избор

Филип Петти Македонски

Прва и Втора римско – македонска војна (214 п.н.е.- 179 п.н.е.)
„Јас, како и да е,“ му порача Филип, „прво што ќе ви кажам (Римјани) е да се сетите на мировните (наши) договори и да го задржите мирољубивиот однос со мене. Доколку се дрзнете воено да ме нападнете, ќе морам и јас да реагирам за да ве натерам да го сфатите и почувствувате духот, кралската моќ и името на Македонците кои во ништо не се поништожни од Римјаните.“ (Ливиј, Ab Urbe Condita [1] 31.18) Со овие зборови во 200 п.н.е., кралот Филип V Македонски му се обратил на младиот римски легат Марк Емилиј Лепид, како одбрана против провокацијата на Рим во последниот ден од опсадата на Абидос. Опсадата на овој град во 200 п.н.е. била една од последните битки од серијата походи на кралот Филип V околу Егејот, кампања која ја поттикнала војната со Рим, затоа што Филип се обидувал да го отстрани римското влијание по должината на источниот јадрански брег, формирајќи алијанси и нудејќи им заштита на одредени островски и крајбрежни провинции. Четиринаесет години пред овие настани, Рим го обвинува Филип за подмолни акции, по што Сенатот и народот на Рим [2] изгласале indictio belli [3], објавувајќи ѝ војна на Македонија и нејзините сојузници, меѓу кои и Илирија и Епир.

Периодот од шеесет и шест години воена активност помеѓу Рим и последните македонски кралеви од династијата на Антигонидите, рискиот историчар Тит Ливиј го документирал во четиринаесет томови (Ливиј, Ab Urbe Condita 31 – 45), пренесувајќи ги мошне живо и во детал, битките, собранијата и беседништвата. Младиот и амбициозен Рим, со претрпените загуби во прелиминарните битки против Хамилкар и Ханибал од Картагина, копнеел за територијално проширување, откривајќи ја желбата да завладее и воспостави контрола над Медитеранот. Римјаните постепено зајакнувале, со погледот свртен на исток преку Адријатикот кон Македонија и хеленскиот полуостров, нудејќи им лажни измамнички сојузништва на Етолската лига, неколку од хеленските градови-држави, Родос и кралот Атал, владетелот на Пергам, за да го му го одвлечат вниманието и да го неутрализираат кралот Филип кој постепено прераснал во голема пречка за нивната експанзија.

Според хеленскиот историчар Полибиј, на 22 јуни 217 п.н.е., за време на немејскиот фестивал, дваесет и едногодишниот македонски крал Филип V добил вести од својот курур за страшниот пораз на Рим во битката против картагинскиот генерал Ханибал, кај Тразименското Езеро („Истории“ 5.101.). Младиот Филип уште кога стапнал на тронот, четири години пред судирот, ја имал предвидено опасноста од Рим, меѓутоа дури го држел писмото, охрабрен од веста за поразот, во него се огласиле духовите на македонските предци кои му ја разгореле прометејската храброст и желбата да ги одбрани долго негуваните суверенитет и слава на македонската нација. Филип му го покажал писмото на својот кралски советник, Димитриј Хварски од Фарос, вазал на Илирија, а овој го советувал да не превзема ништо во тој момент. Димитриј (потрчкото на Рим, кралот кој неодамна побарал политички азил на дворот на Филип, откако Римјаните го протерале по втората Илирска војна во 217 п.н.е.) го инспирирал Филип да превземе воена акција за да ја заштити Македонија и нејзините сојузници од дотогаш невидената сила, Рим. За неговите зборови упатени кон Филип, Полибиј пишува:
„Затоа што Елада ти е веќе целата потчинета и ќе остане таква: Ахајците поради нивната искрена приврзаност, додека Етолија поради стравот кој ги фати по катастрофите што ги споретаа во сегашната војна. Твојот поход во Италија е првиот чекор во создавањето на светска империја, на која никој друг нема поголемо право од тебе. И сега е вистинското време да се удри, точно сега, кога поразот како бумеранг им се врати на Римјаните.“ Со оваа увертира започнува првиот чин од воениот театар помеѓу Македонија и Рим.
На почетокот, Филип се обидел да издејствува сојузничка алијанса со Ханибал, меѓутоа римските шпиони успеале да го запленат писмото и да ја пресечат комуникацијата. Напротив, тоа воопшто не го заплашило младиот македонски крал. Во неговите „Напоредни Животописи: Емилиј Паул“ [4] (8.4), Плутарх тврди дека Филип, „ …живееше со квалитети достојни за еден крал, водач кој ги натера своите луѓе да поверуваат дека ќе го врати античкото достоинство на Македонија и дека единствено тој ќе се пресмета со силата на Рим чијашто имерија се протегаше низ целиот свет.“ Она што се случувало било уште една партија од античката игра дама помеѓу новата иновативна армија на Латините која се наближувала од запад и античкото македонско кралство на Филип II и Александар Велики, на североисток. За да ја држи изолирана на страна римската воена машинерија, сопствената мудрост и вештина, Филип V ги користел под полна пареа во следните 35 години. Сосема свесен за деструктивниот удар кој Ханибал му го задал на Рим и неговата флота во Италија, Филип ја искористил можноста и започнал кампања во Илирија. Тој предвидел дека римскиот претор M. Валериј Левин, со неговата флота од 50 брода, нема да може да понуди поголема заштита на крајбрежните римски интереси, освен неколку одбранбени поморски маневри. Како резултат на тоа, Филип измарширал на север и освоил неколку градови. Левин, имобилизиран, можел единствено да превземе превентивни мерки против картагинските засилувања на Филип. Римјаните успеале набрзина, но привремено, да создадат одбранбен ѕид помеѓу нив и македонската војска: алијанса со старите непријатели на Филил, Етолската лига од Елада на која ѝ се приклучил Атал од Пергам, на брегот на Мала Азија. Одбраната навистина била привремена, затоа што Филип не се исплашил и ги нападнал Етолците кои го тужеле за прекршување на мирот. Филип воспоставил контрола над Елада, па затоа Рим, исцрпен од инвазијата на Картагина од страна на Публиј Корнелиус Скипион (Втората пунска војна, 205 п.н.е.), морал да седне на преговарачка маса. Според договорот за мир помеѓу Македонија и Рим, на Филип му било дозволено да го задржи суверенитетот и Илирија, со отворен пристап кон Јадранското море, додека хеленскиот полуостров и островите останале под римска власт како протекторати. Како и да е, договорот ги зацврстил односите помеѓу Рим и Елада, зголемувајќи го римското влијание на полуостровот, а тоа само ја продлабочувало нетрпеливоста помеѓу Рим и Македонија. Додека Римјаните ја продолжиле својата војна против Картагина (битката кај Зама, 202 п.н.е.), Филип жестоко ги нападнал римските протекторати и повторно припоил териитории од Елада, досегајќи на север дури до Тракија и на исток до Родос и Пергам. До 201 п.н.е., македонскиот крал ја разнишал самодовербата на Рим и си ја наметнал хеленската омраза. Собранието во Атина фрлило анатема врз Филип, т.е. луѓето и свештениците требало да, „фрлаат клетви против Филип, неговото семејство и неговото кралство, неговата копнена војска и флота, и против целата раса и името на Македонците… при што ако некој му се спротивстави на неговото бесчестие, ликвидирањето на таква личност ќе се смета за легално убиство… сите декрети претходно усвоени против Пизистрад сега се применуваат и против Филип.“ (Ливиј, Ab Urbe Condita 31.44). Во Рим пристигнала дипломатска мисија од Пергам, Родос и Атина со цел да бараат интервенија за обезбедување на нивниот протекторатски статус и ослободување од македонската власт. Римските амбасадори кои биле испратени кај Филип, глаголеле дека нивната интервенција е во однос на заштитата на слободата на Хелените. Македонскиот крал го отфрлил нивниот аргумент, обелоденувајќи го нивниот вистински мотив: империјализам. На тој начин започнал и вториот чин од воениот театар помеѓу Македонија и Рим.
1 Латински израз кој значи „од основањето на градот (Рим)“, кое традиционално се смета во 753 п.н.е. Се користел за означување на римските години од страна на неколку римски историчари.
2 SPQR – Senatus Populusque Romanus
3 Indictio belli – во античкото јавно право претставувало декларација/ прогласување на војна.
4 Најпознатото дело на Плутарх е Напоредени животописи, низа биографии на познати Грци и Римјани, подредени во парови за да се стави акцент на нивните заеднички морални доблести и маани. Луциј Емилиј Паул Македонец (Lucius Aemilius Paulus Macedonicus, 229 п.н.е.. – 160. п.н.е.) бил римски почитичар и војсководец, најпознат по големата победа над македонската војска во битката кај Пинда, после која го добива прекарот Македонец (Macedonicus).
Вториот чин од воениот театар помеѓу Македонија и Рим (197 п.н.е. – 148 п.н.е.) го воведува читателот во античките историски сцени испреплетени со билатерални преговори, политички интриги и воени алијанси, предавства и поделби. Во декадите по смртта на Филип (македонските кралеви Персеј 178 п.н.е.- 168 п.н.е. и Андриск „кралот Филип VI“ 150 п.н.е.– 148 п.н.е.) се случиле две пресвртници: првата, која резултира со поделба на Македонија на четири области од страна на римските освојувачи во 168 п.н.е., и втората, македонско востание кое привремено ги обединило четирите области против Рим и со кое Македонците извојувале победа над римската армија во 149 п.н.е., со што го прошириле македонското владеење над Тесалија. По таа битка, Рим ја признава и прифаќа Македонија како суверена нација чија сила е непобедлива. Поради таа причина, Сенатот и народот на Рим, спремајќи се да го спречат оживувањето на Македонија и Картагина и во исто време нивното сојузништво, изгласале нова војска и избрале нов пратор, Квинт Сесилиј Метел, со цел брзо задушување на секој отпор. Една година подоцна, Квинт Метел го поразил Андриск кај Пинда (каде кралот Персеј претрпел загуба пред дваесет години) и од страна на Сенатот бил одликуван со титулата Македонец, со што ја збришал независноста на Македонија, а нацијата ја реорганизирал во прва источна провинција на Рим.
Римската империја повторно ја осигурала нејзината контрола над Македонија и ја поделила на четири републики, назначувајќи римски гувернери во секоја од нив. Веднаш потоа била уништена и Картагина, а следи вакумот во кој запаѓа Рим, претходно предвиденод страна на Филип V, триесетина години наназад – Елада. Рим се изборил за целосна внатрешна контрола и ги исцедил сите градови држави. Уште во времето на Филип, македонскиот кралот ги предупредил за римскиот modus operandi: инсинуација на нивната влијателна моќ со цел да се држат спротивставените страни во војна, сѐ дури не дојде вистинскиот моментот за целосно потчинување.
Гледано наназад, дури уште пред Втората македонско-римска војна, Хелените и нивните сојузници му се имале обратено на Рим за воена поддршка против Филип. Римските амбасадори во посета на македонскиот крал, полемизирале дека римското присуство во градовите држави не значело окупација како што наведувале обвинувањата, туку одбрамбена реакција за заштита на нивниот протекторат, предизвикана од македонското воено освојување. Филип го отфрлил нивниот аргумент, воочувајќи го скриениот мотив: поробување на Истокот. На ова следеле безброј преговори и делегации помеѓу Филип и Хелените, во кои македонскиот крал се обидувал да ги убеди соседите во вистинските мотиви на Рим. За време на еден состанок на Панетолијскиот конгрес, македонските емисари, небаре видовити, ги предупредиле хеленските делегати за целта на Римјаните: да им дозволите на странските легионери (Римјаните) да се доселат во овие краишта и вашиот товар да го понесат на нивни рамења. Е дури тогаш ќе биде предоцна и бадијала да го викнете Филип на помош, оти Римјаните веќе ќе ви станат господари (Ливиј, Ab Urbe Condita 31.29). Тие им го посочиле примерот со империјата кога ја окупирал Сиракуза под изговор дека му понудила на градот ослободување од картагинското ропство. Сепак, вековите поминати во недоверба, ривалствата и вооружените битки помеѓу македонската империја и хеленските градови-држави предизвикале овие вторите и нивните сојузници да побараат билатерални односи со Рим, затоа што во западната имерија стекнале доверба. Со тој чин се зајакнале и политичките и воените сојузи помеѓу коалициите од Елада, сојузниците од Пергам и Родос, и Сенатот и народот на Рим, против воените сили на Македонија. Со овие случувања, во летото од 200 п.н.е., се огласила увертирата од стапнувањето на римската империја на Исток.
Македонските воини, хелеските градови-држави и нивните сојузници, источно од Егејот, никогаш порано немале видено сила каква што била римската армија: ново непознато оружје (на пр. шпанскиот меч, остар како жилет, или лесниот оклоп за тело), системски распоред на војската, поделба во специјализирани единици, со редици воени логори на еднакви интервали и нови воени техники (тестудо –желка формација, овен – справа за рушење врати и ѕидови). Според Ливиј, традиционалните балисти [1] и пелтасти [2] од редовите на македонската војска и источните армии не можеле ни да се споредат со римската воена спрема и маневарска способност. Воените тактики на Римјаните на голема врата внеле конфузија во стратегиите и тактиките на Филип и смртно го преплашиле целиот Исток. Македонскиот крал лично изјавил дека никој не можел да поверува оти една таква армија во своите редови рекрутирала варвари за војници. (Ливиј, Ab Urbe Condita 31.35) Во неговиот осврт, (томови – 31-45) Ливиј, сосема спротивно, пишува за несркшливиот дух, јунаштвото и со векови докажаната остроумност на македонската војска, нивните црвено златни оклопи светнати од далеку, нивните огромни сариси, легиите од стотици воини јурнати напред со својата природна предиспозиција и воена интелигенција против римските сили, максимизирајќи ги сопствените психолошки и воени тактики. Шаторот на кралот бил поставен пред стратегиски најважните борбени редови на непријателскиот отпор, со цел да му влее страв на непријателот и да ја поттикне надежта кај сопствените војници, преку истакнување на сопствената самодоверба. (Ливиј, Ab Urbe Condita 32.5)
Ливиј ги опишува безбројните битки, делегациски средби и политички караници помеѓу Македонија и нејзините противници, Елада и Рим. Од неговите детално разработени сцени, како историски најинтригирачка и најжестока се издвојува средбата помеѓу кралот Филип, хеленските емисари и триесетгодишниот римски генерал/советник, Тит Квинциј Фламинин (198 п.н.е.), одржана на брегот на Малијакскиот залив во близина на Никеја. Секоја од засегнатите страни била зактовена близу брегот и од својот воен брод ги извикувала и бранела своите ставови. (Ab Urbe Condita32.32) Кога Фламинин побарал од Филип да се симне на брегот, за многу позгодно да се сослушаат и да разговараат, кралот одбил. По неговата реакција, римскиот советник го прашал, „Од кого тогаш се плашиш?“ Филип му возвратил, покажувајќи го својот горделив и кралски дух, „Јас не се плашам од никого, освен од бесмртните богови, меѓутоа не ѝ верувам на добрата волја што сега ми ја презентирате, а најмалку од сѐ пак им верувам на Етолците.“
„Но тоа,“ му одговорил Фламиниј, „е опасноста која подеднакво ја чувствува секој оној што дошол да преговара со непријател, доколку не постои добра волја.“
„Како и да е, Тит,“ го демантирал Филип, „ти забораваш дека главите на Филип и Финеј (етолскиот магистрат) немаат иста вредност, доколку се случи некој од нив да биде предаден. На Етолците нема да им биде ни приближно тешко да изберат друг магистрат, колку што на Македонците ќе им биде невозможно да најдат крал кој ќе ме замени.“ Кога емисарите и Фламинин му наредиле на Филип да се повлече од Елада, овој им возбратил со аргументот дека и самите не знаеле да му кажат каде биле границите на Грција… затоа што во самата Етолија, Агреја, Аподотија, Анфилохија, кои сочинувале голем дел од нејзината територија, не биле во Грција. Аргументите само го разгорувале непријателскиот однос помеѓу Македонија и Рим, ескалирајќи во последната голема битка која се одиграла на високо брдо кај Киноскефала. Бруталниот судир, отежнат од ненадејна магла, накрај завршил со пораз за Македонија и високата цена која ја платила со големиот број жртви. Битката кај Киноскефала (197 п.н.е.) резултирала со примирје кое го побарал Филип и негово експресно одобрување од страна на Фламинин, иако неговата одлука наишла на разочарување кај Етолците. Тие упатиле протесна нота и го предизвикале римскиот советник, кој веднаш ги укорил. По примирјето следеле долги и опширни состаноци со многу попровокативни дијалози и преговори помеѓу Фламинин, Филип (кој се придржувал до условите на Рим), и хеленските емисари. Градовите-држави останеле да функционираат како протекторат на Римјаните, додека Македонија и Империјата потпишале примирје кое траело сѐ до прераната смрт на Филип во 179 п.н.е., кога тој ја напушта театарската сцена и ги остава новите чинови за неговиот посвоен син и наследник, Персеј. Новиот млад крал ги презирал парализирачките компромиси вметнати во примиријето и затоа ја кренал нацијата на ново востание против Рим и неговиот протекторат, за да ја поврати славата и моќта, а со тоа ја поставил на театарската бина, третата од четирите македонски војни против Рим. На овој начин, денешниот читател е воведен во последните две сцени од вториот чин за отпорот на античка Македонија против непријателската окупација.
1 Балиста – античко артилериско оружје кое се користело за лансирање / испалување на проектили во облик на тешки камења.
2 Пелтаст – во античка Грција бил прекар за припадниците на лесната пешадија специјализирана за фрлање копје.
Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *