избор

Наречници

Волшебните, натприродни суштества, наречници влегуваат во групата демонолошки, но и митолошки суштества. Наречниците се митски суштества кои се среќаваат кај сите словенски народи. Во грчката митологија наречниците се Мојрите. Наречниците се исклучително од женски пол, додека судбината или Усуд е митолошко суштество од машки род. Македонските приказни за судбината, најчесто се врзани со наречниците. Во народните приказни на Цепенков како надоврзување на значењето на среќна или несреќна судбина, се среќава употребата на зборот „к’сметот“.
Наречниците како појава се одликуваат со голема хтонска природа, и кај нив е потенцирана симболиката на магискиот број три. Тие се три жени, кои доаѓаат на третата вечер од раѓањето на новороденчето, да му ја претскажат животната судбина. Некаде се прикажани како три сестри, од кои најмалата наречница е најдобра и ја изменува лошата клетва, што другите две наречници претходно ја изрекле. Во некои случаи се слуша кажувањето само на најстарата наречница, додека во другите случаи, постои можност за договор и за изменување на лошото пророштво во добро. Најчесто тие пророкуваат, смрт, болести или несреќа. Но и покрај тоа што родителот-таткото, па дури и царот кој е најмоќен, го слуша пророштвото, не може да стори ништо за да го измени. Во приказната под наслов К’з кулеси (Девојчинска кула), Верковиќ, бр. 302, царот и покрај тоа што ја држи во изолација својата ќерка во една висока кула, момчето-свршеник кога оди кај царската ќерка и нуди грозје. Од грозјето излегува една змија, ја каснува девојката и таа умира. Пророштвото на наречниците секогаш се исполнува и тука не постои никаква можност тоа да се спречи или да се промени во добра насока.
Наречниците во приказните на Цепенков, исто така се прикажани како непобедливи суштества, чиешто пророштво мора да се исполни, без разлика каде и да се побегне. Во приказната Сиромаио со дикело шчо копаше и наречниците, (Цепенков, бр. 309,) наречницата е опишана како жена што се вози во кочија. Таа го поканува
сиромавиот да се качи во нејзината кочија и го воведува во нејзиниот свет, во некоја просторија исполнета со книги до таванот, каде што во една книга е запишана и неговата судбина да биде сиромашен. Ако досега сметавме дека
наречниците се исклучиво три жени, во приказната Од реченото не се откинува, (Цепенков, бр. 300,) за прв пат наречниците ги среќаваме престорени во овчари. Најмалата сестра која оди кај овчарите да побара оган за да го повијат новороденчето, наслушнува и според нивното пророкување, дознава дека тие се всушност наречниците. Многу ретко може да се сретне детален опис на нивниот физички изглед и во каков облик можат да се сретнат. Наместа тие се опишани како млади жени, а на места се опишани како стари баби со искинати опинци, кои
одат со стап во рацете.
Овие митолошки суштества, прикажани во невидлив и воздушест облик, поседуваат извесни човечки карактеристики. Тие можат да се налутат доколку се попречува исполнувањето на нивното пророкување. Поседуваат маѓиска моќ да го престорат во камен оној кој ќе го слушне и ќе го открие нивното претскажување.
Во сличните варијанти Трите наречници и детето (бр. 303) и Наречниците и жената со деветте девојчиња, (бр. 304), сестрата го спасува братот да не загине како што кажале наречниците, но кога ја открива тајната на наречниците, таа се скаменува и братот оди да бара лек за да ја оживее својата сестра. Лекот го наоѓа кај Сонцето. Магијата на наречниците се растура со три свеќи наредени на три места врз телото на скаменетата сестра.
Во толкувањата дадени во Словенска митологија на Луј Леже, се наведува дека на наречниците на третата вечер им се принесува еден вид на жртва (леб, сирење и мед). Овој обичај кој влече корени многу оддамна, е присутен кај повеќе словенски народи, а до ден денешен се практикува и во нашата средина при раѓање на новороденче.
Бидејќи наречниците се најтесно поврзани со судбината на човекот тие кај некои словенски народи се познати под разни имиња: Рођенице, Рожанице или Суђенице. Според Чолаков, првата Наречница или на бугарски Орисница, на детето му дарува мудрост, го учи да чита, втората му дава здравје и убавина, а третата го следи низ целиот негов живот. Зборот Орисница, значи судбина или среќа. Според верувањето, секој човек има три добри и три лоши наречници. Овој израз произлегува од грчкиот ό ρίζω, што значи одредува, орисам или решавам.
 
– од
Софија Тренчовска
ДЕМОНОЛОШКИТЕ БИТИЈА ВО МАКЕДОНСКИТЕ ВОЛШЕБНИ ПРИКАЗНИ

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *