изборПревземено

Докази за постоењето на Бога и докази за постоењето на човекот

ДОКАЗИ ЗА ПОСТОЕЊЕТО НА БОГА И ДОКАЗИ ЗА ПОСТОЕЊЕТО НА ЧОВЕКОТ

1. За човекот и за животот
„Докази за постоењето на човека? Какви се тие бесмислици? Па јас знам дека постојам. А пак докази за постоењето на Бога? Прашајте ги теолозите, тие знаат. Мое е да верувам или да не верувам.“
Така отприлика би реагирал обичниот, практичен човек кој не си ја треска многу главата со размислувања, кога би ја прочитал темава на нашава беседа. Но, има и поинакви луѓе. Луѓе, кои како нас, се стремат да најдат одговори на прашањата кои, покриени од правот на секојдневните грижи сепак н? измачуваат и боцкаат.
Знае ли некој од нас што е човек? Можеме да го опишеме неговиот организам, да ги опишеме неговите ментални способности, да му ги наброиме емоциите, типовите на карактери, но дали со таа работа на биологијата, когнитивните науки и психологијата ние сме дале одговор на прашањето што е човекот? Се разбира дека – не. За тој наш негативен исход постојат повеќе причини.
Најпрвин, онаа состојба што ние ја именуваме како „живот“ е целосно неразјаснета. Таа состојба ние традиционално, од почетокот на векот ја дефинираме по однос на една навидум опозитна состоба – смртта. Но, имаме ли право на тоа, кога никој од нас не може да знае што е тоа смрт, ниту да ја искуси додека е жив? Кога ќе ја искуси, не постои начин да им ги соопшти своите искуства на живите. Дали тоа значи дека смртта не може да биде тема на ниедно размислување, на ниедна филозофија, на ниедна уметност, затоа што неа не можеме да ја искусиме за време на животот? И ако е така, зошто тогаш од почетокот на светов и веков, сите филозофи, сите мистерии и ритуали, сите митови, уметности и науки, сета мисловна активност е опсесивно замислена над тоа едноставно прашање – дали сме смртни или бесмртни, дали навистина смртта е обично прекинување на животот и влез во вечната тишина и ноќта на непостоењето, на ништото, или пак само премин од еден начин на постоење во друг?
Ете затоа, човекот е по дефиниција трагично суштество. Тој не знае. Не знае од каде доаѓа и каде оди. Животот наликува на една чекалница на некаква железничка станица, во која привремено сме влегле, како гости, без да знаеме со кој воз и од кои причини некој не оставил тука, а не знаеме ни кога ќе заминеме, со кој воз, каде и зошто. Платон го споредуваше човечкиот род на планетава со група давеници кои се качиле на еден сплав што плови по бескрајното море на космосот, без капетан, без никој од патниците да знае како се нашол на сплавот и каде тој оди. Освен тоа, секој ден по некој паѓа од тој сплав, се лизнува во мистериозните пространства на ледената вселена, и повтоно никој не знае каде заминал. Животот, во оваа визија е пат меѓу две порти: портата на раѓањето и портата на смртта. Никој не знае што има зад тие порти. Ниту зад портата на смртта, која за живите останува заклучена с? додека се живи, но ниту зад портата на раѓањето. Иако таа еднаш се отворила, во мигот на нашето раѓање, сепак никој од нас не помни што имало зад неа – нема човек кој знае што бил, дали бил и како бил пред раѓањето.
Ако така стојат работите, тогаш една мала утеха може да ни биде токму постоењето на тие две порти. Тие се несомнен доказ дека човек постои. Кога едната ќе се отвори, се појавува човек. Кога другата ќе се отвори, велиме дека исчезнува. Каква бедна, жална аргументација! „Живеев ли или гостин бев?“, се прашува еден голем турски поет. Па зарем само на тоа да се сведат доказите за постоењето на Човекот? Зарем само толку било – тој пат од едната до другата порта? Или, напротив токму во тоа патување треба да се бара нешто повеќе, некаква скриена смисла, некаква порака до Човека? Да не можеби човек воопшто и не се раѓа во мигот на раѓањето, туку се раѓа постојано, секој ден, чекорејќи кон портата низ која треба да излезе? Ова е далеку поутешна опција – дека човек е одговорен за своите постапки, дека секој ден, на секое место, и со најситните дела свои – тој се раѓа, станува човек. Човекот е космички проект во вечно настанување.
2. Додека чекаме, го сонуваме совршенството. Аргументи за постоењето на Бога
Древните тајни на нашиот ред се сврзани токму со тие две мистерии – мистеријата на првата и мистеријата на втората порта. И на смислата која треба да му се даде на она време деодека сме во чекалницата на таа железничка станица. Тоа време треба да се осмисли, да се исполни со човечки постапки, со копнеж по достигнување на совршенството, на тоа кусо време додека сме на гости на овој свет – треба да му се даде смисла. Тоа време, едноставно кажано, човек треба да го помине угледувајќи се на Бога, трудејќи се зад себе да остави и материјални, но многу повеќе – духовни и морални совршени дела и траги. Како тоа се прави?
Најпрвин, да кажеме дека не сакајќи, говорејќи за човека, за доказите дека тој постои, ние веќе го допревме и прашањето за Бога. Односно, дадовме барем два аргументи дека Бог постои – а тоа се истите аргументи кои ни докажуваат дека човек постои – портата на раѓањето и портата на смртта. Ако е сигурно дека тие две порти постојат, тогаш е исто така сигурно дека човек сигурно не ги поставил. Во спротивно, тие не би биле најголемите мистерии за него. Тоа значи дека тие порти ги осмислил и ги поставил некој посупериорен од него, некој негов Отец, со некаква смисла и умисла кои не му ги кажал на чедото свое. Зошто? Па затоа што знаењето понекогаш може да биде смртоносно, ако човек не биде подготвен да го прими. Од мистериите на нашите древни предци, знаеме дека и нашиот протомајстор бил убиен само затоа што не сакал на морално неподготвени да им ги предаде тајните на занаетот. Дали тоа значи дека Бог молчи и не се јавува да ни ги објасни двете тајни затоа што чека морално да се извишиме? Дали тоа значи, дека живееме во состојба на најдлабоко незнаење за себе (не знаеме ниту од каде доаѓаме ниту каде одиме) затоа што уште не сме заслужиле да дознаеме? Дали тоа значи дека треба и самите да се потрудиме да станеме подобри, да се угледаме на супериорното битие и на неговата целосна рамнодушност кон злото, а одушевеност кон доброто – за да дознаеме, за да ни бидат растајнети мистериите на нашето постоење?
Човекот е лакомо животно. Не е лаком само за материјални богатства, туку и за знаење. Тешко дека некој ќе се задоволи со овие два аргумента дека Бог постои. Ќе рече – раѓањето и смртта не мора според никаква логика да се сврзат со постоењето на Бога. Дури напротив, би можеле да се земат како аргументи дека Бог – нема. Да го имаше, ќе дозволеше ли да страдаме на тој пат меѓу двете порти, да боледуваме, да ги губиме најблиските, да плачеме во оваа Долина на суетата и плачот, да умираме?
Тие аргументи биле поставувани низ историјата на човековата мисла, многу често. Супсумирани се во прашањето: ако е бог добар, зошто тогаш има страдања на светот? Тоа е познатото прашање за теодицејата, односно одбрана на Бога од таквите еретички обвинувања, кои кулминираат во она оспорување не само на неговата добрина, туку и на неговата семоќ – ако е Бог семоќен, зошто тогаш не си направи камен толку тежок, што не ќе може да го крене? Одговорот на оние кои го бранат Бога гласи: Бог може и тоа, ама Бог не го сака тоа. Бог најпрвин треба нешто да сака. Бог е сака, а дури потоа прави, затоа што тој може с?, но не сака с? што може.
Значи, човек секогаш бара поцврсти докази за постоењето на Бога – тоа му е вградено во неговата сомничава природа. Најсреќен би бил кога би можел да го види Бога во живо и да го фотографира. Тогаш, веројатно, би поверувал.
О, слепци при очи! Па Бог е секаде околу нас! Вие мислите дека е невидлив, а тој е насекаде, во с? што е видливо – во зрното што точно знае (без да има часовник или календар) кога е пролет и кога треба да прорти, во електронот што со еони беспрекорно точно и со иста брзина се врти околу јадрото на атомот, во правилната смена на годишните времиња, во с? што постои! „С? што гледаме сведочи за невидливото“, вели Библијата (Рим. 1/20). А тоа невидливо стои зад видливото како трансценденција – ние ги гледаме само неговите материјални еквиваленти, знаците со кои ни порачува – тука сум, јас го смислив сето ова, мислам на вас, не сте препуштени сами на себе! Па погледнете, браќа и сестри мои каде е Он с? – со каков воодушевен ужас гледаме со каква правилност се распоредени елементите во Менделеевата табличка, според бројот на протони и електрони, со каква величественост гледаме како се пополнуваат празните места во таа табличка, со каков восхит сфаќаме дека тој некој кој тоа го смислил бил математичар, геометар, универзален ум што проникнува с?! Какви се тие влакна на класовите пченка по полето? Тоа се влакна кои спречуваат класот да се исуши на сонцето – тие се негова „коса“. Кој мислел на тоа? Зошто му се на човекот веѓи? За да не му оди потта директно в очи. Кој мислел на тоа? Зошто срните проодуваат две минути по раѓањето? Затоа што толку им треба на дивите ѕверови да го намирисаат новороденото и да го растргнат. Од каде знае детето да цица, кога нема никакви претходни знаења? Кој му шепнал како се прави тоа, кој му го отворил за првпат капакот на гркланот за да заплаче и продише? Прекрасен, прекрасен си ти Господе, и прекрасни се делата на рацете твои! И тешко оному кој не ја слуша хармонијата, величествената музика на сферите на Вселената твоја!
3. Втор напад на сомнеж и конечна победа на верата
Повторно се сомневате дека има дизајнер, голем архитект на целиот универзум? Каков ред, велите – каков ред, каква хармонија, каква музика на сферите, кога еден залутан астероид може одненадеж да нè тресне и сè да оди поврага, да нè снема. Космосот е многу повеќе случајност и хаос одошто подреденост, мера, ред и пропорција. Којзнае дали воопшто некој и мислел на него кога го создавал. Тоа нам само ни се чини дека има ред. Човекот ја произведува смислата, тој е суштество кое во сè, па дури и во коинциденции бара смисла. Тој внесува смисла во инаку студениот и неподреден свет, свет без Бога. Па, познат е случајот со Персивал Лауел, астрономот: од што сакал да види на Марс знаци на живот, видел квадрати, што му било доказ дека таму постојат интелигентни суштества. Геометризацијата е сигурен знак за постоење на интелигенција. Но кога човекот прати сонда на Марс, се виде дека тие „квадрати“ биле обични пукнатини и раседи, и тоа доста неправилни. Само, желбата на Персивал да го види тоа што сакал да го види била толку голема, што од неправилни, заоблени форми окото и умот „дотерале“ идеални квадрати. Можете и самите да направите сигурен експеримент за да докажете колку човекот копнее по смисла – легнете во облачен ден на трева и гледајте во облаците. Што с? нема да видите – правилна форма на човек, на слон, на птица. Вашиот ум сака и во непознатото да го види познатото, и во аморфното да внесе форма, ред, мера. Така би можеле да размислуваат сите оние кои не веруваат и не сакаат да веруваат. Што е најстрашно, нивните аргументи се до полудување израмнети со оние кои велат дека Бог има, и дека тој е дизјанер со мера, ум, разум, пропорција.
Ама немојте, ви се молам! И да е така, и да е точно дека човек и во аморфното внесува познати форми, калапи и обрасци што претходно ги научил, кој му ги дал тие форми, калапи, знаења? Кој ако не Бог? Кој му ги дал науките, првите тајни знаења, кој му ја дал способноста за имитација, ако не Бог? Па направете тест од обратна перспектива – сега за да докажете дека Бог е во човекот, како што е и во класјето крај патот, и во електронот, и во способноста за мимикрија на инсектите. Отидете во природа. Отидете најпрвин во сува пустина полна змии и чкрапји, а потем отидете на некоја зелена ледина на врв планина. Каде ви е поубаво? Има ли грди наспроти убави пејсажи? Од каде ни е поимот на убавината, и зошто за некој пејсаж велиме дека е „пекол“, а за некој „рај“? Кој ни ја дал идејата за убавото и совршеното? Се раѓаме ли со неа или сепак, само ја учиме? Изгледа дека сепак се раѓаме со неа, затоа што и новороденчето знае да препознае намуртен лик и да се расплаче, наспроти насмеан.
Ама, зрното на совршенството е сепак посеано во нас. И кога-тогаш, ќе изникне. Човекот е суштество што копнее по совршенство – тој е сенката на Бога. Затоа и е смртен – може да стане бесмртен само ако верно, како сенка го повторува она што Бог го прави. Бог прави добро. Бог прави совршено. Човек не мора и не може да биде Бог, ама вреди да се обиде. Ако животот е пат од едната капија до другата, тогаш целта не е само да се стигне од една точка во друга. Смислата е во патувањето – како тоа ќе се осмисли. Не е сеедно дали од Скопје до Куманово ќе стигнете право, без да погледнете лево и десно, во убавините на животот, или пак патем ќе танцувате, ќе се веселите, ќе помогнете некому, ќе се расплачете од убавина или сочувство. Токму со такво осмислување на патувањето, целта (ако е тоа смртта) може да добие величествени, космички димензии. Не е исто да се умре (без разлика што и да значи тоа „умре“) како Човек и како никаквец. Не е исто. Не е исто да се умре во борба со злото и да се умре капитулантски и кукавички. Не е исто. И оние кои тврдат дека постоењето на злото во светот докажува дека Бог или не е семоќен или е и лош, нека разберат: Бог може во еден миг, со еден потег да го отстрани сето зло. Но тој сепак мисли дека таа работа треба да му ја препушти на човекот. Има ли поголема чест од тоа Бог да ти довери да бидеш како него, да се бориш со силите на злото, со демоните и бесовите, да ти даде да станеш совршен морален Човек, со големо Ч, да му станеш речиси рамен нему, на Седржителот?! Па има ли поголема чест од тоа, будалче двоножно и сомничаво?! И не заборавај, ако тој е невидлив, ако сè што гледаме сведочи за невидливото, тогаш и ти, Човеку, си само видливиот дел на Бога, негов претставник овде, негово материјално продолжение.
Затоа си минлив, ама и вечен. Од секој миг можеш да направиш вечност., затоа што со едната нога си во материјата, со другата во невидливото, она што го пронижува со Свет дух сето видливо. Двоен си, двоножецу! И материја и дух, и плот и душа! Единство си на спротивности кои сакаат да се изедначат – Божјото зрнце во тебе сака да те израмни со Бога, а преку тебе и Бог сака да стане човек, да искуси, да допре, да помириса што створил. Каква величествена симфонија на единството, какво величествено братство меѓу тебе и Него!
 4. Уште некои аргументи за постоењето на Божјиот човек и човековиот Бог. Бог говори за каменот и за огнот во него
4.1. А дали си сигурен дека Бог цело време молчи и ти се крие? Дали си сигурен дека целиот свет не е само една за тебе неразбирлива книга, порака која тој ти ја упатил а која само одвреме-навреме, и тоа само во фрагменти ја разбираш. Зарем не ти велат ѕвездите – еве сме, допри н?, ти тоа го можеш. Оди човеку исправен и нека небото ти биде таван пренизок за твојата глава! Ти можеш. Ти можеш да нараснеш до толку што и ти да станеш невидлив. Невидлив не е оној кој е мал, туку оној кој е голем. Како што мравка стои пред чевелот на човекот и не го гледа затоа што е преголем, така и ти стоиш пред мене, пред Бога, и се жалиш дека не ме гледаш!
4.2. Но погледни: јас сум во тебе. И с? што сум ти дал е полно со мене, само ти тоа треба да го видиш. Дури и во каменот сум – каменот што ти со векови го делкаш, го мазниш, го дотеруваш за да си изградиш храм совршен, живеалиште. Каменот не е без душа. Каменот не е студен. Пробај да го изделкаш до совршенство, и ќе видиш дека од него искрат искри, дека во навидум најстуденото нешто спие заспаниот божји оган, што ти можеш и треба да го разбудиш. И ти си камен во кој спие божјата искра. Ако себеси се обработиш до совршенство, ако својата душа ја изделкаш и измазниш, ќе видиш каков Божји оган спиел во тебе. Ќе ме разбудиш мене, заспан во тебе, будалче едно двоножно и сомничаво!
4.3. И не заморувај се со бесмислени прашања од типот: дали јас, Бог, сум те создал тебе или пак ти си ме создал мене. Тоа воопшто не е важно. Јас и ти сме исто: ти си видлив Бог (само за тоа не знаеш), а јас сум невидлив човек. Дури и ти да си ме измислил мене, тоа е чудесно – јас постојам само додека ти сакаш да ме измислуваш. Како кога читаш некаква книга. Таа постои само додека ти ги оживуваш нејзините ликови, ги замислуваш нејзините пејсажи, ги создаваш нејзините светови. Кога ќе престанеш тоа да го правиш, книгата се претвора од божествена работа во обичен предмет со извесна боја и димензии кој можеш да го ставиш на полицата со другите предмети.
4.4. Затоа, будалче мое двоножно – измислувај ме во секој миг, на секое место, со секого и барај ме во себе и во секого. Ќе го видиш невидливото во најсјаен раскош на бои, звуци, мириси, допири и вкусови. Биди јас, за да ми дадеш шанса и јас да бидам – ти.
БЕСЕДА ЧИТАНА ОД ГОЛЕМИОТ БЕСЕДНИК В.А. – 01 Октомври 2011
извор – Голема Ложа на Македонија

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *