Македонија

"Цивилизацијата" настанала во Месопотамија

Можеби е корисно да понудам општ впечаток околу моите гледишта за историската заднина на темите во оваа книга, особено таму каде што се разликуваат од конвенционалната мудрост. Како и најголем дел од учените луѓе, јас верувам дека е невозможно да се понуди суд меѓу теориите за моногенеза и полигенеза на човековиот јазик, иако сум наклонет кон моногенезата. Од друга страна, неодамнешни дела од мал, но сè поголем број научници, ме убеди дека постои генетска поврзаност меѓу индоевропските јазици и јазиците од афроазиското јазично „натсемејство“. Јас уште повеќе го прифаќам конвенционалното, иако спорно гледиште, дека некое семејство од јазици произлегува од еден единствен дијалект.

Затоа, јас верувам дека со сигурност некогаш постоеле луѓе кои говореле прото-афроазиски-индоевропски јазик. Такви јазик и култура со сигурност се раздвоиле пред мошне долго време. Најновата веројатност би бил мустерискиот период, 50000-30000 години пр. с. (пред сегашноста), но постои голема можност тоа да се случило многу порано. „Терминус анте љуем“ е определен според далеку поголемите разлики меѓу индоевропскиот и афроазискиот јазик, одошто според разликите во нивните рамки, и јас верувам дека раздвојувањето на афроазискиот може да биде временски лоцирано во 9 милениум пред н.е.

Ширењето на афроазискиот јазик јас го гледам како експанзија на културата – одамна воспоставена во источноафриканската Долина на раседот – на крајот од последната ледена епоха во 10 и во 9 милениум пр.н.е. Во текот на ледените епохи, водата била складирана во поларните ледени капи, а врнежите од дожд биле значително помали отколку денес. Сахара и Арабиската Пустина биле уште поголеми и понепристапни отколку сега. Со зголемувањето на топлината и врнежите во столетијата кои уследиле, голем дел од овие региони станале савани во кои се собрале луѓето од оближните области. Најуспешните од овие луѓе, јас верувам, биле луѓето од Долината на раседот кои говореле протоафроазиски. Овие луѓе не само што имале ефективна техника за ловење нилски коњи со помош на харпуни, туку поседувале и припитомени животни и земјоделски посеви. Одејќи низ саваната, луѓето кои говореле чадски пристигнале до езерото Чад; Берберите дошле до Магреб; а Протоегипќаните во Горен Египет. Луѓето кои говореле протосемитски ја населиле Етиопија и продолжиле кон арабиската савана.

Заедно со долготрајното сушење на Сахара во текот на VII и VI милениум пр. н.е., се одвивале движења кон долината на Нил во Египет, од правец на запад и исток, како и од Судан. Јас сметам и дека – но овде сум малцинство – слична миграција се одвивала од арабиските савани кон Долна Месопотамија. Најголем дел од научниците веруваат дека оваа област најпрво била населена од Сумерците или Протосумерците, како и дека Семитите од пустината се инфилтрирале дури во III милениум пр. н.е. Јас тврдам дека во текот на VI милениум пр. н.е., семитскиот јазик се ширел со таканареченото убаидско грнчарство во Асирија и во Сирија, со што повеќе или помалку го зазел регионот на Југозападна Азија, каде денес се говори семитски. Јас ги замислувам Сумерците како дојденци во Месопотамија од североисток, на почетокот од IVмилениум пр. н.е. Во секој случај, од најраните текстови кои биле напишани, текстовите од Урук од приближно 3000 г. пр. н.е., ние сега знаеме дека постоела прилично забележителна двојазичност во семитско-сумерскиот јазик.

Малку научници ќе ја оспорат идејата дека Месопотамија била сцената каде најпрвин било создадено она што го нарекуваме „цивилизација“. Со можен исклучок на пишувањето, сите елементи од кои била составена цивилизацијата – градови, земјоделско наводнување, обработување метали, архитектура од камен и тркала, како за возила, така и за изработување грнчарски производи – постоеле претходно и на други места. Но овој збир, кога бил крунисан со пишувањето, овозможил голема економска и политичка акумулација, која со право можеме да ја согледаме како почетокот на цивилизацијата.

Општата шема на експанзијата од Централна Азија или од степите, беше развиена пред дешифрирањето на хетитскиот јазик, откритието дека бил „примитивен“ индоевропски јазик, како и понатамошното признавање дека постоело анадолско јазично семејство. Во „анадолски“ јазици не се вклучени јазиците како фригискиот и ерменскиот кои, иако се зборувале во Анадолија,
современа Турција, очигледно се индоевропски. Вистинските анадолски јазици, хетитскиот, палајскиот, лувискиот, ликискиот, лидискиот, лемнискиот, веројатно етрурскиот и можеби карискиот ‡ поттикнуваат многу проблеми во конвенционалното гледиште за индоевропското потекло. Во основа постои согласност дека протоанадолскиот се раздвоил од протоиндоевропскиот пред расчленувањето на протоиндоевропскиот. Сепак, невозможно е да се определи временската должина меѓу двата настани, кои би можеле да се протегаат од 500 години, па сè до 10.000 години. Во секој случај, постои значителна разлика поради која многу лингвисти прават дистинкција меѓу индоевропскиот, во кој не се вклучени анадолските јазици, и индохетитскиот, во кој се вклучени и двете семејства. Доколку, како што претпоставува најголемиот дел од историските лингвисти, не само индоевропскиот, туку и индохетитскиот јазик започнал да суштествува на
северот од Црното Море, тогаш како и кога луѓето кои говореле анадолски јазици навлегле во Анадолија? Некои авторитети тврдат дека ова се случило во текот на доцниот дел од 3. милениум пр. н.е. кога, како што посочуваат месопотамски извори, таму се случиле инвазии на варвари. Далеку поверојатно е дека овие инвазии биле изведени од луѓе кои говореле фригиски и протоерменски. Речиси е неверојатно дека период од неколку стотини години, пред првото сведоштво за хетитскиот и за палајскиот јазик, би овозможил мошне забележително диференцирање меѓу индоевропскиот и анадолскиот, како и во рамките на самото анадолско семејство. Археолошките сведоштва за 3. милениум пр. н.е. се крајно слаби и недоследни, но тука не постои очигледно раздвојување во материјална култура кое би се вклопило во толку големо лингвистичко поместување. Освен тоа, не би требало премногу да се потпираме на аргументот од тишината и не можеме да го исклучиме напливот од анадолска култура во 5. и во 4. милениум пр. н.е.

претходно: Црна Атена – вовед

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *