Македонија

Мистериозниот Распутин

Еден од препознатливите атрибути на широката натура на рускиот народ е општата склоност кон таинственост, мистификации, окултизам, религиозна занесеност, митоманство и слично. Со векови и традиционално, разните мистерии и пророштва биле судбински поврзани, не само со битието на Русинот туку во голем дел и со историјата на овој народ. Без разлика дали се работи за животот на обичниот руски мужик и „крестјанин“, градски трговец или занаетчија, или, пак, за животот на некој висок дворјанин-болјар, царски чиновник и дворски великодостојник, една заедничка нитка ги поврзува речиси во наивното верување дека постојат виши натприродни сили, кои на еден или на друг начин го управуваат нивниот живот и ја предодредуваат нивната судбина.

Феноменот на „рускиот фатализам“

Овој, таканаречен „руски фатализам“, особено во 19 век, се издига на ниво на општа национална опсесија. Како резултат на тоа доаѓа и до масовно и сестрано толкување на самиот феномен; на научнолитерарен план и од фолклорно-историски и социјално-филозофски аспект. Оваа тема е широко застапена во делата на руските класици од тоа време. Великиот Толстој и генијалниот Гогољ и лично кон крајот на својот живот биле обземани од „нечисти сили“ и подлегнале на сопствената мистична опсесија. Но најтипично и елементарно оригинално, оваа појава е протолкувана со голема уметничка и креативна експресија и со извонредни психолошка и филозофска веродостојност, во книжевното творештво на еден од најголемите руски и светски класици на 19 век, Фјодор Михајлович Достоевски, кој инаку болен од епилепсија, умрел предвидувајќи го претходно денот на сопствената смрт.
Руските книжевни фондови и библиотеки изобилуваат со објавени дела и пишуван материјал од овој жанр. Извонредно богата е палетата на руски стории во кои митот и битието до толкава мера се испреплетуваат, што на крајот на краиштата станува невозможно да се определи што од тоа е стварност, а што фикција.
Мистеријата Григориј Распутин
Така, една од најпознатите мистерии на 20 век во Русија е поврзана со „животот и делото“ на сибирскиот полуписмен мужик Григориј Распутин. Контроверзна и можеби најзагадочна личност од руската историја од тоа време. Во Русија и во странство за Распутин се напишани томови книги, студии и огледи. Снимени се и повеќе документарни и уметнички филмови. Дури се направени и неколку обиди за фалсификување на неговата контроверзна биографија и неговиот дневник. Меѓутоа, најавтентична светлина врз сите фази од живот на овој религиозен фанатик, пророк, авантурист, развратник и сладострасник, чии дејства и постапки директно влијаеле врз развојот на руската историја и судбина, секако е изданието на современиот руски историчар и публицист Едвард Радзински, „Распутин: живот и смрт“ објавено пред дваесетина години.
Григориј Распутин е роден на 10 јануари 1869 година во селото Покровское во зафрлената сибирска Тобољска губернија под планината Урал, на брегот на реката Тура. Името Григориј го добил според денот на раѓањето, кој се совпаднал со православниот празник Св. Григориј. Презимето Распутин го добил од својот татко, заможен, но неписмен сибирски селанец, кому не му биле туѓи селските пијанки, тепачки, а богами и убавите селски девојки и млади жени. Етимолошки, презимето Распутин ги означува токму тие карактеристики и својства – човек што не е на вистинскиот пат, односно се наоѓа на распаќе во морална смисла на тоа значење. Наследените генетички особини кај младиот Григориј, со сета своја штедрост се покажале уште во неговите најрани и младешки години. Тој бил со немирен, бунтовен дух, склон кон конфликти, тепачки, кражби, скитања и слично. Но најмногу од сѐ Григориј сакал да се напие и да ги задоволи своите телесни страсти. Тоа, во почетокот и во младоста му создавало многу проблеми во ограничениот и затворен селски живот и средина. Полската работа, чувањето стока и грижата за домашната економија никако не биле привлечни за младиот Григориј. Уште во тоа време тој водел неодговорен и распусен живот.

Приближувањето кон Бога

За разлика од неговиот татко, недошколуван и полуписмен, Григориј Распутин, независно од начинот на живот и однесување, рано го привлекле тајните на верата и Бога. Тој со недели и месеци талкал по сибирските манастири, слушајќи ги преку ден проповедите на свештениците и калуѓерите, а ноќе крадејќи за да дојде до некоја рубља за пијанчење и разврат. Често, заради ваквиот начин на живот, тој од страна на руските власти бил приведуван и казнуван. Но сето тоа било без некој посебен ефект за неговото натамошно однесување.
На вистинскиот пат во животот не го вратило Григориј ниту женењето со Параскева Фјодоровна, која била постара од него. Оваа проста и скромна селска жена на Распутин му родила две женски деца и еден син. Но и покрај ова, Распутин и натаму продолжил да го живее својот двоен живот без скрупули.
Ваквиот начин на живот и однесување, лично според зборовите на Григориј, траеле до неговата 28 година, кога дошло до значаен пресврт во неговиот живот, по средбата со рускиот епископ Мелетие Зборовски, ректор на Духовната академија во градот Тјумен, кој наводно на Распутин му рекол: „Оди и барај спасение! Бог е милостив и го очекува враќањето на блудниот син. Ниту во дванаесеттиот час, тоа не е доцна“.
По овој разговор, наводно Григориј ги напушта селскиот дом и семејството и започнува еден нов живот во руските манастири по должината на течението на реката Тура, распослани низ непрегледните сибирски пространства, барајќи духовна храна – „ангелски леб за човечката душа“, како што ќе рече самиот. На едно од тие свои патувања Распутин го запознава старецот Макар-пустиник со ореол на светец, кој го подучува Григориј со писанијата на Светото писмо. Набргу и самиот Распутин запаѓа во молитви и преданост кон Бога, талкајќи низ широките руски пространства.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *