Македонија

Ѓаволот и бабата

Во некое село имало многу цреши по бавчите.
Во празничен ден беа се покачиле селеките деца и девојчиња да збираат цреши и да си јадат, а пак старците и старите си седеле под сенки и чекале да наберат децата цреши и да им симнат, та да им дадат ним да јадат.
При сите селани и селанки имало и една ба6a што била многу дрчна за јадеше цреши,
та на сите деца што беа качени им посакала цреши, да и пуштат пo унечката, чунки со унечката стоела под децата и им сакала.
Арно ама децата гледаат тие прво да се изнајадат, да после на бабата да и фрлат и долу да им симнат на друзите баби и дедови.
„Фрлете ми мене троа им велела, да каснам, бре синковци.”
Децата ни баре на ум ја клавале, тие само си збираа и си јадеа и едно на друго му се смеело и му правело како малите чавчиња, кога да ги ранат со цреши: „каа”, „на”, си велеле едно на друго и си јаделе цреши, a пак стрвната баба туку шета под црешите и туку ја вртела главата, како да им се фалеше на децата.
„Пуштете по некоја цреша, бре ѓаволи, им рекла на високо, оти ако ви се качам, црниот ѓавол ќе ве земе; знаете али не знаете?
Ако ви се качам горе, озгора удолу ќе ве турнам!”
„Ха де, нека те натера едноногиот, да ќе те видиме на плеќи падната”.
Во тоа спречкување со бабата и децата, чул ѓаволот оти него го наумуваат, им дошол близу до нив и се преправил на човек, та седнал до некои старци.
Седнувајќи, ѓаволот почнал да се разговара за бабата и децата, што се дечкала.
„Али гледате, пријатели, им рекол ѓаволот, бабата како прави?
Туку вика по децата и туку им се фали со ѓаволот и туку се токми да им се качи, а ако падне, ич ие есапи.”
„Ако ја натера нешто ѓаволот да се качи, може и да падне”, му рекле старците на ѓаволот. ,Ама и вие, бре старци, неправо зборувате, им рекол ѓаволот, дека велите ќе ја натера ѓаволот: е кај ќе ја натера ѓаволот, кога ѓаволот еве сум јас овде?”
И на часот им се претарави на црн ѓавол за да го гледаат.
Во истото време стрвната баба не дотраја и почнала да се качува на едно црешово дрво. Качувајќи се бабата, почнале децата да се смеат и да го караат ѓаволот:
„А, ѓаволе де, ела бабата да ја туриеш од црешава”.
„Е, сега, пријатели, им рекол ѓаволот на старците, еве јас при вас си седам, да ако падне од црешата бабата и се отепа, ќе имам некој кабает?”
„Немаш ти никаков кабает, пријателе, му рекле старците на ѓаволот, кога бабата си е стрвна за да јаде цреши”.
На тие зборови, туку беше ти се отпуштила од една гранка бабата и „бум” сторила на земи.
„Оф јас сирота се отепав”, рекла пуста баба и премрела.
Се натрчале селани, братенце мило, да ја видат бабата.
Кој вода вика да се донесе, кој ја фаќа и гајрет и дава, а најповеќе ѓаволот го колнеа. „Туф бре гиди, што превара и стори ѓаволот, натемаго, на сирота баба, ја отепа, завали баба: тјуф, тјуф, тјуф, ѓаволот натемаго, види кај ја натера да се качува за да падне!”
Слушајќи го ѓаволот колнењето од старите и децата против него, ами лели мака му падна многу на ѓаволот и им се сврте на старите па им рекол:
„А бре пријатели, не е гревота и срамота да ме колнат мене старците и друзигге, за дека бабата падна и се отепа?
Еве јас со вас кај седам и кога се качуваше бабата на црешата и кога падна пак овдека при вас бев.
Е зошто да ме колнат и да викаат, ве молам, пријатели, кажете им на луѓето да си го земат зборот назад; оти јас за стрвоста од бабата што ја има да јаде цреши и да се качува на цреша, некадарна бидејќи, и си падна на земи, јас кабает и немам; ако имам кабает, вие речете”.
Кога ги чуја тие зборови старците и старите, рипнаа просто и почнаа да викаат по луѓето и по децата:
„Бре луѓе, бре деца, бре, море, не туку колнете го ѓаволот, оти никаков кабает ви нема; бабата ѓаволот не ja натера да се качува на црешата, нито па тој ја турна; чунки во истото време беше при нас и дури досега, еве го на, гледајте го (во истото време им се јави ѓаволот црн, темен, сосемати рогови да гo видат селаните и да се уверат) и да верувате оти со нас беше”.
Кога го чуја и видоа селаните тоа чудо, се зачудија и рекоа:
„Бес бараше, два си најде; што си бара, тоа си најде!
Бетер нека биде, лели е стрвна и невредна”.
На тоа згора ѓаволот се успокоја и си отиде.
Одејќи по патот, си рекол со умот:
„Ај анасана, јас ни абер имам за бабата, светот дадоа вик по мене да ме колнат и да ме ругаат; јади не јади волкот, се “улуду” се вика по него, така и по мене.
Да вака како штo им го направив, арно им го направив, за уште еднаш да можат луѓето да сетат кога грешаваат од невредност, како бабата што невредна беше, се качи на цреша, та падна и се отепа”.
На правина и ѓаволот се лути кога да го гонат.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *