Македонија

Објекти во Скопје какви што не ги познавате

Пишува Данило Коцевски – Во Скопје постоеле капитални објекти, кои му давале посебен белег, а кои денес наполно се заборавени. Нив особено не ги познаваат младите генерации, но и постарите, особено ако станува збор за едно далечно време, од кое фотографиите се многу ретки или веќе не постојат. Дури се случува и објектите што сме ги среќавале пред педесетина или повеќе години, во времето пред земјотресот, сосема да ни исчезнат од меморија. Ќе претставиме еден дел од нив.

Погледнете ја само фотографијата на скопското Кале што ја донесуваме во овој број. На прв поглед, не ќе го препознаете амбиентот, а станува збор токму за скопската тврдина. Тој простор е преполн со објекти што изгледаат изненадувачки, бидејќи Калето долги години го паметиме без објекти, поради уривањата, војните и разните катастрофи. А уште поинтересен е податокот што тие градби се подигнати на необични места на Калето. Двата горни објекта се изградени врз најстариот и најмонументален ѕид, помеѓу правоаголната и триаголната кула. Долниот објект, кој се одликува со забележителни естетски и уметнички обликувани форми и кој претставува еден вид загатка, изграден е на самиот ѕид кој потекнува од подоцнежниот, османлиски период. Тие градби се наоѓаат веднаш до портата и до источниот влез на Калето, кој гледа кон денешната улица Самоилова и кон Чаршијата. Што претставувале тие градби, зошто служеле и кога се градени?

Градбите на Калето имале резиденцијален или воен карактер, но служеле и како болнички простор или за престој за затвореници. Патописците од средниот век велат дека тврдината била цврсто и стабилно градена, со раскошни простории за кралските владетели и за високите гости. Во османлискиот период, тука постоеле резиденции на пашите кои раководеле со Скопје. Градбите на фотографијата се подигнати на крајот од 19, а постоеле сe до периодот на војните од почетокот на 20 век. Фотографијата е направена на почетокот од втората деценија од минатиот век, а до денес е задржана речиси истата конфигурација на теренот. Но тоа не се единствените објекти на Калето. Навистина е штета што од сите тие многубројни градби, веќе не постои ниту една. Имало објекти и од јужната страна, кои можеле да се видат од плоштадот или од Пајко маало, но и оние од западната страна, кои пред земјотресот беа монументални музејски простори, а од потресот остана само скулптурата пред нив. Но помалку е познат објектот што се наоѓал на север и бил турска касарна, на местото на денешниот Музеј на современа уметност.

На влезот на денешната улица Орце Николов откај плоштадот, од левата страна, се наоѓаше убавата зграда на Природонаучниот музеј. Иако многу генерации минувале покрај неа, ретко кој може точно да се сети на нејзиниот изглед, а таа е непозната особено за младите. Во нејзина близина беа кината “Младина” и Куклениот театар, а од другата страна на улицата беше палатата “Мацура”, која денес речиси сосема е заборавена. Интересна историја има Природонаучниот музеј. Тој е основан во 1926 година, заедно со Зоолошката градина, од страна на д-р Станко Караман, роден во Сараево, во 1989 година, кој, инаку, потекнувал од Сплит, а починал во 1959 година, во Скопје. При еден разговор пред неколку години, неговата најмала ќерка, Билјана, ми соопшти дека во 50-тите години целото семејство Караман живеело во истата зграда на Природонаучниот музеј, на улицата Орце Николов. Интересно патешествие имала збирката на музејот: најпрвин била сместена во старото музичко училиште, потоа во кафеаната “Кермес”, па во палатата на Рубенови, за на крајот да заврши во зградата на улицата Орце Николов.

Од малку познатите или непознати објекти во Скопје, особено внимание привлекува едно здание кое се наоѓало во Чаршијата. Гледајќи го на фотографијата, најпрвин ќе помислите дека станува збор за некој футуристички супермодерен објект кој служел за некакви истражувачки научни цели. Но објектот бил далеку од сето тоа. Се наоѓал на местото каде што се лоцирани музеите на Македонија, во близина на Куршумли ан. Провокативно естетски решен, со нагласени косини и издолжени бели површини, всушност, станува збор за мелница. Мелница за производство на сточна храна, која била неопходна во тоа време и се произведувала во овој објект во Чаршијата. Во заднина се гледа Араста џамија од пред скопскиот земјотресот. И уште еден непознат или заборавен објект кој се наоѓал на местото на денешната нова американска амбасада. На нашата фотографија се гледа комплекс од нови згради. Тие се подигнати пред Првата светска војна и требало да служат за воена академија. Со започнувањето на војната, односно во првата половина на 1915 година, тие биле пренаменети во болница поради големиот број ранети и заболени од тифус во Скопје. И тие објекти се дел од меморијата на градот.
Фото: Архива на Данило Коцевски

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *