изборПревземено

Говедар Камен

Камен, обичен како и секој камен. Се наоѓа на полето меѓу Свети Николе, Ерџелија и Пеширово. Околу него нивје со жито и други земјоделски култури. Голем е како една соба 4х4 метри, висок околу 3м. Велат дека некогаш некој “натчовек” го фрлил од Ѓуриште – 10 километри воздушна линија и тој паднал на местото каде се наоѓа сега. Токму тогаш на тоа место имало добиток, а со нив и човек кој ги чувал – говедар. Паднал каменот врз човекот и врз добитокот и оттогаш го завикале Говедаров камен.

– Ристо Гонев, новинар

Во Овчеполието, недалеку од Свети Николе, веднаш до атарите на селата Ерџелија и Пеширово, стрчи еден огромен камен од еруптивно потекло, познат под името Говедар Камен.
Во далечното минато во Овче Поле владеел цар кој што имал сè што душата би можела да посака, но немал свое дете. Сакал да има син кој ќе го наследи. По многу години, царицата забременила. Царот бил радосен, но исплашен, дали ќе му се роди наследник или ќерка.Дворјаните се погрижиле детето да биде машко, бидејќи царот им се заканувал со смрт доколку не му се роди наследник. Претпазливо зеле машко новороденче од номадите чергари, па кога царицата се породила тие веднаш го замениле детето со малото циганче, а царското бебе го дале на чергарите. Царевото дете било машко, но дворјаните веќе не биле во можност да ги заменуваат децата. Двете дечиња растеле. Царевиот син, сега чергарче, ги пасел говедата и постојано се качувал на еден висок камен и зборувал:
– Колку е убаво ова поле за да се води војна во него! Од оваа страна ќе ја водам пешадијата, а од оној рид ќе го изненадам непријателот со коњаницата, па така секако ќе победам!
Донесениот наследник, зборувал:
– Да имам дрвца, колку убави вретена би можел да направам! Ех, што е убаво да се потковуваат и оседлуваат коњите…
Постојано чукал со чекан, и било очигледно неговото несовпаѓање со царскиот двор. На царот не му се допаѓало однесувањето на детето, но немал каде – тоа бил неговиот наследник.
По многу години еден од дворјаните, за да му се додвори на царот, му ја кажал вистината – дека вистинскиот принц е кај чергарите, а тој во дворот всушност е циганче. Царот веднаш наредил да се спреми кочијата и тргнал по царството за да трага по вистинскиот си син.
Откако го минал целото царство, изморен не очајувал бидејќи не го нашол сина си. Мудро, на сите 16 годишни момчиња им се поставило истото прашање:
– Колку богатство сакаш да имаш? 
Повеќето одговориле дека сакаат полна кола златници, некои дури и ја побарале царевата златна кочија.
Пред да се прибере дома, царот го здогледал говедарчето качено на огромниот камен, му се доближил и го запрашал што гледа:
– Го разгледувам полето и се думам колку е тоа убаво за водење војна, одговорил вистинскиот царски син.
Царот видел дека детето е на иста возраст како неговото во дворецот, па го запрашал:
– Колку богатство би сакал да имаш?
Без воопшто да размислува, говедарчето одговорило:
– Не сакам големо богатство, само толкаво колку што изнесува еден дожд во април и два дожда во месец мај!
Царот се вџашил од бистрината на детето, бидејќи во Овче Поле секоја капка дожд во тие месеци чинела и повеќе од еден златник. Веднаш сфатил дека тоа е неговиот син. Го зел со себе, го повел во царскиот двор и му ја кажал вистината за неговото потекло.
Ден денешен во Овчеполието стрчи Говедар камен, а жените кои што не можат да родат одат таму на Ѓурѓовден, оставајќи подароци врзуваат конци за “лекот да се фати“.
– Лазар Серафимов, учител

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *