изборПревземено

Убиството на Кочо Рацин

Рацин бил смртно ранет, но не починал веднаш, туку неколку часа подоцна. Иако имало доволно време да биде однесен до партизанската болница, раководството што било на Лопушник не презело ништо за тој да биде префрлен на лекување. По неколку часа агонија, поетот умрел и бил закопан во плиток гроб, таму каде што бил и погоден…

Смртта на Кочо Рацин на Лопушник, Кичевско, за многумина во Македонија и по 70 години од настанот е една од најголемите мистерии на поновата македонска историја. Се разбира, и натаму останува само да се претпоставува дали убиството е нарачана ликвидација или пак станува збор за несреќна случајност. Тоа што е сигурно е дека 45 години Македонците беа убедувани во несреќната смрт на Кочо Рацин. Дури кон крајот на 80-тите години на минатиот век, за овој настан почна поотворено да се зборува и од неговата друга димензија.
Официјално, Кочо Рацин загинал како резултат на трагично недоразбирање. На 13 јуни 1943 година тој добил наредба да се врати во базата на Лопушник. Кога се приближил до базата, бил погоден од куршумот на Мино Миновски, партизан што бил на стража во близина на импровизираната партизанска печатница. Тој извикал предупредувачко ‘Стој!’, но поради наглувоста Рацин не го слушнал, продолжил да се движи, по што овој го застрелал. Рацин бил смртно ранет, но не починал веднаш, туку неколку часа подоцна. Иако имало доволно време да биде однесен до партизанската болница, раководството што било на Лопушник не презело ништо тој да биде префрлен на лекување. По неколку часа агонија, поетот умрел и бил закопан во плиток гроб, таму каде што бил погоден.
СРПСКИ ИНСТРУКТОРИ
Неофицијалната верзија вели дека всушност станува збор за инсцениран случај со цел Рацин да биде ликвидиран поради неговите тврди промакедонски ставови кои не кореспондирале со веќе зацврстената пројугословенска политика на тогашните комунистички првенци на партизанското движење во Македонија.
Веднаш по смртта на Рацин, започнале да исчезнуваат материјалите што ги имал со себе. Најпрвин ја снемало торбата со тетратките во кои Рацин пишувал секогаш кога имало затишје. Академик Блаже Конески, меѓу тие материјали, ја споменувал и поемата ‘Сандански‘. Тој ракопис до денес не е пронајден.
Во својата изјава од пред неколку години проф. Александар Трајановски истакнува дека мистеријата околу загинувањето на Рацин останува, но, секоја година се откриваат нови докази според кои целиот настан мириса на ликвидација. Причина за тоа можеби е не само тврдокорниот став на поетот во врска со македонското национално прашање, туку и неговото јавно несогласување со ‘српските инструктори‘ и македонските партизански послушници. Дека нешто се криело, зборува и податокот што за смртта на Кочо неговите во Велес дознале речиси една година подоцна.
Според сведоштвото на неговиот најмал брат Александар Солев, мајка му Марија можеби нешто знаела за судбината на Кочо, но веројатно не сакала да верува дека е вистина. Останатите во семејството, не знаеле ништо. Една година по убиството, тој и мајка му со едно магаре на кое имале товарено бардачиња и грнци, тргнале кон селото Лисиче каде се наоѓале партизаните, односно единиците што го обезбедувале целиот реон, бидејќи штабот се наоѓал во Горно Врановце. Таму наишле на партизанот Ќиро Попадичето од Велес, близок пријател на Кочо. Тој ги тргнал настрана и на мајката на Рацин и рекол: ‘Тетка Маре, Кочо загина во јуни минатата година! Погребен е таму на Лопушник.’
Тетка Маре само се свртела настрана и почнала тивко да плаче.
КОЧО И ВЕНКО
Братот на Кочо се сеќава и дека по војната ‘другарите‘ им собрале се што чувале дома, а што било поврзано со поетот, за да се направи музеј за него. Потоа, и тие работи почнале мистериозно да исчезнуваат.
‘Се сеќавам дека прв кај нас дојде Славко Јаневски… Целиот пакет што го зеде го донесе во Скопје, а во Музејот во Велес испрати само фотокопии… Јас тогаш имав 15 години и не знаев дека сите хартии што ги земаат се толку важни. Ја помнам неговата стихозбирка ‘Антологија на болката‘, отчукана на машина, која некако остана дома, не ја зедоа. Подоцна тој ракопис шеташе од рака на рака, за на крајот да исчезне‘, раскажуваше пред неколку години Александар Солев, брат на Кочо.
Роднините на Кочо Рацин, во 2005 година остро реагираа кога во неговата Спомен-куќа, организаторите, Музејот на Велес, поставија и фотографија на Страхил Гигов, кој меѓу луѓето што сметаат дека поетот е смислено ликвидиран, важи за човек вмешан во таа ликвидација.
За врвен дострел на Рацин се смета збирката ‘Бели Мугри‘ од 1939 година. Официјално, тој е првиот македонски поет, а тоа е втората манипулација во Македонија поврзана со него. Една година пред ‘Бели мугри‘, Венко Марковски ги објавува ‘Народни бигори‘ и ‘Огнот‘ на македонски јазик, што го прави основоположник на современата македонска поезија, но подоцнежните политички причини, Информбирото и менувањето на односите со Бугарија, наметнуваат да му се одземе приматот кој му припаѓа. Еден наш писател смета дека Рацин бил подобар поет, но дека Марковски бил првиот кој објавил на македонски јазик и тука нема сомнеж. Мал срамежлив чекор во оваа смисла направи претседателот на МАНУ Георги Старделов според кого и Марковски и Рацин, заедно треба да се сметаат за основоположници на современата македонска поезија, но во овој момент, Македонија очигледно нема капацитет за да преземе таков чекор така што таа манипулација и натаму останува жива.
Автор: Дарко Јаневски, Нова Македонија

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *