Македонија

"Човекот се раѓа слободен, а насекаде е во окови"

ПРВА КНИГА

Сакам да испитам дали во граѓанскиот поредок може да има некаква законска и сигурна установа за државната управа, ако луѓето ги земеме такви какви што се, а законите такви какви што можат да бидат. При ова испитување секогаш ќе настојувам да го усогласам она што го дозволува правото со она што го пропишува интересот, со цел правдата да не дојде во противречност со корисноста.

Веднаш минувам на предметот без да ја докажувам неговата важност. Некој ќе ме праша дали сум владетел или законодавец за да пишувам за политиката. Одговарам дека не сум, и токму затоа и сакам да пишувам за политиката. Кога би бил владетел или законодавец, своето време не би го губел за она што треба да се прави, туку или би го правел тоа или би молчел.

Како граѓанин на една слободна држава и како учесник во врховната државна власт, колку и да е слабо влијанието што мојот глас може да го има во јавните работи, веќе самото право на глас ми ја налага должноста да се упатам во тој предмет. Секогаш кога размислувам за разните влади, среќен сум што во своите истражувања постојано наоѓам нови причини за да ја сакам владата на својата татковина.

ГЛАВА 1

СОДРЖИНА НА ПРВАТА КНИГА

Човекот се раѓа слободен, а насекаде е во окови. Некој мисли дека е господар на другите, а сепак е поголем роб од нив. Како настанала таа промена? Јас не знам. Дали е законска? Мислам дека можам да одговорам на тоа прашање.

Кога би се осврнал само на силата и на нејзината последица, би можел да кажам: сè додека еден народ е принуден да се покорува, и се покорува, тој прави добро; штом има можност да се ослободи од својот јарем, и штом се ослободи, тој прави уште подобро бидејќи, ако повторно ја стекне својата слобода со истото она право со кое му била одземена, или е овластен пак да си ја врати или таа слобода му е одземена без овластување. Но општествениот ред е осветено право кое служи како основа за сите други права. Меѓутоа, ова право не извира од природата; значи тоа е засновано врз договори. Се работи за тоа да дознаеме какви се тие договори. Пред да минам на тоа, морам да го образложам она што го тврдев…

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *