изборПревземено

Бакарно гумно

Мотивот „метално гумно“ се јавува во неколку сфери на словенската и балканската култура: – топоними; – преданија (неретко поврзани со топоними); – приказни; – гатанки; – средновековни апокрифни текстови. Во наведените традиции, гумното е најчесто од бакар т.е. бронза, а поретко од железо, олово, сребро и злато. Во некои исклучоци се јавува и кристалното или каменото т.е. мермерното гумно. Овој митски мотив бил предмет на опсежни истражувања, реализирани од неколкумина автори. Надоврзувајќи се на граѓата што тие ја приложиле како и резултатите и согледувањата до кои дошле, ќе се обидеме повторно да му пристапиме, овој пат во контекст на митско – симболичките концепти што погоре ги изложивме. Најпрво ќе ја претставиме накратко граѓата во која се јавува овој митски мотив, а потоа ќе се обидеме да ги издвоиме одделните митски елементи што неа ја сочинуваат и да ја обработиме од семиотички и компаративен аспект.

Топоними

Според М. С. Филиповић, варијантите на топонимот „Медно гумно“, „Мједно гумно“, „Бакарно гумно“, се релативно чести во регионите на Србија, Црна Гора, Македонија и Бугарија. Тој ова го оправдува со постоењето на некави конкретни објекти т.е. површини, поврзани со преработката на бакарната руда, но и други производствени активности кои претходеле на металургијата (производство на керамика, дрвен јаглен …). Од овој збир издвоивме неколку примери, за кои заклучивме дека, поради некои свои аспекти, ќе бидат полезни за подолу претставените анализи: – „Бакарно гумно“ кај Рипањ, лоцирано во месноста Цигански гај, на ридот Авала покрај Белград (Србија); – „Бакарно Гумно“ во село Јерменовци (Шумадија); – топоними со таков назив се забележени и во пределот на Левча и Темнић, каде според преданието, вршел српскиот цар Лазар, а и во Босна, каде тие носат епитет „Краљево“ / „Краљичино“. Такви топоними има и кај Костур (Грција / Егејска Македонија) и североисточниот дел на Софијско Поле (Бугарија). До крепоста „Курвин град“ во Герлево, јужно од село Върбица и село Бяла Ряка (Бу- гарија) е забележена варијантата „Бакър харман“.
Во наредните пасуси подетално се осврнуваме на неколку топоними, придру- жени со преданија кои го допираат некогашниот митски карактер на металното гумно.
„Бакарно гумно“, с. Чепигово, Прилеп (Р. Македонија). Според М. Цепенков, близу селото се наоѓа едно езерце во пречник од 500 – 600 аршини, сред кое се издига тумба (могила) висока 30 – 40 аршини. На неа се наоѓа едно зарамнето место „големо колку гумно“, во кое растат две стари дрвја од кои едното е круша-горница. Всушност, токму ова место се нарекува „Бакарно гумно“. Во врска со него, авторот наведува предание во коешто се говори како, на една жена која таму белела платно, ненадејно (во езерото?) и се отворила некаква железна врата. Влегувајќи низ неа, таа се нашла во подземјето, каде се појавил старец (Св. Никола) кој и покажал еден прекрасен подземен манастир и бројни златни драгоцености. Тој и објаснил дека објектот е сокриен од пакостите на Турците и ќе остане тука сé до победата над нив. Ваква посета доживеал (и ја чувал во тајност) и еден скромен и чесен рибар. По смртта, неговите браќа, ја побарале вратата, со цел да ги украдат драгоценостите. Стариот Св. Никола го примил едниот, но ја казнил неговата лакомост така што му испратил еден Арап, кој со сабја му ја пресекол главата. Цепенков говори и за ближниот локалитет, каде наводно имало темели од манастир (Св. Никола), од кој Турците отстранувале предмети (камени икони, железен „шандан“ т.е. свеќник), но овие предмети повторно се враќале назад. Во преданијата се говори и за разни златни драгоцености сокриени во подземјето.
„Бакарно гумно“, околина на Охрид (Р. Македонија). Говорејќи за Охридското езеро и за тоа дека нивото на неговите води некогаш било пониско за 5-6 метри, К. Групчевић, наведува дека во „заливот кај Панзир“ на езерското дно се гле- даат урнатини од куќи, што говори дека тоа место некогаш било на суво. При тоа го наведува и следното: „На том месту, где је сада панзирски залив, прича се да је било и чувено бакарно гумно“. Овој податок се надоврзува на фактите на К. Шапкарев, кој вели дека на брегот на ова езеро, (на планината Летница) се наоѓа црквичка на Св. Стефан – Панѕир. Се говори дека на тоа место имало предградие со називот Панѕир, „од каде секоја година излегувале 300 души војници панѕирлии“ (панѕир = метален војнички оклоп). Според преданијата запишани од браќата Миладиновци, местото „Панѕур“, го добило името од 40 илјадната „панѕурлијска војска“ што тука ја држеле бугарските цареви. Според други наводи, овие војници биле поразени од Турците поради својата гордост и непочитувањето на верата и на црковните обреди.
И на други места околу Охридското Езеро се забележени слични преданија за гумна (овој пат обични, а не бакарни), видливи на дното од езерото. Тие наводно сведочеле за некакви стари населби кои подоцна, со нараснувањето на нивото на езерото биле потопени. Едно такво гумно се лоцирало „под Канево (Канео) … меѓу Св. Јоан (Св. Јован) и Лабиново (Лабино)“, на 15 – 20 метри од брегот, додека друго – кај с. Радожда, Струшко.
„Медно / Бакарно Гумно“, непозната локација во Овче Поле (Р. Македонија). Ј. Рачанин во 1704 г. спомнува предание што го чул во с. Горобинци (кај Св. Николе), за постоење на „бакарно гумно“ засипано со земја, каде ќе се случи „велико крвопролитие од Турака“. Повеќемина автори, користејќи најразновидни податоци (често пати мошне сомнителни), се обидувале поточно да го лоцираат топонимот во оваа рамница.11 Се чини дека е автентично преданието на калуѓерката Теофанија според кое, на „Бакарно гумно“ (кое наводно било на 4 часа од Штип) доаѓала да пее некоја царица со своите ќерќи.
– „Медно гумно“, с. Враждебна, околина на Софија (Бугарија). Во 19. век е забележено предание за „медно гумно“ со „златен стожер“, кое се наоѓа меѓу петте, тука лоцираните могили. Се вели дека тоа било таму закопано за време на послед- ниот бој со Турците, а повторно ќе биде пронајдено дури по битката за ослободу- вање од нив. Овие топоними се идентификувани и во апокрифот „Сказанието на пророк Исаија“, датирано во 11. век.

Приказни и предaнија

Приказните за металното гумно се евидентирани во источнословенскиот ареал (Русија, Белорусија, Малорусија) и Словачка, додека кај Јужните Словени се зачувани само поедноставени преданија кои според некои свои елементи се доближуваат до овие приказни. Такви приказни се забележени и во подрачјето на Грција (Евбеа) и Мала Азија (Трапезунт), при што првиот пример е запишан на германски јазик, така што не се знае дали тој припаѓал на грчките или на местните јужнословенски фолклорни традиции. Според И. Венедиков, до 19. век приказните од ваков тип се забележени кај сите источнословенски народи, но не и кај Бугарите и Србите. Земајќи го предвид отсуството на мотивот „метално гумно“ во античката грчката култура, М. Дринов смета дека новогрчките приказни се продукт на подоцнежните византиски народни традиции.
Без разлика на варијациите, сите приказни ги обединува едно општо сиже. Фантастичниот лик со негативен предзнак (змеј или некој негов друг зооморфен или антропоморфизиран еквивалент), грабнува девојка (некаде сестра на јунакот, царска ќерка) и ја носи во своето далечно и непристапно престојувалиште (дворец / сарај, често изграден од метал), лоциран на или крај метално гумно или пак метално поле (поле на кое растат метални растенија). Јунакот (претставен како брат на девојката, силно дете, овчар, поповски син), окружен со одредени натприродни способности или магиски средства, ја наоѓа грабнатата девојка. Некаде тој е музичар кој свири на инструмент (тамбура, свирка), чиј звук ги маѓепсува слушателите (во случајов – негативниот лик). Доаѓајќи на металното гумно, јунакот се бори со овој лик и по победата над него, ја ослободува девојката и ја враќа на родителите, или пак ја зема за жена. Некаде, негативниот лик и борбата со него се мултиплицирани, при што се јавува и градација на неколку змеја, неколку метални гумна (оловно, бакарно, челично …) и аналогни метални дворци во кои се наоѓа по една девојка или сопруга на змејовите. Од основната структура, најмногу се оддалечува грчкиот пример од Евбеа, каде се јавува мултиплицирање и други форми на усложнување на ликовите, на нивните функции, дејствијата и на други наративни елементи.
Главните елементи од прикажаните приказни се содржани и во една профилактичка постапка, забележена во неколку села од Бугарија. Во време на вршењето, гумното се мете со „трънометка“ (метла направена од цело стебленце на трн) и тоа поради две цели: – за да не долета змеј на гумното и да не грабне некоја девојка или невеста; – за да не се појави виор и да не ги однесе врвовите од житото. И во српските преданија, дејствието е редуцирано. Сопругот или дедото забележу- ва дека неговата сопруга или снаа (или пак двете заедно), со помош на одредени магиски дејствија, успеваат – качени на вратило (дел од разбој), да летаат по небо. Повторувајќи ги овие дејствија и тој успева во тоа, така што ги следи и доспева до металното гумно. Покрај неговите, таму се собираат уште жени кои, придружени од други женски ликови со натприодни обележја, изведуваат одредени дејствија (пеат, танцуваат и прават магии). Во други преданија, носители на дејството се самовили- те кои се собираат на медното гумно и тука играат и пеат.
– од Никос Чаусидис, Митологизираното гумно во словенската традиционална култура – II, Studia, mythologica Slavica 

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *