Сложно Свети Николе (втор дел)

претходно: Сложно Свети Николе (прв дел)

Веднаш по објавениот повик на нашата интернет страница, донацијата од „Боко-Текс“ беше распределена низ град до пензионерите чии роднини нè контактираа, а истите добија и ракавици кои ги донираше „Лион“. Заедно со членовите на „Мото клуб Свети Николе“ успеавме да ги пронајдеме сите кои ни побараа маски на време, а оставивме ракавици и маски и во Црквата „Свети Николај“ и на повеќе возрасни жители кои нè сретнаа по улиците на Свети Николе. За волја на вистината, над 130 платнени маски и повеќе од 700 пара ракавици сепак не беа доволно за највозрасните и оние кои немаат средства и можност за набавка. Од следната седмица очекуваме уште донации од „Боко-текс“ и други конфекции од Свети Николе, а се надеваме и на донации од останати фирми, за да можеме да организираме достава на средства за санитација до највозрасните, но и оние кои тоа не можат да си го дозволат.

Додека редакцијата на OVCEPOLE.MK работеше на горенаведеното, во меѓувреме еден млад умен човек од Свети Николе сам за еден ден направил над 10 заштитни визири кои ги испратил во Здравствениот дом во Свети Николе.

Станува збор за Влатко Спасев, дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство, кој работи како демонстратор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје. Откако го видел повикот на нашата страница, нè контактираше со сугестија дека има како да се подготват уште визири за нашите медицински работници и веднаш се ставивме во акција! Досетливоста на Влатко, отворените врати на просториите на Извидничкиот одред „Гоце Делчев“ од Свети Николе, и дополнителната енергија од уште неколку млади волонтери кои самоволно се понудија за помош и поддршка овозможија изработка на 50 заштитни визири кои ќе бидат донирани на Здравствениот дом во Свети Николе. Браво, младино!

Во утринските часови (сабота, 28 март 2020), уредникот на оваа страница го контактираше Кирил Лазаров, најуспешниот човек од Свети Николе, кој веднаш се одзва на повикот за помош и преку неговиот тим испрати средства со кои веќе се набавува дополнителна заштитна опрема за персоналот во Здравствениот дом. Благодариме, шампионе!

КИРЕ ЛАЗАРОВ!!!

Во текот на саботното утро, Извидничкиот одред „Гоце Делчев“ постави штабни шатори пред Здравствениот дом, со кои би требало значително да се подобрат безбедносните протоколи, да се зголеми безбедноста на медицинскиот персонал и да се обезбеди соодветна и безбедна тријажа на пациентите.

Уште утре (недела, 29 март 2020) продолжува изработката на заштитни визири за здравствените работници. Редакцијата на OVCEPOLE.MK упати повик и до официјалните волонтери на Кризниот штаб на Општината, кои ги очекуваме во понеделник за да се приклучат во изработката на нова серија заштитни визири за медицинскиот персонал. Потребниот материјал за изработка на визирите е набавен од инженерот Спасев, извидничкиот одред и нашата редакција. Благодарност и до книжарите за овозможените попусти. Редакцијата на OVCEPOLE.MK продолжува со работата на претставување и прикажување на природните ресурси и културно наследство на Овчеполието откако ќе се смири новонастанатата ситуација.

Повторно упатуваме апел за ВОЗДРЖАНОСТ, ТРПЕНИЕ, МИР и СЛОГА! Истото важи и за сите кои чекаат ред во продавниците.

Слободно пренесете го ова и на месните заедници во селата, доколку им е нешто потребно, а можеме да им се најдеме – тука сме!

За конфекциите да можат да донираат маски, тие кои можете – купете количини кои Ви се потребни, со тоа ќе им ја поддржете работата.

Сите продавници кои се затворени, а сакаат да продаваат преку интернет, исто така можат да ни се обратат за соработка.

ДА СТЕ ЖИВИ И ЗДРАВИ