јас и денеска живеам со љубовта за неа.
На татко и
Паскал Сотировски 6
Ќерката на Паскал, Софи Сотировски (40), е професор по англиски и француски јазик, знае шпански а има дипломирано и бизнис менаџмент. Има солидна позиција во една престижна градежна фирма во Париз.
– Татко и имаше желба таа да изучува физика, да се занимава со наука, да го наследи во професијата, но Софи сакаше јазици. Знаеше да му каже:„Јас не сум Паскал. Јас сум само случајно ќерка на Паскал Сотировски“, и тука сите дискусии завршуваа, открива тетка и Роска.
Софи, кажува таа, физички е комбинација меѓу мајка и Жаклина, татко и Паскал и неа самата, која многу наликува на својот брат, но дека го има карактерот на својот татко.
– Многу се сакаа, таа многу го ценеше, и и’ значеше, но никогаш со ништо не покажа за некој да и рече – е голема работа чија си. Многу скромно делуваше и се однесуваше. А, дома знаеше да биде негов критичар.
И таа како и татко и многу сака животни. Во моментот миленик и е зајчето Буни.
Паскал Сотировски 5
– Паскал беше голем љубител на животни, на се живо што мрда. Мама се лутеше, викаше, во малото станче нема место за нас, а тој и маче и куче чуваше. Се сеќавам, првпат кога го посетив во опсерваторијата Медон крај Париз, ме прошета низ паркот со езерца во кои пловеа патки и шатки. Како се приближувавме, така тие буквално трчаат кон нас. Ми раскажуваше дека секој ден ги храни и се грижи за нив. Во нивниот стан секогаш имаше по некое домашно милениче. До крајот на животот чуваше мачор, по име Гордон. Се грижеше повеќе за него отколку за нас, раскажува сестрата.
Софи, си ја сака Македонија, татковината на својот татко, како што тој ја сакаше и Франција за своја татковина. Има македонски пасош, одлично зборува, чита и пишува  македонски. Благодарение пред се’ на тетка и Роска.
– Додека брат ми со снаа ми патуваа во европските и воневропските земји, каде Паскал беше повикуван да држи предавања, Софи престојуваше кај мене. Ја носев во градинката каде што бев директорка и во дружбата со децата научи многу. Таа денес зборува литературно македонски. Најмалку еднаш годишно ме посетува, јас живеам во нејзиниот стан во Скопје, си ја сака и си ја почитува фамилијата, тука има роднини, свои врснички братучетки со кои е во постојан контакт…Си ја почитува и верата и во Париз, ги празнува големите христијански празници – Божик и Велигден.
Ќерката била таа која го нашла татко и откако неочекувано на 20 февруари 2003 година престана да чука големото срце на Паскал, удобно сместен во омилената фотелја опкружен со книги.
– Непосредно пред тоа долго разговаравме по телефон, беше настинат и јас се грижев како закрепнува, и беше шок за мене кога ми се јави внуката да ми ја каже тажната вест. Веднаш одлетав за Париз, со тага во гласот се сеќава Роска за загубата на братот и човекот кој се чувствуваше еднакво комотно како со македонските интелектуалци така и со француските, англиските, руските и другите учени соговорници.
Единствениот христијански храм во Париз, Руската црква, бил претесен да ги прими сите почитувачи на ликот и делото на Паскал Сотировски, кои дошле да му оддадат последна почит. Научникот, кој најмногу им се доближи на Сонцето и на ѕвездите и кој со своите откритија го задолжи светот, почива далеку од својот преубав Врбен и својата сакана Македонија од која никогаш не заборави дека е, во градот Меру, заедно со сопругата Жаклина во семејната гробница на нејзината фамилија.
Паскал Сотировски 1

извор – МИА

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *