изборИнтервјуаФељтон за Кратово

Древното Кратово во новото време (интервју со Стевче Доневски)

Здраво живо г-ине Доневски. Ви благодариме за овозможената прилика за јавна презентација на еден од ретките начини на промовирање на Република Македонија. Во јавноста сте познати како чичкото кој знае многу легенди и преданија и прави вкусна сол на автентичен начин. Што Ве поттикна започнете со промовирањето на Кратово?
Здраво живо ЛОЗА. Благодарам за поставените прашања. Јас сум Стевче Доневски, по потекло од село Шлегово, а во Кратово живеам од 1990та година. Веќе 30 години собирам информации за Кратово и кратовскиот регион. Работев како градски и селски инкасатор за наплата на струја и така почнав да собирам записи, а до сега имам собрано илјадници преданија, легенди, сеќавања и сл. Повозрасните жители секогаш ми излегуваа во пресрет и споделуваа информации. Во 1983та Арсов Савко ме одведе на Цоцев Камен, каде што ми ги покажа цртежите на карпи и тогаш почнав да се интересирам за карпестата уметност. Во 2004та направивме НВО Општински центар за карпеста уметност со седиште во Кратово, каде можат да се видат 33 врамени фотографии на праисториски цртежи, фотографирани од општината, која подоцна ни помогна да направиме брошура, карта на осоговскиот регион и информативни табли. Во 2006та направивме проект за ревитализација, заштита и промоција на Цоцев Камен, по што Yahoo го промовираше како Цоцев Камен – ноќ со ѕвездите. Цоцев Камен, кој се наоѓа на 24 км од Кратово, е влезен во туристичките книги на странците, и во домашните книги и каталози за туризам. Центарот за карпеста уметност е на улица Планинска број 1 во Кратово, а е отворен за посетители, ученици, пензионери, странски и домашни туристи, ентузијасти, професори по археологија, студенти, историчари и за сите добронамерници кои во секое време можат да го посетат нашиот регион.

P7291475
Колку легенди, преданија и записи сте собрале до сега, и дали истите ќе бидат објавени наскоро?
Многу. Повеќето се запишани на хартија, со информација од кој и кога биле кажани. Дел од нив се објавени во добри вести, поранешни неделни весници, во еден дневен весник, во српски весници, а повеќе на порталот аберџија. Со тек на време ќе бидат објавени повеќе, но бидејќи тешко се издава книга, веројатно ќе ги споделувам со јавноста преку дневните весници и интернет порталите. Имам собрано информации за Цоцев Камен од Арсов Савко и Стефан Коцарски, ги собрав јасновиденијата на дедо Зафир од Шопско Рударе, на дедо Коле од Пезово, на Прокопие од Кратово, итн…

etnocol4
Доаѓаат ли туристи во Кратово? Кои се почести – Македонците или странците? Што највеќе сакаат да видат?
Туристи доаѓаат скоро секојдневно. Повеќето се странци, сме имале гости од Англија, Белгија, Италија, Франција, Полска, Чешка, Словачка и многу други земји. Се интересираат за мостовите, кулите, црквата Свети Јован Претеча во Рибарското маало, легендата за Радин мост, а уште е популарна изреката на еден германски војник – Кратово е крај на светот. 3 -4 часа се доволни за обиколка и разгледување на градот. Посетителите ја дегустираат кцаната сол со домашен леб, домашните ракија и вино, кратовската пастрмајка и зелници. Најтражени се Гастрономските тури. За жал, интересот на Македонците е многу помал.

P7291413
Каде може да се преспие доколку има интерес за повеќедневен престој во овој стар град?
Секој си избира престој според тоа што му одговара. Некои од посетителите се кампери, некои преспиваат во хотелот, а многу им се допаѓа етно-куќата Шанчева, каде што им нудиме автентичен кратовски престој. Турите за кои што се интересираат се планинарските, посета на Лесново, Нежилово, црквата Света Злата Мегленска, како и Шлегово и златната тура по старите рударски окна.

Имате запишано преданиja од повозрасни жители на тој крај, во кои се споменува погребната поворка на Александар Македонски. Би сакале ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?
Да, имам запишано и снимено повозрасни луѓе кои ми кажале што чуле за Александар Македонски од нивните предци. Дедо Крсто од горно Кратово ми кажа дека Александар бил отруен и дека 12 војници се удавиле со лотка. Стаме од село Псача во 1987ма година кажа што чул од стари – дека имало место кое се вика испраќај и плачиште. 9 коња, осум бели и еден црн со белег на глава – ѕвезда, заминале преку Псача по царски пат кон Страцин. Бранко Кипријанов од село Пендак, тогаш пензионер, а сега покоен, во присуство на Русе струјар и Александар од истото село, кажа што чул од неговите стари – дека маалото Гранчевци го добило името по случката од старо време, кога заминала поворката со мртвото тело на Александар, народот фрлал гранки и цветови на патот. Истиот како млад наоѓал пари сребрени на личен млад човек. Од Пендак се оди во Раздолци на Државски дол, во чија близина се собирале војниците на Александар за со дрвени чунови – сојки да пловат до Белото море. Откриен е таков дрвен чун со јагнешки кожи од страните, изжлебан од внатрешната страна. Тоде Петрушевски од Димонци ми кажа дека погребната поворка на Александар поминала меѓу Пештер и Љојак по царскиот пат кон… Стојан Драндуле од Коњух, веќе покоен, зборуваше како војската со години бара нешто во и околу селото, но што?

vinski-podrum

Што треба за да се поттикне ваквиот начин на промовирање на Република Македонија, за секој регион да има организиран пречек, престој, обиколки и обележани места за посета? Дали Македонците доволно си го чуваат и почитуваат културното наследство?
Се радувам што нашата работа ги инспирира истражувачите од другите краишта на Македонија, а истовремено е ценета и почитувана и од странците. Се надевам дека во догледно време Македонија ќе прерасне во вистински туристички рај, по што ќе можеме да си го заштитиме културното наследство, а со тоа и соодветно да го промовираме.

11725186_10153505476274359_1803705570_o

Што би порачале на читателите?
Ви благодарам за интервјуто и наскоро Ве очекувам повторно во Кратово. Абер до читателите – повелете во Кратово, каде што можете да видете културен цивилизациски слој од различни временски периоди, каде што се зачувани старите мостови и градби, подземни тунели и рударски окна. Добредојдовте!

shanceva

Etno House Shanchevа

Легенди и преданија за Кратово на ЛОЗА

Интервју ЛОЗА 2015

прашања – Никола Ристевски

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *