Македонија

Ах, тие балканци!

АХ, ТИЕ БАЛКАНЦИ!
или-дискурсот на деколонизацијата
(случај: Македонија)

“Оние, коишто управуваат можат да си дозволат, да бидат
ослободени од критика и од концептуална анализа, но, оние, кои
се под нивна управа – тоа не го можат”.
Тери Иглтон (1996)

извор:
Елизабета Шелева – Култоролошки есеи
Магор
 
Прв дел – Осудени на анализа
1. Во последно време, сведоци сме на една длабока, за нас уште и фрустрирачка, болна поделба (поларизација) на светот на Ние и Тие. Во контекстотна рецентните процеси, што го карактеризираат ткн. нов светски поредок и подемот на нео-либерализмот, веќе станува јасно, дека самиот тој расцеп, декомпозиција, или опозиција, станува еден од заштитно-одбрамбените механизми, со помошта на кои, врз основа на жигосувањето, отфрлањето, исклучувањето на Другиот, од една страна, се етаблира, или есенцијализира споменатиот антагонизам, додека, од другата страна, се стабилизира и одржува, хегемонистичката неприкосновеност и улога на категоријата ‘Запад’, наспрема категоријата ‘Исток’.
Уште поконкретно, се есенцијализира уште една стигматизација, жигосување, кое, далеку од тоа да биде само гео-стратешко, всушност, претпоставува идеолошко (идеологизирачко) стојалиште: во рамките на кое, ткн. ‘балканизам’, се зема како аргументациона основа за воспоставување, одржување и оправдување на една, во основа, нео-колонијалистичка поделба меѓу Ние и Тие, а пак таа, од своја страна, имплементира еден, во културната историја (веќе) искомпромитиран европоцентричен дискурс, втемелен врз арогантната дистинкција меѓу варварите од една, и цивилизираните, од друга страна (Н. Ашерсон, 1997).
Од друга страна, во книжевната и културната теорија, последниве две децении се афирмира една определба, што тежнее кон тоа, да ги ревидира скриените империјалистички предрасуди и тенденции, вградени во академскиот дискурс и проучувањето, на ткн. не-европски, или култури од ткн. трет свет. Почнувајќи со книгата на Едвард Саид ‘Ориентализам’ (1978 г.), книжевната наука се збогати уште со една епистемолошка можност, за соочување со, и ревидирање на, сопствените имаголошки заблуди, сопствените манипулаторски автоконструкции.
Оваа насока на академските проучувања даде силен замав за подемот на ткн. пост-колонијална критика, која, во прво време, мета-критички го просудуваше самиот дискурс на (имаголошките и, со тоа, идеолошките деформации во) книжевната наука – за подоцна, да опфати и пошироки аспекти на социокултурната еманципација, кои се однесуваат на разоткривањето на структурата на имплицитните механизми и процеси на економската, политичката, културната експлоатација, манипулација, односно, потчинувањето, што го претрпуваат ткн. “колонијални” и колонизирани култури.
Денес, благодарение на комплексните пост-фундаменталистички престројувања во пост-модерната теорија, атрибутот постколонијален, може да се разбере и во најшироката епистемолошка конотација, што подразбира “опирање на умот спрема тиранијата на тоталитетот” (В. Бити, 1998), значи, не само во социополитичката смисла, што ја промовираше синтагмата “заробениот ум” (Чеслав Милош), туку, пред сè, во поглед на буквалното ослободување на умот, од робувањето кон готовите и крути, културолошки, но, исто така, и епистемолошки стереотипи.
Во тој контекст, под прашање се доведе есенцијалистичката, статична, фиксна концепција на идентитетот, во прилог и во полза на конструктивистичката теорија за идентитетот, која, со полна свест, предупредува на тоа, дека секоја нарација за идентитетот, неминовно е обусловена од егзистенцијалната позиција, од статусот на нејзиниот автор и раскажувач.
Отаде, со подемот на пост-колонијалната критика, во современата критика и теорија, сè повеќе, се актуелизираат проблемите на само-идентификацијата и само-легитимизацијата, односно правото на потчинетите за здобивање со “академска гласност” во науката и во теоријата (Н. Говедиќ, 1999), потрагата по автохтоноста, само-осознавањето и само-афирмирањето, не само на културите од ткн. Трет свет; но, како што, во последно време, се случува, и иницијалните назнаки за етно-културната рехабилитација и предвреднување и на категоријата на ткн. мали народи и култури.
Дискурсот на пост-колонијалната еманципација, полека, но сигурно, навлегува, наоѓа свое место и репрезенти, во рамките и на македонскиот книжевен и културен простор – значи, во литературните дела, во драмите, но, исто така, и дури повеќе, во публицистиката, во новинарските есеи, и другите жанри, посебно, во колумните.
Според мое мислење, овој феномен заслужува посебно внимание, бидејќи, со оглед на сите свои карактеристики и показатели, тој несомнено сведочи за еманципаторските увиди на македонските интелектуалци, за нивото на постојната социо-културна самосвест, која себеси се обидува да се лоцира, во исклучително комплексното, социо-економско и социо-политичко опкружување.
Таа, во распон од скоро цела деценија, се наоѓа во акутен и, исто толку драматичен, процес на транзиција: отпрвин, излегувајќи од институционалните рамки на федеративната државна целост на СФРЈ; а, потоа, и од рамките на едно социо-политичко уредување, како социјалистичкото самоуправување. Од една страна, во новите услови, Македонија с¢уште се наоѓа во една латентна (нео-колонијалистичка) опасност, заради акутното оспорување и загрозеноста на нејзиниот национален, јазички, и културен идентитет, пред сè, од страна на нејзините непосредни соседи – кое опстојува поради постоечкиот, типично балканскиот менталитет, односно, синдром на компулсивно “менување, корекција” на постоечките и “враќање” во доменот на (посакуваните, идеалните) ткн. природни граници (Љубиша Георгиевски, Балкани, Дневник, април-мај 1999). Од друга страна, како и сите источно-европски, т.е. пост-комунистички земји, Македонија е соочена уште со еден, подеднакво трауматичен и комплексен, императив, за сопствено (и повторно, нео-колонијално) престројување и приспособување кон барањата на новиот светски поредок и безусловните заложби на нео-либералната демократија.
Зошто трауматичен и зошто комплексен?
Како што укажуваат сознанијата од психологијата, процесот на стекнувањето на нечиј (личен, или колективен-односно-национален, полов, културен, итн.) идентитет, претполага и чин на сепарација, одвојување (Жан Мари Доменак) од некоја претходна, “идеална” целина, одвојување, со оглед на кое, говориме и за определена траума на идентитетот, односно, за трауматичното искуство на иницијација (Ж. Делез/Ф. Гатари), како и стигматизација, жигосување на единката, по однос на некој Друг, хипостазиран во ликот на општеството. Идентитарниот процес, со оглед на тоа, значи одвојување од примарното симбиотичко опкружување (со други зборови, совладување, надминување на “најсилното ниво на фиксација” – инцестуозната симбиоза, пред сè, со ликот на мајката,а потоа, и со нејзините натамошни еквиваленти и инстанци, како што се: семејството, племето, нацијата, земјата итн. – Ерих Фром, 1996:93). На тој начин, идентитарниот процес, секогаш, го вклучува и го подразбира Другиот, но, не само како контрастивен, туку и како конститутивен, принцип на субјективацијата, т.е. на сопственото осознавање и легитимирање. Истовремено, во таквата сложена и деликатна поставеност, се огледува сета егзистенцијална драматика на субјектот, кој е приморан да се оттргне од најблиското, да го надмине појдовното идентитарно окружување, за да успее да дојде до, и да се оствари себеси. И тоа, не само како Разлика, туку, и како Право на разлика.
Токму таквата слобода за одделување од некаква “тиранија на тоталитетот”, во прилог на сопственото (духовно, интелектуално, културно) ослободување и еманципација, е еден од основните мотиви на актуелната постколонијална критика. Во контекстот на ваквите размислувања, можеме да го разбереме и прашањето на големиот руски режисер Никита Михалков:
“Зошто мораме безусловно да се споредуваме со Запад? Зошто не со Кина, Јапонија?” (1998); кое, фактички, го отсликува неговото негодување против идентитарната тиранија на Западот, односно, неговиот статус на единствен вредносен параметар за актуелните културни движења и придобивки.
Осуденоста на слобода, пак, од своја страна, покренува и актуелизира низа прашања, токму од кругот на етиката (односно, на изборот): која парадигма, кој модел на идентификација треба да се претпочита и до која мерка? Дали потполно или делумно? Дали критички или поданички?
Таквите дилеми на идентитетот посебно ја засегаат Македонија, како дел од Балканот, како држава во транзиција, како “мала култура”, како земја од “периферијата”, и како Друга …
2. Познато е дека токму од периодот на ренесансата наваму, започнува несопирливиот процес на социо-културно разграничување, односно, стратификација на светот, како составен дел на социо-политичките стратегии на моќта, пред сè засегната од прагматичките интереси за сопственото самоодржување. Тоа разграничување, од своја страна, се оправдува со создавање и конструрање на ткн. “исклучено Друго#, односно, дискриминирано, маргинализирано, компромитирано Друго – чиешто онеправдување и манипулација, се оправдува со самиот факт на исклучувањето – поради кое, Другото се поставува “од онаа страна” на институционализираните општествени закони. Другото е во доменот на разграниченото, што значи, во доменот на однапред договорениот и со тоа – дозволениот – престап.
Таквото санкционирано, дозволено пречекорување на законот и денес опстојува и е делотворно, наспроти сите декларативни заложби на неолиберализмот, токму благодарение на расцепот, или антагонизмот, како конститутивен за самиот облик на либералната демократија (Славој Жижек, 1996:39). Отаде, сржта на сите социо-културни усилби во светот денес (вклучувајќи ја и Македонија), се сведува на навидум апсурдната, и, исто толку, утописка “борба за место внатре”, значи, во рамките и во границите на тој поредок на либералната демократија (читај – ЕУ, НАТО), надвор од кого владее само тажниот (но исто така и дозволен) принцип на Престапот, или “онаа страна на законот”: хаосот, насилството, оскудицата.
Таквата културна сегментација, како што покажуваат истражувањата, поседува своја интригантна, не само социолошка, туку и психо-патолошка структура и димензија. Според некои психоаналитички сознанија, функционалната оправданост на самиот чин на општествениот престап (читај – неправда), што се спроведува за сметка на некој друг, се состои во неговата силна (и, при тоа, потсвесно) интегративна, кохезивна улога, што истиот ја остварува. Воспоставувањето на групната нарцисоидност (Ерих Фром), т.е. групниот фантазам, од своја страна, како цел го има – потиснувањето и уништувањето на Другиот, т.е. неговиот недосеглив, застрашувачки, сèмоќен “вишок на уживањето” (Славој Жижек), односно, непредвидлив, либидинален потенцијал. Самиот чин на “жигосувањето” (односно, разграничувањето, или, дискурзивното произведување на Другоста), благодарение на своите три инхерентни аспекти: афективниот (предизвикување на страв), когнитивниот (создавање на стеротипи) и бихеивиоралниот (спроведувањето социјална контрола над поведението), несомнено, претставува моќно средство за инструментализација на, и манипулација со, човечките индивидуи и општества (Марија Тодорова, 1999).
Значи, треба да се има предвид и социолошки аспект на жигосувачката поделба Ние-Тие, кој ни укажува на тоа, дека целта на поделбата е длабоко-конзервативна и прагматична: социо-културната “чистота#, т.е. прегледност; треба да ја озакони – фундаменталната социјална нееднаквост и опозиција, и да ја натурализира експлоатацијата (Т. Иглтон, 1996), односно, привилегијата на богатите (Господарите), за сметка на сиромашните, потчинетите (слугите).
Значи, во самиот идентитарен процес, се вградени и дејствуваат повеќе инструментализирачки (но, и империјализаторски) тенденции, аспекти, и стратегии), чиешто разобличување и распознавање влегува во доменот токму на постколонијалната критика. Отаде, саморазбирливиот, есенцијален поим на идентитетот, таа го согледува како имаголошка (идеологизирачка) категорија и стратегија.
Со оглед на тоа, во пост-колонијалната критика, од една страна, се спроведува “општествена партикуларизација на она, што беше универзален теориски субјект” (В. Бити, 1999:38) и се расчистува со предрасудата, дека може да постои чисто, егзистенцијално и идеолошки непосредувано знаење (односно, наука), до дека, следствено на тоа, од другата страна, се разоткриваат токму манипулативните стратегии и амбивалентните учиноци на ткн. метрополитенска наука, односно, нејзините скриени, колонизирачки амбиции и дострели, по однос на науката и културата на потиснатите, “мали” народи и култури.
Сето тоа, им дава голем замав на интересите, за имаголошкото и интеркултурното проучување на големите културни и регионални категоризации и целости, кои, благодарение на владеачките претпоставки за постоењето на, и респектот кон, “универзалниот теориски субјект”, сè досега, ни се чинеа саморазбирливи, искуствено втемелени и со тоа – легитимни.
Пристапот на постколонијалната критика, во најголема мера, сосредоточен на самата егзистенцијална асиметрија и битната разлика, помеѓу оној што ја поднесува (односно, практично ја живее) и оној што ја објавува (односно, теориски ја спроведува) постколонијалната позиција – пред с¢, води сметка, за неминовно контекстуалната природа (што значи, ограниченост) на влијателните (поточно, империјалните) културолошки термини и типологизации. А, пак, тоа, од друга страна, кај малите народи, за возврат, ја јакне скептичната резерва кон таквите (макро) типологизации и нивната соодветност во локални услови .
продолжува…
Втор дел – Демонскиот поход на разликата – или, разобличување на балканизмот

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *