изборПревземено

Пронајден е гробот на поп Богомил?

Според пишаните извори се верува дека попот Богомил е закопан близу неговото родно село Богомила каде што е изграден параклис и тоа претставувало молитвено место на неговите следбеници и ученици. Точната локација не е запишана, па нашата екипа реши да отиде на терен, да поразговара со локалните жители и да го побара вечното живеалиште на дедо Богомил.

     Вечниот дом на основоположникот и идејниот творец на познатото дуалистичко богомилско движење кое своевремено даде голем замав во културниот и социјалниот живот на Балканот, а подоцна и во западна Европа, се претпоставува дека е во селото Согле во областа Азот во централна Македонија. Неговиот гроб, според претпоставките и нашите истражувања на терен се наоѓа близу муслиманските или турски гробишта во селото Согле. Претходно ова село било македонско и христијанско, но по османлиската инвазија на Балканот ова село е исламизирано и населено со турско население. Мештаните тоа место го викаат „гробот на царот“ или „гробот на светецот“ но не знаат точно да објаснат чие тело лежи таму.
            Според пишаните извори се верува дека попот Богомил е закопан близу неговото родно село Богомила каде што е изграден параклис и тоа претставувало молитвено место на неговите следбеници и ученици. Точната локација не е запишана, па нашата екипа реши да отиде на терен, да поразговара со локалните жители и да го побара вечното живеалиште на дедо Богомил.
            Најпрво разговаравме со уметникот Новица Трајковски од Скопје, кој целиот свој живот, покрај на сликарството, е посветен на истражување на богомилството. Ова учење за него претставува неисцрпен извор на инспирација за сликање и творење. Како што ни кажа Трајковски, и тој се интересирал за гробот на поп Богомил и вршел истражувања на своја рака. Разговарал со неколку жители на селото Согле, и тие тврделе дека гробот е некаде во околината на Согле.

Кога пристигнавме во Согле, побаравме некој староседелец. За несреќа, најстариот жител кој проживеал 95 години починал пред точно една година, и тој имал многу информации за селото и за неговата околина. Потоа влеговме во дворот на чичко Садик, турчин по потекло но со многу поколенија зад него што живееле тука. Го прашавме дали знае каде е гробот на царот, или гробот на светецот?

            -За гробот на царот или на светецот имам слушнато но сеќавањето ми е како во магла. Знам дека има едни стари гробишта на излезот на селото. Тие се многу стари, можеби од римско време. Како што ми кажувал татко ми, дедо ми и прадедо ми таму нема закопани наши луѓе. Тие гробишта можеби се постари и од селово. Ако барате гроб на некој цар или светец можеби ќе го најдете таму.
            Поразговаравме и за историјата на селото, го прашавме и за попот Богомил но не знаеше многу да ни каже за него. Не прашуваше дали имаме некакви симболи да му покажеме за да знае за каков гроб станува збор. Бидејќи немавме никаков симбол со нас, му ја покажавме Тајната книга на Богомилите. На насловната страница има симбол со ѕвезда која се разгранува на две гранки кои водат кон полумесечина и крст. Чичко Садик замислено го погледна симболот, ја повика ќерка си и го гледаа околу 5 минути. И ќерка му наеднаш се сепна.
Насловна страница од Тајната книга на Богомилите
            -Ако ѕвездата е селото Богомила, родното место на поп Богомил, местото каде што се раздвојува линијата е раскрсницата на крајот на Согле. На едната страна се муслиманските гробишта, која веројатно е полумесечината, а на другата страна се старите гробишта, што веројатно се претставени со крстот. Мене ова ми личи на мапа според која треба да се водите, рече ќерката на Садик.
            Ни ставија сок, не понудија со ладна вода и ни посакаа среќа во истражувањето. Ни рекоа само да внимаваме затоа што местото е змијарник обраснат со капини, трње, мов и густи бодликави грмушки. Ни рекоа дека поарно е да дојдеме друг пат и посилно опремени. Но нашето љубопиство беше несопирливо.
            Отидовме кон крајот на селото, ја најдовме раскрсницата но од гробовите не видовме ништо. Имаше само густа шума од левата и десната страна на патот преку која многу тешко можеше да се помине. Со стапови ги растргавме трњето и грмушките и влеговме во шумата. Баравме цели два часа и најдовме голем број на камени плочи. Се познаваше дека се стари најмалку петстотини години но ретко на кој можеше да се забележи некаков знак. Беа уредно заѕидани со камења, и паралелно поставени еден до друг. Успеавме да најдеме неколку уредно изградени гробови со непознати и тешкоразбирливи знаци на нив.
            На прв поглед личеа на стари туски гробишта со арапско писмо. Но од друга страна, спомениците беа во форма налик на крст што е сосем спротивно од муслиманските ознаки. Некои едвај се познаваа, некои беа заѕидани а некои дури имаа и по две надгробни плочи. Направивме фотографии од сите што ги најдовме, а вкупно беа околу триесеттина.
Се вративме кај Садик да го прашаме дали знае да ги протолкува знаците или да ни ги прочита арапските букви, но не можеше. Тој мислеше дека се римски гробови но му беше чудно што имаше арапски букви на нив. Ни препорача да се консултираме со некој оџа што знае арапски или да отидеме кај историчарите да видиме што мислат тие.
-Можно е гробот што го барате да е изоран или под асфалтот затоа што на времето кога комунистите го прошируваа и пробиваа патот кон Богомила копаа се пред себе. Ним не им беше важно дали нешто уриваат, битно им беше само да го изградат патот, дополни чичко Садик пред да си отидеме од кај него.
Што мислат историчарите?

            Кога се вративме во Скопје разговаравме со д-р Маја Панова од Институтот за нацонална историја, која има докторирано на богомилството. Кога ги погледна фотографиите од гробовите рече дека многу се слични со стечците (надгробните плочи) на босанските Патарени во Мостар, кои се сметаат за наследници на богомилското учење.

-Симптоматично е  тоа што секаде каде што се движеле Богомилите низ вековите има некаква оставштина од нив. И во Косово, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Босна па дури и во Франција. А зошто баш тука, каде што е зачната богомилската идеја нема никаков гроб или знак од нив, напомена д-р Маја Панова.
Конкретно за арапските симболи д-р Панова рече дека не мора да значи дека се арапски. Извади од полицата една книга со дуалистички слики и најдовме една фотографија од гроб што има исклесано шари налик на арапското писмо. Кога ги споредивме со нашите фотографии во многу делови се совпаѓаа.
-Не можеме со сигурност да тврдиме дека гробот на поп Богомил е пронајден, но голема е веројатноста дека е. Овие гробови се навистина слични со богомилските и заслужуваат внимание и истражување. Веројатноста се зголемува и со тоа што според пишаните извори гробот на Богомил се наоѓа во областа Азот во близина на селото Богомила.

Професорот Виктор Лилчиќ пак, смета дека целиот комплекс на овие гробови е од мешан религиски состав. Според него, тоа се должи можеби на мешаниот етнички состав по што е познато селото Согле.

-Овие камења претежно имаат исламска форма на надгробни плочи. На некои од нив дури ми се чини дека има и исламско-турски натписи. Но, интересно е пак што на некои се гледа трипартитната поделба на христијанскиот црковен храм над која има три рајски розети. Трипартитната поделба ги претставува животните кораби на Исус Христос. Во средина, црковниот централен кораб кој е поширок, ја симболизира неговата патека поради тоа што тој е безгрешен и е пример за нас грешните. Лево е машкиот а десно е женскиот кораб. Како и да е, очигледно е дека некрополата припаѓала на луѓе кои го користеле старотурското писмо а кои на надгробните плочи ја искажале вербата во продолжетокот на животот на небото.
Професорот Лилчиќ дополни дека на некои гробови е забележлива форма на крст со малку проширени краци, какви што се среќаваат на многу македонски средновековни гробови. Ова пак, укажува на присуство на христијанско население во тоа село.

-Овие гробови се навистина вредни и бараат заштита, чистење и оградување од локалната општинска власт. Но кога станува збор за гробот на поп Богомил мислам дека вниманието треба да се насочи кон тврдината Марково Кале над селата Теово и Согле, и на неколку други пониски утврдувања во тој регион, додава професорот Лилчиќ.

Гробот можеби е во месноста Кораби
 Локалните жители од селото Богомила малку знаат за средновековната историја на нивното село. Но, сепак има некои кои се интересирале и истражувале за попот Богомил и за богомилското движење. Поразговаравме со неколку богомилчани и еден од нив ни посочи дека гробот на Богомил се наоѓа во месноста Кораби, на врвот на околните ридови. Таму, како што ни кажа жителот, честопати македонски свештеници обавувале обреди и пееле свети песни во негова чест.
  Инаку, местото се вика Кораби, според преданието дека порано тој регион бил под вода. Околу езерото имало повеќе населби, а населението за да стигне од едниот до другиот крај користеле кораби.

Надгробната плоча на Богомил е во Бугарија?

        На интернет на некои форуми на историските теми за Богомилите пишува дека надгробната плоча на Богомил е во некој софиски музеј во соседна Бугарија. Еден ден ги посетивме сите софиски музеи, меѓу кои археолошкиот и народниот историски музеј но таму ни рекоа дека такво нешто немаат. Ни посочија да не му веруваме на интернетот и не советуваа дека поп Богомил дејствувал во Македонија и дека гробот треба да го бараме таму.

Коста Солев Рацин во 1939 година во текст за Богомилите напишал: Туку, сакаме да кажеме кога некој Вулич или Балугџич или некое нивно копиле ќе земе некоја надуена поза и ќе не праша нас Македонците „Ами камо ви цареви и кралеви и тапија за земјата македонска?“ да му речеме: „Еве ни го дедо Богомил! Вашите цареви и кралеви владееја над нашата земја со крв и гнасотии и вашата тапија над земјата македонска е и така крвава и гнасна. Но колку е светла и силна царштината на деда Богомил, на македонските богомили! Колку е посилна и повисока мислата на деда Богомил од славата и споменот на сите кралеви и цареви и гнетачи и јадачи народни од памтивека до сега! Ние Македонците по патот на дедо Богомил, по мислата на неговата вечна борба и по трагот на неговата силна вера ќе си ја дочекаме и нашата зора!

            Неботитен е фактот дека попот Богомил иако некои од историчарите го побркуваат со попот Јеремија не е некоја митска личност што народот ја создал туку вистинска и историска која постоела и за време на бугарскиот цар Петар. Бил прв што почнал да проповеда, како што вели Презвитер Козма – ерес. Од беседата против Богомилите на Презвитер Козма и од Синодикот на царот Борил, убаво може да се да се види дека основачот на оваа „зла ерес“ како што ја нарекле официјалните црковни лица бил попот Богомил.
Од која културно – етничка средина произлегува попот Богомил изворните материјали не прецизираат освен она што го напишал Теофилакт во Житието на Климент, дека ереста се појавила меѓу неговата паства по неговата смрт. Токму овој, наизглед безначаен податок што ни го дава архиепископот Теофилакт за нас е  од посебна важност бидејќи тој не само што го прецизира крајот во кој за првпат се појавило богомилството, туку ни дава можност која не ни ја даваат другите извори и да видиме од каде произлегува овој титан на времето, чие учење стана подлога на многу еретички учења на запад во Европа, а стави и основа на она револуционерно движење што доведе до востание во 969 година и до ослободување на Македонија од бугарското владеење.
Според д-р Маја Панова, богомилството првично е религиско и духовно движење. Но со оглед на неговите догми тоа било и револуционерно и антифеудално учење. Богомилите живееле во заедници налик на првобитните. Подеднакво ги почитувале и мажите и жените што било невообичаено за тоа време. Дури поставувале и жени да бидат проповедници на нивното учење што било забрането во средниот век. Се залагале за колективна сопственост што е една голема сличност со комунизмот.
За разлика од многуте дуалистички народни движења кои се појавиле во тој период како знак на револт против власта што тогаш ја имала црквата, богомилството е оригинално и предизвикало најголем замав. Поради притисокот од Бугарија а подоцна и од Византија, Богомилите се селеле кон северозапад и своите идеи ги прошириле до Франција. Како што вели д-р Панова, ренесансата во Европа ја предизвикале токму Богомилите. Данте Алигиери бил инспириран од богомилскиот дуализам и тоа може да се забележи од неговите дела.
Според богомилите, хармоничен соживот и општа благосостојба може да се достигне во овоземскиот живот, во праведна општествена организација. Тие се залагале за активизам а не ја признавале тогашната световна власт која според нив не се засновала на праведни принципи и не подразбирала еднаквост за сите. Бидејќи не признавале никаква предодредена хиерархија би можело да се каже дека богомилите биле првити комунисти односно првите анархисти.
Тие учеле на толеранција, разбирање и еднаквост на сите луѓе. Најголемата доблест што човек може да ја поседува според Богомилите била трпението. Тоа подразбира мирен но цврст дух отпорен на искушенија и одмереност. Учеле на ненасилство. За нив пролевањето крв било најголем грев па затоа тие не убивале ниту животни. Се прехранувале исклучително со продукти од растително потекло и биле вегетаријанци.
Богомилите се нарекувале себеси христијани или едноставно, добри луѓе. Тие учеле дека вистински христијанин се станува само во душата, а не преку ритуали и формална припадност кон црквата. Љубовта ја сметале за врвен принцип преку кој човек може да се продухови и да се оствари во потполност. Фактот што богомилството проникнало во Македонија, и неговите идеи земале толку голем замав што се раширило до северна Италија и Франција за секој Македонец треба да претставува гордост.
Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *