Македонија

Двајца лажови ортаци

Двајца лажови се заортачиле за да продаваат вино.
Заради парите у кого да стојат, чунки не се верувале, си рекле помеѓу себе:
„Mope, ние арно се заортачивме, му рекол едниот на другиот, туку ќесето у кого ќе стои, али у мене, дали у тебе?”
„Ни у мене, братко, ни у тебе, му рекол вториот, туку еве како мислам јас:
ај да закопаме еден ќуп в земи и да го поклопиме со еден камен плочест, тежок, да дупнеме една дупка во плочата, и што пари ќе земам јас од продавањето на вино, да ги пуштам внатре, така и ти ќе правиш.”
Го закопале ќупот и му ја клале озгора плочата.
Едниот извадил еден грош и рекол:
„Ај нека е аирлија ортакламата!
Еве јас ќе пуштам еден грош во грнето, пушти една ока вино да се напиеме.”
„Многу арно, рекол друтиот, еве и јас ќе пуштам еден грош за сефте во грнецов и да дадам и јас една ока вино, да се напиеме за крчма на нашата ортаклама и нека ни е сефтето аирлија, да би дал Господ златен, за да се пофалиме и грнецов да го наполниме со пари.”
„Mope, колку за грнецот оти ќе го наполниме, шубе јок, туку треба правина да се тера, парите што ќе ги земаш ти од виното сите треба да ги пушташ во грнецот, повторил првиот, така зер, ако ги пушташ парите внатре, до годината може да го наполниме грнецов и да си ги делиме; да што ти велам, оти ќе добиеме, ќе добиеме; туку саде праивина треба да тераш, да гледај сеир, што пара ќе добиеме, а брате!”
Од другиот ден како зафатија да продаваат вино и парите што ги земаа да си ги крадат, пиј си вино и кради си едниот пари и другиот, едниот чекал на другиот да ги пушта парите во ќупот, да тој да си ги пушта во џебот;
така и другиот чекал на првиот и асли-кељам ни едниот пуштил пара во грнецот ни другиот;
целата година двата продаваа вино и никој не пуштил пара во грнецот;
само двата гроша, што ги фрлија првен, тие си беа.
Дојде годината, и ќе си ги делат парите што се собрале во грнецот;
ја кренале плочата со еден лост и кога виделе во грнецот — само два гроша што ги пуштиле со прво.
„Mope, каква работа ќе биде оваа, му рекол едниот на друтиот, ами зошто не си пуштал пари ти, пријателе?
Зер за вака се заортачивме ние за да ги крадеш парите?”
„Извај ја капата, удри ме, цреп шутара прекара, како он така ѓон, пријателе, зер ти си пуштил, да јас не сум пуштал, речи оти толку ни бил касметот, да еве ти го грошот што го пушти ти, еве ми го и мојот, тики кога гледаш — ни ќар ни зијан, кој дал дал, кој јал јал, да овој ќар нам не ни излезе за аирлија, туку ај да бараме некоја друга работа што да е поаирлија.
„Колку за тоа, арно велиш, треба да се бара некој друг ќар полесен, ама ортак не бидувам, секој сам отсега својот касмет да си работи”.
Си зедоа по грош, и тоа им била сета сермија што јa делија од сета година, си отиде секој по нов ќар да бараат.
Пошол едниот во една корија и видел тамо на некои дрвја мов.
„Ха, сега ја удрив дропката, си рекол, ќе се окапам пари земајќи.
Еве ми бубаќ, таман, чекај да соберам еден товар.”
Слегол од магаре и наполнил две вреќи мов наместо бубаќ.
Товарил и отишол во еден град за да го продава, кондисал на еден ан вечерта, за да лежи.
А другарот, ортакот негов, пак одејќи во истиот град, видел во една корија шикли борови. “Ха, си рекол, ја удрив дропката, еве ти шикли што си ја шиклосуваат жените косата да им биде црна, трај душо, незнајни пари ќе добијам од нив, чекај сега да наполнам две вреќи, за да ги однесам да ги продадам.”
Ги наполнил вреќите и ете ти го и тој на тој ан му кондисал кај другара си;
едно се видоа, и дале вик едниот:
„Оо, добре дојде, пријателе, добре дојде, здраво живо, гледај, сполај ти Господи, како било касмет пак за брго да се видиме, еле, еле, што има што нема, али доби нешто?
Оти јас ја удрив дропката; сум ти добил цел товар бубаќ,” му рекол.
„Шуќур на Бога, побратиме, рекол другиот и јас не сум подолу од тебе; па јас сум ти добил еден товар шикли, арни пари ќе спечалам со Господ напред.”
Откако се изнаслушаа двата кој што има, едниот копелка да му го земе бубаќот, а другиот да му ги земе шиклите.
„Знаеш, пријателе, што сакам да ти речам? му рекол едниот; ај да направиме една трампа-трумпа: јас да ти го дадам бубаќот, а пак ти да ми ги дадеш шиклите; што велиш, правиме еден пазарлак?”
„Ба, братко, ако е касмет да направиме, ама јас сакам јуст (згора) нешто да ми дадеш.” „Нема ни јуст ни муст, ако сакаш тоа за тоа, дај рака да фатиме, да друг збор не ти треба, речи аирлија.”
Вторист туку копелка за да стори трампа, туку се преправал ѓоа нејќе тоа за тоа да трампи.
„Е, лели велиш, ај види им аирот, бре, ама со овој збор: сосе вреќи ќе ти ги дадам шиклите и ти сосе вреќи ќе ми го, дадеш бубаќот.”
„Така нека биде, бре, види му аирот; ај да даде Господ, колку влакна има бубаќот, толку алтани да добиеш.”
„Амин, брате, да си ми жив и здрав и ти, да даде Госггод да добиеш за секоја шикла и еден алтан”.
Откога се трампија, брате мое, трговците, мов за шикли, со голем ќеф зедоа по една шамија мов со шикли и излегоа в чаршија за да ја продаваат стоката.
Ја кажувале мострата по дуќанџиите, и секој што им видувал им ја познал оти мов и шикли борови било, им се биеле шега а не да им ја купуваат.
Ете што велеа стари:
оти со лага ага не бидува.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *