Сложно Свети Николе! (трет дел)

претходно:

Сложно Свети Николе! (прв дел)

Сложно Свети Николе! (втор дел)

Активностите на редакцијата на OVCEPOLE.MK продолжуваат. Во изминатиот период нашата редакција контактираше повеќе Светиниколчани со цел организирање на помош и поддршка за медицинскиот персонал и населението. Како што бевте информирани во претходните текстови, до сега беа однесени маски и ракавици кај многу пензионери во Свети Николе, Здравствениот дом доби заштитни визири, а за медицинскиот персонал пристигна и првиот пакет со заштитна опрема.

Во меѓувреме, Свети Николе останува град без заболени од вирусот, и се надеваме дека тоа така и ќе остане. Во четвртокот ја однесовме и донацијата – пакет со заштитна опрема, за кој средства испрати фирмата Makcleaning од Денвер во Колорадо, САД, која е во сопственост на наши луѓе од Свети Николе.

Со тоа што го однесовме до сега, Здравствениот дом има доволно заштитна опрема за да ги надмине следните седмици. Во меѓувреме, ни беше одбиен предлогот за тунел за дезинфекција (за каков што имаме инженер и донатор), со што нашиот град би бил единствен во Република Македонија кој би имал такво нешто.

Се надеваме дека поделбите по партиски членства, делбите на „приватни“ и „државни“, интригите, сплетките и неорганизираноста во Здравствениот дом ќе престанат и институцијата заедно со сите вработени ќе вложат дополнителен напор за да го надминеме овој период.

Јавноста треба да знае дека би било убаво доколку Кризниот штаб на Општината (доколку не можат да постигнат сами) нè контактира за да соработуваме. Ни требаат податоци за населението и се надеваме дека ќе добиеме официјални информации од надлежните, инаку сме принудени преку други канали да дознаваме за ранливите групи во општеството. Со нашиот тим сме спремни да помогнеме на сите кои немаат задни намери и се со искрена волја за доброто на народот. Ова е повик за отварање на официјална донаторска сметка од Кризниот штаб, затоа што средства се потребни, а логично и нормално е од таму да биде отворена таква сметка, наместо од физичко лице. Ние сме подготвени да ви овозможиме јавна транспарентност за можната донаторска сметка – интернет страница која во живо јавно ќе прикажува состојба на сметка – донации и платени фактури. И секако, имаме многу другари, пријатели, роднини, колеги и познаници кои сакаат да му помогнат на народот во Овче Поле и Свети Николе!

Докторите кои немаат од каде да си набават опрема – нека нè контактираат, бесплатно ќе ги поврземе со увозници на медицинска заштитна опрема! Секоја чест за поголемиот дел од медицинскиот персонал за трпението, храброста и посветеноста. Да сте ни живи и здрави и чувајте се!

По успешната соработна со Извидничкиот одред „Гоце Делчев“ од Свети Николе и Мото клубот од Свети Николе, вчера нè контактираше и претставничка на Граѓанската Иницијатива на Жени од Свети Николе со убав предлог за соработка. Со ГИЖ започнуваме да се организираме уште од денес. Се надеваме дека ќе бидеме контактирани и од другата „женска организација“ – Организацијата на Жени од Свети Николе за да ја проширеме соработката и да допреме до што е можно повеќе луѓе.

Благодарност до Противпожарната Единица, Доброволното Противпожарно Друштво, Славче Костев и неговите колеги земјоделци кои со своите трактори и сопствена нафта редовно вршат превентивна дезинфекција на градот и селата.

Благодарност до Мото клуб за беспрекорната соработка и взаемната поддршка низ сите овие години.

Благодарност до „Боко-текс“ за маските и до „Лион“ за ракавиците кои ги донираа и успешно ги распределивме на дел од највозрасните во градот.

Благодарност до Извиднички одред „Гоце Делчев“ за соработката и овозможување на простории за подготовка на заштитните визири.

Благодарност до инженерот Влатко Спасев за неговата хуманост и добра волја.

Благодарност до Кирил Лазаров и неговиот тим во Македонија за донацијата за заштитна опрема.

Благодарност до Дејан Арсов и неговиот тим од „Makcleaning“ во Денвер, Колорадо, САД.

Благодарност до младиот дизајнер кој според заедничката идеја го изработи логото за СЛОЖНО СВЕТИ НИКОЛЕ.

Благодарност до сите волонтери кои учествуваа при изработка на визирите и се пријавија да учествуваат во распределбата на опремата за народот.

Уште неколку фирми и конфекции нè побараа за да донираат маски за населението. И уште многу наши од странство ни се јавија и пишаа за да прашаат со што би можеле да помогнат.

Во добро здравје, продолжуваме да носиме скромни донации од нашите другари и пријатели. Следете ги примерите од другите градови – додека сите се по дома, може заеднички да се направат капи и такви за врз обувки од најлонски кесиња, да се шијат платнени маски, итн…Ако имате познати кои можат да набават заштитна опрема или да ни помогнат на било каков начин, пуштете им абер!

Требаат уште ракавици за низ град и по селата.

Сите кои сакаат да подарат било колку маски нека ни пишат, ќе се најдат.

Потребни се средства за дезинфекција и санитација за да се поделат по народ. Најдобро би било доколку некој директно ги набави во поголеми пакувања, па да се препакуваат овде.

Убаво би било доколку најдеме поголема количина на сунѓери кои би се употребувале пред влезовите.

Добро би дошла и организациска помош, за тоа кој може и има предлози нека го побара уредникот на ovcepole.mk, м-р Никола Ристевски.

Сите се надеваме дека ова ќе заврши што е можно побрзо и дека во нашиот регион нема да има заболени. Сепак, треба да останеме фокусирани и внимателни, затоа што – и да помине ова, следуваат уште проблеми! Повик до сите повозрасни – гледате што правиме, поддржете нè! До младите – сега е времето кога сите заедно треба да вложиме сила за стабилна сегашност и мирна иднина. До политичарите – вие си ја бркајте вашата работа, ние нашата и не се мешајте онаму каде не ви е место! Ова е ОД НАРОД ЗА НАРОД.

Повторно упатуваме апел за ВОЗДРЖАНОСТ, ТРПЕНИЕ, МИР и СЛОГА! Истото важи и за сите кои чекаат ред во продавниците.

Слободно пренесете го ова и на месните заедници во селата, доколку им е нешто потребно, а можеме да им се најдеме – тука сме!

За конфекциите да можат да донираат маски, тие кои можете – купете количини кои Ви се потребни, со тоа ќе им ја поддржете работата.

Сите продавници кои се затворени, а сакаат да продаваат преку интернет, исто така можат да ни се обратат за соработка.

ДА СТЕ ЖИВИ И ЗДРАВИ