избор

Кисмет – бенд на 21от век

Во 1993 година Горазд Чаповски и Илија Стојановски, јадрото на култната група Мизар, го формираа бендот Кисмет. Долго време работеа одвоено (Горазд во Австралија, а Илија во Скопје), но сепак ги издадоа албумите Dormant Dire (1994) и Damjan’s War (1995). Во 1997 година потпишаа договор со Tone Casualities, дискографска куќа од Холивуд со светско реноме. За неа ги снимија Wake Up Gods (1997) и North Atlantic Balkan Express (1999). Горазд и Илија се сопственици на издавачката куќа Амаркорд, под чија етикета наскоро ќе излезе и цеде Tribute to Mizar.


– Да почеме од тоа што моментно е “најжешко”. Сајмиште – 26 мај. Со што Кисмет ќе го “запали” Скопје?
– Имаме стандардна шема. Ќе свириме материјали од Северно Атлантски Балкан Експрес, Разбудете се богови и од Дамјановата војна. Тоа ќе биде избор како за концерт, но главно ќе изведеме песни од последниот албум. Инаку, сметам дека таа вечер нема да се случи ништо значајно во нашата кариера. Секоја чест на Авалон, но нас ни е поважно да ни се продаваат албумите во Америка. Ние сме андерграунд бенд, свириме универзална музика и не сме локални херои. Кисмет е единствената група од Македонија која потпишала договор со “здрава” дискографска куќа. За никого од ова поднебје не пишувало во Alternative Press или во Rolling Stone. Со задоволство ќе свириме на Саем, но далеку од тоа дека на 26. ќе се случи некој пресврт.
– Ти и Илија сте константа на Кисмет, а неколкупати го менувавте тапанарот.
– Повторно направивме промена во составот. Нов член е Зоран Цветковски, првиот тапанар на Архангел.
– Етно-музиката зазема се повеќе простор на нашата сцена. Каде се зачетоците на тој тренд?
– Тоа датира од времето пред 15-20 години. Се почна од Мизар. Мизар и Падот на Византија се почетокот на макадонската андерграунд сцена. На луѓето по се изгледа не им е јасно дека Мизар беше првиот националистички бенд. Работевме од 1982 до 1991 и издадовме два албума. Ние бевме првата група, која објави албум на македонски јазик. Ние први почнавме со етно-стилот.
– Откако се распадна групата, постоеше спор со Горан Таневски, кој издаде цеде на Мизар насловено како Сведожба.
– Нема никаков спор. Првиот албум на Мизар е објавен за Хелидон од Љубљана во 1987 година. Вториот е Свјат Дреамс (1990), во продукција на Амаркорд. Факт е дека Горан Таневски во 1995, без одобрение на авторите, издаде пиратски производ. Јас бев композитор на 80 отсто од песните на Мизар. Секако тука се и идеите на Горан Трајковски и на Зоран Спасовски. Сите мои песни се со заштитени авторски права во Австралија и во Њујорк. Нека се дрзне сега да направи некој нешто пиратско.
– Има една епизода од Мизар кога и Ристо Вртев работеше во групата.
– Тоа се уште не беше вистинскиот Мизар.
– Меѓутоа на новото цеде, Трибуте то Мизар, ти и Ристо се јавувате како автори на една песна.
– Меѓу нас постои голем респект. Отсекогаш сум го ценел тоа што тој го работи. Ристо е одличен текстописец и музичар. За тој албум ја преработивме Дождот, а проектот го крстивме Мајаковски.
– Што се содржи новиот проект?
– Армаркорд рекордс е издавач на цедето. Снимавме претежно млади бендови кои преработиле песни на Мизар. Има вкупно 13 композиции, направени од 12 групи. Кисмет е прв со Дом, а следуваат Ден потоа со преработката на Девојка од бронза, па проектот Мајаковски, Венцислав Смаќоски со Градот е нем, Енсои (бенд од Прилеп) ја преработи Абја мем, шеста е Мјузик мејкерс во соработка со Саша Павловиќ, кои направија демо верзија на Црвен ден, групата Сињак ја сними Униније, Михајло (млад композитор, кои има завршено во Чикаго, а моментно е на постдипломски студии во Лондон) ја преработи Ходен Же. Васко Бурајлиев и Горан Трајковски ја снимија Магла, Ноу нејм нејшн е десета со панк верзијата на Девојка од бронза, а единаесетта е Атараксија со Гласот. На крајот се Александрија од Штип со демо снимката Не си сам и Кисмет со Ортома (Истекувам). Да имавме пари ќе вклучевме и 30 групи, но толкав ни беше буџетот.
– По ланската успешна успешна турнеја во САД, планирате ли ново патување преку Атлантикот?
– Наесен пак ќе одиме во Америка. Ќе настапиме и во Италија, Германија, Хрватска, Бугарија…
– Во 1998 во светските музички списанија излегоа различни статии за Кисмет. Според сите критичари бевте прогласени за успешна група.
– Ние сме рок бенд за 21 век, кој успеа да го возбуди светот. Знаеш зошто се растури Мизар? Го остваривме локалното. Во СФРЈ ни стана здодевно да читаме критики за нас. Чудо беше што со така добар состав немавме критика на англиски јазик. Со Кисмет се случи нешто друго. Тоа е најпродаваната македонска група. Првото издание на Кисмет, Wake Up Gods имаше тираж од 8.000 примероци низ целиот свет.
– Како гледаш на локалната сцена од денешен аспект?
– Треба да има нови активни рок-бендови. Децата мора посериозно да ги гледаат нештата. Претерано се влезени во поп-шемата на Дарко Димитров и на Перо Камиказа. Пушти ги тие песни во Австралија и во Америка и сите ќе ти се насмејат во лице. Во Загреб 5.000 Хрвати на македонски пееја: Зајди сонце, зајди, во мене…

Во Белград се случи истото. Значи 10.000 Хрвати и Срби пееја на македонски јазик. Таа мисија ја извршивме уште многу одамна. Леб и сол пееја на српски. Нема што да правам муабет понатаму. Прва патриотска песна беше Не го давам Велигден. Кога ја напишав, никому не му беше јасно што се случува. Денес сите се прават квази-патриоти. Гледаме на кое дереџе сме и не треба да се чудиме што ни е ваква државата.
Жарко А. Кујунџиски, Дневник 2006

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *