Сложно Свети Николе! (четврти дел)

претходно:

Сложно Свети Николе! (прв дел)

Сложно Свети Николе! (втор дел)

Сложно Свети Николе! (трет дел)

Здраво живо, почитувани читатели на ovcepole.mk. Ви благодариме за интересот за оваа интернет страница и се надеваме дека непожелната ситуација во која што се наоѓаме сите ќе заврши во догледно време, па ќе можеме да продолжиме со претставувањето и прикажувањето на нашето културно наследство и Овчеполските природни ресурси, филмовите, книгите…

Како што сте информирани од нашата фан страна на социјалната мрежа FB и написите на оваа интернет страница, редакцијата веќе некое време активно учествува во општествена акција, за која сме поддржани од многумина наши од тука и странство.

Затоа што наидовме на препреки при донациите на заштитна опрема за медицинскиот персонал, заедно со донаторите решивме дел од средствата да бидат пренаменети. Па така, наместо медицинскиот персонал да добие уште опрема како донација, оставаме на менаџментот на институцијата заедно со локалната самоуправа и кризниот штаб да си се погрижат за тоа, а опремата која што ни стигна и не е распределена ќе биде доставена „на рака“ на вработените во институцијата Здравствен дом кои уште немаат доволно заштита. На фејсбук страницата на градоначалникот на општината читаме дека можело да се донира и на сметката на црвен крст, па се надеваме дека ќе се приклучат кон повиците за слога и заедништво и ќе ни овозможат да им направиме бесплатна интернет страница за јавна транспарентност на која во живо во реално време сите ќе можат да ги гледаат донациите и платените фактури…

Изминатиот викенд успеавме да доставиме донација од „Авто-сигурност“ – станицата за технички преглед на возила во Свети Николе за Итната медицинска помош.

По контактите со ГИЖ и ОЖО – двете „женски“ организации од Свети Николе, вчера им доставивме донации од „Боко-текс“ и „Ројал Колар“ – платнени маски кои ќе ги поделат рамномерно на своите членки во Општина Свети Николе.

Кон донациите за ОЖО и ГИЖ се вклучуваат и Продукција „Аристон“ од Свети Николе и интернет страницата WWW.OVCEPOLE.MK, заеднички веќе подготвуваме нови пакети за „женските“ организации во Свети Николе.

Како што прочитавте погоре – со донаторите (наши другари, пријатели, роднини, соседи и соработници) решивме да ги пренамениме средствата кои останаа, па така наместо заштитна опрема почнуваме да набавуваме храна за оние на кои тоа им е потребно. Првите пакети деновиве пристигаат во градската црква „Свети Николај“ во Свети Николе.

Откако се објавија новите „заштитни мерки“ и се промени полицискиот час, на Светиниколчани уште не им е јасно зошто една голема конфекција уште работи со огромен број на вработени? По неофицијалната информација дека наводно ќе работеле следнава сабота додека е официјален полициски час, а во меѓувреме многумина наши луѓе кои чуваат по некое прасе, пиленце, кои имаат мали нивчиња за да ги прехранат семејствата а не се регистрирани земјоделци не добиваат дозволи за да си ја вршат својата работа, ниту пак свештените лица и верниците нема да можат да ја посетуваат Црквата во недела, решивме да се обидеме да добиеме подетални информации.

Уредникот на оваа интернет страница, м-р Никола Ристевски од Свети Николе вчера лично му се јави на телефон на Ангел Димитров од „Мода“ со две прашања:

– Кога да очекуваме донација од маски за населението?

– Дали е вистина дека продолжувате со работа, и ако да – зошто и до кога?

На првото прашање Ристевски доби одговор од Димитров дека моментално немаат маски на залиха и ќе се обидат да ни донираат во текот на следната седмица за да ги распределиме низ градот и селата.

На второто прашање, Димитров одговори дека во сабота ќе работеле прва смена, а работата ќе продолжела до идната среда, по што конфекцијата ќе паузирала до околу 5 мај. Работата се одвивала во безбедни услови, а 20 проценти од извозот кој ќе го оствареле, ќе бил дониран во земјава.

Не можеме да разбереме – зошто конфекцијата ќе работи во сабота, а црквата ќе биде затворена во недела? На каков начин е тоа уредено и дали е во ред кога се наоѓаме во ситуација во која (секоја чест на исклучоците) поголемиот дел од докторите „лечат преку телефон“ на народот да му биде ускратено правото да си го посетува Храмот во недела? Сите се свесни за неопходното растојание од два метра и носењето маски, а по редовните кражби од црквата „Свети Николај“ и неодговорноста на надлежните за заштита на објектот, човечки е да се дозволи литургија во недела…

Повторно го повикуваме Кризниот штаб на соработка, заеднички дури можеме да се обидеме да овозможиме дезинфекција и санитација на сите домаќинства во Свети Николе, и така натаму!

Во Свети Николе официјално нема заболени од новиот опасен вирус и се надеваме дека тоа ќе остане така. Во меѓувреме – сите сложно и секој во својата најблиска околина – прашајте ги сите на кои би им требала било каква помош и ако можете помогнете, а ако не – најдете начин за да им се помогне.

Сите се надеваме дека ова ќе заврши што е можно побрзо и дека во нашиот регион нема да има заболени. Сепак, треба да останеме фокусирани и внимателни, затоа што – и да помине ова, следуваат уште проблеми! Повик до сите повозрасни – гледате што правиме, поддржете нè! До младите – сега е времето кога сите заедно треба да вложиме сила за стабилна сегашност и мирна иднина. До политичарите – вие си ја бркајте вашата работа, ние нашата и не се мешајте онаму каде не ви е место! Ова е ОД НАРОД ЗА НАРОД.

Повторно упатуваме апел за ВОЗДРЖАНОСТ, ТРПЕНИЕ, МИР и СЛОГА! Истото важи и за сите кои чекаат ред во продавниците.

Слободно пренесете го ова и на месните заедници во селата, доколку им е нешто потребно, а можеме да им се најдеме – тука сме!

За конфекциите да можат да донираат маски, тие кои можете – купете количини кои Ви се потребни, со тоа ќе им ја поддржете работата.

Сите продавници кои се затворени, а сакаат да продаваат преку интернет, исто така можат да ни се обратат за соработка.

БЛАГОДАРНОСТ ДО СИТЕ КОИ ЈА ПОДДРЖУВААТ НАШАТА РАБОТА

ДА СТЕ ЖИВИ И ЗДРАВИ