Интервјуа

Ексклузивно интервју со проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс

Здраво живо, г-дине Лилчиќ. Ви благодариме за овозможената прилика за интервју.
Неодамна се појави ТВ серијал поврзан со Александар Велики и Република Македонија. Што откривате на македонската јавност во овие видеа?
В.Л.А.
Нашата земја се вика Македонија. Ова вековно име очигледно го оспоруваат нашите јужни соседи, а сведоци сме на нивната интензивна активност на меѓународен план за менувањето на називот на нашата држава. Околу 22 години некои земји не нарекуваат бивша југословенска република Македонија. Што сторивме за да докажеме дека територијата на Република Македонија поседува научно издржани аргументи за докажување на правото на името Македонија?
Во 1994 година ја публикував студијата Кралевите на античка Македoнија и нивните монети во Република Македонија со колегата нумизматичар Никола Шелдаров. Од 2004 – 2009 година го реализиравме научноистражувачкиот проект Античкото кралство Македонија во Република Македонија преку Филозофскиот факултет во Скопје, Институтот за историја на уметност и археологија.
Конечно во текот на 2014 година успеавме да ја реконструираме патната траса по која Александар Македонски со војската патувал во 335 година пред н.е. низ територијата на денешната Република Македонија, на враќањето од Дунавската кампања за смирување на континенталните Трибали и Гети. Патот го водел кон смирувањето на Илирите и Тавлантите кои планирале да се сретнат на просторот јужно од Охридското езеро и да тргнат во напад на Македонските градови.
Токму поради тоа реализирав пет епизоди од серијалот Археолошка авантура Еригонски пат кои беа премиерно емитирани на Алфа телевизија во јануари 2014 година
(1.https://www.youtube.com/watch?v=5sAGJlZYFlk
2. https://www.youtube.com/watch?v=BzRrcKDvwgo
3.https://www.youtube.com/watch?v=lkpkg5xLA1Y
4. https://www.youtube.com/watch?v=70vNO8Lh8UQ
5.https://www.youtube.com/watch?v=kD9yNP20kZk).
Воедно реализирав и јавна  powerpoint презентација на патот на Александар на научниот собир на МАНД во Виница, како и јавна презентација на истата тема во Скопје во Музејот на ВМРО. Воедно истата презентација со реконструкцијата на патот на Александар јавно ја промовирав последователно во три емисии на Трговското дифузно друштво радио Слободна Македонија ( http://rsm.mk/web/?p=34551 ) што беа емитирани во текот на март 2014 година. Во тек е пишување на археолошка студија за античкото македонско кралство на територијата на Република Македонија.
Дали се вложува и работи доволно на заштита и промовирање на огромното културно богатство со кое што располагаме и кои се капиталните интереси во овој период?
В.Л.А.
Евидентно е дека оваа влада реализира огромни улагања во откривањето, заштитата и промоцијата на македонското културно наследство на Република Македонија. Беа селектирани голем број археолошки локалитети од прва категорија што се откриваат, конзервират и подготвуваат за отворање на јавно користење. Со тоа актуелната влада дава пример што треба да го следат сите локални општински заедници за активно да започнат со користење на археолошките ресурси во сопствениот развој.
Кои биле Пајонците, чии што места на постоење се почесто се откриваат при Вашите истражувања?
В.Л.А.
Пајонците биле централно балкански народ компониран од повеќе сродни племиња кои еволуирале од периодите на предисториските култури кон оформувањето на првите цивилизирани држави – кралства: Пајонија, Пелагонија, Агријанија, и Девриоп. Генетски гледано тие ја сочинувале субструктивната компонента на античките Македонци повеќе од 50 %, што значи биле сродни со античките Македонци.
Кој локалитет во Македонија е датиран како најстар? Имаме ли артефакти од древните времиња? Постојат ли пронајдоци за кои науката нема одговор?
В.Л.А.
Сметаме дека на територија на Република Македонија најстари се локалитетите – пештерите во кои престојувале луѓето во палеолитот. Тоа е например пештерата Макаровец на реката Бабуна, потоа пештерата кај селото Здуње на Треска и други. Откриени се воглавно камени орудија.
Воглавно сметам дека не постои археолошки пронајдок за кој науката неможе да даде научна интерпретација, нормално после сериозни издржани научни истражувања со современите теренски и кабинетски истражувачки методи.
Некои локации за кои што повеќето научни дисциплини велат дека се природни, кај народот сеуште претставуваат еден вид на култни места. Куклица, Ѓаволски Ѕид, Цоцев Камен, итн. Што вели официјалната македонска археологија за ова?
В.Л.А.
Куклите кај село Куклица се природни творби исто како и т.н. Ѓаволски ѕид. Погледајте ја само сликата на овој предел на Google Earth, каде, кога ке ги видите паралелните геолошки слоеви се ке ви биде јасно, додека Градиште Пешта Трон или Цоцев Камен претставува утврдена населба од предисторијата, обновена во доцната антика.
Минатата година беа извршени архео-акустични истражувања во Овчеполието. Кое е вашето гледиште за таканаречениот геоглиф близу Свети Николе?
В.Л.А.
Таканаречениот геоглиф кај Црнилиште, или Шарков Рид / Канда претставува ниско ридче северно од селото. Нема правилна кружна форма за да се помислува дека се работи за голем тумул. Педолошкиот состав на почвата на ридот е песоклив со присуство на мазно заоблени камења како остаток од некакво древно езеро што истекло во далечното геолошко минато. На врвот регистриравме остатоци од елипсоидно оформен ископан ров со внатрешни комуникациски ровови. Истражувањата во рамките на проектот Археолошки катастар на Република Македонија во текот на 2013 година изнесе на виделина два културни хоризонти на ова место. Постар од почетокот на 20. Век, главно воен материјал, чаури и зрна од пушки од француско производство, една чаура англиско производство, без присуство на гелери или шрапнели, што значи дека позицијата веројатно не била гранатирана. И втор културен хоризонт со материјали од југословенската народна армија која секундарно ги користела рововите за вежбовни дејствија.
Во врска со сознанијата на акустичните истражувачки активности, за предлошеното постоење на три простории на длабочина од мислам 11 метри во вторите мерења, како и прелиминарните интерпретации во јавноста за нивното идентификувања со енергијата на Александар Македонски или подоцна со творецот на универзумот, големата божица мајка и таканаречениот бог на сонцето на старите македонци Ѕе, засега немам коментар, освен дека се далеку од било каква наука и логика. Мислам дека поупатно е да се изведат археолошко геоскенирање на ридот со кое ке се добие нова  слика на подземните површини.
Дали македонската археологија има капацитет за соработка со врвни институции од други држави?
В.Л.А.
Секако, соработката со странските археолошки институции има долга традиција. Меѓу првите заеднички акции беше проектот Стоби каде се сретнаа и десетина години соработуваа од 1970-1980 година, македонската археолошка школа предводена од академик проф. д-р Блага Алексова, и американскиот тим од Смитсониан институцијата од Тексас предводен од професор д-р Џејмс Вајзман. Лично учествував како студент во истражувачката кампања 1977 година. Да ја споменам само соработката на професорот д-р Драги Митревски со американскиот професор д-р Вилијам Нејдингер на Вардарски Рид кај Гевгелија. А еве оваа година започна соработката со англиските археолози од Оксфорд, Саутемптон и Единбург со тимот од Музеј Куманово на локалитетот Костоперска Карпа кај Младо Нагоричани.
Постои ли гроб на Александар Македонски?
В.Л.А.
Според сознанија од историските извори гробот на Александар Македонски бил лоциран – оформен во вид на мавзолеј – хероон во градот Александрија во Египет и бил познат се до околу средината на 4. Век н.е., потоа му се губи трагата. Постои хипотеза дека неговите остатоци се пренесени во средниот век во Венеција, а последните петнаесетина години определени лица како Паскал Камбуровски лансираат хипотеза дека се наоѓа на територијата на Република Македонија.  Да претпоставиме например дека женскиот дел од семејството, мајка му и сопругата успеале да го одземат телото на Александар од Птоломеј, и донесат во Македонија, логиката упатува дека би го сокриле поблиску до Ајга каде традиционално се погебувале припадниците на Аргеадите. Но изворите молчат за таква опција и напротив познато е дека Касандар набргу ги елиминирал сите членови на најблиското семејство на Александар. Искрено посакувам да го откриеме Александровиот гроб во нашата Република Македонија, но засега немаме ниту една историско или материјална трага што би одела во прилог на оваа хипотеза.
Каде се насочени вашите истражувања, и што планирате за во блиска иднина?
В.Л.А.
Нешто над еднаипол година како сум директор на Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија. Подзапрев за тоа време со активните теренски археолошки истражувања и ги резимирав досегашните мои акции и движење низ македонската археолозија. Видите, од 1975 година кога започнав со теренските истражувања,  реализирав близу 2000 теренски експедиции и публикував околу 200 стручни и научни статии и студии. Влегов во сите делови на Република Македонија и реално во моментов јас сум македонскиот археолог кој истражувал и документирал планиметрии на околу 750 стари градови и тврдини во Македонија. Реченициве течат лефтерно и низ нив не можам да ви ги доловам одисеите низ кои минувавме со членовите на теренските истражувачки тимови. Па и да пробам, да речам, дека беа километри и километри наугоре до високите акрополни платформи во планините,  низ горештини, виулици, под грмотевиците, со соровите железни македонски од Битпазар, се крчеше густата вегетација, чалијата – драката израсната врз бедемските ѕидини … не е доволно не може да се долови. Тоа беше цврст челичен војничко археолошки стил на живот. Живот 24/7, од 1975 до денес со очите врз илјадници страници што ги запишале етнолозите и географите од првите школи, археолозите кои внимателно рекогносцирале, потоа посветено организирање на експедициите, да тоа беше и сеуште е мојот живот.
Ми останаа некои 50-100 утврдувања и некои потешко пристапни региони. Но постепено ги елиминирам, како пределот помеѓу Галиште и Гуѓаково лани.
Оваа и наредните години на ред е истражувањето и документирањето на градовите и гробниците во Долината на Кралевите, место каде се погребувале повидните пајонци.
Освен тоа планирам дигитално оформување на македонскиот археолошки катастар со старт од оваа година.

Проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс


прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2015

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *